Слушнав во месецот Елул (август 1942 г.)
На пладневната саботна трпеза обичај е да се прави благослов на 12-те саботни лебови (халот), за што се пее во саботната песна: „Го пробуваме вкусот на 12-те саботни лебови кои означуваат буква во името Твое, двојна и слаба“.
Ари пишува дека како последица од Цимцум Бет се создале два „вава“, кои ја означуваат десната и левата страна на парцуфот (затоа буквата се нарекува „двојна“). Од тоа поправање на Цимцум Бет, се случило соединување на својствата на милосрдието и судот (Малхут, келим за примање, и Бина - келим за давање) – па затоа ограничувањата (судовите) стануваат сè помалку сурови, за разлика од пред „засладувањето“ на Бина и поправањето. Потоа двете букви вав светат во Малхут, во буквата заин (Малхут се означува со буквата заин, чија што бројна вредност е седум затоа што Малхут е седмата сфира, почнувајќи од сфирата Хесед).
Седмиот ден одговара и на состојбата Гмар Тикун (конечното поправање), кое доаѓа во иднината. Меѓутоа, тој свети во својата состојба оддалеку, исто како и сите 6000 години, во текот на кои светот се поправа. Тие 6000 години се нарекуваат „шест дена на битието“, кои ги створил Создателот за работа, додека пак, Сабота е ден за одморање, како што е запишано: „А во седмиот ден Тој ја заврши работата и се одмори“.
Така свети Саботата сите 6000 години, слично на повремениот одмор, како патникот кој носи цела недела тежок товар, па застанува да се одмори еден ден, за да добие нови сили и да го продолжи својот пат. Но, по последната Сабота (во Гмар Тикун), повеќе нема да има работни денови, затоа што ќе нема што да се поправа и да се додаде во работата.