Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Пророштво

 Тоа беше во време на војната, во деновите на ужасниот масакр, и јас молев и плачев цела ноќ со голем плач. Дојде зората, и луѓето од целиот свет беа небаре собрани во едно пред мојот внатрешен поглед, и еден човек лебдееше над нив, со острицата на својот меч, замавнуваше над нивните глави, и главите летнуваат нагоре, а труповите паѓаат во огромна долина, која стануваше море од коски. И еве глас до мене: „Јас сум Богот семоќен, кој владее со целиот свет во големо милосрдие, протегни ја твојата рака и земи го мечот, зошто сега Ти давам сила и моќ”. Се преслекол во мене духот на Создателот, го земав мечот, и човекот веднаш исчезна, погледнав подобро – го немаше, а мечот е во моја власт, за моите сопствени освојувања.

И ми рече Бог: „Насочи ги своите чекорите и оди од твоето родно место во прекрасната земја, во земјата на светите прататковци, и ќе Те направам таму голем и моќен мудрец, да бидат благословени со тебе сите големи Земји, зошто тебе Те избрав за праведник и мудрец во целото ова поколение, да ја излечиш човечката несреќа со надежен спас. А мечот овој, земи го во својата рака и чувај го со целата твоја душа и моќ, зошто тој е сведоштво меѓу Мене и тебе, дека сите овие добри дела ќе бидат од тебе остварени, бидејќи досега Сум немал толку посветен, меѓу луѓето, како тебе, за да можам Јас да му го предадам овој меч, и затоа уништувачите го направиле она што го направиле. Но, отсега секој уништувач, кој ќе го види Мојот меч во твојата рака, веднаш ќе исчезне и ќе биде избришан од земјата”. Го сокрив јас лицето свое зошто се плашев да погледнам во правецот на Оној, кој што ми зборуваше. Мечот пак, што на прв поглед се чинеше како обичен железен меч, многу оштетен, одеднаш во моите раце се претвори во сјајни букви на светото име: Бог е семоќен, ја исполнува Светлината со блесок и сјај. Со спокој, тишина и увереност – целиот свет.

И му рече гласот на моето срце: „Кој ќе го пренесе и ќе добие за сите поколенија на светот од чистата капка на овој меч, за да ја спознаат Божјата убавина на земјата”. Ги кренав своите очи, и ете, Бог, кој стои пред мене, ми вели:„Јас сум Бог, Бог на твоите татковци, погледни од местото на кое стоиш пред Мене, и види сè што постои, создадено е од Мене од Ништо, Вишите и нижите заедно, пред нивното излегување во постоењето, во текот на целото време и редоследот на нивниот развој, сè додека не стигнат до крајот на својата работа како што е редот, за да го слават делото на Моите раце”. Ги видов, и многу се израдував за прекрасното создание и целото насладување и изобилство што го исполнува, со кое се насладуваат сите, кои што се појавуваат на оваа земја, и вознесов ода на Создателот.

Тогаш се обратив на Бога: „Пред Тебе ќе работиме во страв и трепет, и Името Твое ќе го славиме вечно, зошто не произлегува од Тебе лошо и добро, туку само низа на насладувања, подготвени пред нас, од нашиот почеток, сè до крајот. Колку се среќни тие, што напредуваат по Твоите светови, што Си им ги подготвил за задоволство, блаженство и целосна среќа. Нема неправда, недостаток и неправилност во сите дела на Твоите раце, во сето вишо и нижо заедно”.

И се наполнив јас со прекрасна мудрост, а во коренот на сè е мудроста на Неговото лично провидение. Така напредував, и ја зголемував мудроста секојдневно, многу денови, сто и осумдесет дена. Тие денови решив да посветам молитва на Создателот, за да речам: „Ете, се наполнив со мудрост повеќе од сите досега, и нема ништо во светот, што би било над моето сфаќање, но воопшто не ги разбирам зборовите на пророците и мудреците Божји, исто и повеќето од Имињата свети не ги сфатив”. И се замислив: „Бог ми вети мудрост и знаења, дека ќе бидам чудесен пример меѓу мудреците и сите суштества, а јас дури и сега не ги разбирам нивните беседи”. Но пред да се обратам, ете Бог стои над мене и вели: „Твојата мудрост и достигнување се многу повисоко од сите мудеци, кои досега постоеле на земјава, и што не Сум ти дал од она за кое што си Ме молел? Што ти е потребно да го растажуваш твојот дух со разбирање на пророштвата? И не се задоволуваш со нив, затоа што нивните зборови се кажани од такво достигнување, кое не е толку значајно во споредба со твоето. Можеби ќе посакаш да те спуштам од твоето ниво и тогаш ќе можеш да сфатиш сè што е речено од нив во целост?” Замолчив и се израдував во голема гордост, и не одговорив ништо. Потоа Го прашав Бога: „Досега не сум слушнал ништо за постоењето на своето тело, а сè што е најдобро и предодредено, ми дошло само од духовното, и сè кон него се насочува. Но ако е така, што ќе биде, ако заради некоја болест или телесен недостаток, мојот ум се збуни и згрешам пред Тебе, дали ќе ме оддалечиш од Ликот Твој, дали ќе го земеш сето добро, или ќе ме казниш?”

И ми се заколна Бог (Ете веќе си стигнал до конечната цел, и сите твои гревови Сум ги простил, и милоста оваа...) со Името свое Големо и Страшно и со Тронот Свој Вечен, дека навек, згрешили или не, нема да се намали милоста Негова кон мене, милоста Негова и светоста Негова нема да ме напуштат никогаш. Го слушнав тоа и многу се израдував. И во исполнувањето на тие денови внимавав со огромно внимание на сите задачи и уверувања, што ги добив од Бога, но не најдов во нив задоволителна јасност и јазик, на кој би можел да му зборувам на човештвото и да го насочам кон стремежот, што јас го спознав, стремежот кон Создателот. И не можев да се воздржам, да шетам меѓу луѓето сосема испразнети, кои лошо зборуваат за Создателот и Неговата творба, а јас, исполнет и со пофалби за Него, одам и се радувам, и небаре им се потсмевам на тие несреќници.

И ме трогна сето тоа до длабочините на моето срце. Тогаш во своето срце одлучив: „Нека биде што ќе биде, па дури и да се спуштам од скалилото на своето ниво, морам да го искажам тоа во голема молитва кон Создателот, за да ми даде достигнувања и знаења, пророшки зборови, мудрост и јазик, за да му помогнам на несреќното човештво, да ги кренам до степенот на мудроста и насладувањето, сличен на мојот”. И без оглед на сето она што тогаш го знаев, дека не смеам да го растажувам својот дух, сепак не се воздржав и ја отворив душата и кажав молитва. Тоа беше наутро: се загледав и Го видов седнат во небесата. Ми се потсмеваше мене и на моите зборови, и ми рече: „Што гледаш?”

Реков: „Гледам двајца луѓе кои заедно се борат, едниот е мудар и совршен во целата големина на своите сили, додека вториот е мал и глупав, како новороденче. Но вториот, несвесен, мал и слаб, го фрла апсолутно совршениот и силниот”. И ми рече Бог: „Ова новороденче ќе стане Велик”. Ја отвори устата новороденчето и почна да ми кажува некои зборови, за мене воопшто непознати. Меѓутоа, јас во нив го почувствував целото богатство на мудроста и пророштвото, прифатено меѓу вистинските пророци, сè дури не сфатив – зошто ми одговорил Создателот на молбата, и ме направил подобен меѓу сите Божји пророци и мудреци. И ми рече Бог: „Застани на нозе и погледни во правецот на древниот исток”. Јас ги кренав очите и видов, дека бебето што ползеше во еден миг порасна и се израмни по големина на растот со големиот. Но и сега му недостасуваа свест и ум, како и претходно. И многу се зачудив.

Потоа следеше гласот Божји и зборови кон мене: „Легни на десна страна”. И јас легнав на земјата, а Тој ми рече: „Што гледаш?”. Јас одговорив: „Гледам народи на светот кои во голем број се возвишуваат и исчезнуваат”. И ми вели Бог: „Ако можеш да им дадеш облик на сите народи, и да го разгориш животниот дух во нив, ќе те доведам во земјата, за која се заколнав на твоите прататковци да ти ја дадам тебе, и сè што е предодредено од Мене – преку тебе ќе се оствари!”

Јехуда Ашлаг – Баал ХаСулам

 

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели