Опис: Вовед во „Што е кабала?" и „Што кабалата не е", преку прикажување на основните принципи на кабалата, како и разликата помеѓу автентичната кабала и кабалата што е видена како популарна.
„Откриена кабала" Епизода 1: - Основен вовед
Коментари на Тони Козинек
Здраво и добредојдовте во „Откриена кабала“. Јас сум Тони Козинек, еден од учениците на Рав Михаел Лајтман, кој е директен ученик на Рав Барух Шалом ХаЛеви Ашлаг, кој е син и директен ученик на Рав Јехуда Ашлаг – Баал ХаСулам, познат како „Сопственикот на скалата", кој е признаен како најистакнат кабалист на 20тиот век.
Овие титули ви ги претставувам бидејќи во кабалата постои одредена ученичка линија, она за што ќе зборуваме е автентичната кабала. Ќе ви дадеме увид, не академски, туку увид на кабалисти, практиканти. Во оваа серија, не само што ќе добиете преглед на автентичната кабала, туку и клучевите – основните концепти, начините на приоѓање кон оваа мудрост, за да може таа да ви се отвори – бидејќи е начин на учење, размислување и чувствување кој е многу поинаков од нашиот вообичаен осет за нештата, и бара, како што бара секоја вештина, целосно да се совлада основата. Во нашата серија од 10-тина лекции, ќе ги покриеме сите оние работи, кои за вас имаат важност.
Да почнеме со преглед на кабалата, бидејќи владее голема збунетост во врска со неа. Во светот постојат многу информации за кабалата. Мислам дека можеби илјада книги годишно се објавуваат на темата и речиси ниедна од нив нема никаква врска со автентичната кабала; тие се само некаква каша од тоа што луѓето си замислуваат, што таа би можела да биде, што би требала да биде, нивната интуиција, нивната фантазија, и тие не се виновни. Постои голема желба да се знае што е навистина кабалата, бидејќи постои одредено чувство дека е важна, дека е моќна, и дека во неа има сфаќање на нешто што се крие во овој свет.
Ја нарекуваат „скриената наука" од три причини. Една од нив е што намерно ја криеле самите кабалисти, луѓето што ја применувале. Кабалата започнала пред четири илјади години со Абрахам, околу 1947-48 г. п.н.е. За тој период – две илјади години – до почетокот на новата ера, до уништувањето на вториот храм, таа не била скриена, туку нашироко подучувана. Ги знаете приказните за Абрахам, како седел до влезот на својот шатор и им посакувал добредојде на патниците и ги канел да влезат, покажувајќи ја својата гостопримливост. Е па, она што всушност го правел е тоа што ги хранел и ги подучувал за мудроста на кабалата. Душите што живееле тогаш во светов биле малку попрефинети од оние што живеат сега и појасно ја сфаќале кабалата.
Но, нешто се случило на почетокот на Новата Ера, по уништувањето на храмот, кое оневозможило луѓето од таа генерација и од наредните две илјади години навистина да сфатат било што од кабалата. Тоа е точката кога се појавиле религиите; кога шпекулациите за тоа како светот функционира, што е вселената, што е Создателот итн. пораснале во фантазиите на народите во склад со одреден принцип кој станал истакнат во луѓето и нивниот развој. Таа особина кај луѓето ги спречила да разберат, и затоа кабалистите ја сокриле.
Ако немате пристап до нешто, сеуште ги имате книгите. Проблемот е што ова се вика скриена мудрост и затоа што тие книги се напишани на многу специјален јазик, непознат за луѓето што ги читаат. Сите книги за кабалата се напишани на јазик наречен "јазик на гранките" во кој се користат зборови од нашиот свет – предмети, чаша, книга, маса, семејство, патувања, војни – сите овие нешта што ги гледате во петте книги на Мојсеј и сите други кабалистички книги, но тие не зборуваат за ништо од овој свет. Ниеден збор од ниедна кабалистичка книга не се однесува на ништо од овој свет. Се однесува само на Вишите Сили, кои ги создаваат и одржуваат нештата кои се јавуваат во овој свет.
Кабалистите користеле специјален јазик кој укажува за што навистина зборуваат, и само ученик кој достигнал одредена мудрост можел да ги сфати и чуе на тој начин. Сега морате да сфатите дека светот во кој живееме не е свет на причини – туку свет на последици. Ништо што правиме во овој свет нема никакво влијание на Вишиот Свет од каде доаѓа нашиот извор, каде се наоѓа коренот на работите што ги гледаме во овој свет. Ниедно физичко дело нема никакво влијание врз него и затоа ништо од она што го правиме за да си ги решиме проблемите во овој свет нема никакво влијание врз нивниот исход. Само врската со корените, со причинското ниво на работите, може да има некаков ефект и тоа е она со што се занимава кабалата.
(цртеж)
Нашата стварност како целина е структурирана на таков начин што, така да речеме, постои свет горе, и свет долу. Јазикот на гранките укажува на она што постои во светот долу. Тој зборува за овој предмет, да речеме, "семејство"; ќе читате за тоа во Тора. Тора се чини како приказна за еврејскиот народ. Семејство ќе се пресели на друга локација наречена некаква "земја", но кабалистите воопшто не зборуваат за тоа. Тие зборуваат за апстрактните сили Горе, кои всушност ги создаваат тие нешта и прават тие да се случуваат. Само мудриот ученик ќе разбере што тука навистина се случува. (Зборува за цртежот)
Ова е нивото на гранките, а ова нивото на коренот. Ако човек не научи како да го сфати и чита клучот на овој јазик наречен "јазик на гранките", ќе продолжи да ги гледа работите онакви какви што постојат во овој свет.
(Тони црта)
Како резултат на овие два аспекти на скриеноста на кабалата и поради немање допир со учителскиот след и вистинската методологија, луѓето и натаму имаа потреба да знаат, но мораа да фантазираат, мораа да измислуваат работи, и тргнале според она што можеа да го сфатат без правилното учење и без вистинските внатрешни својства кои ќе им дозволат да го разберат. Израснале многу митови, и за нив ќе зборуваме малку подетално кога ќе зборуваме за некои од другите основни концепти на кабалата. Само неколку од нив се дека кабалата е еврејски мистицизам. Добро, не е ниту религија, ниту мистицизам.
Кабалата е постара од религијата. Религијата е појава на прекинување на врската со Вишата Сила, на шпекулација, и неразбирање на кабалата, иако има некаква формална сличност меѓу нив, бидејќи кабалистите ги создадале Халаха, книгите кои ние ги проучуваме и ги сметаме за свети. Нашите традиции итн. доаѓаат од нив, но нивната цел, значење, зошто книгите се напишани и за што зборуваат, не сме многу упатени во тие работи. Односот со јудаизмот е како кабалата и амнезијата!
- Што се однесува до мистицизмот, кабалата е наука, не е мистицизам. Таа е начин да се дојде во директна врска со нештата кои ни изгледаат магични и несфатливи само затоа што ние, во сегашната состојба на свест, не сфаќаме како тие функционираат. Тоа е исто како кога би донеле запалка кај некое племе кое живее на пуст остров и кое нема видено никаква технологија; тогаш вие би биле бог на огнот, мистично суштество кое може да пушта оган од раката. Само е прашање на тоа што е скриено, а што откриено.
- Магија?! Магијата укажува на употреба на скриени повисоки сили за манипулација на луѓето за да добиете тоа што сакате и да предизвикате одредени резултати во ваша корист или против други луѓе итн. Но невозможно е да се дојде во било каков допир со Вишите Сили ако човек не ја промени својата внатрешна морална природа. Достигнувањето успех во кабалата е прашање на внатрешна преобразба и без тоа е невозможно да се биде во контакт со силите. Тоа едноставно нема никаква врска со ништо освен со нечија жива фантазија.
- На малкумина им е дозволено да ја проучуваат кабалата, и постојат услови, нпр. дека мора да сте Евреин?! Тоа не е точно, бидејќи кабалистите цело време подучуваат луѓе кои не се Евреи по раѓање. Некои од најголемите кабалисти беа не-Евреи – луѓе од други народи како Анхолос, Раби Акива, листата е долга. Сите кабалисти прифаќале ученици кои завреднувале да бидат ученици, без никакви физички атрибути како основа, туку еден внатрешен атрибут кој се нарекува "Јехуд", а тоа ќе го објасниме подоцна.
- Дека треба да ја совладате основната мудрост – Гмара, Мишна итн. – пред да можете убаво да ја проучувате кабалата? Ако не сфаќате што пишува во Тора и Гмара, нема да ја разберете ни кабалата?! Не само што не ви требаат тие основни мудрости, туку ако не можете да најдете духовност во тие основни мудрости, ќе морате да преминете на книги кои зборуваат директно за духовноста на начин кој не може да биде помешан со нештата од овој свет, како јазикот на кој е напишана Тора, или јазикот на приказните, Хагада, итн.
- Амајлии и заштита, и употреба на манипулации со букви и бројки за да се создадат работи и да се заштитат луѓе од зло? Е, тоа е чиста спротивност од она за што зборува кабалата. Всушност, тоа е сосема забрането. Се смета за идолопоклонство кога некој сака да ги искористи Вишите Сили за некаква лична, себична цел. А освен тоа, нема од што да се штитиме. Значи, светата вода, црвените конци итн. се психолошки работи и немаат апсолутно никаква врска со кабалата.
- За крај, тука е мешањето на кабалата со источните религии. Бидејќи не знаевме ништо, правевме асоцијации со будизмот или некои аспекти на хиндуизмот кои отворено зборуваат за духовноста, и тоа само затоа што духовноста од книгите на кабалистите не беше уште отворена.
Меѓутоа, тоа се смени. Од 1995, сите книги за кабалата се отворени. Единствениот услов за да бидете прифатени како студент по кабала, за да се чувствувате безбедно и удобно гледајќи во кабалата и барајќи го она што ви треба – единствениот услов за кабалата е: да имате потреба од неа. Ако вашите одговори на тоа зошто нешто се случува и на смислата на вашиот живот и вашата улога во него – ако тие прашања не можат да бидат одговорени на ниедно друго место, тоа е условот. А тоа го велат и сите големи кабалисти.
Уште од времето на Ари, тој велеше дека единствениот услов е желбата. Рав Кук, кој и самиот беше голем кабалист па дури и главниот Рабин на Ерусалим, кога го прашале: кој може да ја проучува кабалата, рекол - секој. Значи, не е така (*како порано што се мислело)
- За крај, мојот омилен мит е дека ако ја проучувате кабалата ќе полудите. Ова ми е омиленото, бидејќи е како и со сè друго, едноставно така изгледаат работите. Човек врви низ одредени внатрешни промени како резултат на неговата успешност во кабалата, на сфаќањето и врската со стварноста, задоволството што го добиваат, изворот на задоволство е многу поинаков од нормалниот начин на размислување. Дури е спротивен, бидејќи на таков начин се размислува во духовниот свет. Затоа на некој што има сосема спротивна цел од духовноста, таков човек може да му изгледа луд, но тоа не е вистина.
Третата причина зошто кабалата се нарекува „скриената наука" е бидејќи зборува за она што е скриено од нашите пет сетила. Одговара на прашање на кое не може да се одговори на ниеден друг начин. Во основа, одговара на „Која е смислата на животот?" Ова е длабоко и тешко прашање, бидејќи човек кој го поставува тоа прашање и не може да го најде одговорот во она што му го вели неговата традиција, што му го вели неговата наука, што му го вели неговата уметност и книжевност, што му го вели психологијата - човек кој едноставно не може да се задоволи со ништо освен одговорот на тоа прашање, „Која е смислата на мојот живот?" е човек кој е спремен да почувствува нешто надвор од досегот на петте сетила. (почнува со цртање)
Книгите за кабалата ни велат дека живееме во целокупната стварност. Постои целокупност на стварноста и ние навистина живееме во неа, само што не го чувствуваме тоа. Имаме сосема ограничено чувство за тоа што сме и каде сме, до толку што не знаеме што ќе се случи во следниот момент од нашиот живот. Не знаеме зошто нешто се случува, кога се случува, од каде сме дошле, каде сме, и каде одиме.
(продолжува со цртање)
Постои целосна и комплетна стварност, и таа стварност е поделена и сведена на систем наречен „светови". Преку тие пет светови, целокупната стварност, Бескрајната Светлина, се сведува на некаква сјајност преку која можеме да перцепираме. (Зборува за цртежот) Овој прв свет се нарекува „Светот на Адам Кадмон", следниот свет е Ацилут, следниот е Брија, следниот Јецира, и на крај Асија. Можете да ги сфатите како нивоа на свест, блискост или оддалеченост како што се симнува од таа целосна стварност, од поврзаноста и свеста за неа, додека конечно не дојдеме до точка на прекин на врската наречена „Максом" или „бариера" (т.е. „Максом" значи „бариера" - на хебрејски).
Ова се духовни светови. Под таа бариера е нашиот свет. Тука, ние немаме апсолутно никакво чувство за духовните светови, за местото каде што всушност живееме и од кај што сме дошле. Тука имаме ограничени сетила, кои се нарекуваат „телесни" или „физички". Таа целосна Светлина и целата стварност, кога би знаеле дека ова е поврзано со неа, би можеле да раководиме со својата судбина, би престанале да правиме грешки, би ги сфатиле силите што нè водат, и би станале поврзани со нив во таква мера што би можеле да го живееме животот во неговиот максимум и за доброто на сè живо.
(продолжува со цртање)
Но, како што кабалата била скриена од нас, така и оваа сила – оваа целокупна стварност – била намерно скриена од нас, редуцирана низ тие нивоа, преку систем од 125 чекори во овој свет. Намената на кабалата е да му овозможи на човека да тргне наназад по трагата на своите чекори, од моментот кога слегол во овој свет, преку тие 125 чекори, сè до нашиот корен во духовниот свет, нашиот извор и врската со целокупната стварност. За да можеме да го оствариме тоа, таа добронамерна Сила која ја нарекуваме „Создател" смислено создала систем за нас. Со други зборови, оваа мапа на создавањето, не е крајот на созданието – тоа е на половина пат; тоа е процес со кој слеговме од нашите корени во духовниот свет, до состојбата во која што сме сега, за да го исполниме планот на самото создавање, за пак да се вклучиме во таа целокупност на стварноста.
Сите книги на кабалата, вклучувајќи ги нашите Тора, Мишна и Гмара, зборуваат само за состојбите кои се наоѓаат на овие нивоа, т.е. на нивото на редуцираност кога нашата душа паднала од таквата целосна поврзаност, и на состојбите кои ги наоѓаме кога пак се креваме назад. Методот на кабалата е средството со кое човек може да почне да го насетува духовниот свет и да влезе во него.
За тоа да се постигне, човек мора да биде подучен за тоа, од што се состои тој самиот, што е тоа што го спречува да влезе во духовниот свет, и како може пак да го почувствува духовното. За ова е потребен многу специјален материјал, баш директно создаден за таа намена, да му овозможи на човека да влезе во духовниот свет.
Книгите за кабалата се напишани на јазикот на гранките и се многу тешки за нас да ги разбереме. Не е ни чудо што ни е толку тешко да ги користиме на површно ниво, и да научиме макар нешто за тоа како да влеземе во таа повисока стварност. Но големиот дар на кабалата е тоа што во нашата генерација, од 1995, кога мудроста стана отворена за сиот свет и за тие на кои навистина им треба, за нас беа подготвени специјални книги. Тие книги се напишани, од Баал ХаСулам и од Рабаш, неговиот син и ученик, по првпат за кабалисти кои не се веќе во духовниот свет. Напишани се на специјален јазик, кој на човек му овозможува цврсто да застане на првото скалило на скалата.
Од тие книги, во наредните лекции, ќе ги црпиме своите извори. Ќе разгледаме каква е таа особина, која не држи надвор од духовниот свет, што е тоа што ќе ни дозволи да влеземе во духовниот свет, и методот откриен во науката на кабалата преку делата на Баал ХаСулам.
Мудроста кабала дава практичен метод за достигнување на Вишиот Свет и изворот на нашето постоење. Со спознание на вистинската намена на животот, човек достигнува совршенство, спокој, бескрајно уживање, и способност да ги надмине границите на времето и просторот додека уште живее во овој свет. – Рав Др. Михаел Лајтман
Придружете ни се следната недела кога ќе тргнеме на ова возбудливо патување.
< Пред | Следно > |
---|