Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Писмо бр. 40

31-ви ден на Омер, Манчестер

За учениците, нека поживеат,

Добив телеграм од ... дека сме победиле. Да се надеваме дека ќе победиме и во војната против склоноста - дека и тука ќе успееме и ќе ја достигнеме целта да му донесеме задоволство на Создателот. Крајно време е да почнеме да се движиме кон нашата света цел како моќни, силни мажи. Познато е дека поплочениот пат кој води до целта е љубовта кон пријателите, со која човек се префрла во љубовта кон Создателот. А кога се работи за љубовта, таа оди преку „Купи си пријател.“ Со други зборови, преку делата, човек го купува срцето на пријателот. А дури и ако види дека срцето на пријателот е како камен, тоа не е изговор. Ако чувствува дека е погоден да му биде пријател во работата, тогаш мора да го купи преку дела.

Секој дар кој му го дава на пријателот е како куршум кој прави дупка во каменот. Но дарот е одреден како таков кога тој знае дека пријателот ќе ужива во него, било во зборови, во мисли, или во дело. Меѓутоа, секој дар мора да биде на отворено, за пријателот да знае за него, а во мислите, тој не знае дека пријателот мислел на него. Затоа, и зборовите се потребни, што значи дека овој треба да му каже дека мисли на него и се грижи. Ако некој не сака слатки, туку туршија, не може да го чести пријателот со туршија, туку баш со слатки, бидејќи тоа пријателот го сака. А од тоа, треба да сфатиме дека нешто може да му биде сосема неважно на еден, ама поважно од сето друго на другиот. Така секој дар кој му го дава на пријателот е како куршум кој прави дупка во каменот. А иако првиот куршум само ќе го загребе каменот, кога вториот куршум ќе удри на истото место, ќе направи вдлабнување, а третиот прави поголема длапка. А преку куршумите кои постојано ги испукува, длапката станува дупка во каменото срце на пријателот, каде сите подароци се собираат. А секој дар станува искра на љубовта додека сите искри на љубовта не се соберат во празнината на каменото срце и станат пламен.

Разликата меѓу искрата и пламенот е во тоа дека кај што има љубов, таму има отворено откривање, што значи откривање за сите народи дека огнот на љубовта гори во него. А огнот на љубовта ги гори сите престапи на кои ќе налета по патот. А ако прашаш, „Што може човек да стори ако чувствува дека има камено срце спрема својот пријател?“ Прости ми што ќе пишам, „Секој еден чувствува дека има камено срце,“ сакам да кажам освен пријателите кои чувствуваат и знаат дека немаат замерки што нивниот пријател ги сака и ќе им дава подароци (не мора со дела, но барем со добри зборови и посебно внимание само за него). Мислам само на оние кои мислат дека имаат многу студени срца во однос на нивната љубов кон пријателите, или тие што имале срце од месо но студенилото од пријателите ги погодило, и нивните срца се смрзнале. Советот е многу едноставен: Природата на огнот е дека кога два камена се тријат еден од друг, се пали оган. Тоа е одлично правило, бидејќи „Од Ло Лишма (не за Нејзино име) човек доаѓа до Лишма (за Нејзино име).“ А тоа е така особено кога делото е Лишма, што значи давање на дар на пријател, а целта е Ло Лишма. Тоа е затоа што даваме дарови само на некој што веќе го знаеме и препознаваме како некој што го сакаме. Следува дека целта на дарот е како благодарност за љубовта која му ја дава пријателот. Меѓутоа, ако некој му даде дар на туѓинец, што значи дека не чувствува дека пријателот му е блиску до срцето, тогаш нема за што да биде благодарен. Следува дека целта е Ло Лишма, што значи... намерата која треба да биде.

Привидно, би можело да се каже дека ова се вика „милостина,“ бидејќи тој го сожалува пријателот кога гледа дека никој не зборува со него и не го поздравува, и затоа му го прави тоа. Навистина, постои молитва за тоа - дека Создателот ќе му помогне така што ќе го натера да ја почувствува љубовта на неговиот пријател и ќе му го доближи пријателот до срцето. Така, преку делата, тој е награден со целта, исто така. Но додека во времето на извршувањето давателот на дарот имал намера дарот за пријателите да биде само како милостина (дури и ако го одвојува времето за својот пријател, бидејќи понекогаш тоа му е поважно на човек од парите, како што е речено, „Човек се грижи за недостигот на пари, но не за недостигот на време.“ Меѓутоа, што се однесува до времето, секој си има своја вредност, оти има луѓе што заработуваат една фунта на час, а има и што заработуваат повеќе или помалку. А исто е и со нивната духовност - колку духовност прават за еден час, итн., тогаш човек сведочи за себе дека не му е целта љубовта на пријателите, што значи дека преку делата, љубовта меѓу нив ќе расте.

А само кога двата ќе имаат намера дарот да биде дар а не милостина, преку трошењето на срцата, дури и на најјаките, секој од нив ќе ја изнесе топлината од ѕидовите на своето срце, и топлината ќе ги запали искрите на љубовта сè додека не се формира ткаенина од љубов. Тогаш, двајцата ќе бидат покриени под исто ќебе, што значи единствена љубов ќе ги опкружи и ќе ги завитка двајцата, како што е познато дека Двекут (припојување) обединува два во еден. А кога некој ќе почне да ја чувствува љубовта на пријателот, радост и задоволство веднаш почнуваат да се будат во него, оти правилото е дека сè што е ново е забавно. Љубовта на пријателот кон него е ново нешто за него бидејќи тој секогаш знаел дека тој е единствениот кој се грижи за својата добросостојба. Но во моментот кога ќе открие дека пријателот се грижи за него, тоа буди во него неизмерна радост, и веќе не може да се грижи за себе, бидејќи човек може да работи само таму кај што чувствува задоволство. А бидејќи почнува да чувствува задоволство во грижата за пријателот, тој природно не може да мисли на себе.

Во природата гледаме дека има љубов додека копнежот не стане неподнослив. А ако сакаш да прашаш, „Како може преку љубовта, човек да развие желба да го поништи своето постоење?“ има само еден одговор на тоа. „Љубовта скршнува од правиот пат.“ Со други зборови, таа е неразумна и се смета дека не е права. Само тогаш, кога ќе има таква љубов, секој еден ќе шета по свет во кој сè е добро и ќе чувствува дека Создателот го благословил. Тогаш „благословениот се припојува до благословениот“ и тој е награден со Двекут со Него засекогаш. А преку љубовта, човек посакува да ја поништи целата своја стварност. Познато е дека како целина, човекот се дели на два дела: стварност и постоење на стварноста. Стварност значи дека тој чувствува за себе дека е некаква маана, желба да прима задоволство. Постоењето на стварноста е радоста и задоволството кои ги прима, со кои телото се храни и може да трае. Инаку, тој ќе мора да се уништи себеси и да го снема од светот. Тоа е значењето на „Кого Бог го создаде,“ што значи стварноста, „да направи,“ што се однесува на постоењето на стварноста. Постоењето на стварноста се дели на три дела:

1) Неопходноста, без која стварноста ќе биде поништена. Со други зборови, тој мора да изеде барем парче сув лев и чаша вода на ден, и да спие неколку часа на клупа, облечен, и дури не ни дома, туку надвор, на улица или на поле. Кога врне, за да не накисне и настине, треба да влезе во некоја пештера за да спие. И облеката може да му биде парталава, и тоа е доволно за него бидејќи го сака само постоењето на стварноста и ништо повеќе.

2) Да се биде обичен, важен член на буржоазијата - да има дом и мебел, апарати за домаќинството, пристојна облека, итн.

3) Да има желба да биде како добростоечките луѓе кои имаат многу куќи и слуги, убав мебел и убава параферналија. И иако не може да го добие тоа што го сака, очите и срцето му тежнеат кон тоа и неговата единствена надеж е да води луксузен живот, и тој тешко работи само за да го достигне нивото на богатите.

А постои и четврт фактор меѓу сите овие три фактори: Ако тој веќе направил доволно за денот, тогаш не му е гајле за утре. Напротив, тој за секој ден мисли како да е сите години на неговиот живот, како седумдесет години. А бидејќи човековата природа е да се грижи за сите свои потреби во текот на сите свои 70 години, но не за времето по смртта, тој го гледа секој ден како целиот свој живот и мисли дека нема да живее подолго од тоа. Ако оживее следниот ден, како да се реинкарнирал и мора да го поправи тоа што го расипал во претходната инкарнација. Тоа значи, ако позајмил пари од некого, станал задолжен. Затоа утре - во следниот живот - му отплаќа, и тоа се смета за заслуга. Во следниот живот, тој претежно ги отплаќа сите долгови што им ги направил на други или што други му должат нему. А следниот ден е трета инкарнација, и така натаму.

А сега ќе ја објасниме гореспомнатата тема, дека преку љубовта, човекот има волја да прави отстапки. Понекогаш, кога некој има љубов за Создателот, тој е волен да го отфрли третиот чинител, што значи луксузниот живот, бидејќи сака да посвети време и енергија да му даде некакви дарови на Создателот со кои ќе ја купи љубовта на Создателот (како што беше спомнато за љубовта за пријателите). Со други зборови, иако сè уште нема љубов за Создателот, таа светли за него како Опкружувачка Светлина заради која вреди да се стекне љубовта на Создателот.

Понекогаш човек мисли дека за да се купи љубовта на Создателот, тој е спремен, ако е потребно, да се откаже и од вториот фактор, т.е. животот на важен член на буржоазијата, и да живее само за голи потреби. Понекогаш ја чувствува големината на љубовта на Создателот до таа мера што ако треба, ќе се согласи да се откаже и од првиот дел - основните животни потреби - иако со тоа самото негово постоење ќе биде поништено ако не му ја дава потребната нега на телото. А понекогаш човек е спремен да се откаже и од самото свое постоење, сака да го даде своето тело за преку него, името на Создателот да биде светено во масите, ако има прилика да го спроведе тоа. Како што вели Баал ХаСулам, „Човек треба да ја следи одликата на Раби Акива кој рече, „Цел живот, жалев заради овој стих, Со сета твоја душа. Кога би можел да го одржам тоа?’“

Сега можеме да ги сфатиме зборовите на нашите мудреци, „И ќе љубиш... со сето свое срце,“ со обете свои склоности. „Со сета твоја душа“ значи „дури и ако Тој ти ја земе душата.“ „Со сета твоја моќ“ значи „со сите твои поседи.“ Како што веќе спомнавме, првиот степен на љубовта е постоењето на стварноста, што значи негување на телото со сопствености и поседи, што значи откажувајќи се од трите горепомнати фактори во постоењето на стварноста. Вториот степен е, „Со сета твоја душа,“ што значи предавајќи го сето свое постоење. А тоа можеме да го одржиме преку добрата склоност, што значи со принуда, кога човек ќе му даде до знаење на телото дека има поголема радост и задоволство во радувањето и давањето на Создателот, отколку во радувањето и давањето на себе самиот. Меѓутоа, без радување и задоволство, човек не може ништо да прави. Кога се мачи себеси, мораме да кажеме дека за возврат добива некакво задоволство, или дека чувствува или се надева дека ќе го почувствува задоволството во текот на чинот, бидејќи страдањето прочистува, за подоцна да биде награден со чудесно задоволство како возврат за страдањето. Со други зборови, или ќе добие задоволство во овој свет или ќе добие задоволство од верувањето дека ќе добие задоволство во наредниот свет. Поинаку речено, или има задоволство во вид на Внатрешната Светлина или во вид на Опкружувачката Светлина - од иднината.

Меѓутоа, човек не треба да мисли дека може нешто да прави без задоволство. Всушност, (треба да го знае ова) има многу фактори во Лишма, што значи во давањето. „Давањето заради давање“ значи добивање задоволство од давање на Создателот. „Давање за да се прими“ значи дека тој му дава на Создателот и со тоа добива нешто друго, што и да е - овој свет, наредниот свет, достигнување на повисоки степени. Меѓутоа, човек треба да даде за да дава, што значи да добие чудесно задоволство од давање на Создателот, како што навистина и е за оние кои се наградени со тоа. Човек треба да му се моли на Создателот од дното на срцето да му го даде ова чувство на љубење на Создателот поради Неговата величественост. А ако и по тоа не е награден, треба да верува и да го натера своето тело дека ова е чудесно задоволство и од голема важност, и да го сака Создателот поради Неговата величественост и возвишеност. Но треба да знае едно нешто: без задоволство, не може ништо да прави максимално. Да се вратиме на гореспомнатото, „Со сето твое срце, со обете твои склоности,“ што значи дека човек треба да биде потполн во љубовта кон Создателот, т.е. и злата склоност да се согласи да му дари нешто на Создателот.

Ќе бидам краток бидејќи се наближува Шабат. Мислам дека... ќе може да добие одговори на две писма што ги добив од него, во кои навистина уживав. Изненаден сум дека... кој порано ми пишуваше писма, веќе има доста откако последен пат добив писмо од него. Те молам јави ми дали е добар и здрав. Исто, многу фала на ... за неговите писма, кои од него повремено ги добивам, и на ... за телеграмот. Претпоставувам дека ... ја нема мојата адреса.

Твојот пријател,

Барух Шалом, син на Баал ХаСулам, Рав Ашлаг

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели