Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Писмо 45, 1927 г., стр. 132

На учениците, нека биде Создателот над нив

Се подготвувам за враќањето дома, а мојата душа жедно очекува да ве најде целосно подготвени да ги слушате зборовите на Создателот како што треба. Јас сега се срамам за *** и за ***, кои беа важни, најдобри во групата, но сега – којзнае? Можеби ***, нека свети неговата свеќа, се доближува до мене повеќе отколку тие. Доколку се удостои се целосна увереност, ќе се издигне и ќе „оживее“. Како што е речено: „Затоа што Ти ја сакаш вистината и скриената мудрост ми ја кажуваш мене“. Во достигнувањето на увереноста се состои и се открива целата мудрост на Вишите и ниските светови. За тоа достигнување ништо не е потребно, освен чисто срце, кое веќе е изгорено, свесно за себичноста и е принесена жртва за целосноста на Неговото име. Затоа е добро што воопшто не се обраќа внимание на тоа што ***, нека свети неговата свеќа и ***, нека свети неговата свеќа, го запоставуваат бидејќи му недостига итрина, меѓутоа неговото срце се издигнало на малите и големите патишта на Создателот. И што уште јас можам да го сторам за ***, нека свети неговата свеќа, кој сака сè да научи од мене, освен понижувањето, бидејќи таа работа воопшто не му е пријатна. Не се задоволува со тоа што е подобар од будалите и глупавите, а уште повеќе и од неговиот брат, чие што лице е како на богат продавач, до степен што е уверен дека јас сум му благодарен за тоа што не се срамел да ми пише. Ми се чини дека тој ќе треба да посвети значителен дел од времето за оваа работа. Меѓутоа, јас не мислам дека тој е презиран од презираните, односно од презираните кои бараат да бидат презирани затоа што тој е полош заради вообразеноста, од причина што кој ќе се заколне за каменот дека е камен? Напротив, имаме можност да речеме дека тоа е злато. Но, нека знае и нека верува дека сè што е создадено е „како глина во рацете на грнчарот. Според својата желба тој проширува и според својата желба тој скратува“.

Исто така, нека не биде гневен на грешниците, туку нека ги сожали повеќе отколку што се сожалува самиот себеси. Но, додека не се удостои со вишо милосрдие, како ќе знае на што да обраќа внимание, а на што да биде гневен? Исто така, милосрдието кон него ќе расте пропорционално, бидејќи тие се угнетени и лишени од утешителот, чувај нè Боже. Исто како татко, чии што два сина се болни, не дај Боже. Едниот има пари за лечење, а другиот нема. Јасно е дека срцето на таткото го жали повеќе синот кој нема пари за лечење, затоа што оној кој има, во секој случај, ако побара лечење – ќе се излечи. Доколку не побара, тогаш, не дај Боже, ќе се погуби самиот себе. Меѓутоа, во однос на вториот син, сожалувањето на таткото и на секој кој ќе го види, го распарчува срцето. Ти до тој степен го потценуваш својот брат, кој има лице како богат продавач и си гневен на луѓето бидејќи него го почитуваат повеќе од тебе? Според моето мислење, тој е подостоен за почит, отколку ти, како што е речено погоре. И тоа е едноставно, таква е природата на светот: „Дури тој и да не е достоен, душата негова е достојна“. Ова не е тешко да се сфати.

За *** дознав претходната недела, дека тој донел одлука да се откаже од работата, со која што јас премногу го „натоварив“ и да дојде кај мене во Лондон, без да ме праша, бидејќи како да ме праша мене, ако јас сум заинтересираното лице? Покрај тоа, дури и детето кое бега од училиште, знае што има покрај масата на учителот и на него повеќе му прилега да се задлабочува во сите детали и да се занимава со тајните на Тора и со Вишите тајни, отколку да работи на патиштата на учителот со ниски и презрени работи, од кои што може да се добијат само огромни грижи, без да се добие можност за молење дури ни како наједноставен човек во разбирањето на зборовите.

Јас одговарам без прашања дека оној кој со мене ќе се однесува како сега, со копнеж и желба – кон него ќе бидам благонаклонет. Покрај тоа, неговата работа ќе биде со мене, кога јас ќе се удостојам да го доближам под крилјата на Шхина (под заштита на Создателот). Можеби, тогаш ќе помисли со своето срце: „Зарем само со Моше (Мојсеј) зборувал Создателот? Со мене исто така зборуваше Создателот. И јас имам маса за да ги распоредам и обезбедам сите Виши светови. Како денес може да ги одбегнувам физичките работи на самиот учител и задачите кои тој ги поставил?“. За суштината на почитта и стравот во станувањето сличен на Создателот се говори уште од моментот кога се удостоив да ја примам Светата Шхина во своето срце засекогаш.

Ти мора да веруваш дека физичките дела на твојот учител всушност се дела на душата. За ова мудреците рекле: „Не е речено: „кој учи“, туку „кој ја пролеа водата“. Тоа зборува дека применувањето на Тора е поважно од нејзиното учење“. Ученикот додека е кај учител треба да биде во состојба на вистинско себе-поништување, во целосната смисла на зборот, бидејќи тогаш ќе се соедини со него и ќе може да дејствува во спасението наместо него. Но, на ученикот не му е достапно соединувањето со душата на учителот бидејќи таа е над неговото достигнување. Како што ми пиша ***, нека свети неговата свеќа – тој верува дека телото на праведникот е големо како душата на другиот. Иако не го слушна она што јас го реков, бидејќи завршив со зборовите за ***, во секој случај тој е согласен за моето патување во Америка итн. Но, доколку го слушнеше она што го кажав, тогаш не би се согласил толку лесно. Вистината е во тоа што телото на вистинскиот праведник е навистина големо, како душата со која што се удостојуваат праведниците, просветлени од Вишиот. Затоа, дај Боже, да се удостоите да се соедините со категоријата на моето „тело“ и тогаш ќе можете да го видите светот додека сте живи. Затоа мудреците ја воспевале работата, бидејќи таа е блиска до соединувањето на ученикот со учителот, како што е речено.

За раби ***, нека свети неговата свеќа, мене ми е тешко да сфатам како е можно тоа после сите мои многубројни грижи, со кои што бев обременет за него до сега. Јас напишав соодветно, прекрасно дело – книгата „Светлината на ликот“ со најразлични украси за него, на добра хартија, со одделени параграфи, со целосен предговор и општ вовед, со тематски показатели и со список на скратеници. Станавме како две светила кои светат и објаснуваат како што треба. Покрај тоа, скоро секоја недела јас војувам за него со прстите – пишувам писмо надолго и нашироко, а понекогаш и две писма во една недела. Не можам да се посомневам во него дека тој е, не дај Боже, лош гостин, кој нема да рече, не дај Боже: „Сè што направи домаќинот, направи само за мене“. Напротив, јас наоѓам дека тој седи опкружен со светиот ѕид, бидејќи доколку не седеше надвор од ѕидот, секако дека не би се споредувал себеси со својот Создател, почитувајќи го тој обичај. Уште се плашам за него затоа што заедно со својот обичај тој додава дека е соединет и поврзан со мене највеќе од сите членови на групата. Намерата на срцето ја следат и делата, а Создателот го бара срцето. Точката на неговото срце е соединета во мене, па затоа тој не треба дополнително да бара дела кои се неопходни и соодветни само за луѓето кои се блиски и кои немаат друг излез. За разлика од нив, за таков славен Евреин, (שָׁיְינֵער יוּד) каков што е тој, доброто срце надминува, така што не мора повеќе да открива практични средства за голема корист.

Вистината е што јас не слушнав од целата група никакво воодушевување од мојата книга „Светлината на ликот“, со исклучок само на ***, нека свети неговата свеќа. На секои четири страници, кои јас ви ги испраќав, тој ми пишуваше голем број на стихови и дитирамби од длабочината на срцето. Заради ова, јас сум уверен дека тоа ќе му биде од корист, со Божја помош... Тој има, повеќе или помалку, правилно расудување, за да може да ја почувствува вредноста на човекот и неговите дела и затоа неговото срце е човечко срце. Во секој случај, неопходно е воодушевувањето, како што веќе пишав, објаснувајќи ги зборовите „Зарем Ефраим Ми е драг син?“. И „драг“ одговара на „признат“, а „признат“ на „драг“, односно зависат еден од друг и прават една вистинска целина. Се сетив на она што ми го пиша ***, нека свети неговата свеќа, признавајќи без срам дека целото тоа писмо го разбрал добро, освен прашањето за драгиот и за признатиот, каде што треба да „провне слон низ иглени уши“. Ова го поврза со тоа што можеби му недостига повеќе подготовка и знаења на праведник. Исто така, ова ги натерало неговите прсти да ми пише во последното писмо дека има некој скриен клуч во мојата книга, не тој не го знае или не го разбира. Што требаше да му одговорам? Затоа во своето срце јас си реков: она што нема да го направи разумот, ќе го направи времето. Ќе му се разјасни дека признанието е поврзано со тоа што тој се чувствува драг. Станува збор за воодушевувањето и себе-поништувањето пред вистинското богатство, што го издигнува и поддржува и големото и драгото. Тогаш човекот си признава, а со него се издигнува и она што е драго, па така одат, искачувајќи се по скалилата на Светоста, додека не се удостојат да го исполнат она што недостига и да го исправат искривеното – до вистинско и целосно единство.

Во гореспоменатото писмо јас напишав дека зборовите „признатиот е како драгиот“ се однесуваат на Создателот. Меѓутоа, познато е дека се качуваат на едно стебло, како што е речено: „и уверуваа за Создателот и за Моше, слугата Негов“. Како што рекле мудреците: „Оној кој се сомнева во учителот е како да се сомнева во Шхина“, бидејќи Вишата желба ги споредила тие работи за да ги измери и соедини вистински со една мерка. Што да разговарам со вас, граѓани на државава, ако вие мислите дека јас, не дај Боже, сум во странство, а вие во земјата на Израел! За мене сведочи светата Тора со тоа што Моше стои и ни заповеда во поглавјето „Масеј“ (מסעי): „Заповедај им на синовите на Израел... Кога ќе дојдете во земјата“. Во овие стихови тој ги обележува и означува границите на земјата многу јасно, така што секој, кој ќе дојде во земјата на Израел, повеќе нема да има сомневања во нив. Тој заповедува: „Ваша ќе биде јужната страна“. „Југ“ (негев) – од зборот суша (негива), бидејќи „спасот (кој доаѓа од) Создателот е како влажна градина“. Затоа заминувањето од Светлината на Создателот го нарекле „негев“. Зборот „ќе биде“ означува радост, која укажува на спасот (кој доаѓа) од Создателот, во кој е вклучен овој знак: „Ваша ќе биде јужната страна“. Всушност, ќе знаат дека јужната страна е недвосмислен крај и граница. Како што е речено: „Ќе се изгубите бргу“. Со други зборови: „Од пустината Цин, која е до Едом“. „Цин“ доаѓа од зборовите: „трње и замки“. Мудреците рекле дека тие не се во рацете на небесата, туку до „Едом“, бидејќи штом раката на Едом се појавува на средина, Создателот вели: „Не можеме Јас и тој да живееме заедно во светот“.

Затоа вели: „Ќе имате јужна граница“. „Граница“ е крај. Крајот на гореспоменатата суша завршува „од крајот на Мртвото море на исток“. Објаснување: откако почнале да се допираат со крајот на Малхут на небесата. „На исток“ (кедма) доаѓа од зборовите „како порано“ (ке-микедем), „веднаш ќе заврши сушата кај вас и ќе почнат да паѓаат обилни дождови врз вас“. И дополнува: „Ќе ја сврти границата на југ“. Објаснување: бидејќи почетокот на зората бил после „сушата“ и „во нејзините граници“, границата оди надвор и се свртува на северната страна на светот по дијагонала, како што објаснува РАШИ. Проучи го ова добро. Со други зборови, кон „Маале-Акрабим“.

Објаснување: од гореспоменатата причина растат и се креваат против нас скорпиите (акрабим). „И ќе премине кон Цин“ погоре. Ужасно студенило (цинá) поминува по поголемиот број коски, пробивајќи се до источната пустина Цин. Цина значи студенило, според преводот на: „Од југ кон Маскан де-акрабим“. „И ќе премине кон Цин“ – согласно зборовите на мудреците: „ Дури и змија да го следи зад петите, нема да ја прекине молитвата“. Меѓутоа, ако е скорпија, според општото мислење, ќе ја прекине. Затоа „нејзиниот излез ќе биде на југ од Рекам-Геа“. Зависта е како уништувачки оган, во спротивност на скорпиите, така што може да биде принуден да отиде во Кадеш – Барнеавиш, односно во Рекам-Геа.

Објаснување: неговите мисли ткаат облека, возвишена до чудење, додека не „влезе кај Хацар-Адару“ горе. Иако се воздигнал, како плашт од крзно и не промашува, слично како првиот во царството, сепак тој чувствува дека стои во дворот (хацер) и надвор ќе стои. Затоа тоа место се нарекува „Хацар-Адар“, односно две меѓусебни противречности, како што е речено погоре.

„Ќе помине кај Ацмон“. Ацмон (עצמון) е коска (ецем – עצם), а исто така е речено „кај Ацмон“ затоа што местото послужило како причина и станал како тврда коска која не може да се скрши. Како слон, кој нема зглобови на коските и кој не може да ја сврти главата наназад. Кога сака да погледне назад, принуден е да се премести и да ја сврти целата своја маса од главата до опашот, како што им е познато на оние кои ја познаваат животинската природа. И заклучува: „И ќе ја сврти границата од Ацмон кон потокот египетски“. Објаснување: Ацмон повторно станува Ацмон и затоа се враќа кон „потокот египетски“, за што Создателот рекол: „Повеќе нема да се враќаш по овој пат“. Меѓутоа, тоа не е вистинскиот египетски прогон, туку крајот на тој прогон. „Таа ќе има излез на море“ или со други зборови, откако е заземен потокот египетски, оттаму се удостојува со патот на мудроста – да патува по морето на мудроста (Хохма). РАШИ протолкувал: „Тој дел, кој се наоѓаше на северната страна, беше од Кадеш-Барнеа до Ацмон, а оттаму се намалуваше границата... до потокот египетски“. Добро проучи го ова.

Објаснувањето на неговите зборови е според она што е кажано од името на Ари во книгата „Светење на небесата“ и, исто така мислам во книгата „Порта на предговорот“: првично е создаден светот со буквата ב (бет). Познато е дека точката во средината на буквата בּ ја означува мудроста (Хохма) и северната ранлива страна (погледни кај РАШИ, Берешит). Потоа оваа точка на мудроста се проширила во буквата бет, како буква ו (вав) и се вратила на северната страна на буквата бет на следниот начин: ם – станала затворена буква מ (мэм). Во ова е смислата на зборовите од мудреците: „Зарем не може да биде создаден со еден збор?“. Оваа буква מ (мэм) означува еден исказ. Меѓутоа, мудроста не можела да се распространи бидејќи оваа מ (мэм) буква е затворена од сите четири духови, па затоа повторно се скратила мудроста, како што е речено: точката во средината на буквата бет е тајната на буквата вав. Тогаш се распространила мудроста за да ги награди праведниците. Во ова е смислата на зборовите: „Светот е создаден со десет искази, за да ги казни грешниците кои го уништуваат светот, создаден со десет искази“, како што е речено погоре, бидејќи од Ацмон се свртела границата кон потокот египетски, како што е речено: „Јас видов погребани грешниц кои доаѓаа“, а исто и како што е речено: „Јас бев спокоен, но Тој ме протресе: ме фати за вратот, ме прекрши и ме постави мене за своја цел“. Сето ова е заради гореспоменатиот истакнат дел. Јуд (י) се распространила во вав (ו) од северната страна на бет (ב) и несакајќи се скратила границата кон потокот египетски, како што е речено погоре. Затоа таму биле истребени сите оние кои го мразат Израел, а синовите на Израел доаѓаат „до морето“, за да црпат од изворите на мудроста за обновување на светот, како на почетокот, односно за да „дадат голема награда на праведниците, кои го поддржуваат светот создаден со десет искази“.

И завршува пасусот: „Западна граница: големото море ќе ви биде граница“. Во ова е нашата најголема надеж – да се удостоиме со голема мудрост, која се нарекува „големо море“, од каде што ќе почнеме да го вдишуваме воздухот на земјата на Израел, за која Создателот се заколна дека ќе ни ја даде итн. За да нè забрза за ова, се повторува пасусот: „и оваа граница ќе ви биде западна граница“, односно сите излези на морето на мудроста се само на таа граница! Со други зборови, големото море, морето на земјата Израел е Мохин на големата состојба (Мохин де-гадлут)! Не е можно да се удостои со нив, додека не ги помине сите десет граници. Во ова е смислата на зборовите: „Ти ја промени мојата награда десет пати“ и после тоа се удостојуваат да се населат на земјата на Израел, земјата во која што течат мед и млеко, ветената земја, плодната и пространа земја. Еве, јас ви дадов коњи и ако можете да качите коњаници на нив, тогаш населете се во ветената, плодна и пространа земја засекогаш. Дотогаш не зборувајте, не дај Боже, дека јас сум заминал од земјата на Израел. Напротив, самите вие сте невнимателни и не сте носталгични за да се вратите во неа заедно со мене. Бидејќи јас ви прочитав поглавје од Тора, ќе завршам со зборовите на пророкот: „Слушајте го словото на Создателот, домот на Јаков и сите семејства во домот на Израел...“, „Му велат на дрвото: „Ти си мојот татко“ и на каменот: „Ти ме роди“, бидејќи се вратија кај Мене назад...“, „Каде се твоите богови, кои што си ги направи? Нека станат, ќе можат ли да те спасат за време на твојата несреќа?“. Зарем може да се помисли дека нашите свети прататковци во времето на Храмот и пророштвото биле глупави, нарекувајќи го дрвото и каменот татко и мајка? Само будалите можат да помислат нешто такво за нашите прататковци. Работата е во тоа што дрвото е „дрвото на животот“, а каменот – „дрвото на познанието“.

Објаснување: проверениот и испитан човек открива дека тоа е „совет“ од Создателот бидејќи со помош на ова дрво и на овој совет се привлекува Светлината на Вишиот живот, што се нарекува „дрво на животот“. Скриено пак, е од судењето на човекот и неговите лукавства, бидејќи тој уште се задоволува со тоа дали дрвото е добро или лошо во очите на неговиот господ, за да му се допадне на Создателот. Тоа се нарекува: „дрво на познанието на доброто и злото“ или „камен“ (евен) од зборот „ќе разберам“ (авин), односно ќе погледнам и ќе видам дали е добар тој или тоа е лош совет. Оној кој седи и се жали долго време исто така се нарекува и „занесеник“, како што рекле мудреците: „Во таков занес беше пророкот Хагај“. Оваа (ситуација) се нарекува „занесување“ бидејќи е подготвено за глупавите да ги толчи и да им ги дроби коските. Како што е речено: „Ако го толчиш глупавиот... нема да ја оттргнеш глупавоста од него“. Од ова следува прашањето: како може глупавиот да лежи под толчникот со цврста увереност и никако да не се откажува од својата глупост? Уште повеќе, дури и ако е очигледно дека „глупавиот го убива гнев“ зарем нема да замине од својата нечистотија? Меѓутоа, глупавиот си наоѓа смисла и кога доживува нешто налик на задоволство. Не треба да се чудиш за тоа, бидејќи за таквите случаи е речено: „Не го суди другиот, додека не застанеш на неговото место“. Затоа ова божество се нарекува „камен бог“ или „камен со слики“, бидејќи со никаква награда не им возвраќа на своите работници кои доброволно работат за него, како што е речено погоре, и не ги избавува во моментот на несреќа. За разлика од каменото божество, има и такви кои му се поклонуваат на „дрвото“.

Објаснување: тие се задоволуваат со своето мало светење, доволно за да ги спаси. Но, кратка е раката на Создателот да ги спаси за време на несреќата. И не се симнуваат од дрвото, кое е препознатливо за нив, бидејќи им се чини дека ниеден господар не може да го спаси оттаму својот имот, затоа што тоа дрво веќе е проверено и испитано од нивна страна како основа на животот. И забораваат или пак, се прават дека забораваат дека се издигнуваат во светоста, а не дека се спуштаат. Ова е признак на светиот и на светата. Како што е речено: „Не зборувај дека претходните денови беа подобри од овие, бидејќи тоа не би го барал од мудрост“. Оние кои работат за друг бог, кој е јалов и не носи плодови, одат на опаѓање, слично на празничните бикови и „Умираат без мудрост“, не дај Боже. Ги поминуваат сите свои денови во чувство дека претходните денови биле подобри од сегашните.

Затоа е бесен пророкот на нив, бидејќи откако ги поминале нивните денови во туѓа работа, слично на срамот на крадец пред да го најдат, „му велат на дрвото: ’Ти си мојот татко’“. Со други зборови, како да се спасиле од пожар – така се радуваат на својата улога, затоа што дрвото за нив е како основата на животот, како што е речено погоре.  „... На каменот: ’Ти ме роди’“, како што е речено погоре. Откако го добиле своето, пророкот ги споредува со луѓе кои лежат под толчник. И продолжува пророкот со прашањето: „Каде се твоите богови, кои си ги создал самиот? Нека станат; Ќе можат ли да те спасат за време на твојата несреќа?“.

Објаснување: Помислете колку ви дале тие божества и во колкав степен ве спасиле од несреќите. И им се чуди уште повеќе, говорејќи: „Затоа што според бројот на градови беа твоите богови, Јудеја“.

Објаснување: при секое будење на тие градови биле непопустливи и уверени наспроти горепосочените страни, кон дрвото или кон каменот, како што е речено погоре до тој степен што сите ангели од исток и од запад немале сили да ги спречат во нивната работа. И секој град станува божествен за тебе, слично на словото на Создателот и ова е доволно за оној кој разбира. Вие пак, напишете ми јасно што  разбравте од ова долго писмо и што не разбравте. Посебно објаснете ми ги до детали сите десет граници кои ви ги опишав. Протолкувајте ми повеќе отколку што напишав јас, бидејќи јас пишував кратко. Најважно е да не се срамите да ми откриете сè што не разбирате, како и сите ваши толкувања, а јас тогаш ќе ви одговорам со леб, вино и масло. Ниеден ваш збор нема да се врати празен.

Јехуда Лајб

Писмо 46, 1927 г., стр. 140

Вашето писмо го примив и бев радосен кога го видов неговиот ракопис. За мене тоа беше знак дека тој, со Божја помош, е во добро здравје. Тој ми пиша дека, за разлика од мене, не го смета рав за кабалист. Не знам кој рекол и кој се посомневал во гореспоменатиот рав во тоа дека тој е кабалист, па затоа ќе мислам дека почитуваниот претпоставува дека јас очекувам да добијам негова согласност за да ги поткрепи моите толкувања на Тора. Јас веќе пишав дека во дадениот случај посакувам да има доволно пари за печатење на книгите, бидејќи јас немам согласност за извесната личност, која се смета за важна на тоа место, како и што укажував... Затоа мислам дека почитуваниот сака да се распраша за мене и да комуницира со мене по даденото прашање. Во тој аспект јас исто така сум спремен да го ислушам и да му одговорам за она за го знам. Во секој случај, откако тој се оттргна од споменатите обиди, сега јас немам никаква допирна точка со работата и, како ученик на мудрец, кој ислушува сè пред да дејствува, ќе одговорам да сите прашања по ред.

1.Тој напиша дека денес не гледа ниеден кабалист. Се чудам како може да седи во ограничен простор и да го гледа целиот свет, а уште повеќе ако станува збор за тоа да види кабалист. Всушност, ни јас не сум видел вистински кабалист во последно време, меѓутоа, јас знам дека Израел не се откажал и дека нема да има поколение во кое ќе нема Авраам, Исак и Јаков. Покрај тоа, „не видов“ не претставува доказ.

2.Тој ми пиша во врска со зборовите: „Духот кој е врз тебе, нека биде двојно врз мене“ и праша што било барањето, а каков бил одговорот? И објаснив: барањето беше да стане и кабалист и оној кој прима истовремено, „а тој одговори: „Ако видиш дека јас примам од тебе, истовремено ќе сметаш дека примаш од мене“ – сфати го ова“ (крај на цитатот). Признавам, не го разбирам неговиот лаконизам. За мене ова е слично на случај кога некој бара од друг да му даде подарок, а тој одговара: „Ако видиш дека ти дадов подарок, тогаш имаш подарок“. Тоа воопшто не е одговор, уште повеќе што овде не се бара двојниот услов, како што е речено таму.

3.Тој напиша: „Јас видов по учителите свои... (нека биде благословен споменот на праведниците за живот во идниот свет), дека тие го достигнале тоа ниво“ (крај на цитатот). Според мене, нема никакви сомнежи дека е невозможно да се види ниедно ниво на своите учители, додека самиот не се удостоиш со него. За последиците од ова мудреците рекле: „Човекот не го достигнува знаењето на својот учител до четириесет години“. Дури и кај пријателот е невозможно да се види она што самиот го немаш. Јас би сакал да го слушнам вашето мислење во врска со ова.

Сега малку ќе се позанимавам со неговите зборови за станувањето кабалист и некој кој прима истовремено. Што укажуваат овие зборови може да се разбере само на соодветно ниво, за кое што ние го читаме следното. Секој што добива изобилство од Создателот, се гордее со круната на Создателот, а оној пак, кој се удостоил за време на дејствието да почувствува дека и Создателот се гордее со него, гледајќи дека е подготвен за примање на Своето изобилство, тој се нарекува кабалист. Се разбира, тоа е високо ниво, како што е речено: „Го најдов Јас Давид, слугата Мој и со свето миро го помазав“ итн. и ова е доволно за оној кој разбира. Смислата на зборовите: „двојно повеќе“ јас ја разјаснувам според принципот „научи го мудриот“. Речено е: „Тој не може да му дава предност на омилениот син пред неомилениот, првенецот – но на првенецот, на синот кој не му е омилен, треба да му даде двојно повеќе“ итн. Смислата на првородството е позната од раби Бера од Мезрич (благословен нека биде споменот на праведникот за живот во идниот свет). Станува збор за буквите алеф-јуд-куф бет-хаф-реш гимел-ламед-шин. Меѓутоа, „двојно повеќе“ (пи шнаим) е „пе“, во кое е скриен духот (руах), врз кој се потпирале прататковците. Погледни ја книгата на Идра Раба. Јас ќе го протолкувам него „долу“, а од него ќе учат „горе“...

Познато е дека постојат два вида на праведници: праведник, кој влегува во неа и праведник, кој излегол од неа. Речено е за ова: „Кога го напушташе душата“ итн. Затоа нивното меѓусебно дејствие се прекинало, како што е познато од меѓусебното дејствие на ЗОН. Во иднина нивното меѓусебно дејствие ќе биде целосно и тогаш таа ќе се нарече „двојно повеќе“. За ова Елијау (нека биде благословен неговиот спомен) му рекол на Елиша: „Ти побара нешто многу тешко“, укажувајќи му каде оди работата. „Ако видиш како ќе ме земат од тебе...“ – продолжува тој. Зборот „земен“ (לֻ קָּח – луках) фигурира во гласот „кубуц“ и означува „се распламтувам (נתלקח– нитлакеах) од тебе“. Со други зборови, „како спротивност на тоа што си го мислел до денес, претпоставувајќи дека јас сум твој господар и ти се распламтуваш од мене – излегува обратно, јас се распламтувам од тебе и тогаш „ќе ти се оствари тоа“, бидејќи ќе се удостоиш за двојно повеќе“. Затоа Елиша немал сили да го праша за ова повторно (како расказот за приврзаникот на оној, кого го сметал за свој учител). Меѓутоа, во крајна линија, се удоистоил за тоа, како што е речено: „Елиша, согледувајќи го (тоа), извика: Татко мој, татко мој (учителу мој)! Кочија на Израел и негови коњаници!“. Смислата на ова е во тоа што тој ја видел целината на Светлините на Израел вклучени во Елијау, господарот негов и дека сите произлегуваат и се распламтуваат од самиот него. Затоа му станало многу тешко од тоа што Елијау му рекол: „Ти побара нешто многу тешко“ итн. немајќи сили да го поднесе тоа, тој извикал: „Татко мој, татко мој!“ и во ова е смислата на зборовите „двојно повеќе“, бидејќи и ниските ЗОН се како Аба ве-Има горе итн.

Затоа „повеќе не го видел“, бидејќи се гледал само себеси и ова е доволно за оној кој разбира, како што е речено погоре. Заради тоа бил под голем притисок и затоа „ја фати својата облека и ја раскина на половина“, а се мисли на целината на Светлините, која е означена со зборовите „Кочија на Израел и негови коњаници“, на што потсетуваат зборовите „својата облека“ и ова е доволно за оној кој разбира, како што е речено погоре. ...Додека не се удостои со она, за што е речено: „И го крена плаштот на Елијау, кој падна од него“. Се мисли на „плашт“, ... кој дотогаш тој го сметал за ниска категорија и надворешна појава, но сега сфатил дека треба да го крене на своето место и тогаш навистина се удостоил со „двојно повеќе“... Оттогаш „паѓањето на плаштот на Елијау“ за него станало пример за издигање на МАН. За ова е речено: „И го зеде тој плаштот на Елијау, кој му падна и удри по водата со него и рече: „Каде е Господ-Бог, Елијау?“ („Аеј а-Шем Елокеј Елијау аф гу?“). Зборот „аф“ (буквално: „нос“) значи сад на душата (нефеш), како што е речено: „И вдахна во неговите ноздри душа на животот (нишмат хаим) и човекот стана жива душа (нефеш хаја)“. Станува збор за непрестајното паѓање, како што е речено погоре, кога кинењето на облеката за него станало категорија „аф гу“. „И замина Елиша“ итн. И рекоа: „Се упокојува духот на Елијау врз Елиша“ итн. Со други зборови, сите нивоа на Елијау, учителот негов, се разбира, се соединиле во Елиша... Одовде стануваат разбирливи поимите наведени во книгата „Ликутеј Тора“, зборовите на Ари за тоа дека Елиша претставува реинкарнација на Каин. За ова е речено: „А за неговиот подарок не благослови“. Меѓутоа, извршено е поправање во Елиша (אֱלִישָׁע): буквите од неговото име се состојат во зборовите: „мене ме благослови“ („елај шаа“ – אֵלַי שָׁעָה). Како што е речено погоре, станува збор за „двојно повеќе“.

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели