(фрагмент)
Книга „Плодови на Мудроста. Писма, стр. 74
...Зошто не ме извести за единството на пријателите, дали се засилува и зацврстува, затоа што тоа е основата на нашата добра иднина? Исто така и за вашите успеси на полето на предавањата итн.?
Признавам без срам дека ме обзема вознемиреност до таков степен, што немам сили да се радувам со вас, со секој од вас поединечно согласно неговата желба. Меѓутоа вие сте отпечатени дење и ноќи во моите очајувања и во срцевината на жедта на вашата добрина и целовитост. Бог гледа колку напори и сили вложувам во вашата работа. Ние сме уверени дека тие нема да станат, не дај Боже, напразни, туку дека словото на Создателот ќе опстои за навек. Но, зошто го заборавивте она што го говорев на празникот Шавуот за стихот: „Мојот возљубен е како газела“ (Песна на Песните, 2:9) во врска со „вртењето на ликот назад“? Ликот за време на бегството и сокривањето се појавува само од спротивната страна, што го означува степенот на страдањата од оддалеченоста и сокривањето. Всушност, оваа спротивна страна е вистинскиот лик, како што рекле мудреците: „Го врти ликот назад“ и ликот се наоѓа од спротивната страна. Погледни внимателно, бидејќи ова е тајната на зборовите: „Јас – АВАЈА, не се променив, а вие – синовите на Јаков не се изгубивте“ (Малахи, 3:6). И внимателно погледни го ова. Со други зборови, како што е речено: „Оние кои Ме бараат ќе Ме најдат“ (Мишлеј, 8:17).
Јас ви пишував за смислата на трубењето во шофар, за да знаете зошто трубат стоејќи итн... „Бидејќи оваа Светлина е ден за нашиот Господ“ (Нехемија, 8:10). Иако знам дека нема да дојдат до вас моите зборови кога ќе го слушнете звукот на шофар, меѓутоа речено е: „Пред да слушнат, Јас ќе одговорам“, па затоа јас го напишав ова сега. А ти покажи го и ова мое писмо на сите пријатели, па можеби тие ќе внимаваат да ги слушнат моите зборови... Од овој ден понатаму да се зацврстиме со Божјата помош во Тора и заповедите „како бик под јарем и како натоварено магаре“, и тогаш ќе се крене Шхина од правот. „И доволно е срам и гнев“ (Книга Естер, 1:18). Лошите мисли ќе се претворат во заслуги, бидејќи Неговата слава ќе ја исполни целата земја.
Со Божја помош, силна е мојата увереност дека нашето спасување бргу ќе се појави, а со нашето растење ќе се удостоиме заедно да работиме за Создателот и желбата на Создателот ќе се оствари во нашите раце.
Јехуда Лејб