02.11.2011
Ние го почнуваме својот духовен пат со будење одозгора, од таканаречената точка во срцето која се буди во еден од циклусите, во некој час, во некоја ситуација. Ние не знаеме зошто, но човекот наеднаш почнува да чувствува желба да се наслади, отсуство на исполнување во целиот свој живот. Од друга страна, тој почнува да чувствува дека во него се појавува нова, дополнителна желба, која го влече некаде. Ги чувствува овие две точки, како што обично се случува во нашиот живот.
Да речеме, сум се разочарал од некоја работа и ми се чини дека некоја друга работа може да ме исполни. Доживувам разочарување од некои ситуации во својот живот и паралелно со тоа, гледам нова насока. Така и овде. Во крајна сметка јас сум незадоволен од својот живот и за тоа не се потребни никакви драматични настани, банкроти и слично – едноставно отсуствува задоволство. Но, заедно со тоа се појавува нова насока, непозната за мене и јас доаѓам до некое место каде што, како што ми се чини, ќе успеам да се исполнам себеси.
Во што е разликата? Во ништо. Постојат многу луѓе кои доаѓаат во разни заедници, групи, духовни текови од типот на „њу-ејџ", се занимаваат со некакви дејствија, со чија што помош се надеваат дека ќе се исполнат – од спорт до секакви хобија. На почеток, кога човек доаѓа до науката кабала, тој не сфаќа што се случува и во што е разликата од другите места. И иако му зборуваат: „Ако сакаш нешто да постигнеш, мора да се приклучиш во групата", но на него тоа не му изгледа нешто посебно, затоа што има многу други места каде што таков услов веќе постои. Многу поретко се бара од човекот да достигне соединување со другите – како правило, во чисто надворешни напори. Иако понекогаш од него се бараат и внатрешни напори за да се соедини со другите, да речеме, во воена група, каде сите се грижат еден за друг за да ја остварат целта, но тоа е јасна, егоистичка цел.
Во кабалистичката група е многу поразлично. Ми говорат: „Кога ќе постигнеш давање на другарите, ти ја добиваш заедничката сила на давањето. Но од каде ја добиваш? Освен стремежот за соединување со другарите, ти треба да бараш од вашето соединување да се открие посебната сила. Таа сила се открива доколку се занимавате со нешто ново – сакате да се соедините не егоистички како во воената група, туку според советите на кабалистите – учителите кои сега ве водат во нова, повисока димензија. Ако ги слушаш нивните зборови, ако читаш што пишуваат тие за таа повисока димензија, значи дека се вклучуваш во групата, се обидуваш да постигнеш соединување и љубов кон другарите, читаш книги во кои се зборува за поврзувањето и љубовта меѓу вас.
Очекуваш сета таа работа со книгите и соединувањето со другите да ти ја открие таа нова сила која се нарекува „давање и љубов". Така ќе растеш во таа сила – силата на љубовта и давањето на ближниот, чувство кое ти го дава Вишата Сила која свети во тебе.
Долгиот пат кон љубовта
За да може човек да расте во духовното, тој секогаш ќе гледа дека ги одбива своите другари, не се грижи за нив, ги мрази, израмнува разни сметки со нив. Од друга страна, тој секогаш ќе има можност сепак да одолее на своето его, да се соедини со нив и во таа поврзаност да ја побара силата на единството, затоа што соединувањето кое тој се спрема да го направи со другарите сè уште се нарекува „ло лишма", со вежби од различен вид.
Силата која тој ја буди со самото тоа, е силата која се крие внатре во нивното соединување, внатре во напредната состојба. Таа доаѓа до човекот и извршува дејствие. Така човекот секој пат напредува. Зошто тоа е потребно? Иако на почетокот тој си мисли дека ќе открие нешто добро за своето его – егоистичко исполнување, вечност, совршенство, потоа тој открива дека сака да биде во давање и љубов кон ближниот, бидејќи оваа состојба само по себе е голема и висока.
Јас работам не затоа што се занимавам со нешто посебно, Му служам на Создателот, кој е голем и важен во моите очи и тоа ме исполнува со гордост и чувство на сопствено достоинство. Напротив, јас тука го добивам својството кое се нарекува „својство на давање", кое сè уште е непознато за мене. Ова својство не се буди во мене затоа што групата е важна за мене и Создателот е голем во моите очи, бидејќи ако е така, тогаш јас само би го исполнил своето его преку работата со нив. Токму напротив, со помош на силата која да добивам од групата се појавува нова состојба која се нарекува „давање" – во мене навистина се открива нов однос, без никаква врска со самиот себе.
Јас не знам што претставува тој, но наеднаш чувствувам дека тоа се случува без никакво обраќање кон себе. Притоа, јас не го перципирам како нешто високо, добро или корисно за мене, затоа што тогаш одново би го оценувал во своите желби за примање. Напротив, јас не го чувствувам како корисно и вредно, но настапува нов развој и тогаш јас напредувам. Тоа се нарекува пронајдок, ново откритие, раѓање на Шхина од правот, од прогонот. Така напредуваме.
Сите дејствија кои човекот се обидува да ги изврши согласно советите на кабалистите со цел постепено, од првата состојба да достигне влијание од Светлината која се враќа кон Изворот, бидејќи само Светлината може да го промени, се нарекуваат „алиха"/„движење" (кон целта) или „алаха"/„законик". А дејствијата со кои тој секогаш сè повеќе се поправа себеси, доближувајќи се до соединувањето, „од љубов кон ближниот – кон љубов кон Создателот", се нарекуваат „заповеди". Значи заповеди се дејствијата против исконската желба, за да се достигне љубов кон ближниот и од неа да се добие заедничко својство на љубовта.
600.000 – висина на конечното поправање
Прашање: Дали за соединување се потребни 600.000 мажи, онолку колку што имало на планината Синај при добивањето на Тора?
Одговор: Тоа не е количинско барање. Кажано е дека на планината Синај стоеле 600.000 мажи, а околу нив имало уште и жени и деца – вкупно 3 милиони луѓе. Но 600.000 не означува количина, туку намера да се достигне крајот на поправањето – Гмар Тикун.
6 е бројот на сфироти на Зеир Анпин, ВА"К. 1000 – означува Хохма. А 600.000 е според висината на Арих Анпин. Ако поделените души сите заедно откријат дека сакаат да постигнат гаранција – тие ја изразуваат својата молба со крик, го издигнуваат ова барање во Малхут, во Шхина. Ова барање, предадено на Малхут се издига кон Зеир Анпин, во кој има 6 сфироти (ВА"К). Благодарение на оваа желба од пониските, 6-те сфироти З"А се издигаат на ниво кое е повисоко за 600.000 пати. Ова значи дека тие сакаат да постигнат соединување кое е соодветно на Арих Анпин – конечното поправање.
Тие самите не знаат што значи соединувањето, но го посакуваат. Затоа се смета дека тие се 600.000 – така се нарекува нивната желба, а не количината. Во духовното не се зема предвид количината, туку силината на мојата желба. Може да се бидат и 2 човека, бидејќи кажано е дека тоа е минималната група. А каде се сите тие жени, мажи, стока, кои тие ги изнеле од Египет, сите изнесени садови оттаму? Сето тоа се наоѓа внатре во човекот! Сега секој треба да се чувствува како да излегол од Египет и како да стои пред планината Синај. Но, каде се сите тие 600.000 луѓе, како да ги избројам?
Сите тие се внатре во тебе. Тора раскажува за она што се случува во реалноста, внатре во човекот, а не за бројот на луѓе кои учествуваат во некој историски настан. Таа говори само за процесот на нашите внатрешни промени. Но, од друга страна, постои закон, според кој секој духовен корен треба еднаш да допре до дното и до својата материјална гранка, па затоа очигледно таму, на планината Синај, навистина стоеле 600.000 мажи. Јас ја чувствувам внатрешната смисла на ова сфаќање и можам само да претпоставам како тоа се појавило надвор. Но, не треба да се возбудуваме за тоа, дали некогаш постоело во минатото и дали за нас денес е обврзувачко.
Некогаш постоел Прв и Втор Храм, Египетско прогонство, па вие денес не се спремате да одите назад во Египет... Не мислете дека на нашиот голем конгрес во декември мора да се собере толкава бројка на луѓе – шестотини илјади. Во духовното квалитетот е многу поважен од квантитетот, иако и тој има значење, затоа што денес светот треба да го почне поправањето. Но, не плашете се дека мора да се собереме одеднаш 600.000 луѓе или пак 3 милиони.
По патеката на поправањето
Народот на Израел ја добил Тора кога оваа група се обврзала да стане како еден човек со едно срце, во заемна гаранција. Благодарение на своето соединување, тие пред сè добиле 10 основни заповеди – „Десет искази" – план за сите наши поправања наспроти десетте целосни сефирот. Всушност, јас треба да бидам поправен како што укажуваат овие 10 закони: почитувај го тоа, не прави го она итн. – 10 услови. Потоа почнувам да се приспособувам себеси на останатите закони кои ми се појавуваат. Ту ми се причинува како да создавам златно теле, ту се појавуваат „води на раздорот", ту „гревот на истражувачите" или јас жалам по кромид и лук со кои се хранев во Египет.
Значи, во човекот се појавуваат секакви состојби кои тој се обидува да ги поправи. Тој мора да нурне внатре во поделбата и да ги почувствува сите тие својства – затоа во Тора се опишани толку многу престапи.
На тој начин, наместо список од 10 основни закони, добиваме цел расказ кој зборува како да поминеш внатре во себе преку сите тие нови неисправности и поправања, едно по едно. Ако одиш правилно, ќе ти свети Светлината која се враќа кон Изворот будејќи во тебе, покажувајќи и објаснувајќи секакви темни празнини. Тогаш ќе почнеш да сфаќаш кој си ти и викаш, секогаш обидувајќи се да се обединиш како еден човек со едно срце. А тебе ти се откриваат форми за поврзување, кои мора да се создадат за тоа.
На крај, кога ги завршуваш сите поправања, излегува дека си ги исполнил сите „10 искази", кои ти се разјасниле во целиот овој процес кој во себе вклучува 620 поправања – „заповеди". Ако си се согласил да се обединиш во еден човек со едно срце – сега треба да одиш напред, одржувајќи ја оваа линија и на секој чекор да бидеш соединет во овој „еден човек". Тогаш ќе почнеш да откриваш еден пад по друг: златно теле, води на раздор, грев на истражувачи итн. – ќе откриваш проблем и ќе го средуваш. Тоа и се нарекува патот на Тора, а исто така и пат на Галаха („алиха" – одење, движење) – збир од закони кои треба да се почитуваат.
Кога ќе наидеш на проблем и нема да знаеш што да правиш, Тора ќе ти објасни како да го изведеш поправањето – и така ти подготвуваш совршен сад за својата душа. Книгата Тора раскажува за внатрешниот процес кој мораш да го поминеш – за твоите внатрешни објаснувања и поправања. Ако ја читаш оваа книга и го чувствуваш она што таа ти го говори, пред себе ќе видиш пат.
Тоа е долг пат и ти сè уште не си почнал да одиш по него, но можеш да читаш за него со надеж дека некое од тие идни поправања ќе те осветли тебе. Тогаш оттаму ќе добиеш светење кое се нарекува опкружувачка Светлина – Светлина која се враќа кон Изворот. Но ова ќе се случи само ако си ги посакал сите тие поправања и ако воопшто разбираш за што читаш. Можеби ти го читаш сето тоа како историски роман или како правни закони? Сè зависи од твојот однос.
Истото се однесува и за книгата Зохар, Учењето на Десетте Сефирот – сите книги говорат за едно исто: како да се открие во себе злото и како да се поправи. Тоа и се нарекува Тора – затоа што и откривањето на злото и неговото поправање се случува благодарение на Светлината која се враќа кон Изворот. Ако човекот се занимава со вакви поправања, тоа значи дека тој ја изучува Тора. Без тоа, тој едноставно учи за сувопарно знаење.
Тоа мора да се случи сега и овде
Во оној момент, кога влегуваш во конгресната сала, ти мора да се вклучиш во заедничката огромна желба, во спремноста за соединување, кон она што ние овде и сега ќе го оствариме! Човекот треба да помисли што треба да се случи овде и сега (како што е напишано за тоа, дека секој момент треба да се очекува доаѓањето на Месијата). Така го предизвикуваш тоа дејствие и тоа навистина ќе се случи.
Но, не е доволно само да се дојде. Треба да се подготвиш за тоа. Желно да ги проучиш сите материјали за конгресот. Јас не сакам да ве изненадувам со некакви нови податоци – тоа воопшто не е во моите планови. Напротив, колку повеќе материјал ќе ви биде познат и јас ќе раскажувам веќе познати работи, како одговор на вашата желба, насочена кон она што порано сте го читале, слушале и учеле, за што ќе можам да дадам навистина нови објаснувања. Јас сум заинтересиран таму да видам луѓе кои го разбираат и чувствуваат материјалот, кои однапред знаат што се спремам да кажам. На интернет се поставени теми на лекциите и материјали врз основа на кои тие ќе бидат градени – сето тоа треба да се научи.
Не се потребни никакви изненадувања, обновувањата треба да се случат внатре во нас, за да се соединиме сите заедно и да откриеме нови состојби. Тоа се смета за обновување. Зборовите можат да останат и исти – но влијанието од нив и длабочината на она за што тие говорат, ќе бидат нови. Ние ќе ги почувствуваме на ново, поинакво ниво. Затоа желното учење на материјалите, учењето на памет на зборовите од песните, музиката, сè да биде познато е многу важно.
Она што човекот веќе го пробал и му се навраќа повторно добива дополнителен, пријатен вкус. Кога нешто пробуваме за прв пат, скоро и да не го чувствуваме вкусот. Истото тоа е кажано и за престапот: „првиот пат грешката не се смета за грев" затоа што ти не си знаел што ќе се случи и само си пробал. Но кога веќе си пробал и сакаш да продолжиш, како Адам кој за јаболкото од Дрвото на Спознанието рекол: „Јадев и ќе јадам и понатаму!" – тука веќе се јавува проблем. Затоа треба однапред да ги „испробаме" материјалите за конгресот за прв пат и на него „да јадеме и понатаму" и да го откриеме вистинскиот вкус. Не е доволно да се прочита половина страница и да се сметаме себеси за спремни.
Јас треба да изградам во себе садови, инструменти за перцепција и да ги подготвам, како да мешам и подгревам тесто. Така треба да се загрееме себеси. Од заедничката подготовка зависи дали човек ќе почувствува нешто или не. Колку повеќе луѓе се спремни, толку повеќе ќе можеме да постигнеме и со разум и со срце. А ако и двете дејствуваат правилно, ќе успееме да постигнеме откривање...
Од утринската лекција - 02.11.2011 Следете на каб.тв од 02:00