Светски конгрес во Москва, предавање бр. 1 - 09.06.2011
Паролата на нашиот конгрес е „Иднина – светот на единството". Јас сум трогнат од тоа дека после многу години, во текот додека се занимавам со науката кабала, на крај почнува да се појавува тоа единство на светот или поточно, потребата од него. Во текот на милијарди години развој на нашиот свет, а исто и во многубројните дејствија до неговиот зародиш, сè одело кон таа точка – точката за осознавање на потребата од единство. Дури сега таа почнува да се буди, да се појавува, да ја покажува неопходноста од неа. Ние со вас се наоѓаме во самиот центар на тоа осознавање.
Сè почна кога единствената сила на Природата, силата на давањето или Создателот, што е едно исто, почна да дејствува, да создава материја. На почеток духовна материја, односно желба – желба за исполнување, желба за развој, желба за чувствување на самиот себеси и сè наоколу. Таа желба се развива под дејство на првобитната сила, силата на Природата.
Нејзините стадиуми ги изучуваме како „четири стадиуми за распространување на директната Светлина". Целта на развојот на битието или желбата е тоа да стане слично со целата природа во целосна хармонија или со други зборови, слично со Создателот, во соединувањето со Создателот затоа што соединувањето се постигнува со сличност на својствата.
Потребно е материјата, односно желбата, спротивна на Светлината, спротивна на својството за давање, на крај да ги помине сите етапи од својот развој и да осознае дека највисока, најдобра состојба е сличноста со Светлината, сличноста со совршената Природа, хармонијата со неа, единството со неа.
Меѓутоа, за да се достигне таква состојба, потребна е целосна спротивност на почетокот, односно да се почувствува себеси во својство сосема спротивно на Светлината, да се испроба егоизмот, суровоста, желбата да се мисли само на себе, чувството само за себе, неспособноста да се почувствува другиот, да се помисли на другиот, ако тоа не е за себе, ако не носи лична корист, ако не значи искористување на другите. На тој начин, кај битието треба да се појават својствата кои се најспротивни на Светлината.
Во нашиот свет ова битие е човекот кој во текот на историјата поминува низ многу развојни етапи, а најважното е тоа што тој целосно е спротивен на силата на Природата. Тоа е многу сложен и долг процес. Во текот на стотици илјади години ние се движиме напред и малку по малку во нас се засилува егоизмот. Однадвор гледаме како човекот се развивал во своите социјални формации додека не ја достигнал денешната состојба. Во целина, тој егоизам, таа желба постојано нè туркала напред сè до сегашниот момент.
Но сега, во последно време, почнуваме да се убедуваме дека тој егоизам, таквата наша природа навистина е наш непријател, единствениот непријател, бидејќи оттргнувајќи нè еден од друг, таа нè лишува од можноста нормално да живееме дури и на нивото на овој материјален свет.
Стануваме сè позатворени, посурови, поплашливи, поделени, заземаме одбранбен став и на тој начин самите себеси се лишуваме од нормален живот, ја губиме самата смисла на постоењето. И навистина, зошто да се живее? Само за да се браниме, да се заштитуваме? За да се ставиме себеси во некакви рамки и да проживееме во нив некое време во некаква удобност и безбедност? Толку?
Вака се чувствува човекот во нашиот свет, кој со време станува сè посуров по својата природа. Ние самите го правиме таков, нашиот егоизам нè турка кон тоа. И на крај, сето тоа се појавува во една огромна криза. Во некои држави таа се чувствува повеќе, во други помалку, но таа секако расте. И да ја прикриваме, не можеме да направиме ништо. Таа се појавува во економијата, во социјалната организација, во опаѓањето на улогата на семејството, во сите проблеми кои се појавуваат во општеството – кризата на воспитувањето, наркотиците, тероризмот итн. Во сите сфери од својата практична работа човекот се судира со многубројни кризи, но на крај – тоа е криза од нашата спротивност од природата.
Се разбира, таа може да се поправи само во својата суштина. Поинаку нема да успееме да ја исправиме. Гледаме како раководителите на државите, властите, дури ни тирански не можат ништо да направат со помош на парите и армиите кои ги имаат. Светот неуморно оди кон раздор. Силите, властите уште се обидуваат да го одржат светот во претходните рамки, но веќе не се способни за тоа.
Развод на вавилонски начин
Светски конгрес во Москва, предавање бр.1 09.06.2011
Ние немаме ни најмала претстава за идниот светски поредок затоа што сме во таков систем на сили, каков што порано никогаш немало во нашиот свет. Природата, Создателот почнаа јасно да се оцртуваат и сè појасно и појасно да ни се доближуваат. Затоа треба да почнеме да го откриваме Вишиот Свет, односно Вишиот систем на управување – системот на управување од Вишата Сила, Светлината.
Кога таа сила ни се приближува, кога свети врз нас, врз нашето општество, врз нашиот свет сè појасно, поинтензивно, ние ја чувствуваме нашата спротивност од таа надворешна сила. Не ја чувствуваме самата сила, туку сопствената неспособност да се престроиме. Светот станува непредвидлив, човештвото се занимава со гатање, дури и верува во чуда. И тоа во нашиот просветен век!?
После дваесетиот век ние одеднаш почнуваме да веруваме во тоа. Секоја година, а понекогаш и неколку пати годишно кај нас се појавуваат најразлични датуми за крај на светот и други слични апокалиптични настани. Освен тоа, се наоѓаме во силни „прегратки" на природата, која сама неочекувано генерира кризи како на пример, цунами, урагани, ерупции на вулкани, пожари, поплави итн. Постепено сè излегува од рамнотежа, од кревката рамнотежа во која се наоѓавме – затоа што ја поминуваме точката на прекршување.
Таа точка еднаш ја поминавме во мал социјален размер на Древниот Вавилон. Таму било концентрирано целото човештво и уште тогаш тоа разбрало дека претставува мало затворено општество. Ние одеднаш „се затекнавме" меѓу себе, откривме дека сме зависни еден од друг. Од друга страна пак, како сопрузи пред развод, се мразиме еден со друг, дури и да живееме во еден стан. Треба да си одиме, не можеме да бидеме заедно на исто место, но заедничките врски нè одржуваат заедно.
Токму ваквиот „заеднички стан" го откриваме денес на нашата Земја. Некогаш тој бил на мала територија – во Месопотамија пред 3700 години. Тогаш првите луѓе почнале да бараат: „Што да се прави? Од една страна, сите сме заедно во целосна, тотална меѓусебна зависност, а од друга страна се мразиме еден со друг и бегаме подалеку еден од друг..."
Две спротивни сили, две тежишта го уништувале општеството. Тогаш фактички, биле предложени два метода. Едниот е поправањето на нашата природа. Да почнеме да го поправаме нашиот егоизам – она што нè разделува, оддалечува, оттурнува еден од друг. Така ќе победиме, ќе станеме една целина во нашата меѓусебна помош. Ќе имаме огромна сила и ќе издигнеме, буквално, „кула до небото" – кула на нашата заедничка љубов, соработка и единство, позитивна сила. Со тоа ќе станеме еднакви на Природата, бидејќи во Природата сè е поврзано меѓусебно.
Сите нејзини нивоа – неживото, растителното и животинското – секогаш дејствуваат во заемна хармонија, а само човекот со својот егоизам се чувствува себеси над природата, мислејќи дека може да прави сè што ќе му текне. Но, ако почне да ги сфаќа природните закони и да бара согласување, хармонична врска со неа, ќе ја почувствува сета нејзина широчина и длабочина, ќе почне да ја сфаќа и осознава нејзината замисла, нејзината внатрешна смисла. Тоа се предностите од поправањето на човекот.
Но, за жал, човештвото (околу три милиони луѓе, кои живееле меѓу Тигар и Еуфрат) го избрало другиот пат. Одлучиле дека подобро ќе биде „да се разотидат", слично како сопрузите по неуспешниот брак, да го поделат станот и да престанат да контактираат. И луѓето отишле по целата земја. Многу древни извори сведочат за тоа. Од тоа време останала книгата по кабала која се нарекува „Книга на создавањето". Ја имаме во бесплатниот архив, секако и на руски јазик.
Потоа се појавила книгата под наслов „Голем коментар", која исто така ги опишува настаните кои се случиле во Древниот Вавилон и тоа како луѓето не можеле да го решат проблемот за обединување, бидејќи за тоа било потребно да се работи врз својот егоизам, да се издигнат со помош на посебен метод, а тоа барало поголеми внатрешни морални напори, отколку едноставно да се разотидат еден од друг и секој да си прави што сака во својот агол.
Јосиф Флавиј опишал каде се резотишле овие луѓе, на какви места. Од нив произлегле сите верувања и религии, сè што се потпира на егоизмот, сè што поддржува егоизмот.
Светот е спремен да слушне
Светски конгрес во Москва, предавање бр.1 - 9.-6.2011
Кабалата е метод која ни говори како да се обединиме меѓу себе, дека таков е планот на Природата – единствената Сила која ја држи целата Вселена, сите нас, целиот универзум. Уште од времето на Древниот Вавилон оваа наука била скриена целосно од човештвото. Во неа е кажано дека таа ќе се предава преку мало „поточе" од учител кон ученик во текот на многу илјади години, од Древниот Вавилон до денешно време, додека нашиот свет не стане современ Вавилон – не премине во една целина.
Тоа означува целосна меѓусебна поврзаност, надвор од зависноста на границите, државите, континентите, народите, расите, групите, религиите кои се појавиле попатно. Меѓу нас ќе се појави таква меѓусебна зависност, што таа ќе ги поништи сите тие прегради.
Но од друга страна, нашиот егоизам ќе се зачува и развие, по што уште повеќе ќе се мразиме еден со друг, ќе се оттргнуваме еден од друг, автоматски, потсвесно ќе мислиме само за себе, никакво не земајќи ги предвид другите и максимално искористувајќи ги за своја корист. Таква ќе биде нашата природа по 3700 години, се вели во кабалистичките извори. Ќе дојдеме до огромен егоизам и тој за нас ќе биде природен. Нема ни да сфаќаме дека тој е посебен – ќе прифатиме дека едноставно сме такви и таков е нашиот живот.
И пак истиот егоизам, заедно со нашата огромна интегрална врска, со комуникацијата која сме ја создале меѓу себе, на крај пак ќе нè претвори во Вавилон. Освен тоа, на последната етапа од развојот на огромното егоистично општество, кога тоа ќе стане глобално, ние ќе ги истрошиме сите Земјини ресурси и извори на енергија – водата, рудата, металите, нафтата, јагленот, гасот. Сето тоа доаѓа до крај. Дури и да сакаме и понатаму да го зголемуваме својот егоистичен потенцијал, веќе тоа е невозможно.
Општеството на побарувачката кое се разви во текот на дваесеттиот век, се исцрпува самото, опустошувајќи ги сите земјишни ресурси. На крај, дури ни едноставно физички не можеме да живееме така понатаму. Постигнавме таква спротивност еден со друг и со природата околу нас, што самото тоа нè принудува нешто да преземеме. Нашето општество станува поинакво – неуправувачко. Гледаме како во разни земји, особено во последно време, произлегуваат, на прв поглед, неразбирливи револуции, како комуникацијата, поврзаноста меѓу луѓето побудува барања за социјални промени. Но, нам тоа сè уште ни е несфатливо – како и зошто се случува тоа – денес таму, а утре можеби тука или на кое било друго место. Не гледаме кон што води тоа.
И во таа состојба на конфузија, несфаќање на следната етапа, гледаме како на светот одново му се открива науката кабала. Паметам, кога учев кај својот учител, заминавме заедно со него на посебни, кабалистички места и таму седевме еден спроти друг. Во тие ноќи тој се обидуваше да ми раскаже дека ќе дојде време кога кабалата ќе се открие.
Што значи „да се открие"?
„Да се открие" не значи ти да почнеш да зборуваш, туку да почнат да доаѓаат луѓе кои сакаат да слушаат, затоа што тоа не зависи од тебе, туку од тоа дали ќе те слушаат. И гледаме дека времето е дојдено – по тоа колку луѓе, кои денес во разни земји, на разни континенти, на секакви јазици, сакаат да слушнат вест за тоа што бара од нас Природата, Создателот, на што треба да бидеме слични, како треба да се промениме, на кое ниво да се издигнеме, како притоа да влеземе во сосема поинаква димензија, на ниво на чувствување на заедничката природа, вечност, совршенство, да го почувствуваме тоа овде и сега, во нашиот свет. Таквите луѓе, кажано е во науката кабала, ќе се појават на крајот од дваесеттиот век.
Јас не верував многу во тоа, не гледав никакви услови за тоа. Но навистина, кон крајот на минатиот век илјадници луѓе почнаа да се интересираат за кабалата, потсвесно, инстинктивно да го чувствуваат овој стремеж, благодарение на желбите развиени во нив кои го достигнале финалното созревање. Во тоа крајно созревање на егоистичната желба и се раѓа следното ниво – новата димензија.
Програма за развој под шифра „АВАЈА"
АВАЈА (јуд-кеј-вав-кеј) е единствениот модел кој Создателот го испечатил внатре во желбата, создадена од Него „од ништо". Целиот универзум е вклучен внатре во тие четири стадиуми кои сè повеќе се распространуваат и се откриваат во световите.
Но, ние никогаш не излегуваме од Малхут на светот на Бесконечноста, која почнува да се развива внатре во себе и тоа се нарекува светот Адам Кадмон, Ацилут, разделување на световите Брија, Ецира, Асија со овој свет, со нас од овој свет...
Сето ова се наоѓа внатре во истиот тој Малхут на свет на Бесконечноста. Сите овие светови се појавуваат кај оној кој ги постигнува својствата на Малхут и на местото каде што тие се наоѓаат. Така Малхут им се открива себеси. Затоа зборуваме дека се наоѓаме на „овој свет". Но, што е тоа „овој свет"? Тоа е истата таа Малхут на светот на Бесконечноста, но толку темна, толку многу намалена од самата себе, што ние ја чувствуваме како „овој свет", наместо светот на Бесконечната Светлина.
Кога ќе почнеме да работиме и да привлекуваме Светлина таму, да се доведуваме себеси во согласност со Светлината, ќе почнеме наместо овој свет да ги чувствуваме светот Асија, Ецира, Брија итн. – сè повеќе и повеќе, додека не ја разоткриеме целата Малхут на Бесконечноста во целина. Оваа Малхут се наоѓала во првичната состојба („1"), по своето создавање, сега ние се наоѓаме во неа во процес на поправање – состојба („2"), а на крај ќе дојдеме до крајно поправената состојба „3", но сето тоа е едно исто битие, една Малхут на светот на Бесконечноста.