Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

190. Секое дејствие остава трага

Слушнав на трпеза на првиот ден од Песах (15-ти април 1949 г.)

Прашање: Влијае ли на нас тоа што сме ја ослободиле нашата земја од заробеништво и сме се удостоиле да излеземе од туѓата власт, станувајќи слободни како сите народи? Дејствува ли врз нас таа слобода така што ни се појавува посебно чувство во работата и во служењето за Создателот?

Одговор: Не треба да се мисли дека не дејствува врз нас и дека ропството во ништо не се разликува од слободата, затоа што така излегува дека Создателот дејствува напразно.

Всушност, сите Негови дејствија создаваат и оставаат во нас трага – лоша или добра, односно од секое дејствие кое Тој го извршува, а кое ние го чувствуваме како позитивно или како негативно, како светлина или како темнина, кај нас се спушта дополнителна сила. Со помош на тоа ние имаме можност да дојдеме до духовен подем, затоа што во духовното не секогаш има постојана власт и сила која ние треба да ја привлечеме кон себе.

Затоа човекот не може да рече дека слободата која сме ја достигнале во нас не направила никаква промена. Но, ако не чувствуваме промена кон подобро, тогаш мора да речеме дека има промена кон полошо, иако ние и не ја чувствуваме.

На крајот од празникот додадов дека по примерот на саботната трпеза, на која добиваме материјално насладување и благодарение на поврзаноста на коренот и резултатите од него, ние возбудуваме духовни насладувања според идниот свет, според крајот на поправањето. Природно е за да се вкусат духовните насладувања од Саботата, да ни биде потребна посебна подготовка во шесте дена на создавањето (на работата и дејствувањето). Колкава ќе биде подготовката, толкав ќе биде и интензитетот на чувството.

Ако човекот нема вистинска подготовка за да го почувствува духовниот вкус на Саботата, тогаш спротивно, телесните насладувања го прават уште полош и после материјалната трпеза тој се стреми само кон сон и кон ништо друго. Излегува дека вкусувањето на насладата го спушта човекот духовно.

Меѓутоа, потребно е да се вложат посебни напори за да може преку телесните насладувања да се дојде до духовноста бидејќи тоа е желбата на Создателот. Иако тие се во спротивност едно со друго, затоа што духовното се наоѓа под линијата на давањето, а телесното под линијата на примањето, меѓутоа бидејќи таква била Неговата желба, духовното се привлекува по телесните насладувања, примени заради заповедите на Создателот, какви што и всушност се насладувањата од празниците и од Сабота.

Исто така, ние треба да видиме дека во услови на слобода, со која што сме се удостоиле, неопходна е огромна подготовка за да добиеме духовна слобода, наречена „Слобода од ангелот на смртта“, кога „Целата земја е исполнета со Неговата големина“, односно со светлината „Мохин де-Аба ве-Има“. Тогаш кај нас нема да остане ни место ни време, кое не би било исполнето од Создателот, а ние нема да можеме да речеме дека некое време или некое место може да не биде исполнето од Него затоа што целата земја ќе се исполни од Неговата големина. Но, до тогаш ќе има разлика меѓу светлината и темнината, меѓу Израел и другите народи, бидејќи онаму каде што треба да свети светлината – таму се наоѓа Создателот, а не на темното место.

Така и во Израел има место за светлината Израел на Создателот, но не и кај народите од светот: Создателот не живее кај нив и саботата е одделена од шесте дена на создавањето. Кога ја достигнуваме Светлината Мохин де-Аба ве-Има, тогаш се удостојуваме со чувството „Целата земја е исполнета со Неговата големина“ и се губи разликата меѓу времињата и состојбите, а насекаде и засекогаш завладува Светлината на Создателот.

Во тоа е смислата на празникот Песах, во кој Израел ја заслужиле слободата, односно откривањето на Светлината Мохин де-Аба ве-Има, со која се исполнила целата земја со Неговата големина. Природно е што тогаш не останува место за егоизмот, бидејќи тој повеќе не оддалечува од духовната работа, туку напротив – очигледно е дека тој го доближил човекот кон служењето на Создателот. Но, таа состојба постои само во форма на будење одозгора (итарута де-леила). Затоа е речено дека светата Шхина рекла: „Јас видов капка слична на црвена роза“ (знак на нечистотија), односно видела место кое сè уште има потреба од поправање и каде што не може да свети Светлината на Создателот. Затоа требало да се одбројат уште седум недели „сфират омер“ (деновите од Песах до Шавуот), за да се поправи целата откриена нечистотија, додека не „се исполни целата земја со Неговата големина“.

Тоа е слично на цар кој има висок замок, исполнет со најразлични добра, меѓутоа нема гости. Затоа тој ги создал луѓето – за да дојдат и да ги добијат сите добра и блага. Но, ние не го гледаме тој замок исполнет со сè, туку напротив, нам ни изгледа дека целиот свет е исполнет со страдања.

Ова се објаснува со „Царско вино има во изобилство“ (Мегилат Естер), бидејќи од страна на Малхут (во превод „Царство“) не постои никаков недостаток од вино, односно од насладувања слични на задоволството кое се добива од виното. Недостатокот е само од страна на оние кои примаат, затоа што ние немаме кли (сад), кој ќе може да ја прими таа светлина. Само во кли кое дава може да се прими и колку е поголемо тоа кли, толку поголема светлина се открива во него.

Затоа сите промени се можни само во келим, но не и во Светлианта. За ова Мегила вели: „Се нудеа напитоци во најразлични садови, а и царското вино го имаше во изобилство“ – како и што била Замислата за битието: да се насладат создадените со целата дарежливост на Создателот.

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели