Не можам повеќе да се воздржувам затоа што морам да знам колку е голема оценката на вистината во нашата земја, бидејќи мојот пат е следниот: да ги истражувам сите дејствија на битијата и да го сфатам нивното значење, дали тие се добри или лоши и така да спознавам до крај, токму благодарение на ништожните слики кои поминуваат пред мене, затоа што не попусто поминува пред мене таа човечка маса – таа создава сфаќање на целата мудрост во мене и е создадена само за достигнување на знаења преку неа. На почеток ќе го оцениме својството на мрзеливоста кое е спуштено во овој свет, кое во суштина и не е толку лошо и не заслужува големо внимание. Основата за ваквата оценка е во она што го рекле мудреците: „Подобро седи и не прави ништо!“, иако има искажувања против ова правило...
Јасно е дека нема поинаква работа во овој свет освен работата за Создателот. Сите останати видови на работа, дури и за душите, доколку тие се заради себе, е подобро воопшто и да не се создале во овој свет, затоа што оној кој ги извршува е како да го претвора садот на својата душа од горе на дното, бидејќи од оној кој прима никогаш нема да се добие некој кој дава. Затоа не треба дури ни да се оценува работата, доколку таа е со намера „заради себе“ бидејќи таа е сосема празна, па затоа, се разбира, „подобро седи и не прави ништо!“, од причина што не може да има никаква корист од дејствието со намера „заради себе“ и, во крајна линија, да не се наштетува со тоа безделништво сам на себе или на другите. Бидејќи ова е Виша вистина, таа нема потреба од согласност или одобрување на оној кој го родила жена, па колку голем и да би бил тој. Затоа оној кој ја спознал големата мудрост, стои на неа со голема увереност и тврдоглавост.
***
Јас сега дознав колку голема милостива привилегија ми укажал Создателот во споредба со сите мои современици. Долго време се обидував да дознаам зошто јас сум бил одделен од другите според желбата на Создателот со сите мои недостатоци и грешна природа, која што е својствена за секого од нашето време. Кога си ја претставив вистинската причина за тој избор, се вчудоневидов од доброто дело кое ми го направил Создателот, кој отсега и засекогаш ги оттргнал од моето срце сите прашања за неопходноста од духовната работа, затоа што од денес, па за навек јас се чувствувам обврзан неуморно да се трудам „како вол под јарем и како магаре под товар“, дење и ноќе непрестајно да изнаоѓам уште некоја можност да Му причинам задоволство на својот Создател. На денешниот ден, јас ја сакам оваа тешка работа и сум подготвен да ја извршувам и седумдесет години по ред, без да видам во неа никаков успех и да ги посветам на неа сите денови од мојот живот, само да бидам сигурен дека одам по патот на соединувањето со Создателот, за кој знам од претходно. Затоа јас можам да се ослободам од сите сомнежи и текови кои би ја оттргнале духовната работа од мојата ништожност, а цел ден да мислам и да се восхитувам од величието на работата за Создателот, која е толку возвишена, што не може да се искаже со зборови.
Јехуда Лејб