Кабалистите ни имаат оставено јасни упатства што да правиме со омразата која ни се појавува, прифаќајќи ја како средство за работа и поправајќи ја секогаш. Всушност, над омразата цело време треба да се гради мост меѓу нас.
Затоа во денешниот свет се јавува општа, глобална криза – глобален недостаток од меѓусебна поврзаност. Таа се појавува токму за да ја создадеме таа врска! Толку едноставно, таква јасна слика се појавува. Јас не гледам никакви потешкотии овде. Треба само да се објаснува одново и одново, за да им се отворат очите на луѓето. А она што се случува сега пред нас е јавно откривање на тој скршен сад чии делови не сме способни да ги соединиме и заради тоа страдаме. Ние сакаме со љубов да им објасниме на сите тие посебни делови дека нема да ни биде подобро ако не го залепиме нашиот заеднички сад.
Пред неколку години зборував дека нè чека криза и таа се случи. Наскоро ќе откриеме нови и нови проблеми, а брзината на кризата ќе расте. Треба да сфатиме дека она што се случува е откривање на нашата поделеност – ние треба да се вооружиме со превентивен лек. Тогаш секој таков удар ќе го прифаќаме со разбирање и бргу ќе го поправаме. Со тоа ќе можеме злото, кое го откриваме, да го претвориме во добро, зголемувајќи го за 620 пати! Бидејќи Светлината НАРАНХАЈ е „620 пати" поголема од Светлината Нешама од неживото ниво. Ако јас сега ја претворам омразата во љубов, јас ќе добијам 620 пати повеќе Светлина!
Претставете си, колку би било добро ако сега во светот се открие 620 пати посилна добрина од силата на злото кое се појавува. Ништо нема да му недостига на светот – ќе има сè во изобилие: извори на енергија, добра екологија, спокојство и хармонија. Освен тоа, внатре во тоа би се открила и бессмртноста и вечноста, затоа што на овој мост меѓу нас ние ја откриваме врската со Коренот и се издигаме на Негово ниво!
Сите видови врски се затворени во нас и ние треба да почнеме да работиме над нив: над виртуелната поврзаност, глобалната, интегралната... сите тие уништувачки сили треба да ги поправиме и да ги претвориме во добри. Да се надеваме дека ќе достигнеме љубов во овој „Ден на љубовта" кој се одбележува денес. Ова е добар знак денес да влеземе во сите виртуелни мрежи и да објасниме што е љубовта.
Нека биде тоа наша „акција за распространување" на љубовта. Со овој повик им се обраќам на сите свои слушатели и ученици во целиот свет!
Без омраза нема љубов
Ако првин немаше омраза, немаше да има ни љубов, кога станува збор за духовните сфаќања. Како што е кажано: „Јас создадов зол почеток, а како дополнение Тора за негово поправање, бидејќи Светлината затворена во неа се враќа кон изворот на добрината". Изворот на добрината е љубовта.
Но, таа не може да се појави ако првин не се појави злото, омразата, одбивањето – не може да има крај без почеток. Треба да прифатиме дека љубовта и омразата секогаш се појавуваат и работат заедно. Затоа во нашето општество откриваме и омраза и љубов и сфаќаме дека едното не е можно без другото. Ние не сме прекрасни ангели, сконцентрирани на неживото ниво, туку луѓе со целиот наш суров егоизам. И во тој степен, колку што ќе се стремиш да сакаш, ќе откриеш само поголема омраза.
Дури тогаш ќе се удостоиш со излез од Египет и приод до планината Синај. Планината на омразата, „Планината Синај" е резултат од целата наша претходна работа. Вавилонската кула е самиот почеток, таму уште ништо не е откриено. Затоа 20-те поколенија од Адам ХаРишон до Авраам, првите поколенија кабалисти, се нарекуваат прататковци. Тоа е само првична подготовка, затоа што таму уште не се појавува голема желба.
За прв пат желбата се појавува во Вавилон, од каде што и се појавува науката кабала. Таму веќе постои некаква мала планина на омразата – „Вавилонската кула", над која е можно издигнување. Таму се раѓа науката кабала, науката за соединувањето и оттаму излегуваат луѓе кои се способни за тоа. Така цело време љубовта се појавува над омразата.
Затоа не е страшно што денес во нашиот свет се појавува омраза. Само не треба да и се дозволи да се појави со природниот лик, туку да се пресретне ударот со лекарство, омразата да се појави со сфаќање, со знаење дека ние сме уверени, дека имаме точни упатства како да ја искористиме и дека ќе ја искористиме правилно.
"Ден на љубовта" после денот на уништувањето
Прашање: Зошто зборуваме за омраза кога мнозинството луѓе не чувствуваат омраза, туку едноставно рамнодушност?
Кога ми се чини дека тревата на соседот е позелена или му завидувам за неговиот нов автомобил – тоа се нарекува омраза. Јас секогаш ја споредувам својата благосостојба со околината и ако таа споредба не е во моја корист, тоа кај мене предизвикува омраза кон другите. Со своите успеси тие прават јас лошо да се чувствувам и да страдам. И природно, јас заради тоа ги мразам. Ти можеби нема да се согласиш со ова, но тоа е така.
Не е можно да сум рамнодушен кон другите затоа што сме поврзани во еден систем и јас безусловно ја оценувам својата состојба според она што го има другиот. Такви сме по својата природа, сакаме да ги видиме сите останати пониско од нас, тие нас да нè служат. Ако не го сфаќаш ова, тоа е само недостаток на познавање. Кога ми се јавува желба сите други да ме служат мене? Кога самиот јас се обидувам да ги служам нив, тогаш гледам колку го посакувам спротивното! Тоа не е едноставно – да се открие својата омраза.
До планината Синај (планината на омразата) и добивањето на Тора се доаѓа после многу долга подготовка – египетското ропство и патувањето по пустината. Додека не се појави омразата, ти немаш потреба од Тора. Во светот има многу луѓе кои се сметаат себеси за праведници, на кои им се чини дека тие не посакуваат лошо на другите и дека ги сакаат останатите. Тие едноставно не ја чувствуваат својата омраза. Но, доколку навистина се обидат да ги сакаат другите, тие би откриле колку всушност ги мразат. Потребно е да се помине преку Египетскиот прогон за да се открие омразата.
Затоа „Денот на љубовта" (Ту-бе-Ав, 15 Ава) доаѓа после денот на уништувањето 9 Ава. Откако ќе го откриеме злото, огромната страшна криза, омразата помеѓу нас, поминуваат 5 дена (5 нивоа), во кои се поправаме себеси и доаѓаме до љубов. Само во таква форма! Затоа и во обичниот живот, ако меѓу мажот и жената нема кавги, нема ни љубов. Понекогаш луѓето намерно, инстинктивно се обидуваат да се скараат, после помирувањето да ја почувствуваат сласта и вкусот во односите. Најлоша е сè е рамнодушноста.
Со љубов се надминуваат сите разлики
Кажано е: „Сите престапи ќе ги покрие љубовта". Излегува дека љубовта без „престапи", без работа над нив, не е можна. Треба со мудрост да се приоѓа кон нашите односи еден со друг: формите на комуникација секогаш се создаваат од недостатоците и од исполнувањата. Затоа треба да се стремиме кон љубов и да не очајуваме што попатно ја откриваме и омразата! Тоа е многу добро, ако претходно знаеме и сфаќаме дека таква е формата на напредокот. И тогаш ја откриваме вистината, а потоа согласно силата на омразата, ја достигнуваме и љубовта. Планината Синај (планината на омразата) станува планина на светоста, Планината Морија.
Затоа душата е поделена на толку делови, на толку многу луѓе. Дури ти и да живееш некаде многу далеку и си одделен од луѓето, но имаш врска со уште некој, макар и виртуелна, ти можеш да работиш над неа. Бидејќи директно во однос на Создателот можат да работат само кабалистите кои имаат духовни достигнувања. А тебе сè уште ти е потребен некој страничен лик, кој се наоѓа надвор од тебе, тој да те оттурнува и да имаш со него нерасчистени сметки. Но, тоа не може да биде некој твој роднина – дете или сопруга. Мора да биде човек кој не е поврзан со тебе со никакви постоечки, природни врски. Тогаш ти ќе мораш да развиеш со него такви форми на односи, во кои ќе има омраза, а над неа љубов.
Затоа ние треба да постигнеме соединување, заемна гаранција над сите разлики. Љубовта може да се изгради само врз омразата. Донесете ги овде сите ваши желби, сите барања, сите спорови, а ние треба да ги прифатиме сите тие услови кои ни се открија и уште ќе ни се откриваат како дадени одозгора! Нека се соберат секакви луѓе со секакви погледи: леви, десни, религиозни, светски, со секакви стереотипи и заблуди – сето тоа ние сме го добиле одозгора.
Создателот ни поставил такви услови над нив да ја откриеме поврзаноста, соединувањето, гаранцијата, сите заедно, поддржувајќи се еден со друг. Всушност, со тоа соединување ние градиме таков организам кој е способен да опстои вечно. Ние ништо не бришеме, ниедно својство, со кое секој се родил, ниеден порок. Нека дојдат сите, со своите грешки и престапи. Ние се грижиме само како да се соединиме под еден покрив, под куполата на љубовта кон ближниот, како кон самиот себеси и сите престапи да ги покрие љубовта. Јас гледам на тоа како на дел од Создателот и дел од битието кои ми се дадени одозгора. А мојата задача е само да ги соединам сите нив.
Создателот цело време ми поставува пречки, откривајќи уште повеќе омраза, одбивање и несогласувања. А јас над сето тоа сè повеќе ја ширам и зголемувам својата љубов и така се искачувам по скалилата. Затоа без уништувањето, без 9-иот Ава не е можен денот на љубовта, 15 Ава.
Од утринската лекција - 15.08.2011 Следете на Каб.тв