Слушнав на 24-ти Тевет (6-ти јануари 1948 г.)
„Поткупот ги заслепува очите на мудреците“ (Дварим).
Кога човекот почнува да ги проверува условите на духовната работа, се убедува дека не е возможно да ја прифати од две причини. Прво, нема никаква гаранција дека ќе биде награден за таа работа, затоа што не гледа никого кој веќе примил „плата“. При погледот на луѓето кои го ставиле својот грб да страда од тешкотијата од оваа работа, не се гледа дали тие добиле „плата“ за својот труд. И ако се праша себеси: „Зошто не добиле награда?“, ќе најде објаснување дека очигледно не ги исполниле до крај условите на таа работа. Додека пак, оној кој ја завршил целата работа по ред, се наградува целосно.
Тогаш во него се создава второто прашање: од каде знае дека тој ќе биде поспособен за оваа работа од пријателот и дека ќе може да ги исполни нејзините услови, така што би бил апсолутно уверен дека никој нема да успее да најде никаков недостаток во неговата работа и дека тој сè направил сто проценти правилно?
Ако е така, тогаш се прашува: оној кој започнал со духовна работа, секако дека ги одмерил сите овие заклучоци, и ако сепак ја прифатил, тоа значи дека успеал да си најде некакво објаснување. Работата е во тоа што будните очи се способни да ја видат вистината, инаку нам само ни изгледа дека гледаме на чија страна е правдата – на страната на праведникот или на останатиот свет. Всушност, ние не ја гледаме правдата, а за да ни се отворат очите, треба да се плашиме од поткупот кој „ги заслепува очите на мудреците и ги извртува зборовите на праведниците“.
Во основа, поткупот оди преку нашиот егоизам и затоа нема друг излез, освен да ја прифатиме таа работа под секакви услови и без никакви размислувања, туку само со верба над разумот. Веќе потоа, кога човекот ќе се прочисти од егоизмот и ќе има сила да ја анализира состојбата, тогаш има надеж дека ќе успее да ја види во нејзината вистинска светлина. А оној, на кој што му се потребни гаранции, секако дека нема да може да се справи со ова прашање, бидејќи нему му изгледа дека вистинската правда е во неговите заклучоци и дека тој секогаш ќе излезе победник од тој спор, затоа што не е способен да ја види вистината.