Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Интервју ! Што е кабала и како се учи !


http://www.intervjua.com.mk/mk/zapis.asp?id=1170
Дамир Мариниќ е професор по психологија на универзитетот во Осијек, и еден од најдобрите познавачи на кабалата во нашиот регион. Во саботата тој престојуваше во Скопје и за да ја објасни малку повеќе суштината на ова учење...КАБАЛАТА НИ ОВОЗМОЖУВА ДА СТИГНЕМЕ ДО БЕЗУСЛОВНАТА ЉУБОВ

Што е кабала? Како накратко би му ја опишале некому, кој првпат се сретнува со неа?

Кабалата е метода, мудрост или дури наука, која му овозможува на човекот јасно и недвосмислено разбирање и чувствување на нешто што го нарекуваме повисока стварност, односно причинска сила на нашата вселена. Јасно и недвосмислено значи дека кабалата ни дава можност за толку јасна перцепција на се', што потоа не останува никакво прашање. Тоа не е ништо друго, туку причинска точка, односно точката од која произлегуваат сите мои мисли, сите мои желби, целата перцепција на оваа реалност. Она што го нуди кабалата е контакт со таа точка, да видам од каде потекнува мојот живот или било чиј живот. Кога човекот се наоѓа во ситуација кога веќе не го гледа своето исполнување во овој свет, кога не гледа дека ништо од она што е понудено му ја овозможува вистинската смисла на животот, туку ќе почувствува дека мора да постои нешто повеќе, дека оваа стварност не е исполнета, дека има уште некоја сфера..., тоа е почетокот на потрагата. Методите на кабалата ни овозможуваат да ја откриеме таа скриена стварност.

Дали е можно да се открие смислата на животот и дали секој може да дојде до тоа?

Да, можно е. За тоа секој човек треба, пред се', да ја има желбата, односно чувството дека е нешто сокриено од него. Всушност, тоа е вистинското внатрешно прашање за смислата на животот. Секој од нас ја има смислата на животот, и таа е многу специфична, а одредена е со глобалниот систем на човештвото. Имено, сите ние седум милијарди луѓе на планетата живееме како еден организам, иако често не сме свесни за тоа. Секој од нас има многу специфично место во тој организам, и кога човекот ќе го пронајде тоа многу специфично место, всушност тогаш ја пронашол смислата на животот, својата цел во тој голем систем.

Успеал ли некој да го постигне тоа?

Да, има такви луѓе, како низ историјата, така и денес. Некои тоа го постигнале делумно, други во целост, некои од овие кои комплетно се вклопиле во системот ги знаме од Библијата, на пример Мојсеј. Исто така, сите големи кабалисти низ историјата.

Ако се обидеме да го квантифицираме тоа, колкав процент влегуваат во таа група?

Па, прилично мал, доколку ги извадиме од целото човештво. Тоа е како пирамида. Оние што се на најниското ниво, кои се задоволуваат само со базичните нешта: храна, секс, семејство и дом, ги има најмногу. Луѓето кои тежнеат кон знаењето, се во значително помал број. Тие, пак, што се насочени кон уметничките вредности ги има уште помалку, и така се стеснува кругот како што одиме кон врвот на пирамидата. Таму се оние кои ја чувствуваат скриеноста на таа виша сила, и нив ги има најмалку. Но, всушност, се сосема доволно. Ние не сметаме дека целиот свет треба да ја студира кабалата, туку само тој што навистина сака, и кој го има чувството дека е нешто скриено од него. Таа желба ја нарекуваме Точка во срцето. За тие луѓе е наменета кабалата.

Како вие ја дефинирате љубовта и дали постојат разнични видови љубов: кон деца, родители, партнер, татковина, Бог...

Од аспект на кабалата, љубовта е една и единствена, а разните љубови кои ние ги имаме на ова ниво на перцепција, не се вистинска љубов. Тоа се, или инстинктивни семејни врски, каде родителите и децата заради самата биолошка природа имаат таков став едни кон други, или во случајот на другите љубови се работи за егоистична калкулација - ги сакаме оние луѓе со кои ни е добро и во чие присуство се чувствуваме убаво или безбедно. Вистинската љубов е дефинирана во познатата реченица „Сакај го ближниот како што се сакаш себеси", односно кога јас другото човечко суштество го доживувам како себе. Тоа значи дека се грижам за неговите желби и потреби како да се мои, во потполно иста мерка. Тогаш меѓу нас ќе ги почувствувам оние феномени за кои зборува кабалата, токму заради таа љубов.

Може ли човекот да не биде егоист?

Не може (се смее). Сите сме егоисти. Од една страна тоа е добро. Според кабалата постојат две сили во универзумот: причинската, која ја нарекуваме волја за давање, и таа константно дава живот. И втората, волја за примање, а тоа се суштествата, тоа сме ние. Сакале или не, ние мора да примиме. Наше е да примаме. Од таму доаѓа и името на оваа метода - кабала на хебрејски значи примање. Ние учиме како да се примат тие влијанија кои ни доаѓаат од природата. Со самото тоа што сме приматели, ние нужно имаме его. Тоа е оној дел од нас, кој сака да биде посебен, поинаков и подобар од другите. Тоа е почеток на откривање на егото. Подоцна, низ методите на кабалата, човекот открива дека тука има многу подлабоко нешто.

Каква е човековата природа, да биде повеќе добар или повеќе лош?

Човековата природа, самата за себе, не е ни добра ни лоша, таа е едноставно - таква. Кабалата гледа на феномените на овој свет како нешто што се случува, а бидејќи се случило е совршено перфектно со конкретните услови, и не може да биде подобро, па макар и да станува збор за несреќи, воени конфликти или други лоши нешта. Тие се лоши во нашата перцепција, во системот што сме го изградиле за себе. Меѓутоа, кога човек ќе навлезе во причинската сфера, гледа дека и тие гадни работи, исто како и добрите, произлегуваат од истата точка и имаат своја цел. А, со самото тоа што имаат цел, која е да се доведе не само човештвото, туку и целиот униеверзум во состојба на меѓусебна хармонија и интегрираност, сите работи се всушност добри, иако ни се чинат лоши.

Дали е Мадона вистински кабалист?

Не. Нејзиното присуство е низ една метода, која наликува на кабала, ја нарекуваат така и потекнува од мисли на големите кабалисти, конкретно на Јехуда Ашлаг, најголемиот кабалист на 20. век, но кога внимателно ќе ја погледнете самата метода, таа не е кабала. Кабалата не се занимава со тоа како некој ќе стане пославен, поубав, поздрав, побогат... Таа служи исклучиво за откривање на духовната сфера и ништо повеќе од тоа. Исто така, според кабалата, ниту еден физички предмет нема светост. Црвените врвки околу зглобот на раката или светата водичка, не потекнуваат од вистинската кабала. Тука влегува и фактот дека тие нешта се продаваат. Во кабалата нема заработувачка. Сите наши материјали се бесплатни. Дури и книгите, кои заради издавачки причини мора да имаат некаква цена, секој може да ги симне бесплатно од интернет во ПДФ формат.

Оди ли денешниот свет во погрешна насока?

Светот секогаш оди во вистинската насока, но постојат два патеки кон саканата цел. Ние неминовно одиме кон целта, која ни е поставена од природата - да станеме интергриран, глобален, меѓуповрзан, совршен систем. Меѓутоа, како што реков, постојат две патеки за да се стигне до таму. Едната се вика патека на страдањето, која ние ја нарекуваме еволуција, значи дека додека ми е пријатно на едно место, јас ќе стојам на него, односно додека страдањето не ме натера да тргнам понатаму. Човековата цивилизација е во голема мерка мотивирана од тоа. Секогаш кога човекот ќе почувствувал недостиг од нешто, го измислувал или го развивал тоа. Постои и друга патека, многу подобра и помирна. Преку неа свесно се обидуваме да ги емулираме тие природни закони на човечко ниво, односно да ја имитираме природата во нашите меѓучовечки односи. Тогаш, оваа сила која не' турка напред преку страдање, странува се' поблага и поблага, додека не исчезне. Нешто слично како принципот на морков и стап. Ако ние го изградиме морковот, како патека до совршениот систем, многу попријатно ќе ни биде патувањето до него, и ќе нема потреба да добиваме удари од стапот.

Дали е за луѓето поважно да размислуваат локално или глобално?

Пред се' е важно човек во својата околина да направи средина која му одговара. Но, секогаш треба да се има во вид и глобалното. Ако ја земеме за пример Македонија. Иако е овде националното единство многу силно, мора да се има на ум и остатокот од планетата. Ни една нација, ни еден поединец, не се се осамени острови во тој систем, и ако сака да напредува треба да се има во вид целиот организам, кој го споменав и пред малку.

Колку е кабалата позната на Балканот?

Се' повеќе во последно време. Ние се обидуваме веќе неколку години да ги препознаеме и пронајдеме луѓето со Точка во срцето, но лани и оваа година, како да доаѓа до будење на Балканот. Во Македонија има повеќе од 800 заинтересирани за кабалата, за кои знаеме дека ја посетуваат веб страницата редовно и ги читаат материјалите. Од тие 800, во Скопје се околу 500. Претходно таа бројка беше многу мала - 15, 17, 20... Во Словенија до неодамна немавме ни еден член, а сега постои голем интерес. Слично е во Хрватска, Србија, Босна... На целиот поранешен југословенски простор имаме околу 400 луѓе кои активно ја проучуваат кабалата, односно ја студираат, а во светот таа бројка е 2,5 милиони.

Како е организирано студирањето?

Студиите се он-лајн, односно предавањата одат преку интернет. Предавачот е на монитор, и постои целосна интерактивост, односно преку чат може секој да праша што го интересира и да добие одговор во тек на часот. Моментно тоа го имаме на хрватски јазик, а лекциите одат од Осијек. Македонската страница е, исто така мошне богата, со изобилство видео предавања, преведени на македонски, преку кои може да се запознаат заинтересираните со нашите методи.

Може ли за крај, да се каже нешто поконкретно за тие методи?
Секако, иако е полесно да се објасни што не се методи на кабалата. Таа не бара никаква физичка работа, медитација, ритуали, обреди... Ние јадеме се', пиеме се', живееме нормален живот, не се изолираме од околината, вклучени сме во општеството, основаме семејства, вработени сме... Кабалата тоа и го бара од нас, бидејќи без овие работи, човек тешко дека ќе може да ги почувствува духовните феномени. Целата методологија е работа врз своите желби и врз намерите, што ги имаме кон другите луѓе. Кабалистичките методи се делат на работа во група, кои служат како лабораторија каде можам да ги почувствувам феномените за кои зборува кабалата. Од друга страна, тоа е внатрешна работа. Нашата основна алатка во учењето се кабалитичките списи. Но, тие не се класични книги од кои се учи нешто. На пример, Зохарот. Зохар е книга која навистина ги отвора перцепциите, но кога ќе ја видите првпат имате впечаток дека таа нема многу смисол. Тоа е збирка од некакви бајки или од малку пореални приказни и од некакви чудни калкулации. Тоа е специфичниот јазик на кабалата, која се нарекува јазик на корени и гранки, и кој ја содржи духовната информација. Кога ние студираме, секогаш мора да биде текстот пред нас, зашто тој ни е референтна точка во однос на која се набљудува светот. Во таа комуникација меѓу мене и текстот, јас почнувам да го чувствувам феноменот, со тоа што имам ментален и емотивен став, да дозволам текстот да влијае врз мене и да ги следам своите реакции. Тоа е почетокот. Подоцна се развива поопсежната потрага по она кон кое тежнеам како личност. Мислам дека вреди да се обидеме.

Миодраг Мишолиќ 

Линк до страната на Интервјуа

http://www.intervjua.com.mk/mk/zapis.asp?id=1170

СЕКОЈА НЕДЕЛА ЦЕНТАРОТ ЗА ИЗУЧУВАЊЕ КАБАЛА ИМА ОТВОРЕНА ВРАТА ЗА ЗАИНТЕРЕСИРАНИТЕ ! ОД 14 -18Ч. ПОВЕЛЕТЕ Во просториите на ул.Македонија бр.7 над Герадико (поранешен Путник) влезот е позади бр2 спрат 3 (над ТА Бадем) 

http://maps.google.com/maps/ms?ie=UTF8&hl=en&oe=UTF8&msa=0&msid=206577397557083393925.0004b0ac01d20241570a1

 

 

Достигнување на Вишите Светови

 
 
so matica