Слушнав во неделата Тецаве (февруари 1943 г.), во Ерусалим
Во саботната вечер, пред благословувањето на Сабота со чаша вино, се пее: „Дојдете со мир ангели на светот од Царот на сите ангели, благословениот Создател. ...Одете си со мир ангели на светот од Царот на сите ангели, благословениот Создател“.
Два ангела го спроведуваат човекот кон почетокот на Саботата – добар и лош. Добриот ангел се нарекува „десен“ и со негова помош човекот се доближува до работата за Создателот, што се нарекува „десната рака доближува“. Лошиот пак, се нарекува „лев“. Тој го оттргнува човекот од работата, односно му предизвикува надворешни мисли, како во разумот, така и во срцето. Но, кога човекот со напор од волјата ги надминува пречките од лошиот ангел и, без оглед на тешкотиите, се доближува со Создателот, тогаш секој пат оди напред и, надминувајќи го злото, се прилепува кон Создателот. Значи, благодарение на двата ангела тој се доближува до Создателот, односно тие два ангела исполнувале една задача – да го доведат човекот со соединување со Создателот. Тогаш човекот вели: „Дојдете со мир“.
Кога човекот ја завршува својата работа и ја внесува целата лева страна во светоста, за што е речено: „Немам каде да се сокријам од Тебе“, тогаш на лошиот ангел повеќе не му останува ништо да работи затоа што човекот со своите напори ги надминал сите пречки и тешкотии кои ги правел лошиот ангел. Тогаш тој лош ангел го напушта човекот, а човекот вели: „Одете си со мир“.