Од писмото на Рабаш (№34): „И ќе светне за нас Создателот со Светлината на мирот, но само тогаш, кога ќе се соединиме во една целина. Затоа што е познато, ако му се даде на човекот да скрши купче прачки, тој не ќе може да ги искрши сите наеднаш. Но ако се дава по една прачка, тогаш тоа ќе му успее и на мало дете. Од ова е јасно, дека народот на Израел нема да биде ослободен, сè додека не се соедини во една целина. Како што е речено кај Пророците: „Тие денови и во тое време ќе дојдат синовите на Израел заедно со синовите на Јехуда” – и кога ќе се соединат, тогаш ќе го откријат светењето на ликот на Шхина. Ги наведов овие изреки од Мидраш, за да не мислите дека поимот група, односно љубовта кон пријателите, припаѓа на хасидизмот. Всушност, тоа е барање на нашите мудреци, кои виделе колку е потребно поврзувањето на срцата во една целина, заради откривањето на Светлината на Шхина во нив.
Поврзаноста со Светлината може да се почувствува само во совршен, целосен сад, во кој сите егоистички желби се покриени со екран, кој ги преправа за давање. А тоа е можно, само ако постои поврзаност. Бидејќи во однос на кого јас можам да ја покажам својата намера за давање? Само во однос на ближниот! Затоа, соединувајќи се заедно со своите желби и намери, со срцето и разумот, ние го возобновуваме разбиениот сад, и благодарение на тоа, сè повеќе се приближуваме кон Светлината, сè додека таа, конечно, ќе може да ни свети. Иако ние засега само се обидуваме меѓусебно да се зближиме, предизвикуваме врз нас светење оддалеку, кое се нарекува Опкружувачка Светлина. Таков е законот, што го знаеме од науката кабала. Тоа е закон на целокупната реалност, закон на Природата.
Затоа, услов за добивање на помош од Вишото, откривањето на Светлината, е нашето поврзување. И ако ние сакаме да ја подобриме нашата состојба, тогаш немаме друг начин за тоа. Не треба ништо повеќе да бараме и бадијала да ги трошиме нашите напори – треба само да се стремиме кон соединување, со кое ќе ја привлечеме кон нас Светлината, која враќа кон Изворот, кон доброто. Ако пак, не дејствуваме во насока на соединување, тогаш неспорно, нема да излезе ништо добро. Затоа, во тешката, особено напната состојба, во која денес се наоѓа народот на Израел, ние треба да се потрудиме со сите сили да се поврземе, да достигнеме единство. Затоа што токму на таков начин ја приближуваме Светлината кон себе, правејќи ја поблиска кон сите. Така ние ќе напредуваме кон добрата состојба по добриот пат, по патот на Светлината. Тоа треба да го направиме пред врз нас да се срушат страдањата, и со својот притисок нè принудат да се соединиме. Потребно е во нас постојано да живее стремежот за единство заради нашата слободна, добра желба, а не заради потребата. Затоа што токму во тоа е разликата помеѓу патот на Светлината (забрзувањето на времето, „ахишена”) и патот на страдањето, природниот тек на настаните (беито). Ајде да се потрудиме да сфатиме, дека соединувањето го привлекува кон нас влијанието на добрата сила, и да им го објасниме тоа на сите. Колку повеќе луѓе ќе се приклучи кон тоа единство, чувствувајќи го овој услов и разбирајќи го, колку пошироко ќе известиме за тоа по сите достапни канали, преку интернет и телевизија, колку повеќе луѓе ќе слушнат за тоа, и ќе се исполнат со тоа, толку поблиски ќе станеме до Светлината на доброто. Бидејќи Светлината - е единственото што дејствува. Жално е да се трошат сили, сметајќи дека постојат уште некои дејства, способни да ја подобрат нашата состојба – освен соединувањето и единството.
Сè укажува на поврзување
Книгата Зохар претставува извор на Виша Светлина, која ни свети во главата (Рош) на светот Ацилут. Тоа е систем на Вишото управување и судбината, која влијае врз нас. Работејќи со Книгата Зохар, ние всушност доаѓаме до поврзување со тој виш механизам. Колку повеќе сакаме да се зближиме со Вишото управување, читајќи ја Книгата Зохар, работејќи со неа, толку посилно влијание кон доброто, тоа има врз нас. Што всушност значи зближување со светлините, правилен однос кон системот на управување? Тоа значи да се биде како него. Целокупниот ситем е давање и љубов, неговиот закон е законот на љубов. Како тоа ние да го покажеме? Според принципот: од љубов кон суштествата – до љубов кон Создателот. „Создателот” е природата, природата на Вишиот систем. И затоа гематриското значење на зборот „Бог” (אלה-ים) е исто со гематриското значење на зборот „природа”(הטבע).
Значи, ако ние сакаме Вишата Сила да нè поврзе, за да ни донесе сплотување и поправка, тогаш тоа апсолутно одговара на неговата програма. Кај нас не може да постои никаква поинаква намера или стремеж, соодветен на овој систем, на Вишата Светлина. Токму затоа таа се нарекува „Светлина, која враќа кон Изворот”: кога ние сакаме заемно да се поврземе, во меѓусебната поврзаност, во љубовта кон ближниот како кон себеси, што претставува значајно правило на Тора, т.е. на Светлината. Тогаш Светлината доаѓа, нè поправа и нè наполнува. Всушност, тоа е единствено дејство во природата, и само тоа може да ни помогне, да нè спаси, да нè поправи и да нè доведе нас, и целиот свет кон доброто. Денешната светска криза има задача да ни покаже, дека само дејството за поврзување може да го спаси човештвото. Соодветно на тоа, и сегашната „мала војна” во областа Газа е повикана да нè поттикне на тоа исто внатрешно дејство, насочено кон поврзување.
Така, да се потрудиме да ги сплотиме сите наши стремежи кон единството, кон заемната гаранција, и да сфатиме дека мораме да станеме како еден човек со едно срце. Токму во тоа се состои нашата работа. Ние се надеваме, дека Светлината, која доаѓа за време на читањето на Книгата Зохар, ќе го оствари во нас тоа соединување. И тогаш нема да постојат непријатели, нема да има војни. Трудејќи се да се поврземе во секоја состојба, ние ја елиминираме негативната сила. Ако претходно системот на управување влијаел врз нас со обратната страна на Светлината, бидејќи сме биле спротивни на неа, тогаш сега таа ќе го открие своето лице. Да се потрудим и да имаме намера токму тоа да се случи.
Потребно е побрзо да го вратиме сето зло кон доброто и корисното
Од статијата на Баал ХаСулам „Мир во светот”: Законот за развојот, кој се однесува на целата реалност и гарантира враќање на сето зло кон доброто и корисното, ги извршува своите дејства, без притоа да ги прашува за нивното мислење луѓето, кои што ја населуваат земјата. Истовремено, Создателот му дал на човекот разум и власт, и му дозволил да го земе под своја контрола споменатиот закон за развојот, и да управува со него, забрзувајќи го процесот на развојот според неговата желба, слободно и апсолутно независно од текот на времето.
Значи, во светот дејствуваат две сили. Од една страна, ние можеме да управуваме со силата, наречена „беито”, што значи „во свое време” – природната сила на Природата, која го движи целокупниот развој. Таа сила нè развивала сè до денес, поттурнувајќи нè напред со помош на страдањата, принудувајќи нè да го развиваме општеството, технологијата, науката, образованието. Така сме се развиле до состојбата, во која се најдовме денес, и треба да продолжиме. Но, ако до денес врз нас дејствувала само оваа една сила, терајќи нè без престан да се развиваме, тогаш отсега па натаму кај нас се појавува уште една можност – да се развиваме со помош на друга сила. Втората сила се нарекува „ахишена” – развој „со забрзување”. Односно, ние можеме да се развиваме со помош на две сили, по различни патишта. Првиот пат, природниот тек на настаните, подразбира големи страдања, додека вториот пат, на забрзан развој – е патот на Светлината. Излегува, дека ние можеме да се развиваме или со помош на страдања, или со помош на Светлината – во тоа е целата разлика. А на крајот ние ќе сфатиме, дека не постојат две патишта, бидејќи невозможно е да се оди по патот на страдањата. Ние се наоѓаме на тој пат одредено време, навлегуваме на патот на страдањата, а потоа бегаме на патот на Светлината. И повторно се враќаме на патот на страдањата, за после некое време повторно да избегаме на патот на Светлината. Ние не сме способни постојано да се наоѓаме на патот на страдањата. Страдањата нè исфрлаат на патот на Светлината, патот „ахишена”.
Но тоа е непожелен пат, бидејќи ако ние така напредуваме, тогаш секој пат на патот на страдањата нас нè очекуваат нови војни, несреќи, природни непогоди. Затоа ние треба да разјасниме, како да најдеме квалитетен добар пат, за да одиме само по патот на Светлината, ако такво нешто е можно. Токму во тоа е прашањето. До моментот, кога во светот се пројавила втората сила, давајќи ни избор, ние сме се развивале само со помош на Природата, која не нè прашувала, на кој начин ние сакаме да напредуваме. Така било во текот на сите милениуми од нашата историја, но почнувајќи од 21 век и понатаму, ние почнуваме да се развиваме со помош на две сили. Претходниот развој се одвивал на неживото, растителното и животинското скалило, а сега ние почнавме да се развиваме на човечкото скалило. А целта на целокупниот развој – е да се достигне единство, и да станеме слични со Создателот
Од утринската лекција според статијата „Мир во светот“ - 17.11.2012 на Каб.Тв