Лондон
На учениците, нека биде Создателот над нив
…Ќе ви одговорам на сите заедно бидејќи сè доаѓа од една желба. Светлината на празникот веќе се доближува, а како што знаете, јас имам обичај да се концентрирам во себе и да не губам време во тие денови. За тоа повеќе немам големи трошоци за празнични производи, бидејќи со Божја помош јас се снабдив со маца и вино. Меѓутоа, загрижен сум за добивањето на новородениот син после сè што се случи со мене во текот на раѓањето во месецот Тишреј. Овој син ми е многу драг, омилено дете, па затоа мојата душа е загрижена за него и за сите негови потреби. Вие веројатно сте обратиле внимание на она што ви го кажав во претходните писма за да се подготвите и заедно да се насочите кон Создателот и кон Неговата добрина во деновите пред да дојдам кај вас, бидејќи времето е погодно за тоа, ако посакате, затоа што во потребите на Создателот и во улогата на Создателот времето и местото воопшто не нè ограничуваат. А, кошницата со материјалност? Фрлете ја зад грб! Ние сме една целина.
Мудреците прашале: „Каде во Тора се споменува за Естер?“. И одговориле: „Јас со сокривање ќе сокријам...“. Работата е во тоа што „од ло-лишма се доаѓа до лишма“. „Светлината која се крие во неа, ги враќа нив кон Изворот“. Затоа правилно прашале како може да има сокривање за кој било човек? Дури и ако речеш дека тој е грешник и работи со Тора и заповедите во ло-лишма, сепак Светлината која се крие во неа, задолжително ќе го врати кон Изворот. Ова го заклучиле со тоа што постојат два вида на сокривања, како што е речено: „со сокривање ќе сокријам“. Првото сокривање е од скратувањето на Месечината, како што е речено: „Зборот светила (מְאֹרֹת) е напишан со испуштање на буква“. Недостига буквата вав (ו) од Светлината која се крие во неа: מָאֹר наместо מָאוֹר. Второто сокривање е од гревот на првиот човек (Адам ХаРишон), кога фрлил нечистотија во неа. Се скратил исто така и во првото и останала горчина (מר) наместо светила (מָּאֹר). Но, во првичното дејствие претходел удар на исцелување, како што е речено во строфата за Светлината: „Нека биде Светлина“, „И би Светлина“. Всушност, ќе има доволно за двете гореспоменати сокривања. Со силата на змијата – поттикнувач била повредена и втората Светлина (אור), а од неа останало ור. Во првата Светлина пак, веќе недостигала буквата вав (ו) и останал гневот на главата на змијата и нејзиниот род: „Проклета да си ти меѓу животните“ итн. На тој начин, од првата останала אר, а од втората ור. Затоа и биле отстранети и нозете и на стомакот ќе ползи понатаму, па размисли за ова внимателно, бидејќи немам слободно време за објаснувања. Во тоа е тајната на Светлината која служела во времето на првите седум денови, а која е сокриена за праведниците во иднината и разбери го ова.
Меѓутоа, сите поправања се во оние кои примаат Светлина. Ако тие се недостојни да ја примат Вишата Светлина, не дај Боже, ќе станат бунтовници против Светлината, бидејќи Светлината е давање. Кога доаѓа до примање, се нарекува светило, што значи внатрешниот дел, кој се враќа кон Изворот, кој се претвора во сад за примање. Вишата Светлина се претвора во буквите од сите молитви, Тој и името Негово се единствени. За ова е речено дека нашите прататковци биле фрлени во глина и тули, заради идолите на Египет во 49-те порти на гадоста и тогаш им се појавил Царот на сите цареви – Создателот и ги ослободил. Смислата е во тоа што требало да ги откријат сите букви на молитвата, па затоа Создателот ги чекал. Меѓутоа, кога завршиле молитвите, побрзал да ги ослободи, така што навистина „потврдата за ослободувањето и исполнувањето доаѓаат од Него истовремено“. Додека пак, праведникот Мордехај, кога ја воспитувал Адаса (Естер), се удостоил со неа затоа што била ќерка на неговиот вујко Авихајл, иако „погледот на славата на Создателот е како оган кој гори на врвот на планината“, пасиштето е добро и плодно, тој го имал за неа, како што е речено: „а десно од Неговиот е пламенот на законот за нив“. Ја сфатил праведноста своја во Светлината и привлекол кон неа нишка на милосрдие, а со тоа привлекување го привлекол и својството „линија“ кон светоста на 14-те дена (својството на линијата е милосрдието), заради двете гореспоменати скратувања и тајната на зборовите „доколку нејзиниот татко би ја плукнал во лице“, додека не се удостоил со она, за што е речено: „Естер им се допадна на сите кои ја видоа“, вистински на народите од светот.
На почетокот се поправила во спротивната страна, со други зборови: „ќе стане од прегратките на Ахашверош, ќе се измие и ќе седне во прегратките на праведникот Мордехај“. Тоа значи прочистување, како што е речено: „Името Мордехај се толкува како чисто миро (мор дéхи) (ова има основа затоа што Мордехај е толкување на Тора). Всушност, „мор“ е од страната на гореспоменатата змија, која фрлила нечистотија во неа (па затоа е речено: „кај повеќето браќа свои“, а не „кај сите свои браќа“ и добро сфати го ова).
Од светилото што е во неа произлегла буквата алеф (א), како што е речено: „Не можеме Јас и таа заедно да живееме на светот“, бидејќи „не живее човекот со змија на исто место“. И се удостоил и ја прочистила, бидејќи го привлекол својот пријател и познаник кон неа. Меѓутоа, сепак постои испуштање во зборот светила (מארת), односно буквата вав (ו) од страна на скратувањето на Месечината, како што е споменато погоре. Но, затоа подоцна се удостоил со „царска облека“ и „голем златен венец“. Како што е речено: „две големи светила“ погоре. Тогаш „каде во Тора се споменува Мордехај?“ – како што е речено: „чисто миро“, односно „слобода од ангелот на смртта“, во прецизна согласност со јазикот на Писанието затоа што секое прочистување во спротивната страна е толкување и апсолутна слобода на јазикот на Писанието. 49 ликови на чистотија и 49 ликови на нечистотија, а од страна на скратувањето тоа е Месечината. Затоа при првото поправање излегуваат келим во прочистување, а при второто поправање тоа е „новото име, кое устата на Создателот ќе го изрече“, „АВАЈА“, „и на секое место е запалено и е принесена жртва на името Мое“.
Досега објаснував нашироко за да ви го дадам вкусот на марор од пасхалната заповед, ако посакате. Значењето на зборовите „им го направија горчлив нивниот живот“ е во недостатокот во хаосот од две илјади години, иако нечистотијата на змијата била само во една Светлина, како што е речено погоре. Меѓутоа, го поставил пропаѓањето во зависност од Вишата Светлина, а со недостатокот на буквата вав (ו) при скратувањето на Месечината покажал дека буквата алеф (א) исто така недостига таму и, не дај Боже, ги облекува како Светлина и кли: од светилото (מָּאֹר) и Светлината (אוֹר) ја одзел א, која спаѓа во светило (вав повеќе ја нема) и א, која спаѓа во Светлина, па ги соединил една со друга и направил марор (מר ור), што значи ангел на смртта, бидејќи двете букви рејш (ר) стануваат буква тав (ת). Додека пак, кога се удостојуваат со „чисто миро“, како што е речено погоре, тогаш „дошол Создателот и го победил ангелот на смртта“, станувајќи повторно свет ангел. Овде ги нема 49-те чаши на оправдување и чаши на вина, кои претставуваат 22 букви, туку напротив „Тој и името Негово се единствени“, бидејќи „непријателот нема да ги притисне, а злосторникот нема да го измачува“, „отфрлени ќе бидат грешниците и ќе ги нема“ итн.
Затоа отпрвин треба да се приврзе божеството на Египет на десеттиот ден од месецот Нисан, за да станат зависни од Тора. „Нема да дава предност... Но на првенецот, на синот омразен, тој треба да му даде предност и да му даде двојно повеќе“ и ова е смислата на подготовката за казната на првородените – синот омразен. Со тоа што го врзале божеството на Египет на ногарките од креветот, кон себе привлекле силна светлина наместо делумна, па милиот станал како признатиот, а немало давање предност, туку првородство, бидејќи нема недостаток, како што е речено: „Затоа што Ефраим Ми е драг син, бидејќи тој ми е омилено дете“ итн. „намерно ги поставил рацете свои“ и ја ставил раката на главата на Ефраим, што значи... „според родот на јагнето“ од рацете на Владиката Јаков, како што е речено погоре. И на четирите денови од првородството го заклале на 14-иот број, а устите која забраниле (односно милиот и признатиот) – се устите кои дозволиле. И во мојата Светлина е Создателот, а ноќта како Светлина ќе биде. Тогаш „според родот на јагнето“. И „во истиот тој ден излегле сите војски на Создателот...“ „Јас, а не испратениот...“ „И макнете од крвта која е во садот“, во долниот дел од ногарките на креветот „и ставете ги над вратата и на двата столба горе“, што значи поправање кое ќе ги исполни двете гореспоменати скратувања. За ова е речено: „два столба“ (хебр. мезузóт), што значи и од едното и од другото (хебр. ми-зе ве-зе), тајната на вербата на оној што чува и на она што се чува. Ќерката која ја чува е негова мајка во она што се чува, како што ви објаснив. Тогаш „ставете над вратата горе...“ бидејќи крвта има две значења, а јас немам слободно време за објаснување. Оние кои знаат, ќе сфатат.
Многу ми страда душата, посакувајќи да слушнам од вас вести за ослободување и за благослов на ослободувањето – како нè ослободил итн. бидејќи „во месецот Нисан биле ослободени и во месецот Нисан ќе бидат ослободени“, односно „минатото и сегашноста“ ќе се обединат како едно, затоа што ќе ја види својата спротивна страна како лице. И не се чудете, бидејќи кошницата со нечистотија виси кај секого одзади. Но, како да се дојде до рамнотежа со она што е од напред? Сепак, тоа ја означува само сегашноста. Вечноста ја означува сегашноста, а рамнотежата ќе биде и за сегашноста и за минатото, односно кај оние кои ќе се удостојат со Светлината на вистината, која се претвора само во една посебна желба. Додека пак, за сè што ја надминува таа единствена желба, е речено: „Сè друго е како исчезнато“. Во тоа е посебноста на вистинското соединување од достигнувањето на срцето, исполнето со Светлината АВАЈА до крај. Дури и кога го насочува своето срце кон небесата, треба многу да внимава за единството на желбата, за да се соедини во вистинско соединување, во внатрешно достигнување со големина на соединувањето над способноста за Создателот... Бидејќи раката Негова не е кратка, не дај Боже, како што е речено: „Како што сум жив Јас, ќе се исполни целата земја со славата на Создателот“.
Во ова е смислата на ослободувањето на Израел, во тајната на зборовите „Јас сум Господ, Јас, а не сум гласник и не сум ангел и не сум серафим“, како што рекле мудреците. Кој има многу желби, има и многу гласници кај Создателот и голем број нивоа. Како што рекле кабалистите, на нивото Нефеш од светот Асија има 125 нивоа. Меѓутоа, кој има само едно срце и една желба, тој ги нема сите тие комбинации и сите тие нивоа кои се формираат со помош на серафимите, животните и „тркалата на светоста“ (אוֹפְנֵי הַקוֹדֶש). Напротив, „јас на Него му бев омилена“, омилено дете, бидејќи ако слугата на Создателот доживува задоволство од своето служење, тогаш тоа е јасен знак дека Создателот доживува задоволство од својот верен слуга. Точно е и спротивното, не дај Боже. Затоа треба да се насочува срцето само за да се задоволува со Создателот и тоа задоволство да го доживее и самиот Тој, а не да се натажува, не дај Боже, што и да се случи. Исто така умниот син секогаш гледа во лицето на таткото: дали кај таткото има радост од него? Бидејќи тој има само една задача – да го радува татко си и ништо повеќе. За ова е речено: „Во свое време ќе им биде раскажано на Јаков и на Израел за тоа што направил Создателот“. Мудреците објасниле дека ангелите и серафимите учат за Созадателот од Израел. За ова е речено: „Многу – тоа е ангелот на смртта“, бидејќи расцутува во едно, а кога му ја одземаат силата за светоста, тогаш се исполнува реченото: во нас и во целото наше суштество. За ова е речено дека благодарение на воскреснувањето на мртвите се удостојуваме со откривање на Елијаху, кој расцутува во четири, а тогаш во нас се исправа силата за работа и поттик во едно. Со други зборови, многу е добро, како што е речено претходно, она што го посакуваме да се случи побргу, нека биде волјата Негова за тоа.
Го пишував ова писмо лаконски заради недостаток на време. Меѓутоа, ако биде волјата на Создателот, тоа е доволно за да се подготвите и да се удостоите со сè што е речено погоре, пред да дојдам кај вас. Тогаш „наместо салати, на масата ќе се појави месо и риба“ бидејќи после сите гореспоменати заслуги сте станале подготвени да ја добиете Неговата Светлина со помош на тоа што волјата на Создателот е над сè, иако тоа е прекрасно во вашите очи, од ваша гледна точка. Меѓутоа, во секој случај, верувајте ми дека јас немам намера, не дај Боже, да се фалам, затоа што добрината на Создателот е ваша добрина. Ако пак, сте мали во вашите очи, погледнете кон Оној кој ви ги дава задачите, кој ве создал, затоа што чудесниот мајстор не прави презрени и ниски работи. Таа идеја – недостатокот од страна на змијата, која фрлила нечистотија во неа, за да се смета себеси за ниска и презрена и да не чувствува дека Создателот (АВАЈА) стои десно од неа, е исклучиво за време на најголемата нискост. А јас пак, гледам и ќе речам дека можеби, Создателот ќе види возбудата во вашите очи поскоро, во нашите денови.
Јехуда Лајб