Слободна волја - Втор дел
Уште еднаш здраво и добредојдовте во „Откриена кабала“. Јас сум Тони Козинек.
Продолжуваме со нашето разгледување на слободната волја. Во последната лекција ја разгледавме од гледна точка на човечкото доживување во овој свет и пробавме да најдеме точка каде навистина имаме некаква слобода на избор. Откривме дека постоиме во предодреден систем, и дека нашето чувство за слободна волја всушност се состои од нашиот недостиг на знаење за силите кои ги одредуваат и водат нештата во нашиот живот.
Додека во човечки суд е возможно да се апелира до судијата и да тврдите дека не го познавате законот, па можеби судијата ќе ви даде надомест, кога се работи за законите на Природата, нема дупки или пропусти. Природните закони функционираат било да ги знаеме или не. Бидејќи е така, подобро да видиме какви се навистина тие закони, како функционираат, како се водени работите, што е предодредено во овој систем. Штом го знаеме тоа, можеме да ја побараме таа точка на избор, и да видиме има ли начин да се влијае врз системот, да се поведе накај она што ние би го нарекле „слобода," нешто што би било вистински избор.
Да ги погледнеме тие закони. Баал ХаСулам напиша текст под наслов „Слобода." Го напишал на почетокот од 20 век. Тој текст објаснува како секој облик што го гледаме во нашата стварност води потекло од самиот момент на созданието. Од таа точка натаму, се развива преку четири компоненти, и тие компоненти го имаат донесено обликот до оној облик што го гледаме сега и на крај ќе го донесат до неговото совршенство. Тоа ги објаснува законите и силите кои делуваат врз сè во созданието и каде постои таа точка на слобода. Да ја погледнеме статијата.
Тој статијата ја започнува со цитат од Мидраш Шемот Раба, 41, „Издлабени (Харут) во камењата." Не го изговарајте „издлабени" (Харут), туку „слобода" (Херут). За да покаже дека се ослободени од ангелот на смртта.
Ова е интересна изјава. Зошто го почнува целиот текст за „слобода" со поразот на ангелот на смртта? Затоа што ја испитува силата на развојот и природните закони не само од физичко ниво, туку како што важат за сите нивоа, т.е. сета наша стварност.
Тој во статијава покажува дека истите принципи кои важат на пониските нивоа на природата делуваат и на повисоките нивоа. Кога сме поврзани со нив и ги сфаќаме од нивното изворно ниво, тогаш можеме да почнеме да согледуваме што навистина се животот и смртта. За да го цениме најтемелно она за што зборува Баал ХаСулам во текстот, треба да знаеме нешто за природата на облиците на повисокото ниво на постоење.
Кабалистите ни велат дека сите генерации што постоеле во светов се всушност истата генерација, т.е. тоа се истите души – а тој напредок што го викаме „живот и смрт" е само промена на облеката на суштинското јаство на душата, која е колективна душа. Тоа значи дека телото може да дојде и да си оди, но тоа нема никаков ефект врз она што тоа го облекува, таа суштина на душата – и дека сме напредувале во текот на еден живот, кој се состои од илјадници години.
(Тони црта)
Со други зборови, колективната душа на Адам ХаРишон била создадена како колектив, се спуштила во овој свет на времето и просторот, и почнала да се развива, доживувајќи ја својата потрага по слобода и задоволство преку исполнување на желбите, и се доживеала себеси како еден куп поединци неповрзани еден со друг. Потоа, бидејќи не ја достигнала својата цел, слободата, преминала на друг стадиум и се вратила како друга генерација на навидум поединци кои работат да најдат слобода преку исполнувањето на оваа желба; (Тони црта) богатство, итн., врвејќи низ она што го викаме историја, до точката на уништување на вториот храм во кој била скриена кабалата, и каде се стремеле кон моќ и почест.
Потоа до точката кај што сме сега, точката од 1995, откако кабалата престанала да биде скриена, и влеговме во период на колективна корекција. Тоа значи дека по првпат можеме да се почувствуваме како тој колектив, како она што навистина сме, како нашиот извор.
Од таа точка натаму, нашиот развој треба да биде по теркот на нашата вистинска наука: да стигнеме до таа желба, не за знаење, туку за духовното. Тоа е она што сака да ни го каже Баал ХаСулам со користење на одреден пример од природата. Тој го користи примерот на семка од пченица. Ни вели дека она од што се состои нашето „јас," т.е. човекот, општо земено се четири фактори:
А) Леглото
Б) Однесувањето на причината и последицата, во однос на својството на самото легло, кое останува непроменето.
В) Внатрешната причина и последица кои се менуваат како резултат на допир со страни сили.
Г) Причината и ефектот на страни сили врз него сосема однадвор.
Тој вака го објаснува тоа:
А) „Леглото," т.е. првата материја, во врска со тоа битие. Бидејќи „нема ништо ново под сонцето," и секој настан што ќе се случи во нашиот свет не е постоење од отсуство, туку постоење од постоење. Тоа е битие кое го соблекло својот поранешен облик, и прифатило друг, поинаков од првиот, и тоа битие се смета за „легло." Во него лежи силата чија судбина е да биде откриена и одредена на крајот од формирањето на таа појава. Затоа секако се смета за нејзина примарна причина.
Тој прв фактор се нарекува „основата." Се нарекува „Маца." Тоа е суштинскиот, основен материјал од кој сме создадени. Тоа ни е дадено од Создателот, воспоставено е во нас, и го дефинира целото наше постоење. Тоа е нешто кое Создателот го создал од ништо; тоа е постоење од непостоење, нешто од ништо. Тоа е нашиот прв материјал, направен пред она што чувствуваме дека сме ние.
Баал ХаСулам ја користи аналогијата на семето бидејќи процес можеме да сфатиме ако го видиме користејќи ги нашите ум и сетила од горе. Знаеме дека можеме да земеме семе и да ја предизвикаме неговата „смрт," да речеме, неговото распаѓање, така што ќе го ставиме во земјата, во кој случај сосема ќе се распадне, ќе стане прашина, ќе го изгуби својот живот и обликот што го имало. Но, на крајот од своето распаѓање, станува друг облик на живот. Таа суштина, таа Маца или основа, која е чиста информација, се пренесува од тоа семе во новиот облик, а тој нов облик ќе биде залиха од жито.
Така гледаме дека суштината во никој случај не е контролирана од облеката. Таа е нешто што може да се облече или соблече во нови облици на живот.
Е сега, ако почнеме да согледуваме како истиот тој систем работи во однос на нашето ниво, ќе почнеме да гледаме што се случува и ќе можеме да управуваме со тоа што се случува, ќе можеме да најдеме точка во која навистина имаме некаков избор во процесот. Таа основа, таа Маца, се состои од потеклото и менталитетот на сите наши претци. Што значи, нивните ментални одлики плус сето нивно насобрано знаење. Тие ќе ги почувствуваме во нашиот нов облик на живот како несвесни склоности; така почнуваат. Можат да бидат изразени позитивно или негативно – зависно од неопходниот развој на тој следен стадиум на животот – а тоа се состои од нашите ментални, емоционални одлики, плус физички одлики. Таа основа не можеме никако да ја менуваме. Тоа е создадено пред нас и врз него немаме никакво влијание. Баал ХаСулам продолжува со вториот фактор:
Б) Тоа е однесување на причината и последицата во однос на личната одлика на леглото, која не се менува. Земете, на пример, стебленце жито кое скапува во почвата, поради што растат многу други стебленца жито. Така, таа фаза на скапување се смета за „легло." Значи дека суштината на житото го соблекла својот претходен облик, обликот на житото, и земала облик на скапано жито, кој е семето, тоа го нарекуваме „легло," кое сега нема никаков облик.
Е, откако скапало во земјата, заслужило да се облече во друг облик, обликот на многу стебленца жито, на кои им е судено да растат од тоа легло, кој е семето. И сите знаат дека од тоа легло не е судено да стане ни јачмен, ни овес, туку може да се спореди само со претходниот облик, сега соблечен од него, т.е. едно единствено стебленце пченица. И иако се менува до одреден степен, и во квалитет и во квантитет, бидејќи во претходниот облик имало само едно стебленце, а сега има 10-20, а и во вкусот и во изгледот, суштината на обликот на пченицата останува непроменета.
Така, постои однесување на причината и последицата, кое се припишува на самото својство на леглото, кое никогаш не се менува, дека овес никогаш нема да никне од пченица, како што рековме. Тоа се вика вториот фактор.Како да го сфатиме ова?
(Тони црта) Овде го имаме првиот фактор, Маца, суштината на созданието или на обликот. Во Маца ги имаме тие одлики кои ја сочинуваат суштината – тие што ќе продолжат да се вградуваат во нови облици на живот. Тоа е првиот фактор, основата; тоа е број еден. Околу тоа се наоѓа нешто што тој го нарекува „вториот фактор" или „однесувањето на причината и последицата во однос на самото својство на леглото." Ова значи дека постои програма која се однесува само на одликите во суштината на основата.
Таа е како компјутерска програма и е насочена директно кон тие одлики во суштината, а програмата е програма на развој така што ова е всушност предодреден аспект на обликот. И тоа е нешто врз кое никако не може да се влијае. Тоа е фиксен систем замислен да делува прецизно врз развојот на тие одлики во суштината. Тоа е вториот фактор. Како кај првиот, не можеме да влијаеме врз тие работи. Тие се одредени од Создателот. Овие два нивоа се целосно создадени и управувани од Него. А оваа суштина, преку ефектот на програмава, ќе биде доведена преку својот целосен развој – низ времето, просторот и сè друго низ што има да се развива – до своето конечно совршенство.
Следните два фактори, третиот и четвртиот, се надворешни во однос на ова што го видовме тука, надворешни во однос на душата. Тие нè притискаат терајќи нè да се развиваме на начин за кој ни се чини дека е против нашата волја. Баал ХаСулам продолжува.
Третиот фактор: внатрешната причина и последица
В) Однесувањето на внатрешната причина и последица на леглото се менува при средба со страните сили во своето опкружување. Тоа значи дека гледаме дека од едно стебленце пченица, кое скапува во земјата, никнуваат многу стебленца, понекогаш покрупни и подобри одошто пред сеидбата. Затоа, тука мора да има додатни фактори, кои соработувале со скриената сила од околината, т.е. „леглото." А поради тоа, додавањата на квалитетот и квантитетот кои биле отсутни од претходниот облик на пченицата, сега се очигледни. Тоа се минералите и материјалите во земјата, дождот и сонцето. Сите тие влијаат врз обликот со тоа што земаат од своите сили и се здружуваат со силата на самото легло, кои преку причината и последицата имаат доведено до умножување на квантитетот и квалитетот во таа појава.
Мораме да сфатиме дека овој трет фактор се здружува со внатрешноста на леглото, бидејќи скриената сила во леглото ги контролира. Тоа значи дека тој ефект се чувствува само затоа што допира нешто во внатрешната програма и самата одлика. Ако го направите истото со вода и ветар на камен, место на растение, нема да испадне ништо. Мора да биде поврзано, причината и последицата според внатрешните одлики. Затоа, сеуште постојат екстремни детали во последиците надворешни во однос на душата, кои се директно поврзани со неа. На крајот на краиштата сите тие промени и припаѓаат на пченицата и на ниедно друго растение. Затоа ги одредуваме како внатрешни фактори.
Меѓутоа, тие се разликуваат од непроменливиот втор фактор во секој аспект, додека третиот фактор се менува и во квалитет и во квантитет. Тој трет фактор, надворешните работи, може делумно да влијае на развојот. Не влијае на суштината. Само влијае на квалитетот; дали ќе се развие на добар или лош начин според работите што го опкружуваат, кои влијаат врз развојната програма. Со други зборови, можете да направите експеримент во кој ставате две семки во почвата: една во подрачје каде нема доволно сонце и доволно вода, и друга која има првокласни услови – изобилство на сонце, вода, добра температура, добра почва – и што ќе видите, пак истото растение расте, пак ќе биде пченица, но ќе биде добра или лоша пченица, или пак ќе има многу или малку изданки. Тоа е третиот фактор. (Тони црта)
Надворешните сили, или страните сили кои се спојуваат со суштината и нејзината програма. (Внатрешната причина и последица кои се менуваат како резултат на допир со страни сили). И така, можеме да ги имаме тие сили на времето и сонцето и минералите, итн. А тие пак се насочени кон програмата. Тоа влијае колку програмата ќе влијае врз основата. Тоа е три. Тоа е надвор од душата. Се чувствува како страна сила, нешто против нашата волја, но ние не можеме да одредиме кои ќе бидат силите кои ќе делуваат врз оваа програма. Одредени сили ја подобруваат програмата; други немаат никакво влијание врз неа. Со други зборови, ние немаме никаква директна контрола ни врз овој трет фактор.
Четвртиот фактор: Однесувањето на причината и последиците преку страни фактори кои делуваат врз него однадвор. Тоа значи дека тие немаат директна врска со пченицата, како минералите, дождот или сонцето, туку со факторите што и се страни, како блиските растенија, или надворешни настани како град, дожд итн.
И ќе видите дека четирите фактори се спојуваат врз пченицата во текот на нејзиниот раст. И секоја одредена ситуација на која во тој момент е подложна пченицата станува условена од тие четири.
Квалитетот и квантитетот на секоја состојба тие го одредуваат. А како што прикажавме во пченицата, такво е правилото во секоја појава во светот, дури и кај мислите и идеите. Целиот синџир на преобразба при достигнувањето на слободата е наменет да се случи од страна на мислата за созданието во текот на еден живот, и тоа се вика „крајот на корекцијата." А додека тоа не дојде, ние продолжуваме со својот развој, враќајќи се на она што го викаме физичко искуство. Тоа е сè предодредено за нас. Има само едно нешто што можеме да го смениме во целиот овој систем, а тоа е брзината на развојот, за да може да се постигне во еден живот.
(Тони црта) Овој четврти фактор е единственото нешто врз кое имаме влијание. Тоа значи, целиот систем на предодреден (причината и ефектот на страните сили кои делуваат врз него однадвор) развој го спроведува местото, околината во која се одвива. Така човек може да има многу негативни или слаби прв и втор фактор, па сепак, ако ги стави тие фактори и овој систем на развој и неговата суштина во правата средина, квалитетот на развојот може да се подобри и неговата брзина драстично да се зголеми. Тоа е едно мало подрачје на слободата. Малечко е ама неговиот ефект е огромен. И што е тоа што го развиваат овие четири фактори на човечкото ниво? Само намерата, мислата. Како можеме да бидеме одговорни за нешта кои не можеме да ги контролираме? Нашите првични мисли и дела не се под наша контрола; само нашата способност да избереме опкружување.
Кога тоа станува важно? Во моментот кога точката во срцето ќе се јави во душата на човек. Тогаш, Создателот ја зема таа личност и ја става во околина која ќе им овозможи на сите тие фактори во душата да се развијат до совршенство. А таа околина мора да биде околина на човечкото ниво. Тоа значи, мора да биде составена од мисла и намера.
Значи, правилната околина, единственото нешто врз кое човек може да влијае со избор, е да се изберат правите мисли, т.е. точната мапа на стварноста и курсот накај нејзино исполнување. Вистинските книги. На човек му треба вистинската група пријатели; такви што ја имаат баш истата желба да го завршат својот развој во еден живот, според вистинските мисли, и водич кој ќе им го даде точниот метод кој ќе ги спроведе низ тоа. Кога ќе се јави точката во срцето, Создателот го става човека во таква околина, составена од такви сили и фактори кои на душата и овозможуваат да ја заврши својата трансформација за еден живот.
Придружете ни се пак кога ќе навлеземе подлабоко во точните книги и точниот метод. Ќе се видиме тогаш.
< Пред | Следно > |
---|