Да разјасниме: што се бара од нас на конгресот? Постојам јас. Потоа јас одам во групата за да се соединам. Мотото на нашиот конгрес е: “Соединување за подем” – за да ја предизвикаме врз нас Вишата Светлина. Како одговор, таа ќе изврши свое влијание и ќе ме соедини заедно со групата во една целина. Тоа дејство се нарекува поправање на кли. Потоа, истата Светлина ќе се пројави така, што ќе го исполни моето соединување со групата. Сето тоа јас треба да го имам на ум. Секое од тие дејства се разложува на огромен систем на интеракции помеѓу мене и групата. Јас морам да се чувствувам повисоко од другите – со тоа дека можам да ги инспирирам, да ги поткренам. Морам да им влеам доверба во достигнување на целта – ние веќе ја достигнуваме. Не треба да си дозволувам ниту минута сомнеж, иако воопшто не гледам и не знам што правиме. Реално, научно, сериозно – јас немам искуство во тоа, но така постапувам.
Невозможно е искачување на следното скалило ако не се работиш според законот “негирање на негацијата”. Само после одрекувањето од претходното скалило, кога сакаш да се качиш на другото – тоа влијае на тебе. Тоа значи дека јас морам да ги инспирирам пријателите. Морам на сите да им помагам. Морам да ги иритирам, да ги возбудувам, да ги провоцирам, дека сето тоа нè чека напред. Морам да постапувам така, за да тие ми завидуваат, да мислат дека веќе го имам тоа, дека сум голем, сé знам, дека одам повисоко, понапред. И така – секој пред секого и пред сите. Токму тогаш ќе се создаде опкружување кое ќе нè повлече напред. Истовремено секој мора да чувствува дека е подолу од другите. Благодарение на тоа, тој ќе може да го добие од другите тоа, што тие на таков начин му го покажуваат - осознавањето на огромната цел, огромното достигнување пред нас и напредувањето кон таа цел. Ние не ги затвораме очите, сфаќаме, дека всушност сето тоа е една игра. Но тоа е игра пред Светлината. Ако правиме такви напори со себе, тогаш внатре во себе создаваме праг, делта, разлика помеѓу сегашноста и иднината. Ако таа ја достигне потребната номинална вредност на расцепот помеѓу скалилата, тогаш Светлината ќе ја исполни.
Тој расцеп е суштина на десетте први сефирот на нашата заемна поврзаност, или десет први сефирот на нашето кли, нашата душа. “Душа” е системот кој се открива помеѓу нас и во кој сите ние заедно се чувствуваме дека постоиме во особина на давање, т.е. на Вишо ниво. Таков треба да биде мојот однос кон групата. Што се однесува на останатото што тука се случува – јас во тоа максимално учествувам. Дојдов тука за да се приклучам, да “навлезам”, да учествувам во секоја игра која тука се игра, како мало дете – предано, несебично. Тогаш Вишата Светлина ќе изврши влијание. Според степенот на нашиот труд, токму тоа ќе има ефект – посветеноста на човекот, неговата подготвеност да се откачи од својот егоизам, од својата образованост, од својот разум, кој како што гледаме, денес ништо всушност веќе не ни дава, туку постојано нè влече надолу.
На семинарите јас треба да го чувствувам секој човек, секој мој пријател. Можеби тој зборува глупости, кажува излитени клишеа, се расфрла со научени напамет фрази од книгите. Во суштина така го слушам јас со своите уши и го разбирам со својот мозок – и јас морам на тоа да се спротивставам. Јас морам да ги воспримам зборовите на пријателот како божји дар, како небаре Создателот од висина ми ги кажува мене. Ние го изучувавме делот за воспримањето на реалноста – обратната реалност која се наоѓа надвор од нас. За да се прилагодам кон реалноста која не е во мене, не е во мојот егоизам туку надвор, јас морам да направам инверзија – обратно движење од себеси. Ако тоа што го слушам во егоизмот ми се чини такво, безначајно, јас морам да извршам обратно дејство: гледам на пријателот како маѓепсан. Седиме во група по десет луѓе и јас на секој од нив гледам како мало дете. Не е задолжително јасно да се сфаќаат зборовите на пријателите, иако тоа е пожелно за поврзувањето. Но тоа не е најважносто. Сите тие за мене се најголеми мудреци, праведници...И сето што го кажуваат е над сите мои сомнежи.
Зошто е тоа потребно? За искачување над егоизмот. Во суштина мене не ми е важно што ќе слушам. Сето тоа е само за да се направат внатрешни “енергиски” напори за поткренување над егоизмот. Тогаш јас ќе ѝ отворам можност на Вишата Светлина да биде поблиску до мене. Најважно е да се стремам постојано внатре во својата десетка, да ја чувствувам внатрешната сила која се манифестира помеѓу нас сé повеќе и повеќе. Почнува да се раѓа нешто слично на тоа – небаре воздухот наеднаш се згуснува, може да се почувствува, и во него почнува да се пројавува некоја внатрешна врска помеѓу нас. Истото го чувствува мајката, - дека нешто ја сврзува со детето, и тоа не може да се раскине, тоа е посилно од синџири, од било што. Токму така и јас треба да чувствувам, дека помеѓу нас се создава реален систем на взаемна поврзаност. Токму тоа е тоа што всушност треба да постои помеѓу луѓето, но ќе ни се открие само при постепено задлабочување во заедничкиот систем сé до последното 125-то скалило.
Конгрес во Харков – од 1-та лекција на 17 август 2012 г.
Моите кругови во духовната мрежа
Потојат неколку концентрични кругови: внатре е – мала група во која јас работам, потоа – Светска група, потоа – целото човештво. Всушност, Светлината е присутна тука насекаде, во целиот тој простор. Таа никаде не исчезнала. Кога говориме, дека Светлината ќе се манифестира, мислиме на нешто слично со пројавувањето на фотографијата направена со фотоапарат на обичен филм, а не со дигитален апарат. Само што Светлината е скриена од нас на подлабоките нивоа. Нашиот стремеж кон обединувањето ја предизвикува, ја пројавува таа Виша Светлина од внатре. Најпрво јас работам во групата, бидејќи таа ми е поблиска. Не можеме тоа да го промениме, така функционираме: луѓето кои се во моето видно поле јас ги чувствувам со своето тело, ги гледам, ги слушам. Токму со нив јас работам поинтензивно.
Понатаму – е Светската Група. Ние се собираме на нашите конгреси и виртуелно се обидуваме да бидеме максимално поврзани помеѓу себе. Со тоа ние даваме помош. Затоа што Вишата Светлина од нас има создадено систем, кој е расклопен на неколку делови, на неколку нивоа. Затоа, стопроцентниот напор во својата група е ист со педесетпроцентниот напор во Светската Група – како да сме дале 100%, бидејќи тука се смета степенот на нашето скривање еден од друг. На ова ниво ние не можеме поинтензивно меѓусебно заемно да дејствуваме. Иако чувствуваме дека луѓето што живеат во други држави, на други континенти се оддалечени од нас, сепак, ако се трудиме да се поврземе со нив, ако создаваме заеднички врски, спроведуваме конгреси и т.н. – тоа е доволно. Ние сé уште не можеме да постигнеме таква поврзаност, кога внатрешната и надворешната група би биле еднакви. Тоа е невозможно, тоа ќе се случи само на крајот од целосната поправка. Но сепак, тековните напори се доволни за предизвикување на Вишата Светлина. Затоа не треба да се грижиме дека ги забораваме надворешните групи – тоа е нормално.
И конечно, човештвото: дури и најмалку да помислуваме на него, да вршиме дисеминација, да создаваме секакви облици на медиуми, да делуваме преку средствата за јавно информирање – тоа ќе биде доволно за да во тие кругови, во брановите што се шират, да ѝ го покажеме на Вишата Светлина својот напор, насочен кон соединувањето – толку колку што е можно во тие или други области. Во никој случај не смееме да забораваме на сето ова. Бидејќи Светлината е заедничка, таа го исполнува целокупниот простор. Исто така и ние треба да го вклучуваме тој простор во себе – во различен степен, пропорционално со тоа колку е тој поблиску или подалеку од нас.
Конгрес во Харков – од 1-та лекција на 17 август 2012 г.
Како да се тера магарето: влечи-туркај
Од страна на суштеството, односно нас, постои единствено дејство – движење кон соединувањето. Со тоа што ние, помалку или повеќе, го сфаќаме системот во кој се наоѓаме и си поднесуваме сметка за тоа зошто сакаме тоа да го сториме. Ние се соединуваме не за да добиеме нешто, да создадеме, да направиме тим за некоја тековна задача, како што се прави во нашиот свет. Ние се соединуваме за да ја предизвикаме врз себе Вишата Светлина, која реално меѓусебно ќе нè сврзе и ќе се открие внатре во таа меѓусебна поврзаност. Ако толку време посветуваме на изучување на различни облици на однесување во групата – тоа е затоа што сме збунети. Во суштина од нас се бара само едно дејство и ништо повеќе од тоа. И од Светлината се бара само едно дејство кое е соодветно на нашите напори. Само што напорите мора да бидат гранични. Јас секогаш морам да си замислувам: се наоѓам на некое ниво и сакам да се искачам на следното. Потребно е да вложам напор, кој одговара на разликата (делта) помеѓу двата прага. Бидејќи ова скала е дискретна. Затоа само мојот напор не е доволен – потребно ми е да ме инспирираат, да ме притиснат, да ме обврзат, да ме разлутат, да ме туркаат кон тоа.
Постои огромна можност да создадам за себе со помош на опкружувањето такви негативни сили, кои ќе ме туркаат напред, по малку боцкајќи ме со страдања, вознемирувања, а од друга страна со привлекување напред, со добро, со чувство дека пред нас навистина постои нешто големо, прекрасно. Сите тие движења можат да бидат изградени врз болката и завидливоста, врз сé што е утврдено во нашата природа. И јас сакам да ги предизвикам врз себе сите тие сили, за да ме оформат правилно, за да се соединат сите негативни сили позади и да туркаат, да ме стимулираат одзади. Бидејќи стимулот – е остро стапче со кое ги тераат, подбуцнуваат магарињата да одат напред. Значи, јас сакам тие стимули да го туркаат моето “магаре”. Покрај тоа, сакам да ме привлекуваат од напред, опкружувањето постојано да зборува за прекрасните цели, за тоа што може да се достигне за време на животот во овој свет, искачувајќи се над него во чуствување на бесконечноста на следното ниво.
Значи, јас сакам да ме влечат и туркаат. Ако се наоѓам во опкружување и можам да се возбудам на таков начин во однос на него, а тоа е подготвено така да делува наспроти мене, наспроти секого од нас – сите заедно наспроти секого и сите, - тогаш ние предизвикуваме доволен внатрешен напон кој е еднаков на самата делта (Δ), на прагот помеѓу нивоата. Да го наречеме нашето тековно ниво нулто, а следното – прво. Нашата сегашна фаза претставува период на подготовка кон првото ниво. Таа е најтешка, најнепријатна, зошто ние како слепи мачиња апсолутно ништо не чувствуваме, апсолутно ништо не знаеме. Ние едноставно мораме слепо да го правиме тоа што е напишано во книгите. Дури и тоа што е во нив напишано ние не го разбираме како што треба. Токму на таков начин ние треба да одиме напред, бидејќи поправката започнува навистина од нулата. Светлината влијае врз нас постојано, и после достигнувањето на граничното ниво таа нè менува – целиот наш егоизам го менува во спротивно, во давање. Благодарение на таа сила на давање, наместо да се одделиме еден од друг, ние почнуваме да контактираме, да се поврзуваме еден со друг и создаваме некаква врска, взаемно поврзан систем. По создавањето на тој систем на првото ниво на нашата взаемна поврзаност, Светлината се пројавува во него, го исполнува просторот помеѓу нас, кој постоел отсекогаш. Само што порано јас ги одбивав другите, додека сега во тој простор се обидувам над својот егоизам да воспоставам врска со другите – и тој простор се исполнува со Светлина. Токму тоа се нарекува откривање на Создателот.
Конгрес во Харков – од 1-та лекција на 17 август 2012 г.