Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Писмо 39, 1927 г., стр. 118,

                                                                                                                                                                                                             Лондон

На познатиот следбеник... нека свети неговата свеќа

Со желби за добро здравје

Те информирам дека само што примив писмо кое многу ме вознемири за тоа дека моето свето дело им е предадено на неупатени лица, кои можат да се потсмеваат со него како што сакаат. Сега ме разбираш за моето двојно и тројно предупредување за чување на тајната. Зошто не ги праќав досега овие дела – затоа што се плашев од ова и бидејќи сакав првин да му ги пратам на нашиот рав и учител, нека биде жив и здрав, а исто така и на светиот рав, да биде жив и здрав и тој.

И еве, се случи тоа од што се плашев. Рацете будалести ме измамија и го направија она што јас не го заповедав, после моето најстрого предупредување да не се открива тајната на никого. Ете, го испоганија [6] духот мој во очите на поколенијата, ме исфрлија од патот на мојата возвишена работа, која треба да Му причини задоволство на Создателот. Кој може да им го прости тоа? Небесата се сведоци колку се трудев од сите сили да ја продолжам Неговата светост за ова поколение. Меѓутоа, спротивната страна секогаш ги наоѓа своите луѓе, кои ја исполнуваат нејзината мисија да ми прават пречки кон што и да се насочам, со желба да направам добро за другите. Но, повеќе се оние кои се со нас, отколку оние кои се со нив, а Создателот не ја прекршува мојата награда. Постепено јас го поминувам патот, некогаш помалку, некогаш повеќе, но секогаш добивам, со Божја помош, додека не се удостојам да ги исфрлам сите оние кои го мразат Создателот со помош на Неговото големо и застрашувачко име. Ти не се плаши од стравот на будалите. Мојот мал прст е подебел од нивните слабини. Создателот посакал и ме создал мене и кој ќе Му рече на Него: „Што правиш? Што создаваш?“. Заслугата на моето учење е поголема од заслугата на нивните татковци. Современиците на пророкот Амос го презирале и говореле „зарем Создателот немал на кого да ја постави својата Шхина, туку морал на овој кој пелтечи“, како што е речено во Мидраш „Псиката“.

Меѓутоа, речено е: „Усните на вистината ќе бидат цврсти засекогаш, а јазикот лажлив само за момент“, бидејќи на крајот луѓето на вистината се победници. Амос останал жив за вечни векови, но кој слушнал или кој знае што се случило со неговите противници? Така е и овде: злите јазици можат да ги повредат само сличните на себе и невреме над главите на грешниците ќе има, а вистината е жива и не слабее од секаква лага, туку уште повеќе се засилува со нејзина помош, слично на посеано поле, кое се засилува со помош на ѓубрето кое се фрла. Благословот на полето е да биде плодно и да се множат плодовите на него со ѓубрето според волјата на Создателот. Јас сè уште не ја чувствувам штетата која ќе ми биде причинета од нивна страна во ширењето на моето учење. Затоа не знам дали да најдам некаков начин за да ја заштитам Светлината и да ја спасам од нивната штета. Меѓутоа, секако, ако почувствувам некаква штета, ќе ги запомнам и ќе им се одмаздам, како што е речено во Тора, ќе се одмерам со нив на сила и сè што може мојата рака да направи, ќе направам, бидејќи од Бога се плашам и нема друга сила освен Него, а ова е доволно за оној кој разбира.

Општо земено, знај за твоја корист дека јас не ја пишувам за своја чест и за свои потреби оваа книга, туку само заради Создателот, затоа што видов голема збрка во трудовите на АРИ. Причината за неа е тоа што АРИ не ги пишувал и не ги средил со свој ракопис, како што треба, согласно со длабочината на таа возвишена мудрост. Раби Хаим Витал, кога ги слушал и запишувал овие работи, сè уште не бил на нивоата кои што се потребни за да се достигнат овие знаења во нивниот корен, затоа што тогаш уште бил млад според годините. Имал 30 години кога стоел пред АРИ, како што е речено во „Порти на циклусите“ (Порта 8, стр.49): „И сега, во годината 5331 од создавањето, кога имам 29 години...“ итн., погледни таму. Тогаш на Песах тој уште му служел на АРИ. Во вечерта спроти светата сабота (погл. „Матот-масеј“), на првиот ден од месецот Ав 5332 година АРИ се разболел и во вторникот после тоа, на петти Ав, заминал во идниот свет. Одовде ќе видиш дека за време на заминувањето на АРИ, Хаим Витал имал само 30 години. АРИ пак, како што е познато, живеел 38 години. Таму уште запишал (Порта 8, стр.71), дека додека АРИ умирал, таму не бил Хаим Витал и еве цитат за тоа од збор до збор:  

„Ми раскажуваше раби Исак Коен дека на смртниот час на мојот учител, кога јас излегов од кај него, влегол тој (раби Исак Коен), заплакал пред него и рекол:

-Зарем на ова се надевавме, посакувајќи при вашиот живот да видиме добрина, учење и голема мудрост во светот?

АРИ му одговорил:

-Да најдев меѓу вас барем еден совршен праведник, не би ме повлекле од овој свет предвремено.

И, уште пред да заврши да зборува за тоа, тој прашал за мене (за Хаим Витал) и рекол:

-Каде отиде Хаим? Зарем во ваков час ме напушти?

Многу се нажалил, а Исак Коен од неговите зборови сфатил дека тој сака да ми предаде некаква тајна на мене. Тогаш Исак Коен го прашал:

-Што да правиме сега?

АРИ рекол:

-Кажи им на пријателите од мое име од овој ден понатаму да не работат воопшто со мудроста, на која што ги учев, бидејќи тие не ја сфатија како што треба. Со неа тајно нека работи само Хаим Витал.

Исак Коен рекол:

-Зарем нема повеќе надеж?

АРИ одговорил:

-Ако заслужите, јас ќе дојдам и ќе ве учам.

Исак Коен го прашал:

-Како ќе дојдете, ако го напуштите овој свет сега?

АРИ му рекол:

-Ти не ја знаеш тајната – каков ќе биде мојот пристап кон вас и друго.

И во тој момент заминал во идниот свет“.

Јас препишав голем дел од книгата на Хаим Витал „Порти на циклусите“ за да видиш дека АРИ му забранил на Хаим Витал да го предава своето учење на другите бидејќи тој не ги сфаќал целосно знаењата кои ги слушал од АРИ. Еве зошто Хаим Витал не сакал дури ни да ги среди записите, кои ги содржеле зборовите на неговиот учител. Нив ги средиле дури оние кои дошле после него, третата генерација: нашиот учител – рав Јаков Цемах, нашиот учител – рав Меир Попирс и нашиот учител – рав Шмуел Витал. Никој од нив ги немал трудите на АРИ во целосен обем, затоа што 600 страници биле украдени додека бил жив Хаим Витал, а од нив Јаков Цемах составил поголем дел од книгата „Дрвото на животот“, како и од уште неколку дела. Еден дел Хаим Витал одзел и заповедал да ги закопаат заедно со него во гробот, па така и направиле. Третиот дел ги дал во наследство на својот син Шмуел Витал и од него биле составени познатите „Осум порти“. Потоа, после многу време, заедно со Јаков се собрала голема група ученици на мудреците и го откопале делот од гробот, па од него било создадено првото и второто издание на книгата „Дрвото на живтот“, а исто така и книгата „Олат тамид“, како и други дела.

Како што гледаш, секој пат до оној кој ги составувал делата, доаѓала само третина од целосниот обем на трудовите, кои сите заедно се една суштина и една градба, па затоа дај Боже, да се состават. Бидејќи тие имале само еден помал дел од трудовите,  тогаш не ја сфаќале големината на мудроста и сосема ги збркале работите, не знаејќи како да ги доведат во некаков ред. Знај сигурно дека од времето на АРИ до денес, не постоел некој кој би го сфатил методот на АРИ до крај, затоа што полесно е да се достигне знаењето, кое е двојно поголемо и повозвишено во споредба со АРИ, отколку да се сфати неговиот метод, кој бил во многу раце – од првиот човек кој го запишувал до последните составувачи, кои не ги достигнале тие работи целосно, до нивниот виш корен, па секој од нив ги менувал, а со тоа само повеќе ги збркал. И еве, според Вишата волја, јас се удостоив со реинкарнација на душата на АРИ – не за свои добри дела, туку според Вишата волја. Од мене самиот е скриено зошто јас сум избран за таа чудесна душа, за која што не се удостоил ниеден човек од времето на неговата смрт до денес. Не можам повеќе да образложувам за ова затоа што според моите правила не смеам да зборувам за чудесното, но се чувствував должен за... да го смирам твојот дух пред потокот со бесни води, од робовите кои се фрлаат врз своите господари „И ја исфрлаат водите неговата нечистотија и кал“. И ќе им пропадне нивниот напор, кој го остварила нивната животинска душа, кога сè уште воопшто не знаеле како да ја одделат од духовната душа. Знај дека не треба да се плашиш од таквите сили, кои се појавуваат само за да ја избришат Неговата светост, не дај Боже. Создателот нè спасува од нив. Мислам дека ќе ми поверуваш затоа што во моите правила никогаш немало лаги или преувеличувања или пак стремеж за почит и признание од будалите, од кои што страдав до ден денешен, а немав ни желба да се борам со нив. За поголема увереност, за да не се збркаш од овие борби на спротивната страна (Ситра ахра), јас ќе ти кажам за точниот знак, кој го добивме од АРИ, за да знаеш кој е вистински, а кој лажен праведник, но кој е достоен да биде праведник, па затоа и тој треба да се почитува. Зарем мислиш дека треба да фрламе ждрепка за да дознаеме кој работи за Создателот, а кој не? Знаците и чудесата во тоа немаат одлучувачко значење, како што е познато меѓу хасадим, па затоа е недопустливо споменувањето на среќата. Но, знај дека ова прашање го поставил Хаим Витал на АРИ и тоа е коментирано во книгата „Портата на духот на Светоста“, која претставува „Седмата“ од „Осумте порти“ од АРИ, на стр. 1 и ова е цитат од збор до збор: „Знакот, кој што ми го даде учителот е да проверам дали имаат основа сите негови зборови или сите негови зборови се заради небесата; дали тој не испушта ни буква од неговите зборови (што укажува на една буква, која ја учи од пријателот итн., како што им е познато на упатените во тајната наука), а исто така и дали може да ги разјасни тајните наТора. Тогаш, се разбира, можеме да му веруваме“. Хаим Витал самиот го завршува разговорот за тој знак и еве го цитатот од збор до збор: „Според неговите зборови можеме да ја дознаеме и спознаеме неговата големина и висина – според неговото знаење“. Смислата, како што е речено погоре, е во тоа дали човекот е праведен и приврзан и дали работи со Тора, дали се моли со намера итн. Дали од него се создаваат ангели и свети духови, како што е речено: „Кој исполнува една заповед, тој добива еден заштитник“ итн. Додека пак, бесмислицата која излезе од неговата уста, станува средство за душите на првите праведници, да се спуштат долу, да го научат на Тора тој човек итн., погледни таму.

Тој уште вели и дека ако заповедите се несовршени, тогаш од тоа произлегува и категоријата на несовршени ангели и духови, кои се нарекуваат  гласници итн. Затоа го дава гореспоменатиот знак: ако Тора и заповедите се совршени, тогаш се удостојува со совршено достигнување и може да ги разјасни сите тајни на Тора. Доколку пак, е оштетен во тоа, односно може да објасни само малку, тогаш, се разбира, неговите дела се несовршени. Проучи го ова како што треба. Сите оние кои можат да ми се спротивстават е од причина што не ги разбираат моите зборови. Како нив може да ги сметаме за закоравени праведници? Еве, јас ти го дадов во рацете правилниот знак. Веќе ти пишав дека мојата книга нема потреба од одобрување, затоа што јас кон зборовите на АРИ не додадов ниеден збор. Јас веќе создадов индекс на зборови според местоположбата, за да го покажам неговото место во трудовите на АРИ, а АРИ нема потреба од одобрување од нашите современици. Тоа го направив со длабока намера, однапред гледајќи ги патиштата на спротивната страна против мене. Скоро и да не е забележителна мојата работа и додавките во овие два коментари. Затоа, како ќе опстојат и ќе ја издржат борбата пред ова дело? А, ако имаат пак, некаква жалба за она што го учев, можам да кажам дека јас повеќе ги учев трудовите на АРИ од нив, така што тоа не може да биде жалба. Не би требало да го поминуваат времето во празни разговори, туку да го користат за учење на трудовите на АРИ. А, бидејќи ги скрстиле рацете, сега ќе си го јадат своето месо. Ти посакувам здравје на тебе и на ... и на ... Кажи му дека сите негови патишта се во насока на ова дејствие: неговата намера е добра, но делата се лоши, а сè се гледа според делата. Но, што да правам со него, кога тој е моја крв и мое месо. Во секој случај нека ме извести за целиот тек на настаните: како се случило тоа од почеток до крај. Јас ќе му одговорам. Многу те молам да ми напишеш писмо како одговор на ова писмо и за тоа што се случува меѓу нив, до детали, бидејќи морам да ги знам сите подробности, за да го држам штитот, затоа што ова не е мала работа, ова е работа за Создателот.

Јехуда.

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели