Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Вовед во Книгата Зохар, Точка 31- 40

31. Во Новиот Тикун (Т. 97 б) за стихот (Поговорки 30,15) пишува: „Коњската пијавица има две ќерки: „Дај, дај.“: „Пијавица“ означува пекол. А злото фатено во тој пекол лае како куче: „Хав, Хав“ (хебрејски: дај, дај),“ што значи: „Дај ни го богатството на овој свет, дај ни го богатството од следниот свет.“

Па сепак ова е многу поважен степен од првиот, бидејќи покрај добивањето на целосната волја за примање, која на човек му го дава сиот потребен материјал за работа, ова е степенот кој го води до Лишма (за Нејзино Име). Како што велат нашите мудреци (Песахим 50б): „Човек секогаш треба да ги следи Тора и Мицвот преку Ло Лишма (не во Нејзино Име), бидејќи од Ло Лишма, ќе дојде до Лишма.“ 

Затоа, овој степен, кој доаѓа по 13-тата година, се смета за светост. Се смета за света слугинка која ја служи својата Господарка, која е Светата Шехина (Божество). Тоа е затоа што слугинката го носи човек до Лишма, и е награден со инспирација на Божественото. Сепак, човек треба да ги искористи сите соодветни средства за да дојде до Лишма, бидејќи ако не вложува напор и не достигне Лишма, ќе падне во јамата на нечистата слугинка, која е спротивна од светата слугинка, и чија улога е да го збуни човека дека Ло Лишма нема да го донесе до Лишма. За неа е речено: „Слугинката што е наследничка на својата Господарка“ (Изреки 30,23), бидејќи никого нема да пушти да се доближи на господарката, т.е. Светото Божество.

Последниот степен во овој дел е тоа дека тој страсно ќе се вљуби во Создателот, како што страсно се вљубува во телесниот свет, сè додека предметот на страста не стане присутен пред неговите очи, по цел ден и цела ноќ, како што вели поетот: „Кога се сеќавам на Него, не ми дава да спијам.“ Потоа за него се вели: „но исполнетата желба е дрво на животот“ (Изреки 13, 12). Тоа е затоа што петте степени на душата се Дрвото на Животот кое се протега низ 500 години. Секој степенн трае 100 години, што значи дека ќе му ги донесе сите пет Бехинот (разлучувања) НаРаНХаЈ (Нефеш, Руах, Нешама, Хаја, Јехида) кои се разјаснети во третиот дел.

32. Третиот дел е работата според Тора и Мицвот во Лишма - да се научи да се дава и да не се бара награда. Таквата работа ја прочистува волјата за примање за себе и ја заменува со волја за давање. До онаа мера до која ќе ја прочисти желбата за примање, станува достоен да ги прими петте делови на душата наречени НаРаНХаЈ (долу, точка 42). Тое е затоа што стојат во волјата за давање (точка 23), и не можат да го облечат неговото тело сè додека ја контролира желбата за примање – која е спротивна, или дури различна во облик од душата. Тоа е затоа што облекувањето и истоветноста на обликот одат заедно (види точка 11). А кога човек ќе биде награден со целосна волја да дава и ништо да не зема за себе, ќе биде награден со истоветност на обликот со своите горни НаРаНХаЈ, кои потекнуваат од неговиот извор во Ајн Соф во првата состојба, преку чистите АБЈА, и ќе се облечат постепено.

Четвртиот дел е работата која се врши по воскреснувањето на мртвите. Тоа значи дека желбата за примање, која веќе е целосно отсутна по смртта и закопот, сега се оживува во нејзиниот претеран, најлош облик, како што велат нашите мудреци: „Мртвите ќе бидат оживеани со своите мани.“ (точка 28) Потоа се претвора од примање во вид на давање. Меѓутоа, има малкумина избрани на кои оваа работа им е дадена уште додека живеат во овој свет.

33. Сега останува разјаснувањето на шестото прашање, т.е. зборовите на нашите мудреци кои велат дека сите светови: Виши и нижи, се создадени само за човекот. Се чини многу чудно дека за човекот, кој е само призрак во споредба со реалноста пред нас, во светов, а камо ли во споредба со Вишите, Духовни Светови, Создателот би се мачел да го создаде сето тоа за него. А уште почудно, што ќе му се сите тие огромни духовни светови на човекот?

Морате да знаете дека секое задоволство на нашиот Создател, од тоа што им дава на Своите создадени суштества, зависи од тоа колку суштествата го чувствуваат – дека Тој е Оној што дава, и Оној што им носи радост. Бидејќи тогаш Тој наоѓа големо задоволство во нив, како татко кој си игра со својот сакан син, до онаа мера во која синот ја чувствува и препознава величината и возвишеноста на татка си, а татко му му ги покажува сите богатства што ги спремил за него. За тоа пишува во Јеремија 31: „Ефраим, драгиот мој син, дали е тој радост на своите родители? Бидејќи секој пат кога зборувам за него, искрено, уште се сеќавам на него. Затоа срцето ми копнее по него, и сигурно ќе бидам милостив кон него, вели Господ“ (Јеремија 31,19).

Внимателно забележете ги овие зборови и ќе можете да ги дознаете големите радости на Господ заедно со оние целосните кои се даваат кога некој го чувствува и ја препознава Неговата величина на сите оние начини на кои Тој ги подготвил за нив, додека не станат како татко со својот драг син, радоста на своите родители. Не мора понатаму да зборуваме за ова, бидејќи доволно ни е да знаеме дека за тоа задоволство и радост со целите, Нему Му се исплатело да ги создаде сите светови – Вишите и нижите.

34. За своите суштества да ги подготви кон достигнување на спомнатиот возвишен степен, Создателот создал четири степени кои еволуираат еден од друг, наречени, „неподвижен,“ „вегетативен,“ „животински“ и „говорен“. Тоа, всушност, се четирите фази на волјата за примање, на кои се поделени Вишите светови. Бидејќи, иако поголемиот дел од желбата е во четвртата фаза на волјата за примање, невозможно е четвртата фаза да се појави одеднаш, туку преку претходните три фази, во кои, и преку кои, таа постепено се развива и појавува, додека не е целосна во вид на четвртата фаза.

35. Во првата фаза на волјата за примање, наречена „неподвижна,“ која е првичната манифестација на волјата за примање во овој телесен свет, постои само колективна сила на движење за целата неподвижна категорија. Но во поединечните примероци не се гледа никакво движење. Тоа е затоа што желбата за примање создава потреби, а потребите создаваат доволно движења, доволно да се задоволи потребата. Но бидејќи има само мала желба за примање, таа владее само со целата категорија одеднаш, но нејзината власт над поединечните примероци е нераспознатлива.

36. Вегетативната фаза е втората фаза од волјата за примање. Нејзината сила е поголема од онаа кај неподвижната, и тука желбата за примање владее со секој поединечен примерок, бидејќи секој од нив има свое движење, се шири по должина и ширина, и се движи кон сонцето. Во секој примерок е очигледно јадењето, пиењето и исфрлањето отпадни материи. Меѓутоа, чувството на слобода и индивидуалност е сè уште отсутна кај нив.

37. Потоа доаѓа подвижната категорија, која е третата фаза од волјата за примање. Таа е во голема мера потполна, бидејќи тука желбата за примање во секој примерок создава чувство на слобода и индивидуалност, која е животот, кој е единствен кај секој примерок посебно. Па сепак, им недостига чувство за другите, што значи дека не се подготвени да ги споделуваат туѓите болки и радости, итн. 

38. Над сите доаѓа човечкиот вид, кој е четврта фаза од волјата за примање. Тоа е потполната и конечна мера, и тука волјата за примање содржи и чувство за другите, меѓу другото. Ако сакате да знаете точно по што се разликуваат третата фаза од волјата за примање, подвижната, и четвртата фаза од волјата за примање кај човекот, ќе ви кажам дека разликата е како онаа меѓу вредноста на едно суштество споредена со вредноста на целото создание. Тоа е затоа што желбата за примање кај подвижните суштества, која нема чувство за другите, може да создаде потреби и желби само во онаа мера колку што се втиснати во самото суштество. Но човекот, кој може да ги почувствува и другите, чувствува потреба од сè што имаат и другите, и тоа е исполнето со завист да добие сè што имаат другите. Кога има сто, сака двеста, и така неговите потреби вечно растат додека еден ден не посака да го голтне целиот свет.

39. Сега покажавме дека саканата цел на Создателот за Созданието е да им дари нешто на своите суштества, за тие да ја дознаат Неговата вистинољубивост и величина, и да го добијат сето задоволство што Го подготвил за нив, како во стихот:„Ефраим мојот драг син, дали е радоста на своите родители?“ (Јеремија 31,19). Така, јасно гледате дека оваа цел не може да се примени на неподвижните созданија и големите небески тела, како: земјата, месечината или сонцето, колку и да се сјајни, ниту на вегетативните или подвижните, бидејќи им недостасува чувство за другите, дури и од нивниот сопствен вид. Затоа, како може за нив да важи чувството за Божествениот и Неговиот дар?

Самото човештво, подготвено со чувството за другите од истиот вид, кои им се слични, откако навлегле во Тора и Мицвот, кога ќе ја претворат својата желба за примање во желба за давање, и ќе добијат ист облик како Создателот, ги добиваат сите степени што веќе се подготвени за нив во Вишите светови, или НаРаНХаЈ. Со тоа стануваат способни да ја примат намената на Мислата на Создавањето. Сепак, на крај, целта на создавањето на сите светови била само за човекот.

40. Знам дека ова е сосема неприфатено во очите на некои филозофи. Тие не можат да се согласат дека човекот, за кого мислат дека е долен и безвреден, е средиштето на величественото Создание. Но тие се како црв роден во ротквичка. Тој живее таму и си мисли дека светот на Создателот е горчлив, мрачен и ситен како ротквичката во која се родил. Но штом ја пробие лушпата на ротквичката и ѕирне надвор, тогаш во чудење вели: „Мислев дека цел свет е колку ротквичката во која сум роден, а сега гледам величествен, прекрасен, чудесен свет пред мене!“

Така е и со оние кои што се заронети во Клипа (еднина од Клипот) од желбата за примање со која се родени, и не пробале да земат од единствениот зачин - практичните Тора и Мицвот, кои можат да ја скршат таа Клипа и да ја претворат во желба да Му дадат задоволство на Создателот. Сигурно е дека мораат да утврдат колку се безвредни и празни, бидејќи навистина се такви, и не можат да сфатат дека таа величествена реалност е создадена само за нив.

Навистина, ако започнат со Тора и Мицвот со цел да Му дадат задоволство на нивниот Создател, со сета потребна чистота, и ако ја отстранат Клипа од волјата за примање, со која биле родени, и ако ја прифатеа желбата за давање, очите веднаш ќе им се отворат да видат и да ги достигнат за себе степените на мудрост, интелигенција и јасниот Ум, кои се подготвени за нив во духовните светови. Тогаш и самите ќе речат како нашите мудреци: „Што вели добар гостин? „Се што направил Домаќинот, направил само за мене.“

Продолжи >>>                                                                                                                                                                                                               

 

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели