31.08.2011
Пред сè, треба да ја разбереме ситуацијата во која се наоѓаме. Од науката кабала знаеме дека некои дејствија се остваруваат одозгора, а други треба да произлезат од долу, од страна на битијата, инаку нема да бидат битија. Не е можно да се роди бебе и кон него да се однесуваме исто како кога тоа било во мајчината утроба. Тоа излегло надвор за да станува сè посамостојно, да се искажува себеси, своите дејствија, желби, својства, да се открие себеси како човек. Истото се случува и во духовниот развој. При распространувањето на духовните светови дејствијата се остваруваат одозгора и сите тие, вклучувајќи го и кршењето на садовите, се насочени битието долу од темнината, од подготвителните етапи кои се спротивни на совршенството, да ги проверува и споредува своите состојби со совршените состојби и да прави слободен избор.
Ние треба да објасниме што е тоа слободен избор, каква е таа ситуација, во кои случаи битието врши анализа и го претпочита совршенството на својот егоизам. Тоа се многу сложени работи кои се поврзани со разни појави, пресеци, детали од перцепцијата, координатни оски итн. Меѓутоа, во целина, постојат два приода. Првиот се остварува одозгора, за да подготви сè што е потребно за човекот: духовни светови и парцуфим, а исто така и овој свет со сè што постои на него.
Вториот приод се остварува од долу, кога човекот при неговиот развој го поттурнуваат напред додека, во текот на илјадници години на еволуција и развој, во смисла на социјално суштество, не дојде до точката на пресврт, која во кабалата е означена 1995 година. Оваа дата, како граница на етапите е знак дека човекот веќе треба да почне да сфаќа каде се наоѓа и што се бара од него, затоа што неговата реалност не е случајна и тој не е господар во неа, туку постои систем со кој треба да се усогласи и затоа треба да го проучи, да го спознае.
Процесот кој се остварува одозгора, траел илјадници години развој, вклучувајќи го и прогонот на еврејскиот народ и неговото враќање во земјата на Израел. Овие настани и воопшто сè што се случувало до скоро биле само подготовка за која ние дури и не зборуваме. Нашата задача е отсега па понатаму да земеме учество во она што се случува: да го издигнеме МАН, односно барањето за поправање или, со други зборови, да ја издигнеме сфирата Даат кон повисоко итн. Така, одозгора се поставени одредени услови, а ние од наша страна треба само да дејствуваме за правилна желба за развој, да бараме сили, анализа, учење – сè, затоа што ние немаме што да издигнеме нагоре освен барањето, меѓутоа и тоа треба да се однесува на давање. Знакот за тоа е насоката кон единство со ближниот. Во тој случај не дозволувам грешки и навистина се насочувам себеси кон давање.
Мене ми е даден „овој свет" – надворешната, привидна слика. Но, освен неа, ништо друго и не ми треба. Ако со помош на мојата измислена реалност јас можам да го фатам правилниот курс кон вистинскиот свет, кој се наоѓа на другата страна од оваа илузија, уште подобро. Нека се расчисти маглата и потоа – најважното, веќе сега, пробивајќи се низ неа, јас се држам до правилната насока кон целта.
Да ја откриеме Шехина меѓу нас
Зохар ни ја открива Шехина – врската меѓу нас, во секакви форми и видови, на различни јазици, опишувајќи разни ситуации. Ако сакаме да се поистоветиме себеси со она што го читаме, дури и ако не разбираме за што станува збор, тоа значи дека сакаме да го спознаеме ученото, да се стремиме да бидеме во мрежата која ги поврзува душите, која ја открива Зохар, во собирот на душите кои се стремат кон Создателот, во светата Шехина. Под „Света" се подразбира дека таа мрежа дејствува во меѓусебно давање, меѓусебна гаранција.
Тогаш, читајќи го Зохар и посакувајќи да ги откриеме овие појави на Шехина меѓу нас, ние кон себе привлекуваме Светлина која се враќа кон Изворот, кон Создателот, од оние состојби кои се скриени од нас во зборовите на Зохар, затоа што сакаме да се приближиме кон таа мрежа од правилна врска меѓу сите.
Да се нурнеме во народот
Прашање: Денешниот бран од социјални барања во Израел опаѓа. Луѓето се враќаат во секојдневниот живот, во секојдневните грижи. Атмосферата на единство се заборава. Што беше користа од ваквиот протест?
Атмосферата на единство воопшто не се виде, не се појави. Самохрана мајка вика дека нема пари, друг нема живеалиште, трет плата, четврт слобода итн. Сите викаат, но што понатаму? Секој вика егоистички, секој сака да се исполни неговата желба, а за останатите не се интересира. Тие викаат заедно само затоа што со тоа се врши поголем притисок врз владата која за нив претставува извор на финансиски средства и други бенефиции. „Народот бара!" Само што под ова барање секој подразбира нешто за себе. Така, се разбира, ништо нема да постигнеме.
Барањето треба да биде во правилна форма. Тоа значи дека се поставуваш себеси во согласност со Вишиот систем, со давањето. Со термини на науката кабала, ЗОН го издигаат своето барање до повисокиот родителски парцуф и затоа тие, пред сè, треба да бидат соединети меѓу себе. Со други зборови, нас треба да нè обединува поврзувачки систем, изграден на принципот на заемна гаранција. Ние немаме друг избор и прва работа што треба да направиме е да посакаме меѓусебно обединување. Нека сме и неспособни за тоа, но сепак да го бараме, да молиме за тоа. Но, од кого да бараме? Зарем треба за тоа да викаме по владата? Како таа ќе ни помогне?
Ако знам дека сите мои проблеми доаѓаат од Вишиот кој намерно нè ставил мене и целиот свет во сегашната ситуација, тогаш јас треба само да посакам да се обединам. Затоа што целата моја криза, сите мои проблеми се предизвикани затоа што не сум во согласност со Вишиот систем. Нам ни се открива мрежата на Шхина, во која сите ние сме соединети во една целина, меѓутоа човештвото не е обединето во своето сознание, во своето сфаќање, во својата желба. Ние не сакаме обединување, ние сакаме да се искористиме еден со друг, истовремено кога ни се појавува системот во кој сме предани еден на друг и дејствуваме заедно. Пред нас се појавува системот на гаранција, а ние сме спротивни на него. Како да се убедам себеси дека треба да бидам во согласност со Вишиот систем, да изградам врска со другите и да почнам да живеам во гаранција? Од ова треба да се состои моето барање.
Еве, излегува дека демонстрантите воопшто не барале работа. Тие мислеле дека парите или некакви промени ќе им ги решат проблемите. Иако нивните барања не беа правилни и упатени во таа насока, сепак „капка по капка – езеро станува". Луѓето излегоа на улиците и почувствуваа дека им е убаво заедно, па нека биде тоа и во мака. Заедно со разочарувањето им остана пријатен впечаток и понатаму тие засладени разочарувања ќе ги доведат до осознавање на злото. Ќе сфатат од која причина се случува сè, зошто се губи надежта, зошто нивните напори не довеле до ништо, иако тие би можеле да го продолжат протестот и да ја „срушат" владата – не со сила, туку со оправдани барања.
Луѓето ќе се прашаат: „Што се случи? Зошто одеднаш отстапивме?" Тогаш ќе откријат дека намерно им се прават подеми и падови, за да ја откријат вистинската желба, вистинскиот приод, за да ја осознаат ситуацијата, затоа што личното и заедничкото се еднакви и затоа тие ги поминуваат истите етапи како и секој од нас.
Прашање: Што треба да направиме сега, за да го забрзаме овој процес?
Треба сè повеќе да се утврдуваме во водењето на настаните. Ова не значи дека треба некого да контролираме или да командуваме со нешто. Се разбира не. Да се води значи во нашата средина да се поправаме себеси сè повеќе и повеќе, забрзувајќи ги и одржувајќи ги вистинските намери. Овде е важно да се исполнуваме со желбите на луѓето и затоа јас сакам да се „нурнете" во народот, за да бидете заедно со него кога тој ќе почне да го остварува широкиот, повеќеслоен карактер.
Кажано е: „Во својот народ јас живеам". Ние треба да ги добиваме желбите од народот, да ги обработуваме и да ги издигаме нагоре, да бидеме глава на заедничкиот парцуф. Не е можно да се научи народот на правилниот подем на МАН, барање за поправање. Меѓутоа, тие само малку треба да знаат за тековниот процес и да ја сфатат важноста од меѓусебна гаранција, затоа што само со обединување, со таа смисла и во едноставна, „народна" форма, ќе постигнеме успех.
Работата не е во соговорникот, туку во приодот
Прашање: Вчера учествувавме во расправа на тркалезна маса и се судривме со луѓето со крајно леви убедувања, чии што надежи се граничат со коалиција со арапскиот свет. Тие се спремни да ги уништат сите, само да го постигнат посакуваното. Што можеме да им кажеме на нив?
Не е важно каква желба има човек. Треба да му се покаже дека произволните методи не водат до успех, затоа што станува збор за законите на природата. Јас сум зборувал со најразлични луѓе и некои од нив биле поставени многу поантагонистички од левичарите. Но, јас на никого не се противам. Сум имал соговорници кои биле антисемити и кои отворено зборувале дека ако се уништат сите евреи, светот ќе стане подобар. За нив тоа е решение на сите проблеми и тие го докажуваат тоа буквално со бројки во рацете. Но и без оглед на тоа, јас можам да разговарам со таквите луѓе. Во прв ред ја гледам желбата на човекот – што сака да постигне на крај. Средствата се посебна тема, со средствата сите ние грешиме, но резултатот за сите се определува со еден збор – корист. Така што, да се замислиме како да стигнеме до неа.
Да се постигне корист е можно само ако си во рамнотежа со Природата. Не е важно што мислиш за себе – постојат закони: закон на гравитација, закони на електростатички и магнетни полиња, закони на микросветот и макросветот. Придржувајќи се до нив, ќе бидеш во хармонија и совршенство. Така што, да погледнеме кои закони на Природата ни се откриваат денес. Оттука ќе видиме што всушност треба да правиме. Затоа ми е сеедно со кого ќе одржувам расправа. Ние разговараме како научници кои ги изучуваат законите и кои бараат можности за усогласување со нив. Ако човекот, како бебе, ги затвора ушите и не сака да слуша, тоа е друга работа. За него ќе се погрижи самата Природа. После редица несреќи тој секако ќе почне да слуша, затоа што и тој претставува желба за наслада, со сите последици кои произлегуваат оттаму.
Меѓутоа, како по правило, здравиот, научниот приод прави ефект врз моите соговорници, дури и врз анти-семитите и тие се менуваат. Работата не е во мене самиот, туку недостига правилен аспект, правилен приод кон темата на расправа, каква и да е таа. Тоа е чисто научен приод: „Учи од Природата. Јас немам ништо со тоа – таква е Природата и нема што да се прави. Погледни и проучувај ја самиот". Со оние кои креваат врева и кои се жедни да заработат конкретни добивки нема што да се прави. Тоа се разните политичари. Меѓутоа, ако човек може барем малку да ги подотвори очите и да погледне на реалноста околу него, ќе види дека не може да се кара со Природата. Тогаш ќе се согласи со фактите. Ние и самите се согласуваме само до одредена мера, бидејќи нашиот егоизам не дозволува повеќе, така што остави му ја на човекот таа можност, но почни да работиш со него. Благодарение на таквиот контакт луѓето се среќаваат со нашите материјали, почнуваат да ги проучуваат, нека биде некогаш тоа и за конфронтација – и тоа веќе е прекрасно. А ние, од наша страна треба да ги проучуваме нив за да изнаоѓаме пристапи и места за средба.
Така и во духовното две крајности сепак се поврзуваат со помош на нешто во заемно дејствување еден на друг. Оваа сврзувачка алка се нарекува „клипат нога". Таа е како ничија територија, неутрална позиција, во која што наоѓаме нешто заедничко дури и со заколнатите непријатели. Да се пронајде таа алка навистина е можно. На пример, ако се вратам на левичарите, ние сепак живееме во една земја, припаѓаме на една нација, се занимаваме со заеднички проблеми, поврзани сме со заедничка професионална активност... Доволно е за почеток – и работата ќе тргне. Затоа луѓето започнуваат разговор на заедничка трпеза – таму нашите желби се совпаѓаат, што значи дека почетокот е поставен и за тоа време мислењето на ближниот постепено протекува меѓу нас. Така што, треба да се водат расправи, само ние мора да знаеме како да се поставиме спрема луѓето, како да им даваме објаснувања.
Ако пак, некој зборува гласно, не ти дава да дојдеш до збор, почекај додека да заврши и дај му ја нашата брошура. Во секој случај, ние сме направиле важен чекор – сме излегле надвор и сме им покажале на сите дека имаме цврста платформа, дека сме силни. Со тоа се создава првиот контакт – ги тераме луѓето да се запознаат со нашата порака и таа по малку почнува да се шири кон сите. Денес треба да продолжиме со започнатото во форми кои се соодветни на сегашниот момент. До сега, сè се успокојува до следниот пукот, а ние мора да се прилагодиме на околностите.
Благословено поле
Во "Тора" цело време се споменува полето. Поле се нарекува Малхут, Шехина – врската меѓу нас, како што е кажано: „Поле благословено од Создателот". Кога се открива врската меѓу нас, човекот почнува да чувствува будење и да ја бара смислата на животот. Тоа се нарекува „талкање во поле", затоа што тој чувствува дека е во заблуда и не знае што да прави со самиот себе и со ова поле кое се открило наеднаш пред него. Тој прашува: што е животот и зошто ни е даден? Чувствува пред себе некаков непознат простор. Денес тоа поле им се открива на многу луѓе. Постепено се открива врската меѓу нас, градбата на Шехина, заедничката душа. Затоа некои паѓаат во депресија, не сфаќајќи зошто живеат, примаат наркотици, се разведуваат – луѓето не знаат што да прават со својот живот. А за сè причина е врската која се открива меѓу нас, ова поле, Малхут.
Оној кој има посилна врска со тоа поле, појасно ја чувстува насоката и почнува насочено да бара. Во зависност од светлината која човекот ја добива од Малхут, од градбата на Шехина, тој може да се чувствува себеси во полето на вечен и совршен живот или обратно, во темнина. Тоа е како мрежа која управува со сите нас и со целиот универзум во кој се наоѓаме. Сè зависи од тоа, како човек го прима тоа дејствие – како благослов или како проклетство.
Чувствувајќи дека пред него е „полето кое е благословено од Создателот", човекот мисли дека сè што се случува, се случува благодарение на неговата врска со тоа поле. Во тоа поле дејствува Светлината и му ја осветлува и открива на човекот таа нова градба, мрежа, во која тој се наоѓа. Ако човекот го прима тоа како благослов, односно сфаќа дека Создателот ја благословува таквата врска, приклучувањето во тоа сврзувачко поле, тој почнува да сфаќа како да работи со својот егоизам, со своите својства. Најважно е посилно да се соедини со останатите и да не се прецрта самиот себеси, туку напротив, „да ги преврти" своите својства и да ги искористи за да ги издигне сите останати, да ги пробуди, да ги поттурне напред кон меѓусебната врска, кон возвишување. Од страна на Природата ни се открива Вишата Сила, Шехина, полето, а сега ние, од наша страна треба да го поддржиме ова откривање, да вложиме свои напори да се открие оваа врска благодарение на нас самите.
Во тоа е разликата меѓу „патот на страдањата" што ни се открива во природен лик и „патот на Светлината", кога ние самите ќе предизвикаме откривање на тоа поле. Ова поле нè поврзува сите нас, сите делови од реалноста, сите светови, вклучувајќи сè внатре во себе. Ако се открие само по себе, нам ќе ни донесе страдања – и лични и заеднички, ќе се створат секакви кризи, војни, проблеми. Затоа ние треба „сами да ја разбудиме зората", односно да побараме откривање на тоа поле и тогаш тоа навистина ќе стане благословено одозгора.
Талкачите во барање на браќата
Во секоја нова состојба ние се чувствуваме изгубени, како коњ кој заталкал во полето. А човекот, кој се пробудил внатре во изгубеното животно, излегува и наоѓа каде е неговото место – правилниот однос кон полето кое нè поврзува сите нас. Тој бара ново сфаќање, определба, "Тора", односно „инструкција", како побргу и поправилно од своја страна може да влијае сите да се вклучат во тоа поле. Тој се грижи за да ги спаси другите души и сака да им објасни како секој од нив да вложи напор за да го открие своето место во тоа поле. Баал ХаСулам во статијата „Градење на општеството на иднината" раскажува дека ние сме како група луѓе кои заталкале во пустина и нашле оаза, кога ја наоѓаме посебната книга инструкции, со чија помош можеме да се спасиме. Тогаш почнуваме да ги повикуваме своите браќа, за да дојдат и тие, затоа што ние имаме големо богатство кое ќе ни помогне да успееме во животот и да не страдаме повеќе. Затоа почнуваме да свириме, повикувајќи ги и останатите кај себе.
Ако човек дејстува на тој начин, тој врши позитивно влијание на целиот систем и се удостојува со благослови. Ние мораме да го проучиме полето кое денес се открива пред нас, светата Шехина – врската меѓу сите нас и целиот наш свет, целиот универзум. Откривањето на оваа врска од страна на самата Природа ние ја чувствуваме како светска криза, опасност, неуспех, затоа што ние самите не одговараме на ова откривање на врската. Но, во моменот кога ќе бидеме во согласност со оваа врска, ќе се удостоиме со откривање на Вишата Сила која го исполнува и активира тоа поле. Ова сврзувачко поле е преодна алка меѓу нас и Вишата Сила.
Без оваа мрежа нема да можеме да ја откриеме – Создателот ни се открива преку овој систем на наши врски. Така доаѓаме до тоа, дека преку ова поле, кое е благословено од Создателот, ќе Го откриеме Него – „ќе дојдеме и ќе видиме" (што означува Bо-ре), во правилна врска која се открива меѓу сите делови на битието.
Опасни патокази на историјата
Прашање: Како да го убедиме своето его за правилноста на патот без оглед што тоа не добива исполнување од соединувањето со другите?
Исполнувањето од соединувањето ние треба да го откриеме, затоа што тоа се наоѓа во врската меѓу нас, но се открива во стремежот на секој човек кон давање на другите, а не во примањето. А ако се подготвуваш за соединување со другите, посакувајќи да ја искористиш таа заедничка врска за своја корист, ќе добиеш темнина и удар. Сега тоа сè повеќе ќе се открива јавно на сите и најважно – на државите. Секоја држава, секој народ, секоја егоистичка сила која дејствува внатре во мрежата која нè поврзува и која сè повеќе ни се открива, ќе се пронајде себеси како да губи повеќе од сите. И нема да знае како и зошто, сè додека не добие инструкција за поправање. Затоа оваа состојба е опасна, затоа што државите може да дојдат до судири и војни. Сега гледаме во целиот свет како земјите, дури и не криејќи се, отворено дејствуваат една против друга, секоја се обидува да се спаси само себеси – Америка против Европската Унија, против Кина, а тие обратно и така натаму.
Овие тенденции се вонредно опасни, затоа што наместо да се обединуваат, правилно да се приклучат во заедничката мрежа, овие големи, силни конгломерати дејствуваат спротивно. Затоа, се разбира, кризата кај нив ќе дојде во секакви форми – во вид на удари од страна на природата, економијата или други катаклизми. Тоа уште ќе се случува. Но, ако веќе се открила мрежата на поврзаност меѓу нас, ние треба малку да забрзаме и да му ја предадеме методиката на кабалата на светот. Ваква иста сосотојба до одреден степен, се откривала на секоја етапа од нашата историја, да кажеме, при излезот од Египет. Зошто се појавила потребата за заминување оттаму бргу и во истиот момент?
Почнала да се открива таа сврзувачка мрежа и тогаш се истуриле десет удари. Сето тоа зависи од големото откривање или сокривање на врската меѓу нас – Шехина која се открива повеќе или помалку. Такви состојби ние сме поминале многу пати во нашата историја. Затоа сме спремни за таканареченото целосно ослободување – да ја откриеме таа мрежа и да се вклучиме во неа на правилен начин.
Од утринаската лекција - 31.08.2011 Следете на Каб Тв