Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Вовед во Книгата Зохар, Точка 41- 50

41. Но сè уште останува да се разјасни зошто на човекот би му требале сите Виши Светови кои Создателот Ги создал за него? Од каква корист му се нему? Имајте на ум дека реалноста на сите светови е општо поделена на пет светови, наречени:

а) Адам Кадмон,

б) Ацилут,

в) Брија,

г) Јецира, и

д) Асија.

Во секој од нив има безброј детали, кои се петте Сефироти: КаХаБ ТМ (Кетер, Хохма, Бина, Тиферет, и Малхут). Светот на А“К (Адам Кадмон) е Кетер; светот на Ацилут е Хохма; светот на Брија е Бина; светот на Јецира е Тиферет; а светот на Асија е Малхут.

Светилата облечени во тие пет светови се нарекуваат ЈаХаНаРаН. Светилото на Јехида свети во светот на Адам Кадмон; Светилото на Хаја во светот на Ацилут; Светилото на Нешама во светот на Бериа; Светилото на Руах во светот на Јецира; а Светилото на Нефеш во светот на Асија.

Сите овие светови се во нив и се содржат во Светото Име, Јуд-Хеј-Вав-Хеј, и врвот на Јуд. Немаме перцепција во првиот свет, А“К. Затоа само се навестува во врвот на Јуд од Името. Затоа не зборуваме за него и секогаш ги спомнуваме само четирите светови АБЈА. Јуд е светот на Ацилут, Хеј – светот на Брија, Вав – светот на Јецира, а долното Хеј е светот на Асија.

42. Сега ги објаснивме петте светови кои ја опфаќаат целокупната духовна реалност, која се протега од Ајн Соф до овој свет. Меѓутоа, тие се вклучени еден во друг, и во секој од световите има уште пет светови, петте Сефироти - КХБТМ, во кои се облечени петте Светила НаРаНХаЈ, соодветно на петте светови.

Покрај петте Сефироти КХБТМ, во секој свет, има и четири духовни категории – Неподвижна, Вегетативна, Животинска, и Говорна. Тука, човечката душа се смета за говорна, животинската се смета за ангелите во тој свет, вегетативната категорија се нарекува „облеки“, а неподвижната „дворци“. Сите тие се облекуваат еден со друг: говорната категорија, која е душите на луѓето, ги облекува петте Сефироти, КХБТМ, кои се Божественоста во тој свет. Животинската категорија, ангелите, ги облекува душите; вегетативните, т.е. облеката, ги облекува ангелите; а неподвижната, т.е. дворците, се врти околу сите нив.

Облекувањето означува дека тие си служат меѓусебно и произлегуваат една од друга, како што разјаснивме со неподвижната, вегетативната, животинската и говорната во овој свет (точки 35-38): Трите категории – неподвижната, вегетативната и животинската – не настанале сами за себе, туку само за четвртата категорија, т.е. за човекот, за тој да може да се развие. Затоа, нивната улога е само да му служат на човекот и да му бидат корисни. Така е во сите духовни светови. Трите категории – неподвижната, вегетативната, и животинска – се појавиле само да служат и да бидат корисни на говорната категорија, т.е. човечката душа. Затоа се смета дека сите тие ја облекуваат човечката душа, за да му служат на човекот.

43. Кога човекот ќе се роди , тој веднаш има Нефеш од Кедуша (Светост). Но тоа не е вистинска Нефеш, туку крајниот дел, кој поради својата ситност се нарекува „точка“ или „искра“. Таа се облекува со човечкото срце, во неговата желба за примање, која претежно се наоѓа во срцето.

Знајте го ова правило, дека сè што може да се примени врз целата реалност, важи за секој свет, па и за најситните честички кои можат да се најдат во тој свет. Така, ако има пет светови во целокупната реалност, кои се петте Сефироти КаХаБТМ, тие Сефироти ги има во секој еден свет, и во секоја ситница во тој свет.

Рековме дека овој свет се дели на: неподвижна, вегетативна, животинска и говорна (НВЖГ), во склад со четирите Сефироти - ХБТМ. Неподвижната одговара на Малхут, вегетативната на Тиферет, животинската на Бина, и говорната на Хохма. А коренот на сите нив одговара на Кетер. Но како што рековме, дури и во најситниот примерок од говорната категорија, што значи дури и во секој човек, исто така има НВЖГ, кои се четирите дела од неговата желба за примање, каде се облекува точката од Нефеш на Кедуша.

44. Пред човек да наполни 13 години, точката, искрата не може да се појави во неговото срце. Но по 13-тата година, кога ќе почне да се занимава со Тора и Мицвот, дури и сосема ненамерно, т.е. ниту од љубов, ниту од страв, како што доликува кога се служи кралот, дури и во ло Лишма, точката во срцето почнува да расте и да го пројавува своето делување. Тоа е затоа што на Мицвот не им треба цел. Дури и делата без цел можат да ја прочистат човековата волја за примање, но само во првиот степен, наречен „неподвижен.“ Колку што ќе го прочисти неподвижниот дел од волјата за примање, толку ќе ги изгради 613-те органи на точката во срцето, кое е неподвижното од Нефеш од Кедуша. Кога човек ќе ги заврши сите 613 Мицвот на дело, со тоа се комплетираат 613-те органи на точката во срцето, што е неподвижната категорија на Нефеш од Кедуша, чии 248 духовни органи се градат со вршење на 248 позитивни Мицвот (2), и неговите 365 духовни тетиви се градат преку следење на 365 негативни Мицвот, додека тоа не стане целосен Парцуф (духовно лице) на Нефеш на Кедуша. Тогаш Нефеш се крева и ја облекува Сефира (еднина од Сефирот) на Малхут во духовниот свет Асија.

Сите духовни елементи на неподвижните, вегетативните и подвижните во тој свет, кои одговараат на таа Сефира на Малхут од Асија, му служат и помагаат на Парцуф од Нефеш кај оној што се кренал до таму, во таа мера колку што ги восприма душата. Тие концепти стануваат нејзина духовна храна, давајќи ѝ сила да расте, сè додека не успее да ја донесе Светлината на Сефира, на Малхут од Асија, во сето посакувано совршенство, да го осветли телото на човека. А таа целосна Светлина му помага на човек да вложи додатен напор во Тора и Мицвот и да ги добие преостанатите степени.

Рековме дека веднаш по раѓањето на телото, точка на Светлината од Нефеш е родена и се облекува во него. И ете го: кога неговиот Парцуф од Нефеш, од Кедуша, ќе се роди, се раѓа и точка од степенот веднаш над него – последниот степен од Светлината на Руах од Асија – и се облекува во Парцуф од Нефеш. И така е во сите степени. Со секој степен што се раѓа, последното разлучување во степенот над него, веднаш се појавува во него, бидејќи тоа е целата врска меѓу повисокото и пониското до највисоките степени. Така, преку таа точка, која постои во него од Вишиот, може да се крене до следниот повисок степен.

45. Таа Светлина на Нефеш се вика „Светлината на светото неподвижно во светот Асија.“ Тоа е затоа што одговара на чистотата на неподвижниот дел од волјата за примање во човечкото тело. Таа свети во духовното како неподвижната категорија во телесното (види точка 35), чии честички немаат индивидуална, туку само колективна подвижност, иста кај сите примероци. Така е и со Светлината на Парцуф Нефеш од Асија: иако во неа има 613 органи, кои се 613-те видови на примање на изобилството, тие промени не се очигледни во неа, туку само општа Светлина, чие делување подеднакво ги обвива, без да се разликуваат детали.

46. Имајте на ум дека иако Сефирот се Божественост, и нема разлика меѓу нив од главата на Кетер во светот на А“К, до крајот на Сефира на Малхут во светот на Асија, сепак има голема разлика во однос на примателите. Така е затоа што Сефирот се сметаат за Светла и Келим (садови), а Светлината во Сефирот е чиста Божественост. Но Келим, т.е. КаХаБ ТМ како што се нарекуваат во секој од подолните светови – Брија, Јецира, Асија – не се сметаат за Божественост, туку за прекривки кои ја кријат во себе Светлината од Ајн Соф и им доделуваат одредени количества на Светлина на примателите. Секој од нив ќе прими само онолку колку што е нивото на неговата чистота. Во тој поглед, иако Светлината самата е една, ние ги именуваме Светлините во Сефирот НаРаНХаЈ бидејќи Светлината се дели според особините на Келим. Малхут е најгрубата прекривка, која ја крие Светлината на Ајн Соф. Светлината од Него што Малхут ја пропушта до примателите е мала, и се однесува на прочистувањето на неподвижноста во телото на човекот. Затоа се нарекува Нефеш.

Кли на Тиферет е почисто од Кли на Малхут. Светлината што светли од Ајн Соф е за прочистувањето на вегетативниот дел од човечкото тело, бидејќи тука Таа делува повеќе од Светлината на Нефеш. Се нарекува „Светлина на Руах.“ Кли на Бина е уште почисто од Тиферет, а Светлината што е пропуштена од Ајн Соф е за прочистувањето на животинскиот дел од човечкото тело, и се нарекува „Светлината на Нешама.“

Најчистото од сите Келим е Кли на Хохма. Светлината која е пропуштена од Ајн Соф, е за прочистување на говорниот дел од човечкото тело. Таа се нарекува „Светлината на Хаја“, и нејзиното делување е неизмерно.

47. Во Парцуф Нефеш, кој човек го достигнува преку учење на Тора и извршување на Мицвот без намера, веќе има облечена точка од светлината на Руах. Но кога човек ќе зајакне и со смислена цел се држи до Тора и Мицвот, го прочистува вегетативниот дел од својата желба за примање, и во таа мера ја развива точката на Руах во Парцуф. Со намерно вршење на 248-те позитивни Мицвот, точката се шири низ своите 248 духовни органи. Со следење на 365-те негативни Мицвот, точката се шири низ своите 365 тетиви.

Кога ќе биде завршена со сите 613 органи, се крева и ја облекува Сефира на Тиферет во духовниот свет Асија, која му дава поголема Светлина од Ајн Соф, - „Светлина на Руах,“ која е во врска со прочистувањето на вегетативниот дел од човечкото тело. Сите предмети од неподвижната, вегетативната, и животинската категорија во светот на Асија, кои се однесуваат на нивото на Тиферет, му помагаат на човековиот Парцуф на Руах да ги добие Светлините од Сефира на Тиферет во целост, како што беше претходно објаснето со Светлината на Нефеш. Поради тоа, се нарекува „Светот на вегетативното.“

Природата на неговата Светлина е како кај телесното вегетативно: има јасни разлики во движењето на секој од нејзините елементи, па во духовната Светлина на вегетативното има многу повеќе сила секој од 613-те органи во Парцуф Руах да блесне на посебен начин. Секој од нив пројавува моќ на делување поврзана со тој орган. Со доаѓањето на Парцуф Руах, од него доаѓа и точката од следниот степен над него, точка на Светлината на Нешама, која се облекува во неговата внатрешност.

48. Со тајните на Тора и вкусовите на Мицвот, тој го прочистува животинскиот дел од својата волја за примање, и до таа мера ја гради точката на душата, облечена во него, во своите 248 органи и 365 тетиви. Кога ќе заврши градењето и ќе стане Парцуф, се крева и ја облекува Сефира Бина во духовниот свет Асија. Тој Кли е многу почист од првите Келим, ТМ (Тиферет и Малхут). Оттука, тоа повлекува голема Светлина од Ајн Соф, наречена Светлина на Нешама.

Сите предмети во неподвижната, вегетативната и животинската состојба, во светот Асија, на нивото Бина, му помагаат и служат на секој Парцуф на Нешама да ги прими сите Светлини од Сефира на Бина. Се нарекуваат и „Свето животинско“ бидејќи одговара на прочистувањето на животинскиот дел од човечкото тело. Таква е и природата на неговата Светлина, како што видовме кај телесната подвижна категорија (точка 37), која дава чувство на индивидуалност на секој од 613-те органи на Парцуфот, секој од нив да биде жив и слободен, и воопшто да не зависи од остатокот на Парцуфот.

На крај, се сфаќа дека неговите 613 органи се 613 Парцуфим (множина од Парцуф), единствени во својата Светлина, секој на свој начин. Предноста на оваа Светлина во однос на Светлината на Руах, во духовното, е како предноста на животинската во однос на неподвижната и вегетативната во телесниот свет. Исто така доаѓа точка од Светлината на Хаја од Кедуша, која е Светлината на Сефирата од Хохма, кога се појавува Парцуф Нешама, и се облекува во нејзината внатрешност.

49. Штом е награден со големата Светлина „Светлината на Нешама“, секој од 613-те органи во таа Светлина на Парцуф светат во полн сјај, секој на свој единствен начин, секој како независен Парцуф. Тука на човек му се отвора можноста да ја одржува секоја Мицва, според нејзината изворна цел, бидејќи секој орган во Парцуфот на Нешама го осветлува патот на секоја Мицва во однос на тој орган. Преку големата моќ на тие Светлини, човек го прочистува говорниот дел на својата волја за примање и ја претвора во желба за давање. Во таа мера, и точката на Светлината на Хаја, облечена во него, се вградува во духовните 248 органи и 365 тетиви.

Кога Парцуф ќе стане целосен се крева и ја облекува Сефира на Хохма во духовниот свет Асија, што е неизмерно чисто Кли. До неа таа донесува огромно Светлина од Еин Соф, наречена Светлина на Хаја или од Нешама до Нешама. И сите елементи од светот Асија, т.е. неподвижните, вегетативните и животинските категории поврзани со Сефира Хохма, му помагаат во целосна мера да ја прими Светлината на Сефира Хохма.

Тоа се нарекува и „свето говорење“, (Медабер де Кедуша) бидејќи одговара на прочистувањето на говорниот дел од човечкото тело. Вредноста на таа Светлина во Божественоста е вредноста на говорењето во телесните. Тоа значи дека човек добива чувство за другите, така што предноста на таа Светлина над духовните неподвижни, вегетативни и животински категории е иста како предноста на телесната говорна категорија над другите телесни. Светлината на Ајн Соф, облечена во овој Парцуф, се нарекува „Светлина на Јехида.“

50. Навистина, треба да знаете дека овие пет светила, НаРаНХаЈ, примени од светот Асија, се само НаРаНХаЈ од Светлината на Нефеш и немаат врска со Светлината на Руах. Тоа е затоа што Светлината на Руах е само во светот на Јецира, Светлината на Нешама е само во светот на Брија, Светлината на Хаја само во светот на Ацилут, а Светлината на Јехида само во светот на Адам Кадмон (А“К).

Но сè што постои во целост исто така се појавува во сите предмети, сè до најмалиот можен предмет. Сите пет разлученија, НаРаНХаЈ, постојат во светот на Асија, иако се само НаРаНХаЈ на Нефеш. Слично, сите пет постојат во светот на Јецира, кои се петте делови на Руах. Така и во светот на Брија, кои се петте делови на Нешама. Така и во светот на Ацилут, кои се петте делови на светлината на Хаја; и во светот на А“К, петте делови од светлината на Јехида. Разликата меѓу световите е како што објаснивме во разлученијата меѓу секој од НаРаНХаЈ на Асија.

Продолжи >>>


 

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели