17.09.2011
Конгрес во Торонто. Предавање бр.4
Ние живееме во некаков временски ограничен свет – се раѓаме, живееме и умираме. Секако дека тоа во нас предизвикува многу прашања – зошто сето ова, дали природата прави сè заради некоја цел, секој пат издигајќи се на повисока состојба? Каде е резултатот од нашиот живот? Тој ни се слизнува и ние не го чувствуваме. Науката кабала ни го објаснува ова. Таа не нè обврзува да веруваме, за разлика од религиите и секаквите верувања. Таа нè советува да извршуваме дејствија, со чија помош пред себе ширум ќе ја отвориме целата реалност.
Науката кабала ни вели дека ние всушност цело време постоиме во една реалност, само што таа реалност е создадена при Замислата за битието веднаш во својот конечен, совршен вид, како што е кажано: „Крајот на дејствијата е во почетната Замисла". На самиот почеток на Замислата веќе се појавил крајот на дејствијата и ние се наоѓаме во таа состојба – корисна, совршена, поправена, најдобра. Оваа состојба е непроменлива.
Но ние, раѓајќи се и живеејќи во неа, себеси се чувствуваме како нежива творба која ништо не чувствува, бидејќи да се чувствува значи да се чувствува разлика помеѓу две состојби – меѓу мене и уште нешто. Слично како што можеме да се исклучиме од некакво чувство и да не го чувствуваме. Мене може да ми се стави инјекција против болки и јас нема да почувствувам болка дури и ако ја ставам раката во оган. Чувството е она што ни е потребно бидејќи битие се нарекува оној кој чувствува. Ние го изгубивме чувството за она совршено „место" во кое сме биле во вид на точка. Всушност, сме се наоѓале во целиот тој огромен простор, но во своето чувство сме биле како точка.
Сега треба да го рашириме нашето чувство од таа точка до светот на Бесконечноста за кој говори науката кабала. Ние и сега се наоѓаме во целиот неограничен простор на светот на Бесконечноста, но во нашето чувство сме како точка – не чувствуваме ништо. Може ли да се каже за капка семе дека е човек? – Не. Тоа е некаков информациски ген (решимо) и ако тој се развие, ќе се добие човек. Тоа е решимо и човекот е во рамките на протеините и нивното постоење. Но, ако се зборува за чувство, односно неговото решимо во нас, ние треба да го развиеме до размери на Бесконечноста – да достигнеме во своето чувство, во својата перцепција влијание од таква состојба, целиот простор на Бесконечноста да влезе внатре во решимо, односно решимо, распалувајќи се, во себе да проголта сè што постои во оваа бесконечна сфера.
Ова значи дека во себе треба да Го вклучиме Создателот, со други зборови, Неговите својства, својствата на давање. Кога тие влегуваат во мене и се соединуваат со мојата исконска точка, јас се ширам и почнувам да чувствувам што претставува својството за давање, каков е Создателот. Тогаш ја чувствувам целата таа бесконечна реалност, станувам вечен и совршен, слично како Создателот.
Двигател на идеи
Конгрес во Торонто. Предавање бр.4
Само грижејќи се за широкиот свет, ние ја допираме територијата на нашето единство. Обединувањето треба да биде во грижата за некого. Исто како кога грижејќи се за децата, сопрузите почнуваат да се чувствуваат себеси како родители, чувари.
Затоа треба да вложуваме сили во распространувањето, заемно, правилно, добро организирано. Користиме интервјуа, клипови, песни и други содржини. Треба да се создаде „склад на готова продукција" кој постојано се полни за да може оттаму да се земаат потребните материјали, да се преведуваат на разни јазици и да се пуштат во функција. Токму таквата грижа за светот ќе нè поврзе во едно. Врска меѓу себе можеме да создадеме само ако извршуваме давање на другите. Таков е духовниот закон – не сум способен за контакт, не сум способен за напредок ако не се изврши давање некому. Ние треба заедно да работиме на тоа и да се организираме сè подобро и подобро. И не чекајте иницијативи од израелскиот центар – дејствувајте самостојно.
Во Израел сега ние имаме свои проблеми, овде станува жешка точка во светот. Така што, остварувајте го она што сте го започнале, прилагодено на ваши услови бидејќи ние не ја распространуваме науката кабала, туку знаењата за вистинската состојба на светот. Треба само да ги учиме точните форми на давањето и постојано да го подобруваме во текот на работата. Само распространувањето ќе ни овозможи да се развиваме. Основни правци на работата се интернет и контакти со научници. Ако се базираме на нивните податоци, се обраќаме нагоре, кон владите, а исто така и надолу, кон народот. Ние стапуваме во улога на „двигател на идеи", кој во општеството и на интернет шири животно важни знаења.
Виртуелното распространување не бара големи напори. Не треба да претеруваме во подготовката на материјали. Најважно е да се носат идеите до луѓето. Денес клучни фактори стануваат едноставноста и достапноста. На луѓето им се допаѓа кога со нив се разговара едноставно и основано, без истражувања и специјални ефекти. Да го научиме ова заедно и колку што е можно побргу.
Шолја чај за општо добро
Конгрес во Торонто. Предавање бр.5
Ние треба да го промениме општественото мислење, да направиме нов поглед, да дадеме вистински одговор на беспомошноста и безнадежноста, на проблемите, на збунетоста, и отсуството на писмено раководство, на сите прашања кои произлегуваат од неразбирањето на законите на глобалниот свет. Да речеме, јас и ти треба да потпишеме договор – јас ти давам некоја задача за определена награда. Така, во глобалниот свет треба да ги имаме предвид сите фактори без исклучок.
Исто така во организмот – промената на еден параметар влијае на сите останати. Таков е законот на интегралниот аналоген систем – најмалата промена одекнува во сите делови. Еве и ние со тебе живееме во таков систем. Како да заклучиме меѓусебно прифатлив договор? Бидејќи овој договор, несомнено, ќе се одрази на сите. Значи, треба да ги имаме предвид интересите на сите. Со други зборови, какво било наше заедничко дејствие треба да биде насочено кон општ подем. Ако нашиот договор или каква било иницијатива, не биде сметан во интерес на сите, нема да биде крунисан со успех. Ние сè уште само го откриваме глобалниот систем и затоа уште не сме ја почувствувале целата тежина на ситуацијата.
Меѓутоа, пред нас стојат многу сурови услови – нема да можам да испијам ни шолја чај ако тоа не е за општ интерес. Во термините на науката кабала овој интерес се нарекува „со намера да се причини задоволство на Создателот" – со други зборови, на сите души заедно. Кој е способен за такво нешто? Излегува дека ни останува само да умреме?
Или пак Природата, односно заедничкиот механизам на нашата меѓусебна врска, кој сега се открива, сепак ќе нè натера темелно да се запознаеме со неговиот начин на работа. Нека биде тоа и преку несреќи и страдања, но ние, безусловно ќе мораме да го направиме тоа. Тогаш со тебе ќе заклучиме договор, врз основа на нашата врска со сите. Ние нема да треба да ги регистрираме сите седум милијарди луѓе на Земјата, туку интересот на единствената целина, едноставно и прекрасно. Без тоа нема да опстоиме – натаму оди работата.
Затоа денес најдобрите умови, водечките индустриски, банкарски и владини аналитичари се претвораат во импотентни луѓе. Тие се анемични, немаат ни разум ни чувства, ни сила на глобалното, интегрално ниво. Како последица од тоа, не можат ни да решат ни да направат нешто, па нашиот свет се тркала сè подалеку, при што од старите методи преминува кон потребата од обединување.
Ако не се промениме, ние со ништо нема да можеме да се обезбедиме еден со друг, вклучувајќи ги овде и најосновните потреби. Но, бидејќи времињата на сопствено земјоделство одамна се поминати, ние немаме домашна стока и фарми. Ситуацијата е тешка и се надеваме дека ќе успееме да им ја објасниме на луѓето додека да се појават несреќите.
Плаќање за застој
Конгрес во Торонто. Предавање бр.5 /18/09
Прашање: Дали состојбата на групата влијае на нејзината работа во распространувањето?
Одговор: Јас не се мешам во работата на нашите групи. Човекот сам се оформува себеси, а јас не можам да го направам тоа наместо него. На него му се прави збрка, тешкотии, му се додава надменост и други својства. Тој или правилно го сфаќа патот и ги поминува препреките или не. Во крајна линија, можеби тој ќе се поправи не сега, туку после педесет години. Кон ова јас се однесувам со големо трпение.
Секоја група го добива она што и треба, а исто така и секој човек. Јас сеам, но тоа што ќе излезе не зависи од мене. Се разбира дека состојбата на групата влијае на нејзината работа за распространување. Сè што не е реализирано, што требало да се оствари на определена етапа, како бумеранг се враќа назад, посилно за неколку пати, бидејќи групата добила можност и не ја искористила. Секој од нас одговара за другите. Зафаќајќи го своето место на заедничкото Дрво на животот, јас треба да ја спроведувам Светлината надолу по синџирот. Од мене излегуваат текови низ кои таа треба да стигне до другите.
Но, ако во мене се појави застој, тогаш и тековите пресушуваат. Мене ми било определено време за предавање на Светлината, но јас не сум ја исполнил задачата и сега целата Светлина, предодредена за одводните канали од мене стои „во застој" и не оди надолу. Притоа, јас ја чувствувам како негативна сила и морам да платам за тоа бидејќи, согласно програмата, јас требало да го отворам својот вентил за да можат други луѓе да пристапат кон обединување и поправање. Но, наместо тоа, јас се впуштив во личните интереси, станав горд, почнав да се занесувам по своето властољубие...
На крај, силата на надменоста и властољубието ќе биде скршена со истата таа Светлина која е насобрана во мене и не може да се движи понатаму. Нејзиниот притисок ќе проработи и на крај на краиштата ќе експлодира во мене. Плаќањето за застојот е многу големо, бидејќи јас сум го преградил патот на Светлината кон многу луѓе и сум ги оставил без можност да се поврзат со неа. Од нивна страна, тие требало да ја насочат понатаму. Можеби јас сум оставил без Светлина илјадници и милиони... Значи, ако човек не учи како што треба, тој учи лошо.
Од конгресот во Торонто 16, 17.09.2011 Следете на Каб.тв