13.02.2011
Прашање: Како може човекот да дознае дека пред него е вистински кабалист?
Како можеш да дознаеш дека пред тебе е вистински кабалист? Тој не може да ти покаже некоја посебна диплома или чудесни дејства кои би ти се причиниле духовни – од каде ти можеш да знаеш што е тоа духовно?
Затоа можеш да се раководиш според своето чувство, дали тоа ти одговара, дали те поврзува со твојот корен на душата. Учев на 5-6 места пред да го најдам Рабаш. Не, не ги напуштав поради тоа што сум наоѓал нешто подобро – едноставно сум видел дека таму нема веќе што да правам, нема што да учам. Не затоа што тие сакале да ме излажат – туку секој имал свој метод и свои претстави и заблуди. Но, јас сум барал каде би можел да ја изучувам кабалата како наука. И кога стигнав кај Рабаш, веднаш видов дека кај него учат според вистинските изворници: Зохар, Ари, Баал ХаСулам – од основоположничките книги на кабалата, и се даваат длабоки дефиниции на поимите, во логична форма, без надворешни религиозни дејства или медитации.
Односно тој имаше строго научен приод, без застранување на една, или друга страна – затоа уште тогаш сфатив дека сето друго не се однесува на вистината. Почувствував дека таму каде што зборуваат за некои дејства поврзани со физичкото тело или за фантазиите – тоа не се однесува на духовното. Имав јасен осет дека тука мора да постои некој влез во повнатрешен свет, кој не е зависен од телото или имагинацијата – од сите особини кои сега ги поседувам.
Треба да се открие некој повнатрешен слој внатре во човекот и јас барав – како може да се открие? Кога стигнав кај Рабаш и почнав да учам, видов дека тој зборува токму за тоа.
Баал ХаСулам пишува дека тој што сака да добие духовно знаење мора да си најде учител – вистински мудрец-кабалист кој му се чини соодветен. Но ако тој чувствува дека се наоѓа во место кое не му одговара, не смее да ја напушти потрагата – зошто времето поминува.
Кога на зборот ќе одговори душата
Прашање: Многу ме убедуваат зборовите на Баал ХаСулам дека ние немаме никаква можност со овоземниот разум да го сфатиме духовното – бидејќи кога би сакале само да ме завлечат, би ми го ветиле токму спротивното. Но сепак горко е да се знае дека денас јас не можам ништо да разберам – зошто?!
Затоа што немаш духовни органи на воспримање – сфаќање, сетила. Јас секогаш го спомнувам многу јасниот пример кој го добив кога го работевме музичкиот аранжман на мелодиите на Баал ХаСулам. Покрај нас цело време беше огромниот мачор на сопственикот на станот. Ние плачевме и ги доживувавме чувствата што нè преплавуваа, додека тој лежеше сосема мирно и само малку мрдаше со увото кога музиката стануваше премнoгу гласна.
Двајцата живееме во животните тела, во истиот свет – но тој не може да ме разбере. Му недостасува способност на чувствување – како може да му се објасни на мачор какви доживувања сакаме да изразиме преку музиката? Но верувајте дека да се научи мачор да разбира симфонија е многу поедноставна работа отколку ние да го разбереме духовното. Бидејќи тој се наоѓа на истото ниво во овој свет, а нам ни е потребно многу посилно влијание на Вишата Светлина за да нè доведе до чувствувањето на духовниот свет.
И тогаш, согласно со тоа сетило веќе ќе сфатиш што значи секој збор на кабалистот. Ќе слушаш некои зборови со надворешниот слух – додека во тебе ќе се откриваат внатрешните чувствувања. Замисли што би зборувал ти со мачорот кога тој наеднаш би почнал да те разбира...
Дијагноза на болеста – целосно разбивање
Прашање: Ако целата наша работа е да се открие местото на разбивањето, тогаш што ни недостасува тоа да го направиме?
Ти едноставно не сакаш да го откриеш тоа разбивање! Зошто да ја откриваш својата завист и омраза ? Поедноставно и помирно е да останеш рамнодушен. Човекот чувствува дека пријателите, "ближните" како да не постојат.
Во кабалата "ближниот" е човек кој јас го чувствувам постоечки надвор од мене. Јас знам дека сите треба да бидат внатре во мене при правилното воспримање на реалноста, но, јас ги чувствувам надворешни за мене, далечни и омразени. И се плашам, зарем толку ги мразам деловите на сопствената душа?! Токму тоа е чувствување на силата на разбивањето.
Јас знам дека тоа е измама и сакам да го поправам својот искривен вид! Потруди се да видиш дека сите пријатели ти припаѓаат тебе. Дури и на целиот свет му се открива неговата затвореност и заемна зависност. Но ние не доаѓаме до овој заклучок од надворешна страна, поради немање на избор, како што прави целиот свет, преку удари кои ја покажуваат меѓусебната поврзаност на луѓето. Ние одиме преку внатрешното – и така постепено откриваме дека сите сме една целина и сме поврзани во заеднички систем.
Знаејќи го сето тоа јас гледам наоколу и гледам луѓе - туѓи за мене! Јас не чувствувам за што тие размислуваат, што сакаат! Покрај тоа сосема сум рамнодушен кон нив и не можам да ги задржам сите нив во моето видно поле, а уште помалку во чувствувањето... Никој од нив!
Односно јас разбирам дека тоа е целосно разбивање – јас сум заболен од страшна болест! Бидејќи гледам дека сосема ја изгубив чувствителноста, способноста да ги чувствувам сите овие делови, кои треба да бидат мои. Се распаѓам на делови, небаре мртво тело. Бидејќи смрт е кога од телото се губи животната сила, и тоа почнува да се распаѓа во прашина. Јас се чувствувам како небаре од мене наеднаш се одделуваат моите раце, нозе. Тоа ме доведува до ужас.
Сето тоа јас можам да го видам и да го почувствувам во сетилните органи (келим) кои се развиваат во мене благодарение на изучувањето на кабалата, и кои во иднина треба да станат мои особини на љубов и давање. Но љубовта започнува од од тоа што ние ја откриваме во себе омразата кон другите и почнуваме во себе да ја мразиме. И сега јас ја откривам таа омраза – својата неспособност да го почувствувам другиот затоа што сум рамнодушен кон него.
Уште полошо, јас го проценувам својот успех според нивните неуспеси. Колку што им е ним полошо – толку ми е мене подобро. Колку е тоа перверзно и лажно воспримање, какво слепило дека така мислам за другите.
Рабаш наведува пример дека на некој човек наеднаш му се открива, дека детето на соседот кој толку го иритирало, всушност е негов син. Но таа слика може да се поправи ако се трудиш да согледаш како сите во групата заеднички се стремат да го поправат тоа изобличување.
Не го губи времето кое ти е дадено
Човештвото нема избор и ќе мора да го открие своето разбивање и потребата од поврзаност. Баал ХаСулам уште во 30-те години предупредувал за приближувањето на катастрофата, но никој не го слушал.
Јас не сакам никого да го заплашувам со никакви пророштва, но ние гледаме во каква состојба се наоѓа светот. Сега засега ни даваат време за да можеме сериозно да се однесеме кон својата мисија и да ја организираме поправката на светот. Но ако тоа не го направиме тогаш сите страдања на светот ќе се срушат врз нас – врз луѓето кои можат да извршат поправки.
Ако ние не го поправаме светот, тогаш неговите страдања преоѓаат врз нас – бидејќи како можат да се виновни другите ако немаат средства да се поправат? Ако не побрзаш со својата поправка тогаш ударот ќе помине врз тебе. А засега гледаш како тие страдаат,без се загрижуваш многу.
Но ако во најмала мера не го чувствуваш нивното страдање како свое лично, и не се поправаш себеси како да страдаш исто како и целиот свет – немаш шанса да ја достигнеш поправката. Таква потреба може да ти даде само групата.
Книгата Зохар се открива во наше време за да го извади светот од бездната во која тој паѓа. Слично на автомобил кој оди по добар пат и не се сомнева дека некаде после свиокот тој пат завршува и тој ќе падне од карпата. Но веќе, и на самиот свет му се јасно дека се лизга во бездна. Проблемите растат како лавина и веќе сите зборуваат дека светот излегол од рамнотежа.
Вчера слушнав дека министерот за вонредни ситуации на Руската Федерација кажал дека се наоѓаме во дисбаланс со природата, излеговме од рамнотежата со неа и треба да се подготвиме за последиците. Како со зборови на вистински кабалист...
И нам, кои добивме желба за Создателот (исраел) токму сега ни даваат можност да ја организираме поправката на светот и да ги преземеме сите негови проблеми. Не чекајќи додека тие самите стигнат до нас и нема да имаме сили да ги поправиме.
Ние можеме да ги поправиме токму сега додека тие се наоѓаат некаде во надворешниот свет и ние самите ги преземаме врз себе.
Од утринската лекција - 13/02/2011 на Каб.тв - од 02:00 до 05:00