Слушнав во 1938 г.
Почетокот на духовната работа на човекот, неговата подготовка за духовните состојби се случува во исполнување на забранетите заповеди (наредби), односно забраните „НЕ“, како што е запишано: (за потомците на Авраам во Египет): „И тие ќе бидат угнетувани во земјата која не е (своја)“. Ако станува збор за работа над самиот егоизам, тогаш првин мора да се достигне нивото на љубов.
Додека пак, за време на подготовката, целата работа се сведува на забраната „НЕ“, односно на условот: „Да немаш (други божества, освен Создателот)“. После исполнувањето на многуте забрани „НЕ“, („ло“ – буквата ламед-алеф), човекот доаѓа до состојбата „ЕЛ“, Создател (буквата алеф-ламед) – кон милосрдие. Но, до достигнувањето на оваа состојба тој поминува низ многу состојби од типот на „НЕ“ (не треба, забрането е), многу сили спротивни на Создателот, т.н. туѓи божества, бидејќи од состојбата ло Лишма (заради себе) човекот доаѓа до Лишма (заради Создателот).
Бидејќи нечистите сили (Ситра Ахра) ја даваат основата и поддршката, тогаш потоа, откако човекот ќе премине кон духовната сотојба, ако се ослободи од таа поддршка, тој ќе падне од своето духовно ниво. Тогаш нечистите сили ја земаат за себе целата Светлина која што ја привлекол човекот. Од тоа кај нечистите сили се појавува можност да завладеат со човекот. Тие го привлекуваат кон себе, принудувајќи го да ги исполнува нивните желби и тој нема друга можност да ја избегне покорноста кон нив, освен да се издигне едно ниво повисоко. Тогаш повторно ги поминува „49-те нечисти порти“.
Значи, човекот оди по чисто ниво до „49 порти“. Но, таму кај нечистите сили се појавува власт да ја земат целата негова животна сила и Светлината, така што човекот паѓа – секој пат на сè пониски нечисти порти (или повисоки, ако се суди според големината на нечистите желби), од причина што „едно наспроти друго створил Создателот“ – еднакви и паралелни системи на чисти и нечисти сили.
Кога човекот се појавува кај 49-те порти, тој повеќе не е во состојба да се издигне себеси, додека не се појави Создателот и не го спаси. Тогаш се исполнува реченото: „Ја проголта нечистата сила и ќе ја поврати, Создателот ќе извлече сè од неговата утроба“ (Јов). Целата Светлина и целата животна сила која ја зела нечистата сила во сите 49 чисти порти, сега човекот ја прима назад, ја избира од морето на нечисти желби.
Но, додека човекот не ја почувствува целата горчина на прогонот, ослободувањето е невозможно. Кога влегува во 49-те порти, тогаш го чувствува својот прогон, а на 50-ата порта го спасува Создателот. Прогонот (гола) и ослободувањето (геула) се разликуваат само по една буква – „алеф“ (дополнителната буква во зборот геула), која го означува присуството на Создателот. Затоа, ако човекот до крај не го почувствувал прогонот, неговото ниво нема да биде целосно и нема да може целосно да Го почувствува и да Го достигне Создателот.