11.07.2010
Добра вечер драги пријатели, или добар ден, утро, зависно каде се наоѓате. Тука имаме список од Алјаска, Сакраменто, Мадрид до Ростов на Дон, Екатеринбург, Белорусија, Вилнус, Рига и т.н. преку Москва и Санкт-Петербуг и цела Европа. Многу интересна карта на пријатели, учесници имаме денес.
Денес како и обично го продолжуваме изучувањето на книгата Зохар. Мислам денес ќе ја изучуваме (стр.566 од оваа книга) статијата наречена "Првата Заповед". Како и вообичаено 40-тина минути ќе зборувам, потоа сопри ме, и ќе одговорам на вашите прашања, или во паузата ќе можеме нешто да направиме со прашањата и да ги одговориме.
Зохар, статијата "Првата Заповед". Што значи "Заповед"? Има само една заповед што му е заповедана на суштеството – да се промени себе самиот – самостојно. Се разбира со помош на силите кои му се дадени, или кои може да ги побара, да ги пронајде околу себе или во себе, да се крене, да се промени себеси до нивото на Создателот. Притоа Создателот не' создал, како што веќе говоревме, во најлош, негативен и оддалечен облик од Себе, за да ни даде можност самите да ја дефинираме таа состојба како негативна, спротивна, најниска и да се обидеме да се кренеме.
Со помош на какви сили? Што значи да се кренеме, кон кого? Со кого да се споредуваме? Како да ги мериме своите падови и подеми, своите состојби? Сето тоа ние треба да го дознаеме по пат, да го научиме тоа. Да научиме со тоа да управуваме и самите себе да се креваме. Нормално, да не се извлекуваме за коса од нашето мочуриште, туку со помош на силите кои ги има во Природата, специјално поради тоа. Но во суштина работата не е едноставна. Одзема многу нерви, нема да кријам. И време исто така – но заради што друго сме создадени?
Во текот на милениуми таа работа ја извршувавме несвесно, неосознаено, според таканаречениот избор слатко-горко. Т.е. во текот на многу милениуми ние се враќавме постојано во овој свет, во овој живот и сме имале многу едноставно управување – системот нас не' развивал преку егоизмот, постојано ни го додавал егоизмот. Во нашата кутија егоизам ни додава се' повеќе и повеќе по нагорна линија, така ќе мериме, но, ние сме требале да правиме анализа на овој егоизам.
Таа анализа секогаш се состоела или од "добро" или "лошо". Добро значи дека ми било пријатно, слатко, условно речено, иако постојат луѓе кои сакаат повеќе горко отколку слатко, но тоа не е важно...Тука подразбирам дека условно го нарекуваме тоа што човекот го посакува. А лошото го нарекуваме горко. Меѓу овие условни добро-лошо или слатко-горко ние цело време на природен начин, апсолутно потсвесно се насочувавме - каде? Кон се' поголем и поголем егоизам.
На тој начин Природата управувала со нас. Таа ни давала се' поголем егоизам, а ние цело време се обидувавме со него нешто да направиме, како да го реализираме ...Како да се приближуваме се' повеќе и повеќе до слаткото и да се оддалечуваме се' повеќе и повеќе од горкото. И секогаш под слаткото и горкото подразбираме различни поими, во секоја генерација, во секое време во однос на тоа со кого се сретнуваме, општиме, од кого воспримаме...Кај нас се создаваат други вредности и веќе ги воспримаме слаткото и горкото поинаку од порано, но секогаш го воспримаме доброто и лошото. Тежнееме кон доброто и се оддалечуваме од лошото, тоа е сигурно.
Така ние се развивавме се' до денешно време до состојбата да речеме на 2000 година. И тука се' завршило. Од тука почнавме да се развиваме според посебна дополнителна шема, која освен анализата на добро и лошо, кога можам да анализирам само со помош на моето тело. Каков инструмент имам за анализата? Телото, т.е. моите сетила за вкус, моите чувствувања. Тоа ми е доволно за да избирам. А сега ни се додала уште една анализа – тоа е многу сложено нешто, тоа не' убива.
Сега се испоставува дека сме составени од уште една кутија – некој вид аналитички блок – анализа која се нарекува "вистина - лага". Ова дефинирање на вистина - лага можеби се наоѓа во противречност со добро-лошо. Можеби ми е лошо но, тоа е вистина, можеби ми е добро но, тоа е лага. Сега се наоѓаме помеѓу овие две анализи. Од една страна јас треба да дефинирам апсолутно објективно што е вистина, а што е лага. Тоа е нешто што не зависи од мене, тоа треба да функционира објективно, инаку јас ќе се наоѓам во анализата; добро или лошо.
Како малите деца, или недоволно равиените луѓе. Тие го примаат тоа што им е добро како вистина, а тоа што им е лошо како лага. Ние најпрво треба да ги откриеме во себе вистината и лагата, независно од нашата анализа добро-лошо, слатко-горко. Апсолутно објективно, како да се наоѓаме надвор од нашето тело. Не е едноставно, но на тоа можеме да се научиме.
Потоа треба да споредуваме помеѓу овие две анализи така, за да анализата добро-лошо апсолутно не влијае врз нашата анализа вистина-лага. Ние да можеме со помош на оваа втора анализа, да одиме напред. Тогаш вистината е стремеж кон Создателот, а лагата е се' она што е против Него. И сега соодветно на тоа ние ја дефинираме анализата добро-лошо, слатко-горко како небитна.
Оваа анализа која ние само ја пропуштаме преку нашето тело, а тоа ни е доволно за сето ова да го извршуваме – се нарекува животинска анализа. Затоа што нашето тело ни е доволно за да ја откриеме. Другава анализа – е анализа на душата. Таа нема ништо со нашето тело, сетилата, сфаќањата.
Оваа анализа се случува ако во човекот почнува да се развива точката во срцето. Така ние се развиваме. Затоа денес најважно за нас е да се обидеме да се придржуваме до анализата во однос на точката на срцето. Да се замислиме надвор од нашето тело, да му го даваме на телото она што му е потребното - храна, секс, одмор, семејство, покрив над глава, работа, се' што е потребно во овој свет, да се обезбедиме со се' – да му дадеме на телото се' што му е потребно. Во нормална граница, како што секој просечен човек во нашиот свет се обезбедува, ниту грам повеќе. Сето друго е над овие граници треба да биде фокусирано на анализата вистина-лага.
Во анализата вистина - лага ние треба да реализираме ни повеќе ни помалку туку 613 анализи. Како да одите на лекар и тој ви дава список да направите анализи, а таму само во крвта постојат околу 600 параметри... Тука имаме 613 – затоа што имаме 613 желби во душата, да се проверува секоја желба и да се сортира – во правилна насока ли јас работам со неа или во обратна, лева. Или кон Создателот или кон себе. Имаме 613 такви желби. Сите треба да ги проанализирам, да ги откријам и тоа на секое скалило. 613 желби,кои се манифестираат посебно, и секоја на 125 скалила. Сложена работа ни дал Создателот.
Но во таа работа има два дела. Првиот дел се нарекува поправка на 613-те желби, а вториот дел се нарекува наполнување на 613-те желби. Поправката на желбите се постигнува со искачување од Малхут во Бина, а наполнувањето на желбите се постигнува од Бина во Кетер. Така ние, кои денес се наоѓаме во Малхут поминуваме низ две фази. До Бина се поправаме себеси, потоа од Бина до Кетер се наполнуваме.
Во нас имаме 613 желби на секое скалило, тие во телото на човекот како да ги претставуваат сите органи, коски, лигаменти, внатрешните органи и т.н. – и во голем и мал човек бројно се исти, се разликуваат само според големината. Така и кај нас – на секое скалило, во секоја наша состојба се присутни овие 613 желби.
Вкупно има 125 скалила. На таков начин ние напредуваме. За да не се збуниме во целава работа, Зохар ни предлага малку поинаква слика. Зошто сега јас треба да пресметувам?
Нема да ми стигнат прстите на рацете за тоа, тоа е премногу сложено и се работи за големи бројки. За да ја поедноставиме оваа задача, не да ја промениме суштински, да ја поништиме, или ја сведеме на нешто мало, за да имаме поинаков стил на поправање, кој ќе не' доведе до истиот резултат. Само друг однос, нашата поправка гледана од друг агол. За тоа Зохар ни предлага да ги поделиме сите наши поправки на заповеди, т.е. основни инструкции.
Заповед – значи ти заповедам, ти давам инструкција. Вкупно се 14, тие не се толку многу, може и на прсти да се избројат...имаме сигурно 20 прсти...да видиме. Така одат Заповедите – од 1-та до 14-та. Не по слободен редослед, туку по редоследот на нивното извршување. Сега ни се дава конкретна задача, да не должиме, туку да одиме точно и да се проверуваме себеси.
Тогаш по мера на твоето напредување ќе можеш да се контролираш, да се проучуваш, да ги проучуваш силите кои те опкружуваат, и така постепено да наоѓаш средства за својата понатамошна поправка. За секое претходно скалило да претставува помошна основа за следното. И така од помалите поправки до се поголемите, како во нашиот живот напредуваме од клас во клас.
Да започнеме од Првата Заповед. Ќе се обидеме да ја обработиме, а потоа и останатите на ист начин, за на крај да сфатиме, како треба да се поправаме. Во многу едноставен стил, многу поразбирлив. Зошто ако почнеме 613 заповеди да ги изучуваме, тие се толку заплеткани, толку сложени, дури нивните компоненти внатре во нас, составени од различни комбинации на доброто, злото, милосрдието, строгоста, сочувството така што ќе се заплеткаме во сето тоа. Тоа е многу сериозна, сложена, виша психологија, психологија на душата. Со тоа ние нема да се излеземе на крај, а и не ни е потребно.
Зохар затоа ни вели: "Во почеток Создателот создал" – тоа е Првата Заповед, основа на се', и се нарекува страв на Создателот. Или почеток, како што е речено: "Почеток на мудроста – страв на Создателот". Стравот на Создателот – е почеток на знаењето, затоа што стравот се нарекува почеток. И тоа е порта преку која човекот доаѓа до особината на давање. На таа Заповед се основа целиот свет. На особината на стравот. Што значи страв? Всушност тоа треба да ни е јасно – бидејќи ние сме составени од многу едноставен материјал - желбата за насладување и чувствуваме јасно мал недостаток како страдање, наполнување, насладување – како резултат на тоа можеме лесно да бидеме придвижувани – со страдања или со насладувања. Затоа што тоа е нашиот животински дел, тоа е прво.
Освен тоа самите ние можеме да дефинираме јасно што со нас во моментот раководи – насладувањето или страдањето, како се движам напред, каде и на која страна се навалувам, или напред - назад или малку надесно - налево. Сакам нешто да променам, да ги преместам некои свои вредности за кај мене да изгледа поинаку, соодносот помеѓу насладувањата и страдањата.
"Почеток на мудроста – страв на Создателот", Зохар зборува за постоење на три вида на страв. Под страв се подразбира трепетот пред Создателот. Зошто на возрасен човек, кој поминал се' и сешто му е потребно да трепери, да се нурка во некој страв пред Создателот – тоа не му е потребно. Сигурно дека кабалата не го подразбира тоа. Таа се обраќа кон возрасниот, слободен од секакви предрасуди човек и му раскажува какви односи тој има во споредба со Вишата Сила на Природата наречена особина на давање и љубов.
Понатаму Зохар вели вака – преминувам на т.190: Има три вида на страв, од кои двата немаат вистинска основа, но само третиот ја има. Ако човекот има страв за животот на неговите деца, или за своето здравје, или се плаши од телесни страдања, или се плаши за својата материјална благосостојба, - тогаш таквиот страв, дури иако во него престојува постојано не претставува основа, корен за духовниот раст. Затоа што само посакуваните последици се причина за тој страв. Тоа се нарекува страв од казна во овој свет, стравот во кој тој престојува. Затоа овој страв не е пожелен, нема да го доведе до ништо добро. Т.е. ние треба да престојуваме во овој страв, но само во границите неопходни за нашето минимално наполнување, обезбедување.
Постои страв пред казните во идниот свет, во пеколот. И овој страв не е добар, не го доведува човекот до ништо добро. Можете да речете – да не постои страв од пеколот светот би се превртил, сепак луѓето во нешто веруваат, во рајот, во пеколот, што ги принудува некако подобро да се однесуваат, поправилно. Сепак на некој начин тие прават некои меѓусебни пресметки. Кога точно би знаеле дека не постои ништо во таканаречениот задгробен живот, тие би се однесувале можеби сосема поинаку. Не би правеле можеби такви пресметки како денес. Човекот има некои потсвесни пресметки – јас им оставам нешто на другите, другите ќе мислат на мене, кога нема да бидам веќе со нив, тие ќе ме спомнуваат, т.е. тој си замислува дека се' уште постои во некој облик. Тоа му дава нему и на многу други луѓе, сила да дејствуваат, да работат, многу луѓе се воздржуваат цел живот,како што знаеме, од многу искушенија за да го заслужат идниот свет. Кога би знаеле дека тој не постои, можеби би биле големи арамии. Значи, Зохар кажува, дека стравот пред казната во идниот свет- пеколот и стравот во овој свет од неможноста да се обезбеди себе, децата, здравјето, иднината и со сето останато, не претставува вистинска основа, корен со чија помош може духовно да се расте.
Вистинскиот страв е стравот пред Создателот зошто е Голем и Моќен, затоа што е извор на се'. Се' друго е ништо наспроти Него. Ако човекот го посвети целото свое внимание кон постигнување на овој вид на страв, тогаш ќе успее. Што значи вистински страв, трепет пред Создателот? Нема зошто да трепериме пред Создателот, Создателот е заедничка Виша Сила на создавањето, сила на давањето, љубовта, која постои околу нас. И затоа што е апсолутна сила нема зошто пред неа да трепериме. Таа не се менува, се наоѓа околу тебе во својот апсолутен облик, не може да биде ниту поголема, ниту помала. Затоа да се трепери може пред некој кој може да се промени кон тебе, од добра состојба во лоша, на некој начин да те казни. Ако пак е непроменлив, како несебичната љубов на мајката – детето нема страв од неа. Тоа знае дека е обезбедено со нејзината несебична љубов, која е апсолутно несебична и затоа може да прави со неа што ќе посака. Таа сепак ќе го сака и ќе му дозволува се'.
Тогаш што значи – вистински страв е стравот пред Создателот? Ако Создателот го карактеризираме како апсолутно непроменлива, (бидејќи е совршенство, природно е непроменлив) особина на давање и љубов. Така ни пропаѓа можноста да се менуваме во однос на Него – како можам ако е непристрасен, апсолутно секогаш ист? Зохар ни кажува дека напротив, токму во таква состојба ние треба да најдеме во себе таков извор на промени, кој би не' кренал до ниво на таквиот трепет. Кога ние би трепереле кон овој апсолутен непроменлив Создател како дете кое се крева до ниво на сознанието кога се плаши да и причини на мајката и најмало зло. Тоа треба да се крене до истото ниво на љубов кон неа, кое го има таа кон него. Незамисливо ниво, посебно да се бара од дете, или од суштеството, но сепак можеме до тоа да дојдеме. За тоа кажува Зохар. Како да се дојде до тоа – тука раскажува раби Шимон во т.192
"Заплакал раби Шимон – ако јас откријам и ако не откријам како тоа да го сторам, ако кажам како тоа да се стори – ќе дознаат грешниците како да работат за Создателот за да добиваат се' од него". Како мало дете, кое може да исцица се' од мајката. И ќе прави се' што сака, целосно ќе ја исцрпи. Кога би знаеле како да пристапиме до Создателот, како крајни грешници, ние така би постапувале. Несакајќи, зошто таква е нашата природа. – "...а ако не кажам како да му се пристапи на Создателот,(како на оваа несебично мајка која сака), тогаш нема да стигнат моите пријатели, вели Раби Шимон. До таа состојба кога ќе почнат да се менуваат во Негова сличност во истата повратна несебична љубов и давање. И нормално ќе останат во своите егоистични непоправени желби.
И затоа, вели тој: "Се плашам да го откријам овој пристап, затоа што грешниците, ако се ослободат од казнувањето никогаш нема да можат да се поправат", во тоа е проблемот. Затоа понатаму тој раскажува како може нам, а сите ние сме грешници, и тоа крајни грешници – само откриј ни нешто – веднаш ќе се фатиме за тоа, не можеме после да се спасиме, да се поткренеме над тие огромни можности да се насладуваме, да бидеме вечни и да се чувствуваме во пеколот како во рај. Затоа не така лесно го откриваме за себе овој пат, вели Зохар. Од тука барем приближно може да се сфати зошто ова напредување е скриено од нас и цело време тоа ни се открива небаре одвнатре. Ние како да правиме едни нешта, дејства, за да на крај ни се открие нешто сосема поинакво. Тоа е за да не го дознаеме точно системот по кој можеме да воспоставиме директна врска со Создателот, тоа бескрајно неограничено откриено насладување кое би не' зашеметило и не би ни дало можност понатаму строго да напредуваме во целосна сличност на Него, т.е.во давањето.
Но кој се плаши од казна со тепање, не може врз тој да слезе вистинскиот страв пред Создателот, врз него слегува лош страв, во облик на казна со камшикување. Затоа местото, таканаречениот страв пред Создателот се нарекува почеток на знаењето. Затоа тука е вклучена оваа Заповед. Тоа е основа и извор на сите други Заповеди. Кој ја извршува Заповедта на страв пред Создателот – со тоа извршува се'. А кој не ја извршува Заповедта на страв пред Создателот не ги извршува другите Заповеди, зошто оваа Заповед е основа за сите други.
Што сака тука да каже на крајот на оваа заплеткана реченица? Многу едноставно! Т.е човекот нема да го допуштат, пропуштат кон Изворот на Вишата Светлина, насладувањето, кон Создателот пред , или во степен во кој тој се здобива со страв или трепет, да се однесува кон Него поинаку од однесувањето на Создателот кон него. Т.е. само во мера во која ние се здобиваме со адекватен однос кон Создателот, како Тој кон нас, во љубов и давање, исто и јас кон Него во љубов и давање. Ако успеам да го направам тоа во некој дел – само во тој дел - Тој ми се открива и тоа само во овој мој однос, овој аспект кон Него. Во ништо друго, затоа што инаку ние ќе влеземе повторно како мали деца во безумна власт на љубовта на мајката и ќе станеме крајни егоисти кои не можат да се поправат.
Затоа треба да почнеме да сфаќаме дека оваа Заповед на трепет пред Создателот, трепет пред мајката, подразбира едноставен услов: Јас се плашам да не попуштам, да не вкусам од Дрвото на доброто и злото, во таа мера, за да паднам и згрешам, т.е. да примам поради себе, туку цело време да се обидувам да правам само во знакот на давање и љубов. Во таков случај, во мера на мојот однос кон Создателот Тој ќе ми се открие, ќе ја открие Својата љубов и таа ќе биде поврзана заедно со мојата љубов, така речено еден наспроти друг. И затоа е речено "во почетокот" т.е. во почетокот Создателот создал небо и земја.
Тука зборот "во почеток" значи страв, трепет пред Создателот. Кој ги создал небото и земјата – т.е. токму тој услов на страв во човекот, кога се открива трепетот, после тој услов, тој страв, во тој однос кон Создателот, човекот почнува да ги открива небото и земјата. А казната за тој кој ја нарушува оваа Заповед е лошиот страв, - тој веднаш паѓа во други облици на страв – овоземни, т.е. страв во нашиот свет или страв во пеколот после смртта. Тоа што е својствено за луѓето, почнувајќи од фараоните, се' до денес.
Понатаму е речено: "И земјата била празна и хаотична, и мрак над празната бездна, и духот на Создателот – тука се говори за 4-те казни на грешниците", т.е. ако човекот паѓа ако не се движи во овој трепет; на овој начин го поправаат. Казнувањето во Тора не значи дека тој се казнува, како во нашиот свет, туку казнувањата се поправки, корекции. Значи, какви корекции тогаш има тој?
Земјата е празна – значи гушење, не се мисли на такво гушење како во нашиот свет, туку на чувствувањето на душата. Хаотично –значи каменување, зошто камењата кои паѓаат во големата провалија за казнување на човекот, во големата провалија на неговиот егоизам, кога таму паѓаат камења – наречени лев ха евен,(камено срце) т.е. отстутност на разбирањето, кое удира по неговата суета.
Мракот е спалување, оган врз главите на грешниците за да ги спалат – чувство на апсолутна отсутност на разумот. Односно разумот постои за да се почувствува дека го нема. Страшен осет. И потоа духот на Создателот – тоа е отсекување на главата, кога човекот целосно се отсекува од контакт со Создателот. И притоа се создава, како што веќе изучувавме и говоревме, зноен ветер – руах сеара, т.е човекот веќе навлегува во три нечисти клипот – паѓа од духовниот свет под Парса доле, а тука имаме три нечисти клипот. Тоа се руах сеара – големиот ветер. Јас не би рекол зноен, тоа поточно е бура. Потоа анан гадољ – големиот облак, кој го затемнува сето духовно од него, и еш нитла кахат – големиот оган. Под голем подразбираме див, страшен и т.н. Зохар вели дека притоа тој паѓа во руах сеара, во таква низина, на ниво на светот Брија.
Горе го имаме светот Ацилут, каде што човекот се наоѓал во взаемна врска со Создателот (Брија, Јецира и Асија, потоа доаѓа махсом и нашиот свет). Полошо од нашиот свет нема ништо. Ако си го замислувате пеколот, тоа многу повисоко од нашиот свет. Пеколот е срамот кој го изгорува човекот. Значи, руах сеара, каде што тој паѓа, е меч кој спалува – казна за тие кои не ја извршувале оваа Заповед на страв и трепет, зошто оваа Заповед ги вклучува во себе сите Заповеди. Затоа што после берешит – почетокот (во почетокот создал Создателот небо и земја) е речено: празнина, хаотичност и дух. Вкупно 4 вида на казна со смрт. Потоа, ако човекот ги поминува сите нив, (а тој сите треба да ги помине, меѓу нас речено, не сакам да ве заплашувам).Но не е возможно да се искачиме нагоре без да се проба и во најмала мера од сите овие видови на казни. Таа не формира, ние не можеме да напредуваме ако не се изгориме.
Знаете, дека секое наредно скалило се гради врз негирањето на претходното, според законот на дијалектиката – закон на негација на негацијата. Да се изгради тоа може само ако ти целосно го негираш претходното скалило, што значи ја гледаш неговата празнина, ништожност, болката, злото, и т.н. Значи сепак во нешто мораме да ги почувствуваме овие 4 вида на казни и после нив (на нашите нивоа почнувајќи од коренот, потоа 1,2,3,4 – нашиот егоизам се состои од 5 нивоа) кога ние се искачуваме над тоа, тогаш сме подготвени за следното скалило. Така ние ја поминавме оваа Прва голема Заповед, која се нарекува Заповед на трепетот. Првата Заповед е трепет пред Создателот. И уште еднаш – трепет во што? Трепет да се биде сличен Нему.
Зохар опишува повеќе, имам дадено и мои коментари. Јас пропуштам околу 3-4 страници ситен текст, можете да го прочитате – вкупно се само 4 страници. Пробајте, тоа е добро, т.е. така ние почнуваме да сфаќаме дека првиот услов да се поткренеш над сите овоземни стравови, е да се смета дека Создателот е целосен и единствен. Целосен – значи апсолутно сите сили се собрани во него, единствен – дека не постои ништо освен оваа сила која одредува се' во нас. И човекот наспроти Создателот е еден, единствен и целосен, а се' друго е вклучено во него. Т.е. не постои светот наоколу, просторот, не постои Вишиот свет – сето тоа јас можам да го замислувам, но всушност тоа се формира во мене, само во мене. Затоа моето најпрво внатрешно формирање во кое јас ќе се чувствувам на почетокот на својата душа, која на таков начин јас ќе ја оформам, - тоа е формирање на трепет во однос на особината на давање и љубов, која се нарекува Создател.
Кога јас ќе треперам – дали навистина ќе можам да ја достигнам оваа особина, можам ли само тоа да го посакувам, и само во име на тоа, сето што ми доаѓа под рака да го насочувам за реализацијата во мене, раѓањето во мене на таа особина. Кога човекот почнува така да се насочува кон оваа прва особина на трепет, таканаречена Ират Ашем, тогаш во неа почнува да се чувствува особината на давање и љубов, која постои во Природата, наречена Создател. И така постепено тој почнува да се запознава со Создателот, да Го открива. Но Го открива зависно од степенот на својата поправка, т.е. ако се поправи малку во некоја форма – во таа форма го открива аспектот на Создателот. Ако се открие во некоја друга форма – открил, додал во таа форма аспект на Создателот, и т.н. Т.е. секогаш Создателот останува во човекот врз основа на бо-ре – дојди и види. Значи, во форма, во која човекот се поправа себеси, само во толкава мера, во тој стил, аспект, карактеристика – тој го открива Создателот. Особина наспроти особината, мера наспроти мерата. Јас веќе претерав!
-Да, има многу прашања... Мануел од Мадрид прашува: "По што се разликува стравот пред Создателот од вербата над знаењето"
Стравот пред Создателот го крева човекот во вербата над знаењето. Вербата е особина на давање, над особината на знаењето, над особината на примање. Важно е правилно да ги преведуваме дефинициите. Вербата над знаењето е давање над примањето, т.е на таков начин јас го градам во себе системот на вредности. Давањето е над примањето, јас не зборувам за потребата на моето животинско постоење, зборувам за тоа што во мене како човек е вредно. Ако јас се изградувам на таков начин, со тоа се насочувам кон Создателот.Само зависи колку имам страв, напнатост да ја достигнам оваа состојба. Тоа го дефинира Првата Заповед – големината на трепетот.
-Прашање на студент од САД, кој ни напоменува, дека Маркс рекол, дека религијата е опиум за народот .
А каква врска со ова има религијата?
Понатаму тој прашува: " Како да се пробиеме низ маглата на различните религиозни заблуди и мешаницата, за да се разбуди, да се почувствува разликата помеѓу стравот пред Создателот наспроти различните религиозни стравови кои се појавуваат кај човекот, користени од религиите да дадат некои решенија?"
Религиозно момче од Америка ни го наведува примерот на Маркс. Тоа е добро! Навистина религијата е опиум за народот, јас целосно со тоа се согласувам, затоа што религијата развива во човекот само два вида на страв – страв меѓу рајот и пеколот, ќе го добијам ли рајот или ќе се најдам во пеколот, на што се темели целата религија. Сите религии, така што тука нема никакви дилеми во однос на тоа. Кабалата воопшто не ги користи овие поими - за неа рајот или пеколот.. Рајот – е мојата целосна или делумна, не е важно сличност со особините на Создателот кои јас ги чувствувам тука, сега, во овој живот, во овој свет. Ништо не се говори за задгробно, а пеколот е обратно, кога јас се чувствувам спротивен на Создателот и тоа чувство предизвикува во мене огромен срам, кој ме изгорува. Токму тоа е огнот на пеколот.
-Прашува Алекс од Аљаска: "Јас се разочарувам во реалноста што ме опкружува – за мене новите откривања, технологијата, фудбалот, жените, филмовите осетно ја губат смислата и значењето. Паѓа интересот и желбата за нив. Дали тоа значи дека мојот егоизам се намалува, паѓа?"
Како прво, кај човекот постојат секакви фази во неговиот живот – преценување на вредностите, занесеност по нешто друго или едноставно отсутност...тоа се случува, тоа е привремено. Ако се работи за нормален здрав организам – се ќе се врати на нормалата. Работата е во тоа, за да се направи побрзо анализата, треба тесна поврзаност со луѓето од опкружувањето, кои се занесени со иста цел. Односно, ако си одбрал некој цел, да речеме лов на бели мечки, брзо најди си друштво кое со тоа се занимава, ја сака таа работа, ја развива, кои зборуваат за ловечкото оружје и т.н. Ако си ја одбрал кабалата – брзо и колку може повеќе вложи напори да бидеш заедно со овие луѓе, да научиш повеќе од нив, да бидеш заедно со нив и т.н. Труди се да го забрзаш времето за сметка на вклучувањето во група, соодветна за твоите интереси. И тогаш сите овие намалени желби, кои ти наеднаш си ги почувствувал кон другите наполнувања, нема да ги чувствуваш како намалени. Или нема да имаш потреба од нив, или ќе ги користиш дека така треба. Човекот треба да се храни – се храни, треба да живее нормален живот, семеен и др. – живее. Односно и овие услови ги примаш исто како Заповед. Како услови неопходни за достигнување на целта. Важно е да се ставиш што побрзо под влијание на опкружувањето кое ја има истата цел, и тогаш ќе добиеш многу поголема желба од твојата лична, и ќе се залагаш.
-Значи егоизмот расте?
Нека расте, само во потребната насока и под правилно влијание. Истото го правиме и во нашиот свет – ако сакам да добијам некоја добра професија или друго – се вклучувам во одреден круг на луѓе. Но, од другите кругови се оддалечувам.
-Александар од Киев прашува: „Трепетот и величието на Создателот дали се исто нешто? Тоа е некако поврзано?"
Сигурно дека трепетот и величието на Создателот.Прво треба да се каже дека тоа е условна мера. Затоа што ние не можеме да го измериме со некој апсолутен стандард надвор од нас, и да речеме еве ги неговите 100% а јас сега го чувствувам 20%. Или тој толку тежи, а јас го мерам за толку. Такво нешто не постои – сè е зависно од човекот. Затоа секојпат треба да тежнееме кон максимално наполнување на своите особини и кон се' поголемото нивно проширување и наполнување. Нема во тоа апсолутно значење, ќе ни се открие на крајот од целосната заедничка поправка, кога апсолутно сите ќе се поправат, кога сите души заедно ќе се спојат и сè што е содржано во нив ќе претставува награда со чувствувањето на секоја душа. Тогаш ќе можам да речам „Сега Го чувствувам Создателот 100%" А вака не можам да знам.
- Миша од Москва прашува: „Првата Заповед е прво спознавање со системот наградување-казнување?"
Да, на неа ние се обучуваме.
-Уште едно прашање од Мадрид: "Стравот се открива во состојба на скриеност на Создателот, а кога ќе се открие Тој, стравот ќе престане?"
Стравот се открива во скриеност на Создателот. Откога ќе се открие Создателот, се открива состојбата на милосрдието, давањето, љубовта и сè друго се губи, сите видови на страв. Но човекот треба да се обезбеди со овој страв, трепет и пројавувањето на Создателот да не го тргне овој страв. Тој треба да дејствува така, да го претвори односот на Создателот, Неговата љубов во свој страв. Тогаш сигурно тој страв нема да ме оттурне, нема да ме неутрализира, нема веднаш да почнам да го употребувам за себе за секакви користољубиви цели. Да речеме,ако Создателот ми се открил само за 20%, но јас сепак чувствувам дека тоа е огромна љубов, несебична врз која ништо нема влијание, можеш да замислиш дека тоа веднаш ме фрла во огромен егоизам. Јас посакувам преку овие 20% да испијам од Него се'. Тогаш паѓам во нечисти егоистички желби и завршувам на тоа. Со тоа завршува моето духовно напредување, јас не можам веќе ништо со себе да сторам. Затоа Создателот се открива само тогаш и во толкава мера, кога желбата да се добие сè е во стравот, во трепетот, кај човекот е многу цврста и човекот нема сигурно да го напушти. Т.е. човекот постојано се наоѓа во повратно правилно движење.
-Тогаш излегува, дека на следното скалило стравот може да биде уште поголем?
Сигурно! И така до 100% страв, во кој ти добиваш 100% љубов. Затоа стравот се нарекува сад, место, во кое се пројавува љубовта на Создателот. Ако човекот го нема стравот...замисли што ќе стане со детето ако му се даде несебична љубов...Овој услов е неопходен за да ја сочуваме дистанцата, својата самостојност, за да се сочуваме како суштества кои се наспроти Создателот. Тоа ни е неопходно, инаку јас се поништувам самиот себе. Инаку мојот егоизам, кој е внатре во мене и Неговото насладување во Него, во меѓусебна корелација можат да прават со мене што сакаат, а јас како крпа...се продавам на сето тоа, јас сум како продадено суштество. Затоа ми е потребен екран – особината на страв, трепет.
-Наши слушатели од Литванија замолуваат подетално да се објасни од што сепак човекот треба да се плаши и појасно да се окарактеризира зборот трепет.
Тој треба да се плаши од егоистичен однос кон Создателот. И само преку група, преку учење, тој може да почне да го добива екранот за заштита од самиот себе. Само на таков начин. Тоа е постепена, долготрајна, сложена работа за создавање на екранот.
-Од Гомељ Павел прашува: "Ако совршенството е непроменливо и никако не се менува во својот однос кон човекот, значи Тој е мртов бог?"
Можеш и така да го наречеш...ако е совршен како може да се менува? Тој се менува во твоите очи, затоа што се менуваш ти самиот, а ако е совршен не може да се менува. Ако мајката бескрајно, неограничено го сака своето бебе, тогаш таа во однос на него е целосно отворена, таа не се менува. Зар ќе ја наречеш мртва? Таа го прави сето потребно само за него, т.е. прави бескрајно многу движења, дејства во зависност од тоа што му се допаѓа нему, но самата таа притоа е непроменета. Нејзината љубов е едноставно максимална.
-Но човекот сигурно тоа не го чувствува, тој чувствува дека односот кон него се менува?
Да, човекот чувствува дека Создателот божемно се менува во односот кон него. Затоа што човекот постојано се менува, исто како и детето.
-Прашање од Грција, од Јанис. Тој кажува една претпоставка, бара од вас да ја потврдите или да ја оспорите: „Стравот е духовно слепило?"
Напротив! Зависно од степенот на мојот страв во мене навлегува особината на мудрост, откривање на Создателот, Неговата Светлина. Во таа своја Светлина, во трепетот кон Создателот, јас ја откривам Вишата Мудрост, Неговиот однос кон мене, Неговиот однос кон другите, силите, особините на целиот универзум. Тој почнува да ми го открива својот систем, зошто изучувајќи го тој систем јас научувам како поправилно да се однесувам кон Него, аналогно на тоа како Тој се однесува кон мене. Т.е. мојот првичен услов дека сето сакам да го сторам во особина на давање кон Него повратно, на тоа како Тој се однесува кон мене. Тоа е првична особина, а потоа во таа особина на давање навлегува мудроста, спознавање, постигнување на целиот Негов систем за да јас внатре во себе создадам ист однос, ист систем. Јас во себе градам аналог на Создателот, Негова слика во мене. Од тоа почнувам да сфаќам Кој е, Што е, на крај станувам еднаков со него. На крај ние доаѓаме до следната состојба – јас наспроти Него, и двајцата сме еднакви. Затоа тоа не е глупаво дејство, туку напротив, со негова помош откривам за себе апсолутно нов свет, огромни скалила на постојано возвишување каде што се искачувам по скалилата на световите кои милијарди пати се поголеми од нашиот свет. Според обемот, според величието, според моќноста, според впечатоците, според мудроста. Нашиот свет е многу ограничен, тој е слаб одраз на неколку најниски духовни закони.
-Од прашањата за стравот, нашите слушатели преминуваат кон бестрашните прашања за мега конгресот...прашање од групата од Торонто: "Веднаш по лекцијата ние одиме на распространување на руски фестивал во Торонто. Можеме ли да ги покануваме силно заинтересираните на мега конгрес или тоа е само за тие што го поминале почетниот курс? Посакајте ни среќа!"
Им мавтам со рака...Торонто! Канете ги сите на мега конгрес, колку повеќе луѓе од сите земји од сите страни, од сите места. Не е важно дури иако во вашиот град има двајца-тројца луѓе, соберете се заедно. Направете мала трпеза, напијте се, каснете, поседете заедно, гледајте нè заедно.Тоа веднаш ќе ви даде заедништво, сличност на тоа што се случува на други места. А законот на сличноста ви дозволува да се соедините и да ја добиете од сите таа животворна Сила, која се надевам ќе нè наполнува на овој мега конгрес. Ви благодарам за учеството, останете со здравје! Следниот пат – Втората Заповед!
-Сепак уште едно прашање, жените нема да не пуштат. Тие прашуваат постои ли некоја посебна улога на жените на мега конгресот? На што треба да мислат?
Исто така да учествуваат како и мажите – во сè. Апсолутно во сè. Жените учествуваат рамноправно со мажите – ура! До гледање!