Од Конгресот во Рим 21.05.2011
Прашање: Денес, кога во светот се зголемува кризата и сè почесто се случуваат стихијни несреќи и војни, како да се однесуваме кон луѓето кои настрадале? Бидејќи се чувствува болка гледајќи ги страдањата без можност да помогнеш
Одговор: Кризата не се движи само во една насока. Таа не е само земјотрес и цунами во Јапонија, поплави и тајфун во Америка, пожари во Русија или државни преврати на Блискиот Исток. Тоа се сепак локални појави и затоа се вознемируваме кога слушаме за нив, но сепак не ги земаме многу при срце.
Нашата егоистичка природа не ни дозволува подлабоко да сочувствуваме. Но, ако јас стравувам дека тоа цунами ќе дојде до мене, тоа е веќе сосема друга работа. Но оваа криза е повеќеслојна. Додека се појавува преку одделни катастрофи ту ваму, ту таму, всушност таа се подготвува да го потресе светот во основа, во општа и глобална форма. Токму затоа луѓето кои сфаќаат што се случува, се плашат.
Тоа ќе биде глобална економска криза. Кога економските врски ќе пропаднат во услови на целосна економска зависност на еден од друг, тоа ќе биде огромен проблем. Тоа за кратко ќе удри по сите и тогаш луѓето ќе го губат умот, не знајќи што да прават. Да се надеваме дека ќе успееме навреме да извршиме позитивно влијание врз светот и да го спречиме таквиот развој на настаните.
Не треба да се мисли дека за влијание врз светот мораме да излегуваме во средствата за масовна комуникација и да ги привлечеме на својата страна светските владетели – ние дејствуваме во внатрешна форма. Ние сме поврзани со внатрешните сили на светот, со глобалната и интегралната сила која дејствува внатре во него.
Ако ѝ одговараме на таа сила и одиме заедно, значи ние дејствуваме според природните закони. Во тој систем ја внесуваме силата на единството, на љубовта, од нас, делот од човештвото кој посакува соединување за добро меѓу луѓето.
Игра на мачка и глушец со егоизмот
Прашање: Кабалата ме научи сите удари да ги примам со насмевка. Дали ова е неправилно?
Одговор: Науката кабала му дава сила на човекот, после сите удари да почувствува, дека тие се со некаква причина. Така што, не е важно дали плачеш од ударите или се смееш, важно е дали ги користиш за да направиш чекор напред. Ударот треба да се восприма како сила која те тера да напредуваш.
Треба да се обидуваш и напреднеш од тоа, да знаеш како да го примиш ударот. Како во цртаните филмови за Том и Џери, каде големиот мачор го гони малото глувче. Цело време се покажува како глувчето бега од мачорот, кој само што не го фатил, но глувчето пак му бега.
Така и ние треба да трчаме кон целта додека проблемите цело време ни се до петите. Но, обиди се да ги избегнеш! И сфати дека благодарение токму на нив ние трчаме така бргу кон правилното место. Треба да бидеме како умното глувче.
Учење за да се види добрината
Прашање: Кабалата учи дека Создателот е добар и прави само добрина, но како да се поврзе тоа со животот кој е исполнет со секакви проблеми и болки?
Одговор: Создателот е добар и прави добрина, но до тоа треба да се дојде со достигнување на Неговите својства. Ако јас сум лошо, непослушно дете и не ја слушам мајка ми, тогаш таа првин ме кара, а потоа ме казнува. И јас велам дека мајка ми е лоша, како што зборува секое казнето дете. Нејзиното карање и удари биле со цел да ме натера да постапувам како што треба. Како тогаш да видам дека тоа што ми се случува е за мое добро, дури и ако, како детето, сметам дека тоа е лошо? Како да разберам дека таму, каде што се чувствувам лошо, треба да се исполнам себеси и својот однос кон природата, кон човештвото, кон групата – да го поправам своето его за да почувствувам добрина?
Оној кој се обидува да го направи ова колку што е можно побрзо и да го пронајде во себе тоа место кое треба да се поправи, започнува да гледа дека светот навистина е изграден со добрина и дека Создателот е добар. Во истото тоа место, каде што го откриваме тој свет, почнуваме да ги чувствуваме силите на природата кои се откриваат и кои опфаќаат сè наоколу и ги соединуваат сите делови од битието – неживиот, растителниот, животинскиот и човекот.
Одеднаш ќе видиме дека тоа не е овој свет, туку духовниот! Во него ќе почнеме да откриваме сè повеќе и повеќе сили, вечни сили кои управуваат со нашето постоење. И тогаш овој свет ќе ни изгледа дека исчезнува, станува проѕирен, разнишан. Бидејќи тој и сега е „виртуелен" и целиот се наоѓа во мојот мозок, а мене ми изгледа како да го гледам надвор. Така ја поправаме нашата перцепција.
Се случува сите проблеми и непријатности да се индикација на твојата непоправеност и да укажуваат директно на уништеното место, говорејќи: „Еве тука поправи! И овде!". И ако тоа брзо го направиш, несомнено дека ќе го поправиш несовршенството. Но, ако не знаеш каде да се обратиш, секогаш насочи се кон групата. Ако се поврзеш со нив, ако им го дадеш она што го бараат за ваше соединување и добиеш влијание од нив, никогаш нема да погрешиш.
До денес сме се развивале под меѓусебно дејство на две спротивни сили. Денес, кога судирот на тие сили станува опасен, наша задача е да го доведеме до меѓусебна хармонија.
Во менгеме помеѓу спротивностите
За тоа е потребно да направиме отпор меѓу нив, своевиден „резистор" (R), кој ќе стои меѓу плусот и минусот. Тогаш ќе добиеме „светилка" или „мотор" – поставувајќи отпор меѓу две спротивности, добиваме откривање кое во себе го чувствуваме како заедничка појава од плусот и минусот. Како да го направиме тој „отпор"?
За тоа треба правилно да ги употребиме двете сили – и позитивната и негативната како една целина. Еве зошто човекот е составен од две сили. Додека негативната сила, нашиот егоизам, не нè развила до крај, ние не сме можеле да пристапиме кон таа работа, не сме чувствувале конфликт, судир. Но, денес почнуваме да го откриваме тоа. Нашиот свет, нашиот живот, нашата природа како да се наоѓа во менгеме помеѓу две сили, а ние не знаеме каде да се скриеме од нив.
Од една страна е егоизмот како минус, а од другата е силата на Природата, силата на Создателот како плус. Позитивната сила на Природата извршува давање, дава живот, развива. А силата на нашиот егоизам сака да голтне сè за свое уживање, да уништува и разрушува.
Во нашиот свет гледаме голем број резултати од нејзината работа. Ако не беше силата на Природата која нè сопира и не ни дозволува да правиме сè што ќе намислиме, ние веднаш ќе го уништиме и вратиме светот во времето кога се војувало со стапови и камења. Задача на силата на Природата е да нè води напред за да станеме поумни, поразвиени, а во исто време и сè поопасни. Тоа ни всадува страв од примена на своето оружје без размислување.
Така и дојдовме до денешната ситуација на работите и затоа треба да создадеме отпор меѓу двете сили. Зборувајќи искрено, тој отпор и се нарекува „човек" (адам). Тој ќе стане наше својство во кое се вклучени двете сили. Ние треба да се оформиме, да се облепиме како од пластелин, да се извајаме, земајќи го потребниот материјал за да остане потребната форма. Ние треба да ја оцртаме таа форма на границата меѓу двете спротивни сили, а науката кабала нè учи како да го направиме тоа.
Кабалата е практика во чист вид
Развојот се случува со помош на „електрична" сила која остварува циркулација во системот. Кога се присоединувам кон системот со своите две сили, егоистичката и алтруистичката, неговата сила почнува да се движи низ мене. Тогаш системот работи заедно со мене и јас чувствувам „струење" кое го опфаќа целиот систем, ја открива неговата програма, цел и јас сè повеќе се вклучувам во него. Така се издигаме назад по духовните нивоа кон единствената Сила.
Плусот и минусот, позитивното и негативното се соединуваат и ние ја откриваме својата вечност, својата крајна цел. Таква е програмата. Оттука можеме да ја видиме причината за кризата и нејзините последици. Сфаќаме зошто не сме ја примиле науката кабала и не сме откриле група, сè додека нашиот егоизам не нараснал толку.
Само денес, од ден на ден чувствуваме како сè се менува. Колку настани се случуваат во светот и сите тие се за да се открие кризата, за да излезе на површина нашата очајна состојба, безнадежност и неразбирање кои владеат во светот. Секој ден, многу бргу ќе ги правиме тие чекори на овој пат. Затоа е потребно колку што може побрзо да му покажеме на светот дека ние ја разбираме програмата на битието. Се разбира, не целата, затоа што ја достигнуваме искачувајќи се по развојните нивоа.
Сепак, знаеме како да ја оствариме, како да пристапиме кон нејзина реализација, а останатото го учиме во движење. Меѓу нас нема луѓе кои стигнале до крајот на патот, иако тоа и нема да ни помогне.
Во суштина, учиме од кабалисти, кои ни раскажуваат за целиот тој процес, за целата историја на човештвото, при што раскажаат за илјадници години наназад и нивните зборови до денес јасно се спроведуваат во животот. Така што, треба само да слушаме кои закони треба да ги спроведуваме за брзо да станеме дел од интегралниот систем.
Откривајќи си себеси еден таков дел, во мене се појавуваат сите закони. Почнувам да сфаќам, да чувствувам што се случува во светот. Јас го гледам целосно, ги гледам силите кои поминуваат низ мене, ја откривам причината за нив и суштината на нивните дејствија.
Кажано е: „Од Твоите дејствива, те запознавам Тебе". Науката кабала е мошне практична наука, која ја остварувам само во себе. Не проучувам некакви бумбарчиња под микроскоп, не вршам надворешно набљудување, туку напротив, науката кабала и воопшто целото битие го откривам во себе. Не постои поемпириска и попрактична наука.
Кабалистите ни кажуваат кои закони треба да се исполнат за да се стане активен дел од големата целина. Затоа што човештвото е само мал дел од огромниот систем на Бесконечниот свет. Станува збор за едноставни закони кои треба да ги одржуваме во групата. Групата треба да ја градиме како мал модел на општата, огромна реалност, така што во тој модел да посакуваме, да бараме можност и да се обидуваме да ги исполниме основоположните закони на битието, кои се однесуваат на нашиот егоизам и на позитивната, креативна Сила.
Тогаш групата за мене станува „работно место", „лабораторија" во која се испитувам себеси и другарите, во која работиме заедно и меѓу себе го градиме, создаваме, формираме идниот свет, Вишиот свет, човештвото на утрешниот ден.
Дејствуваме според советите на кабалистите, но по пат на експеримент, поверувајќи и проверувајќи ги резултатите од својата работа.
Претпоставки за современата криза: краток расказ од почетокот на создавањето на светот
Науката кабала раскажува за целата реалност. Почнувајќи од самите извори на развојот, таа нè води преку сите негови етапи до крајот. Почетната точка е Вишата Сила која се нарекува „Природа" или „Создател". Немајќи претстава за нешто што и претходи на Неа, се запознаваме со Неа како со мајка. Пред Неа нема ништо.
Нашата историја започнува од моментот кога Вишата Сила почнала да ја создава материјата: нежива, растителна, животинска, човечка. Најпрвин од својата сопствена сила Таа почнала да формира помошни сили кои ја содржат и се составени од Неа. Тие сили веднаш се поделиле на две: материјал на создаденото и силата на Создателот која дејствува врз него, со други зборови – Светлина и темница кои заедно дејствуваат врз материјата, за да таа да може да се развива.
Под дејството на тие две сили материјата почнува да реагира, да се огласува, да чувствува, а со тоа да се развива. Едната од двете сили, која се нарекува „десна линија", е произлезена на природата на самиот Создател, од љубовта и давањето и затоа е способна да внесе живот во материјата. Другата сила е силата на егоизмот, спротивна на Создателот, која дејствува спротивно на Него. Но, во реалноста и двете дејствуваат според Вишата програма.
Одозгора Создателот дејствува со својата единствена сила која се дели на две – силата на давањето и силата на примањето. На средина меѓу нив е нашата материја. На тој начин тие сили нè доведуваат во движење. Тие дејствуваат врз материјата и ја поттикнуваат кон развој на неживо, растително, животински и човечко ниво.
На почеток тој развој ги допира само силите кои постепено ја формираат материјата, сè додека со нивна помош таа не излезе на последното ниво. И тогаш материјата експлодира. Благодарение на таа експлозија се случува посебна работа – двете сили, минусот и плусот се помешуваат меѓу себе. Претходно тие дејствуваа на материјата од две страни, а сега одат кон делење, се вклучуваат една во друга и постојат заедно во материјата, мешајќи се до тој степен, што е невозможно да се разликуваат една од друга – една голема збрка.
До денес процесот се одвиваше на ниво на силата, помислата, програмата. Но, денес силата станува материја на овој свет. Со помош на Големата експлозија (Big Bang) се појавува, пред сè, место за нашиот простор, затоа што претходно немало место за Вселената. Потоа, во неа почнува да се развива материјата, од искра на духовната енергија, од една мала точка на Светлината. Оваа искра на духовна светлина е доволна за создавање на целата материја на Вселената.
Во понатамошниот развој материјата ја образува Галаксијата, Сончевиот систем и Земјината топка, на која се ние се развиваме по овој редослед: на неживо, на растително, животинско и човечко ниво, паралелно со духовното развивање. На крај, на четвртото ниво од развојот на силата на Создателот и нејзината спротивна сила се испреплетуваат и се појавуваме ние во сегашната ситуација. Подготовката е завршена.
Сега ние треба да провериме што треба да правиме понатаму. Имаме две сили испреплетени меѓу себе. Тие го завршиле нивниот развој и се судираат во нас, така што ние не знаеме како да се однесуваме. Лошо ни е. Овде ја откриваме науката кабала, методиката која ни дозволува да ги избалансираме и обединиме овие сили, воведувајќи рамнотежа и хармонија меѓу нив.
Како да станеме еднакви, ако сме различни?
Човештвото стои пред голем проблем на социјалната организација. Правилното општество е општеството кое кое сите се еднакви, меѓутоа тешкотијата е во тоа што сите ние сме природно различни и затоа бесполезно е да бидеме сите во еднакви услови: 8 часовен работен ден, иста плата итн. Нашите природни разлики водат до тоа што за некого ова е малку, а за друг многу.
Ако јас сум мрзелив, ќе ми биде тешко да работам секој ден по 8 часови, додека активниот и енергичен човек во тоа не гледа никаков проблем. Врз основа на што да бидеме еднакви? Како да изградиме еднакво општество?
Луѓето уште одамна сакале да го направат тоа, и ако имало таква можност, ќе сме создале добра, силна структура. Но не успеваме. Природата не ни дозволува да бидеме еднакви. Зошто уште од почеток се разликуваме еден од друг, спротивни сме еден на друг, не можеме да свикнеме еден на друг?
Секој од нас си има свој вкус, сила, услови, способности, вродени својства, приод кон животот и затоа не се разбираме еден со друг. Навистина, ние нема да успееме да изградиме еднаквост. Би се рекло, еднаквото општество ќе нè спаси од војни и проблеми, но тоа не е во плановите на Природата. Нејзиниот план е да нè донесе до осознавање на фактот дека никогаш и никаде нема да успееме да најдеме еднаквост меѓу себе. Никогаш нема да имаме можност да поделиме меѓу себе нешто на еднакви делови. Ако денес го направиме тоа, утре би влегле во војна.
Еднаквата распределба била испробувана во Русија, во израелските кибуци и овие обиди доживеале неуспех. Природата сака ние со целата егоистичка природа да се престроиме по нејзин лик – на целосно давање. Тогаш нема да ми е важно кој колку добива, важно е што јас од себе давам максимум, сто проценти. Тоа не е „еднаква и праведна" распределба, туку распределба без никаква проверка. Во таков случај секој добива согласно степенот на својот развој, колку што му е потребно.
На крај, човекот ќе се развие до тој степен, што ќе добива толку, колку што му е потребно за живот, а од останатото, со целото срце ќе им служи на другите без какви било проверки – на кого и колку. Еве зошто луѓето не сфаќаат кога им објаснуваме што зборува кабалата за иднината на човештвото. Тоа изгледа премногу фантастично, премногу нереално.
Но, поинаку човештвото нема да успее да преживее, затоа што секоја друга распределба е неправедна. Јас не можам да измерам кој колку се труди за да одлучам колку заслужил. Природата никогаш нема да дозволи такво согласување на двете сили во човекот – позитивната и негативната.
Затоа, пристапувајќи кон реализација, мораме да ја распространуваме науката кабала по сосема поинаков систем. Треба да се обединуваме во групи кои ќе се состојат од луѓе кои веќе имаат добиено желба, потреба за тоа и кои сфаќаат дека нема друг избор бидејќи таков е законот на Природата.
Тие луѓе имаат две сили – сила на сопствениот егоизам и сила на Создателот, искра која турка кон развој на позитивен начин. Кога овие две сили се среќаваат во човекот, тој започнува да слуша дека е способен да го прифати она што го зборува науката кабала.
Процесот се одвива постепено, според внатрешниот развој на човекот. Ние ги поминуваме неживото, растителното, животинското и човечкото ниво и во тој процес внатре во нас сè посилно се судираат двете сили, меѓу кои создаваме отпор, „резистор". Помешувајќи ги меѓу нив своите чувства и разум, се одржуваме во нивната конфронтација – од една страна ја скротуваме силата на својот егоизам, а од друга страна ја доведуваме во дејство силата на давање.
Користејќи ги двете сили заедно, дејствуваме во опкружувањето и тогаш се чувствуваме себеси како „отпор во синџирот", спротивност во заедничкиот систем, дел од неговиот развој.