Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Вовед во Книгата Зохар, Точка 21-30

21. Нека не ве заведуваат филозофите кои велат дека самата суштина на душата е интелектуална супстанца, и дека таа постои само преку концептите што ќе ги научи, дека расте преку нив, и дека тие се самата нејзина суштина. Прашањето на траењето на душата по заминувањето на телото зависи од размерот на концептите што ги има стекнато, додека во отсуство на такви концепти, ништо не останува да продолжи да постои. Тоа не е гледиште на Тора. Ниту срцето не може ова да го прифати, и секој кој некогаш пробал да стекне знаење, знае и чувствува дека умот е поседуван, а не вистинскиот поседник.

Но како што рековме, целата супстанца на созданието, како на духовните така и на телесните предмети, не е ниту повеќе ниту помалку од желбата за примање. Иако рековме дека душата е целата од желба за давање, тоа е само преку поправки од Одразената Светлина, која ја добива од Вишите Светови, од кои Светлината доаѓа до нас. Сепак, самата суштина на душата е желбата за примање. А разликата што можеме да ја согледаме меѓу еден и друг предмет се согледува само преку неговата волја, бидејќи волјата во секоја суштина создава потреби, а потребите создаваат мисли и концепти за да ги исполнат тие потреби, кои ги бара волјата за примање. Па како што човечките желби се разликуваат една од друга, така се разликуваат и нивните потреби, мисли, и идеи. На пример, оние чија желба за примање е ограничена на ѕверски желби, нивните потреби, мисли и идеи се посветени на задоволување на таа желба - за примање во целата нејзина ѕверскост. Меѓутоа, и покрај тоа што го користат умот и разумот како што прават луѓето, тоа е доволно робота да биде како неговиот господар. Како ѕверскиот ум, бидејќи умот е роб и ја служи ѕверската желба.

Но, оние чија желба за примање е силна, претежно кај човечките желби – како почитта и доминацијата над другите – кои се отсутни кај ѕверот, повеќето од нивните потреби, мислите и идеите се вртат исклучиво околу задоволување на таа желба, колку можат повеќе. Истото важи и за оние чија желба за примање се засилува претежно за стекнување на знаење.

22. Овие три желби се присутни во речиси секоја личност, но се мешаат во разни количества, и оттука разликите од една до друга личност... Од телесните разлики можеме да изведеме заклучоци во врска со духовните предмети, поврзани со нивната духовна вредност.

23. Така и човечките души, оние духовните, имаат само желба да Му дадат задоволство на својот Создател, преку облеките на Одразена Светлина добиена од Вишите Светови од каде што доаѓаат. Таа желба е нивната суштина и јадрото на душата. Се чини дека еднаш штом облече човечко тело, создава потреби, желби и идеи да ја задоволи својата желба за давање до максимум, што значи да Му дава задоволство на својот Создател, според големината на желбата.

24. Суштината на телото е самата желба за примање, и сите негови манифестации и поседи се исполнувања на таа расипана желба за примање, која е изворно создадена само за да биде избришана од светов, да се достигне потполната трета состојба на крајот од поправката. Од таа причина, тоа е смртно, минливо, и вредно за презир, заедно со сите негови поседи, како краткотрајна сенка која не остава ништо зад себе.

Бидејќи суштината на душата е само желбата за давање, и сите нејзини манифестации и поседи се исполнувања на таа желба за давање, која веќе постои во вечната прва состојба, како и во идната трета состојба, таа е вечна и незаменлива, заедно со сите свои поседи. Отсуството на телото при неговото заминување воопшто не ја погодува. Напротив, отсуството на расипаното тело мошне ја зајакнува, и ја оспособува да се издигне до Рајската Градина.

Со тоа убаво објаснивме дека траењето на душата на ниеден начин не зависи од концептите кои ги стекнала, како што тврдат филозофите. Напротив, нејзината вечност е самата нејзина суштина, во нејзината желба за давање, која е нејзината суштина. Концептите што ги стекнува се нејзина награда, а не нејзина суштина.

25. Оттука произлегува целосното разрешување на петтото прашање: Бидејќи телото е толку расипано што душата не може сосема да се прочисти пред тоа да скапе во земјата, зошто се враќа кога воскреснуваат мртвите? И прашањето во врска со нашите мудреци: „На мртвите им е судено да бидат оживеани со своите мани, за никој да не каже: „Ова е некој друг“ (Зохар, Амор, 17).

И тука ќе ви стане јасна темава од самата Мисла на Создавањето, од првата состојба. Бидејќи рековме дека, затоа што Мислата била за Тој да им даде радост на своите создадени суштества, Тој морал да создаде навистина претерано голема желба за примање на сета таа раскош, која е Мислата на Создавањето, бидејќи „големата радост и големата желба одат заедно“ (точки 6-7). Рековме дека оваа преголема желба е сета супстанца што Тој ја има создадено, бидејќи Нему не му треба ништо повеќе од тоа, да ја изведе Мислата на Создавањето. А природата на Совршениот Оператор е да не врши сувишни операции, како што пишува во Песната на Соединувањето: „Во сето она што Ти си го создал, ништо не си заборавил, изоставил, ниту додал.“

Рековме и дека оваа претерана желба за примање е сосема отстранета од чистиот систем и е целосно дадена на системот на нечистите светови, од каде потекнуваат телата, нивното одржување, и сите нивни поседи во овој свет. Кога човек ќе наполни 13 години, почнува да стекнува света душа, така што започнува да ја следи Тора. Тогаш е негуван од страна на системот на чистите светови, според мерката на чистотата на душата која ја достигнал.

Досега рековме дека во текот на шесте илјади години кои ни се дадени за работа според Тора и Мицвот, телото, т.е. неговата претерана желба за примање, не добива никакви поправки. Сите поправки кои доаѓаат преку нашата работа се однесуваат само на душата, која така се качува по степените на светостта и чистота, што значи зајакнување на желбата за давање која доаѓа со душата. Од таа причина, телото на крај ќе умре, ќе биде закопано и ќе изгние бидејќи не поминало низ никакви поправки. Сепак, не може да остане така, бидејќи ако претераната желба за примање исчезне од светот, Мислата на Создавањето нема да биде остварена – што значи нема да дојде до примањето на сите големи задоволства кои Тој сакал да им ги даде на своите создадени суштества, бидејќи „големата желба за примање и големото задоволство одат заедно.“ Онолку колку што се намалува желбата тоа да се прими, толку се намалува и радоста и задоволството од примањето.

26. Веќе рековме дека првата состојба ја налага третата, за целосно материјализирање на она што било во Мислата на Создавањето – првата состојба – без да се испушти ништо (види точка 15). Затоа, првата состојба го налага воскреснувањето на мртвите. Тоа значи дека нивната преголема желба за примање, која веќе била избришана и изгниена во втората состојба, сега мора да биде оживеана во сета своја претераност, без никакви ограничувања, што значи со сите свои поранешни мани. Тогаш работата одново почнува, за таа преголема желба за примање да се претвори во чиста желба за давање. И тогаш нашата добивка ќе биде двапати поголема:

А. Ќе имаме место да ја примиме сета радост и задоволство и нежност во Помислата на Создавањето, бидејќи веќе ќе го имаме телото со неговата огромна желба за примање, која оди заедно со тие задоволства.

Б. Бидејќи нашето примање на тој начин ќе биде само за да Му дадеме задоволство на нашиот Создател. Тоа примање ќе се смета за чисто давање (точка 11). А тоа ќе нè донесе до истоветност на обликот, т.е. Двекут (Сплотување), до нашиот облик во третата состојба. Така, првата состојба апсолутно го налага воскреснувањето на мртвите.

27. Навистина, мртвите не можат да бидат оживеани, освен при крајот на поправката, при крајот на втората состојба. Бидејќи еднаш штом сме биле наградени со порекнување на нашата преголема желба за примање, и нам ни е дадена желбата само да даваме, и штом ни биле дадени сите чудесни степени на душата, познати како Нефеш, Руах, Нешама, Хаја, Јехида, преку нашето работење да ја негираме волјата за примање, затоа сме стигнале до највисокото совршенство. Тогаш телото не може да биде оживеано со сета своја преголема желба за примање, и не може да ни наштети преку одвоеноста од нашиот Двекут. Напротив, го надминуваме и му го даваме обликот на давање. И навистина, ова се прави со секоја расипана одлика која сакаме да ја отстраниме од него. Прво, мораме сосема да ја отстраниме, ништо да не остане. Потоа, можеме повторно да ја примиме и да ја водиме по средниот пат. Но сè додека не сме ја отстраниле целосно, невозможно е да се води по саканиот, среден пат.

28. Нашите мудреци велат: „Мртвите ќе бидат оживеани со нивните мани, а потоа излечени.“ Тоа значи дека на почетокот се оживува истото тело, односно преголемата желба за примање, без никакви ограничувања, исто како што растело негувано од нечистите светови пред да биде прочистена од Тора и Мицвот. Тоа е значењето на „со сите нивни мани.“

А потоа започнуваме нов вид на труд – да ја вметнеме сета таа претерана желба за примање во обликот на давањето. Тогаш таа ќе се излечи, бидејќи сега има истоветен облик. Велат дека причината за тоа е „да не каже никој, - ова е некој друг“, т.е. да не кажат дека е во друг облик од оној што го имала во Мислата на Создавањето. Тоа е затоа што таму стои преголемата желба за примање, која сака да ја прими сета раскош во Мислата на Создавањето.

Но во меѓувреме, е дадена на Клипот за да се прочисти. На крај, не смее да биде друго тело, бидејќи ако е на било каков начин помалку од тоа што била, ќе се смета за сосема поинаква, и затоа недостојна да ја прими сета раскош во Мислата на Создавањето, како што прима во првата состојба.

29. Сега можеме да го решиме горенаведеното второ прашање: која е нашата улога во долгиот синџир на реалноста, од кој сме само мали алки, во текот на нашите кратки животи? Знајте дека нашата работа во текот на нашиот живот, од 70 години, е поделена на четири дела:

Првиот дел е да се добие преголемата желба за примање без граници, во нејзиниот целосно расипан облик од под рацете на четирите нечисти светови АБЈА. Ако ја немаме таа расипана желба за примање, нема да можеме да ја поправиме, бидејќи „човек не може да го поправи тоа што не е во него.“ Така, желбата за примање, втисната во телото при раѓањето, е недоволна. Но, мора да постои и возило за нечистиот Клипот не помалку од 13 години. Тоа значи дека Клипот мора да доминираат со неа и да ѝ ги дадат нивните светла, бидејќи тие светла ја зголемуваат нејзината желба за примање. Тоа е затоа што исполнувањата што ги даваат Клипот само ја зајакнуваат и шират желбата за примање.

На пример, при раѓањето, тој има желба само за сто, не повеќе. Но кога Ситра Ахра ќе ги даде тие сто, желбата за примање веднаш расте и сака двеста. Потоа, кога Ситра Ахра ќе ги исполни и тие двеста, желбата веднаш расте и сака 400. И ако човек не успее да ја надмине, преку Тора и Мицвот, и да ја прочисти желбата за примање во желба за давање, таа ќе се шири до крајот на неговиот живот, додека на крај не умре, без да оствари половина од своите желби. Тоа се смета дека е надлежност на Ситра Ахра и Клипот, чија улога е да ја шират неговата желба за примање и да ја направат претерана и без никакви граници, за да му го дадат сиот материјал што му треба за да работи и да се поправи.

30. Вториот дел е од 13-та година па натаму. Тогаш, точката во неговото срце, која доаѓа по Светоста, зајакнува. Иако при раѓањето е облечена во неговата желба да прима, таа почнува да се буди дури по 13-та година, и тогаш човек почнува да влегува во системот на чистите светови, во онаа мера во која ги следи Тора и Мицвот. Главната цел на тоа време е да се добие и зајакне духовната желба за примње, бидејќи при раѓањето, човек има желба да прима само за телесното. Така, иако ја добил претераната желба за примање пред да наполни 13 години, ова сè уште не е крај на растот на желбата за примање, бидејќи главното интензивирање на волјата за примање е само во духовноста.

Тоа е затоа што, на пример, пред да наполни 13 год., неговата желба за примање може да посака да го проголта сето богатство и почит во овој телесен свет. Ова очигледно не е вечен свет, и за сите нас е само треперлива сенка. Но кога некој ќе ја добие духовната желба за примање, тој сака да ги проголта, за свое лично задоволство, сето богатство и радости во наредниот, вечен свет, што е вечен посед. Така, поголемиот дел од претераната желба за примање завршува само со желбата да се прими духовноста.

                                                                                                                                                                                        Продолжи >>>

 

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели