Прашање: Ако на мојот партнер гледам како на огледало во кое ги гледам моите маани, тогаш тоа ќе ме враќа назад кон себеси. Така, наместо да развивам врска со мојот партнер, дали оваа вежба ќе се фокусира само на мене?
Одговор: Наместо да се кријам во сопствената обвивка, морам да се издигнам над сето ова. Да почнеме од почеток, од нулта точка. Ја погледнувам жена ми и гледам неколку маани. Сега почнувам да ги применувам сите овие маани на себеси бидејќи е запишано дека: „Секој човек суди онолку колку што е самиот расипан.“ Заради ова се враќам на себеси и велам дека сите овие маани се мои. Ако бев совршен немаше ништо од тоа да видам. Ако ја сакав жена ми, немаше да гледам никакви маани во неа! Тоа е како мајка во однос на своето дете која не гледа ништо лошо во него. На овој начин функционира природната мајчина љубов, те ослепува. И дури и ако мајката забележи одредени маани во своето дете, таа ги сака и мисли дека се симпатични.
Со други зборови, првично почнувам да сфаќам дека сите маани кои ги гледам во мојата сопруга се во мене, и причината зошто ги гледам е недостигот на љубов кон неа. Затоа морам да се издигнам себеси до ниво каде што ќе престанам да гледам маани во неа, како мајка и нејзиното омилено дете. Ова се нарекува издигнување над сопствениот егоизам. Со помош на мојата сопруга, сум извршил одредени мерења во мене и сум го проценил нивото на кое сум и висината до која морам да се искачам за да се издигнам над себе. Излегува дека имам партнер кој ми помага да се издигнам над мојата природа. Замислете го богатството кое го имам дома; тоа е вистинско богатство! Засега сум се издигнал само над егото користејќи го партнерот како огледало. Сега продолжувам понатаму. Се издигнувам над себе и повеќе не работам со моите желби и квалитети. Во оваа природна состојба се обидувам да ги чувствувам, испитувам и сфатам желбите, квалитетите, стремежите и целите на друга личност, на пример на мојата сопруга. Се обидувам да ги прифатам како нешто што ми е најважно и живеам за да ги исполнам. Чувствувам дека ако и двајцата би се однесувале вака, од двете страни, тогаш животот би ни бил прекрасен. Проблемот е што не можам да останам во оваа состојба. Многу е тешко и бара многу напор. Можам да издржам неколку минути, но тогаш паѓам и ми треба поддршка. Едноставно е невозможно постојано да останам во оваа состојба, притисокот е преголем.
Многу е лесно егоистички да се размислува за себе, бидејќи природата постојано ни дава можност за ова. Има постојан егоистичен мотор кој непрекинато се врти во нас, работи од утро до мрак, дури и кога спиеме. И ова бара огромна сила, надчовечки напори за кои едноставно не сум способен. Што да правам? На овој начин стигнуваме до следната одлука. Првата одлука беше да се издигнам над егоизмот. Втората е да го прифатам егоизмот на партнерот наместо мојот. Тогаш гледам дека не можам да останам во оваа состојба и потребна ми е поддршка од групата. Групата служи како извор на моќ и значајност, што во суштина е истото нешто. Со други зборови, морам да си обезбедам чувство на неверојатна важност на оваа работа над егоизмот и за доброто на мојот сосед. И тогаш, ќе се чувствувам уште послободно кога ќе се грижам за соседот, отколку кога се грижев за самиот себе. Како да немам за што да се грижам, таков мир и слобода чувствувам. Најпрво, сите проблеми и неволји исчезнуваат бидејќи сум се издигнал над мојата природа. Се чувствувам како да живеам во свет полн со добрина. Се грижам само за соседот, ослободен од грижи за себеси, како птица што лета на небото. Така се чувствувам, ако другите ми даваат енергија, важност и стремежи.