Слушнав на трпезата во чест на празникот Шавуот (мај 1947 г.), во Тел-Авив
„Мудрец дојде во градот (Мипглеј). Создателот се нарекува мудрец, а „дојде во градот“ значи дека на Шавуот Создателот се открива Себеси на светот.
Мрзливецот рекол: „Лавот демне на патот, мудрецот можеби не е дома, а вратата најверојатно е заклучена“. Меѓутоа, не е речено попусто: „Ако си се трудел и не си нашол, не верувај!“. Ако човекот сфати дека сè уште не се удостоил да биде блиску до Создателот, тоа е бидејќи не вложил доволно труд и затоа се нарекува мрзливец.
А зошто не работел? Ако бара да биде блиску до Создателот, зошто тогаш не сака да се потруди за тоа, бидејќи без да се потрудиш нема да достигнеш никаква, па дури ни материјална цел? Всушност, тој е спремен да вложи напор, само ако немало лав на патот, односно нечиста сила, како што е запишано: „Лавот демне во заседа“. Човекот кој го започнува патот кон Создателот среќава лав кој е на патот и ако ја изгуби таа битка, повеќе нема да се издига.
Затоа се плаши да го почне тој пат, бидејќи кој може да го совлада? Затоа му велат: „Нема никаков лав на твојот пат!“, односно „Нема никој освен Него“, бидејќи не постои друга сила на светот, како што е запишано: „Сè што создал Тој е создадено за да трепери пред Него“.
Тогаш тој наоѓа друг изговор: „Можеби мудрецот не е дома!“. Домот на мудрецот е Нуква, светата Шхина. Од причина што човекот не може да си разјасни дали оди по патот на светоста или не, вели дека мудрецот можеби не е дома. Всушност, тоа не е Неговиот дом, не е домот на светоста, па како човекот ќе знае дали оди по вистинскиот пат. Тогаш му велат: „Мудрецот е дома!“, односно „душата ќе го научи човекот“ и така на крај, тој ќе дознае дали оди по патот на светоста.
Тогаш извикува: „Вратата најверојатно е заклучена!“, односно дека е невозможно да влезе во дворецот, затоа што „не секој што сака да се приближи со Создателот, ќе дојде до Него и ќе се приближи“. Но, му велат: „Не е заклучена вратата“, затоа што ние гледаме дека многу луѓе се удостоиле да влезат внатре.
Тогаш тој одговара: „Како и да е, јас сепак нема да тргнам!“ – бидејќи ако е мрзлив и не сака да вложува напори, станува паметен и тврдоглав, плашејќи се дека ќе си натовари беспотребна работа. Всушност, оној кој сака да работи, напротив – гледа дека многу луѓе успеале. Ако пак, не сака да работи, тогаш забележува дека има такви, кои не успеале, иако тоа е од причина што не вложиле напори. Меѓутоа, тој е мрзлив и само сака да се оправда себеси и своите постапки, па затоа се впушта во најразлични расудувања. Вистината, всушност, е дека треба да ја прифатиш духовната работа без никакви спорови и расудувања и тогаш ќе успееш!