Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

113. Молитвата „Шмоне-Есре“ (Осумнаесет благослови)

Слушнав на 15 Кис лева, во Сабота

Во молитвата „Шмоне-Есре“ се вели дека Создателот го слуша секого, од народот на Израел, со милосрдие. Не е разбирливо, затоа што на почетокот се вели дека Создателот ја слуша молитвата од секого, односно дури и молитвата од оној кој не сака да го слуша, а потоа се вели дека Создателот го слуша народот на Израел со милосрдие. Всушност Тој ја слуша само молитвата за милосрдието, инаку молитвата не се слуша.

Треба да се знае дека целата тежина, која ја чувствува човекот во неговата духовна работа, е предизвикана од спротивностите, кои се појавуваат на секој чекор во неа. На пример, постои правило дека човекот треба да се поништи себеси. Но, ако ја следи оваа крајност, тогаш иако и мудреците рекле: „Биди крајно скромен“, оваа крајност не изгледа како правило бидејќи, како што е познато, човекот треба да оди против целиот свет и да не подлегнува на многуте мисли и идеи, распространети во него. Како што се вели: „Да се возгордее срцето негово на патот кон Создателот“. Ако е така, тогаш ова правило не треба да се нарекува совршено.

Од друга страна пак, ако тој, напротив – се возгордее, тоа исто така не е добро бидејќи за секој горделивец Создателот рекол дека Тој и горделивецот не можат да живеат заедно. Исто така, гледаме противречност и во страдањата, затоа што ако Создателот му испраќа страдања на некој човек и ние треба да веруваме дека Создателот е добар и прави добро, тогаш безусловно тие страдања се во корист на човекот. Па тогаш зошто Му се молиме на Создателот да нè избави од страдањата?

Треба да се знае дека страдањата се даваат исклучиво за поправање на човекот, за да биде спремен да ја прими Светлината од Создателот. Намената на страдањата се да го прочистат телото, за што мудреците рекле: „Како што солта го засладува местото, така страдањата го прочистуваат телото“. И додале дека молитвата ги заменува страдањата, затоа што таа исто така го прочистува телото. Молитвата се нарекува патот на Тора и затоа таа поефективно го чисти телото од страдањата. Заради тоа на човекот му е заповедано да се моли за страдања бидејќи тоа му носи добро и лично на самиот човек и на сите во целина.

Противречностите предизвикуваат тешкотии во духовната работа и паузи во неа, кога човекот не може да ја продолжи работата, чувствувајќи лошо расположение. Нему му се чини дека тој не е способен да го прими врз себе бремето од работата за Создателот и да ја носи како „бик под јарем и магаре со товар“. Тогаш тој се нарекува „непосакуван“. Меѓутоа подоцна, кога сите свои намери тој ги насочува кон поддржување на нивото на вербата, која се нарекува својство на Малхут, посакувајќи да ја подигне Шхина од правот, така што би се возвеличило Името Негово во светот, би се зголемило величењето на Создателот и светата Шхина не би се наоѓала во беда и сиромаштија, тогаш Создателот го слуша секого, па дури и оној кој не посакува многу, односно кој се чувствува себеси оддалечен од духовната работа.

Така се објаснува дека Создателот го слуша секого. Кога Тој го слуша секого? Кога народот на Израел се моли за милосрдие, односно за подем на Шхина од правот – за добивање верба. Тоа е слично како човек, кој не јадел ништо три дена, кога моли да му дадат нешто да јаде, и секако, тој не бара ништо повеќе, туку само за да преживее.

Истото е и во работата за Создателот, кога човекот се чувствува дека се наоѓа помеѓу небото и земјата и тој не бара ништо повеќе од Создателот, туку само Светлината на вербата – Тој да му ги просветли очите и да му помогне да се здобие со верба. Тоа се нарекува издигнување на Шхина од правот. Таквата молитва се прима кај секого, без разлика во каква состојба се наоѓа човекот. Доколку тој бара да му се даде верба за спасување на неговата душа, неговата молитва се прифаќа.

Тоа значи да се бара милосрдие, бидејќи тој се моли само да му се сожалат одозгора и да му овозможат да преживее. Затоа во Зохар е напишано дека молитвата за сиромавиот, односно за светата Шхина веднаш се прифаќа.

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели