Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Каде сум јас, ако насекаде е Создателот?

Прашање: Ако „нема место слободно од Создателот“, тогаш што правам јас самиот?

Одговор: Дури и твојата мисла дека „нема место слободно од Него“ е пратена од Создателот. Односно Тој управува стопроцентно со сè што се случува внатре во тебе и наоколу, освен една збунувачка мисла која те тера да мислиш дека навидум постои и друга власт освен Вишата сила: или некоја туѓа или лично твоја. Токму таа една мисла ти треба да ја поправиш – да ја избришеш точката од која ти се причинува дека постои уште нешто освен Создателот. Тоа значи дека цело време треба да се наоѓаш во спојување со силата што дејствува, која управува со сè.

Прашање: Но каде сум јас самиот?

Одговор: Ти не постоиш! Направи како да те нема туку сè е само Создателот. Сега ти не постоиш, но ќе станеш збир на напорите кои си ги вложил за да откриеш дека не постои никој освен Создателот. Во секој момент од твојот пат Создателот те збунува божем постојат уште некакви сили, некои луѓе кои поседуваат слобода на вољата. Но ти ќе го собереш сето тоа во една точка, ќе ги отстраниш сите пречки и ќе речеш дека нема никој освен Него, сè е направено од Него. Така миг по миг од овие точки ти се градиш себеси: твојата структура, погледот на светот, свеста. Токму тоа ќе бидеш ти!

Од лекцијата по статијата „Директно и индиректно влијание“, 14.05.2014

Невозможно е без помош

Прашање: Зошто Создателот сака да нè доведе до осознавање дека самите не сме во состојба да ја достигнеме целта? Кога би го знаел тоа кога почнував да се занимавам со кабала, не би продолжил!

Одговор: Но ти можеш да ја достигнеш целта, само имаш потреба од помош! Зарем во обичниот живот можеш да успееш без помош додека си бебе, мало дете или доаѓаш на некое ново место? Човекот ништо не може да направи сам: го раѓаат други луѓе, го обучуваат, го погребуваат. Тој самиот не е способен да си помогне, а уште помалку да ја промени својата внатрешна природа.

Прашање: Но зошто Создателот се подбива со мене праќајќи ми непријатности?

Одговор: Создателот ти дава вежби за конечно да се обратиш кон Него, и таа молба да биде навистина за сличност на особините, за спојување, за еднаквост со Создателот. А ти го молиш Создателот да ти даде успех во овој свет, здравје, пари, почести – што повеќе од сето тоа и згора на тоа идниот свет. И се жалиш дека не го добиваш сето тоа. За да те научи да не бидеш толку приземен егоист, туку да бидеш човек, Адам сличен на Создателот мора многу да те шлифува додека не сфатиш за што треба да молиш. А најважно е дека треба да молиш со сфаќање дека не ти треба ништо друго освен да станеш сличен на Создателот и да се одделиш од самиот себе.

Од лекцијата по статијата „Дарување на Тора“, 13.05.2014

Зошто е тешко да се помни дека нема никој освен Него

Прашање: Ако сите пријатели исто така се вклучуваат во мојата душа, што треба да научам во својот однос кон нив од секоја слика која ми ја покажува Создателот?

Одговор: Преку пријателите Создателот ни дава алатки со чија помош ние ќе можеме да воспоставиме контакт со Него. Потоа истото треба да се направи во однос на целиот свет, како што се бара за достигнување на нивото „нема никој освен Создателот“.

Прашање: Зошто е толку тешко да се мисли дека нема никој освен Создателот? Ни доаѓа да ја отфрлиме таа мисла бидејќи е тешка.

Одговор: Во почеток екранот е многу дебел и нам ни е многу тешко да продреме низ него за да се задржиме во мислата дека нема никој освен Создателот. Но потоа екранот сè повеќе се истенчува и станува сè полесно да го совладаме. А на крајот ние сфаќаме дека е дури подобро екранот да остане. Бидејќи тој ни ги дава „буквите на работата“, чувствувањата, можноста да се фатиме за Создателот. Ако екранот сосема исчезне, се разбира ние ќе речеме дека нема никој освен Создателот, но само толку. Додека пак сликата на светот му покажува на човекот како да се закачи за Создателот.

Од лекцијата по статијата „Директно и индиректно влијание“, 14.05.2014

Ќе те познаам Тебе зад секоја маска

Секој човек треба да достигне живот во давање. Силата која ни овозможува да го поминеме целиот тој пат се нарекува Тора или Светлина. Таа Светлина работи со нашата желба која не сака да се менува и особено во квалитетот а не во квантитетот. Затоа што најважно е цело време да се подобрува квалитетот продирајќи сè подлабоко навнатре, сè повеќе насочувајќи се кон доброто на ближниот, а потоа наместо ближниот кон доброто на Создателот. Промените мора да бидат квалитетни и се случуваат со помош на Светлината која враќа кон Изворот и се нарекува Тора. Светлината работи со желбата која не сака давање, но јас заземам посебна позиција кревајќи се над желбата и гледам дека таа цело време ме влече надолу. Јас ја молам Вишата Светлина, Тора, Светлината која враќа кон Изворот, Вишата сила да дојде и да ми помогне да не потонам во својот егоизам кој секој миг се труди да ме начека и да ме одвлече на друга страна. Де ме вовлекува во една споредна работа, де во друга, секоја секунда на секаков начин ми го одзема вниманието – само да заборавам на Создателот. А јас мора да разјаснам кој ми ги праќа тие пречки, кој е непријателот кој цело време ме збунува, штетникот кој се крие во водите на потопот и се обидува да ме удави?

Но наеднаш откривам дека тој штетник е Соаздателот... И зад таа маска се криел Тој и манипулирал со мене за да го замолам и побарам од Него помош. Тој ми нанесувал штета од неговата обратна страна за да посакам да го видам Неговото лице. Само така јас работам, и тогаш почнувам да сфаќам дека постои само една сила – Создателот свртен кон мене или со лице или со грбот, и само со Него јас цело време комуницирам. Кога се исклучувам од Создателот, тогаш имам работа со Неговата обратна страна, а кога се поврзувам – тогаш со неговото лице. Ништо друго не постои. Групата, човештвото, случувањата – тоа е механизам на мојата поврзаност со Создателот. Најважно е да се почувствува нашата поврзаност со Создателот и фактот дека Неговото присуство, светлината на Неговиот лик нè извлекува од состојбата на одделеност од Него. Бидејќи само на тоа треба да се работи. А во следниот миг од неговата обратна страна Тој повторно ќе ни додаде отежнување на срцето, и ние повторно ќе почнеме да го разјаснуваме. Сè додека со помош на заемната гаранција и напомнувањето не се сетиме дека треба да се обратиме кон Создателот и да се држиме до Него, бидејќи само со Него ќе се израдува нашето срце. Така ние напредуваме и тој пат се нарекува пат на Светлината, пат на Тора. Учењето од личното искуство како да напредуваме по тој пат се нарекува изучување на Тора. Ние учиме како ни доаѓа Светлина наречена Тора, и по наша молба постепено нè изведува од нашата состојба.

Така ние учиме со помош на паѓањата и подемите, како што е речено: „Од Цион (од излегувањата, „јецијот“) ќе излезе Тора“. Токму од излегувањата, паѓањата излегува Тора, со нивна помош ние имаме можност повторно да откриеме уште посилна Светлина и да ја поминеме целата книга Тора. Средство за достигнување на давањето, особината на Создателот и спојувањето со Него е реализацијата на љубовта кон ближниот како кон себеси самиот. Тоа е доволно за отстранување на сите проблеми во поврзаноста со Создателот. Бидејќи првично постоел еден сад исполнет со една Светлина. Светлината и садот се наоѓале во спојување, но таа состојба се разбила. И ако ние сега со помош на Светлината ќе ги споиме сите делови од разбиениот сад, тогаш ќе си ја вратиме Светлината која нè исполнуваше, која нè држеше заедно. И тогаш повторно ќе станеме еден сад, во чија внатрешност престојува една Светлина, еден Создател. Затоа нашата поправка се состои во љубовта кон ближниот како кон себеси самиот. Со помош на тоа дејство ние го достигнуваме крајот на поправката (Гмар Тикун).

Од лекцијата по статијата „Дарување на Тора“, 13.05.2014

Тора е упатство за љубов

Тора преживеа милениуми и ние мора да сфатиме што таа претставува. Всушност во нашиот свет има средство со чија помош може да се достигне целта на создавањето. Но што е цел на создавањето? Ајде да разјасниме. Пред мене е Вселената, ѕвездите, Сонцето, Месечината. Под моите нозе е Земјината топка, на неа – неживата, растителната и животинската природа, и луѓето исто така. Сето тоа постои. Зошто постои? Од каде потекнало? Со која намена? Со која цел?

Токму тоа ни го објаснува Тора. Таа е наменета да ме информира зошто и заради што јас живеам, кои се причините на моето постоење и последиците од него, во кој правец јас се движам. Со еден збор Тора може да ме информира за сè без да остави какви било „празни места“. Како да се стекне тоа знаење? Како да се продре во таа огромна, колосална мудрост која се наоѓа над нашата реалност, која се простира во некои духовни светови? Со помош на одредено правило кое ми се чини многу далечно од природата и нејзините закони, од физиката, хемијата, биологијата, зоологијата и другите области на природонауката. Наместо да ми предочат научни факти, мене ми велат: „Засакај го ближниот како себеси“.

Тоа за мене е сосема несфатливо. Дајте ми строги формули! Бидејќи љубовта е ефемерен поим. Никој не знае што да прави со него, секој ја влече на своја страна како што ќе посака, и таа се „тркала“ од еден крај на друг. На крајот ние на таа особина не ѝ даваме никаква сериозност, солидност, реална моќ. Во случај човекот да трпи страдања – тоа е сериозно, тоа ние го сфаќаме. А љубовта од наша гледна точка нема моќ, дефинираност, не е вградена во основата на светот. И затоа ни е многу тешко да го разбереме тој поим наречен „големо правило на Тора“. Ние не можеме да имаме сериозен однос кон него. Меѓутоа во реалноста приодот кој поминал преку љубов е најзначаен и непобитен. Тоа е „цврсто правило“ кое не може да се избегне и тоа бара од нас да поминеме преку сите скратувања, преку сите закани, преку сè – за да го достигнеме поимот на љубов кон ближниот како кон себеси. Постигнувајќи ја токму таа особина на љубов ние го истражуваме целиот свет, го спознаваме, ја стекнуваме целата реалност. Значи, вистинската љубов се разликува од нашите претстави, меѓутоа ние имаме проблем да имаме сериозен однос кон тој поим да почнеме да го реализираме.

Од лекцијата по статијата „Дарување на Тора“, 16.05.2014

 

Достигнување на Вишите Светови

 
 
so matica