Слушнав на 6-ти Тишреј (17-ти септември 1942 г.)
„Бидејќи ревносната грижа за Храмот Твој ме гризе мене и оние кои ме мразат, ме колнат цел ден“ (Псалм 69 и 42). Клетвите и пцостите можат да се изразуваат најразлично:
1.) За време на духовната работа, кога човекот исполнува некоја заповед, телото му вели: „Што ќе добиеш ти од тоа? Каква корист ќе имаш?“. Затоа, дури и кога се надминува себеси и извршува дејствие со сила, сепак таа заповед за него станува тешкотија и тежок товар. Овде се појавува прашањето: „Ако тој вистински ја исполнува заповедта на Царот и Му служи, зарем не треба да биде во радост, што всушност и треба да биде карактеристично за оној кој Му служи на Царот?“. А овде излегува спротивното. Тој чувствува клетви и пцости и тоа го принудува да мисли дека не верува дека Му служи на Царот. А полоша клетва од тоа нема.
2.) Или пак тој гледа дека не останува соединет цел ден со Создателот бидејќи не го чувствува тоа вистински, а невозможно е да се биде соединет со празнина. Затоа неговото внимание се одвлекува од Создателот (додека работата, во која чувствува насладување, напротив, е тешко да се заборави. Ако сака да се оттргне од неа, мора да вложи големи напори за да ја исфрли од своите мисли). Тоа значи дека „оние кои ме мразат, ме колнат цел ден“.
Овие состојби се својствени за секој човек, а разликата е само во чувството. Но човекот дури и да не го чувствува, тоа е од причина што му недостига внимание за да ја види својата вистинска состојба. Ова е слично на човек со дупка во џебот, низ која парите му паѓаат надвор и тој ги губи сите пари. Не е важно дали тој знае дека има дупка или не. Разликата е што ако знае за дупката, тој ќе може да ја закрпи. Но, на самото губење на парите тоа знаење не влијае никако. Затоа, кога чувствува дека телото вели дека тој е оној кој мрази и Го проколнува Создателот, вели: „Бидејќи ревносната грижа за Храмот Твој ме гризе“, бидејќи сака да ја поправи таа состојба.