ДЕЛ 1
Мишна 1. Божествената сила го воспостави своето владеење, моќ, вечност и единство преку 32 тајни патишта на Вишата Светлина која слегува и се сокрила себеси во три категории: книгата, раскажувачот и приказната.
Мишна 2. Десетте Сефирот на создавањето на Божествената Сила се пројавуваат во 22 главни својства: Три коренски сили, седум парови и 12 едноставни.
Мишна 3. Десетте Сефирот одговараат на десетте прсти: Пет наспроти пет, делуваат сите заедно, како што делува нивното единство, преку моќниот збор на откровението и моќниот збор на криењето.
Мишна 4. Десетте Сефирот на создавањето: Десет а не девет, десет а не единаесет. Сфати го ова така што ќе ја достигнеш повисоката мудрост и биди мудар со разбирање. Анализирај и испитувај ги, синтетизирај ги и сумирај ги, врати ги расформираните делови во Божественото.
Мишна 5. Десетте Сефирот на создавањето: Тие немаат почеток ни крај. Нивното добро и зло се бескрајни. Нивната возвишеност и паднатост се бескрајни, но една единствена божествена сила вечно владее со сите овие својства одозгора.
Мишна 6. Десетте Сефирот на создавањето: Нивната појава е како молња. Ниеден јазик не може сосема да ги опише, но за нив треба да се зборува повторно и повторно. Истражувај ја Божествената Сила преку нив со чистата анализа на твојот говор.
Мишна 7. Десетте Сефирот на создавањето: Тие прекриваат и светкаат. Нивниот крај е вткаен во нивниот почеток, а нивниот почеток во нивниот крај, како пламен во запален јаглен. Нивниот Господар е едната единствена Божествена Сила и нема друг. Може да се дефинира само преку неговите дела.
Мишна 8. Десетте Сефирот на создавањето: Воздржи си ја устата од зборување, и срцето од размислување. Ако усните ти копнеат да изговараат зборови и ако срцето ти копнее да мисли, освести се, бидејќи Божествената Сила е недостижна.
Мишна 9. Десетте Сефирот на создавањето: Тие ја кријат Божественоста која владее со животите на долните, преку Сила, Светлина, Мудрост и Закон.
Мишна 10. Две сили доаѓаат од една и формираат 22 основни својства: Три коренски својства, седум парови и 12 едноставни. Сите тие се исполнети со истата Светлина.
ДЕЛ 2
Мишна 1. Две сили произлегуваат од една и формираат 22 основни одлики: Три коренски сили, седум парови и 12 едноставни. Нивниот темел е садот на заслугата и садот на пречките, а меѓу нив решава јазикот на пресудата.
Мишна 2. 22 основни својства: Божествениот закон ги врежа, изделка, измери и пререди се што беше формирано и се што ќе биде формирано со нив во иднина.
Мишна 3. 22 основни својства: Божествениот закон ги угравира во гласот, ги изделка во здивот и ги стави во устата на пет места: Грлото, непцето, јазикот, забите и усните.
Мишна 4. 22 основни својства: Божествениот закон ги постави во круг како 231 порта, без разлика каде се почнува и каде се оди.
Мишна 5. Спојувајќи го секое од 22-те својства со другите, и вагајќи ја секоја комбинација, создаде 231 порта и секоја порта си доби свое име.
Мишна 6. Стварноста беше формирана од ништо и непостоењето беше направено постоење. Секое тело се состои од 22 својства.
ДЕЛ 3
1. Три коренски сили: Нивниот темел е садот на пречките, садот на заслугите, и јазикот на пресудата кој решава меѓу нив.
2. Три коренски сили: Тие се сосема скриени зад шесте својства. Воздухот, водата и огнот еманираат од нив; корените на сите поколенија произлегоа од нив.
3. Три коренски сили ги врежаа, изделкаа, измерија и прередија другите три коренски сили: три во годината, три во душата, машко и женско.
4. Три коренски сили постојат во светот: Воздух, вода и оган. Рајот е создаден од огнот, земјата од водата, а воздухот се движи меѓу нив.
5. Три коренски сили во годината се горештината, студот и мирот. Горештината е создадена од огнот. Студот е создаден од водата а мирот од воздухот кој се движи меѓу нив.
6. Три коренски сили во душата, машко и женско: главата, стомакот и телото. Главата е создадена од огнот, стомакот од водата а телото од воздухот кој се движи меѓу нив.
7. Првата од 22-те сили беше поставена во воздухот, и комбинирана со Кетер. Тој ги спои едното со другото и го создаде воздухот во светот, мирот во годината, телото во душата, маж и жена.
ДЕЛ 4
1. Седум парови: Структура од меко и тврдо, од силно и слабо.
2. Седум парови: нивниот темел е мудроста, богатството, семето, животот, превласта, мирот и убавината.
3. Седум парови во обратност: Обратното од мудроста е глупоста, обратното од богатството е сиромаштијата, обратното од семето е пустошот, обратното од животот е смртта, обратното од превласта е потчинетоста, обратното од мирот е војната, обратното од убавината е грдотијата.
4. Седум парови: Горе и долу, исток и запад, север и југ. Централната Одаја на Храмот е точно во средината и ги крепи сите нив.
5. Седум парови: Седум а не шест, седум а не осум. Испитај ги и прегледај ги. Стави го секој од нив на своето место, и врати го Создателот на Неговото место.
6. Седум парови ги врежаа, изделкаа, измерија и прередија седумте ѕвезди во светот, седумте дена во годината, и седумте порти во душата, машко и женско.
7. Седумте ѕвезди во рајот се Сатурн, Јупитер, Марс, Сонцето, Венера, Меркур и Месечината. Неделата има седум дена. Душата, машка и женска, има седум порти: две очи, две уши, две ноздри и уста.
8. Тој вториот знак го создаде во мудрост, и го врза за Кетер. Ги спои двете и со нив ги создаде Месечината во светот, првиот ден во годината, десното око во душата, машка и женска.
9. Третиот знак Тој го создаде во богатството, и го врза за Кетер. Ги спои двете и со нив ги создаде Марс во светот, вториот ден во годината, десното уво во душата, машка и женска.
10. Четвртиот знак го создаде во семето, и го врза за Кетер. Ги спои двете и со нив ги создаде Сонцето во светот, третиот ден во годината, десната носница во душата, машка и женска.
11. Единаесеттиот знак го создаде во животот, и го врза за Кетер. Ги спои двете и со нив ги создаде Венера во светот, четвртиот ден во годината, левото око во душата, машка и женска.
12. Осумнаесеттиот знак го создаде во семето и го врза за Кетер. Ги спои двете и со нив ги создаде меркур во светот, петтиот ден во годината, левото уво во душата, машка и женска.
13. Дваесеттиот знак го создаде во семето, и го врза за Кетер. Ги спои двете и со нив ги создаде Сатурн во светот, шестиот ден во годината, левата ноздра во душата, машка и женска.
14. Тој дваесет и вториот знак го постави во семето, и го врза за Кетер. Ги спои двете и со нив ги создаде Јупитер во светот, седмиот ден во годината, устата во душата, машка и женска.
15. Седум парови „Бет, Гимел, Далет, Каф, Пех, Реш и Тав“: Врежани со нив се седумте светови, неба, земји и мориња, седум реки, пустини, денови и недели, седум години, седумгодишни периоди, 50-годишни периоди и Централната Одаја на Храмот. Седумката, значи, е омилена под сите неба.
16. Два камена градат две куќи, три градат шест куќи, четири градат 24 куќи, пет градат 120 куќи, шест градат 720 куќи, а седум 5040 куќи. Оттука продолжи и пресметај го она што устата не може да го каже а увото не може да го слушне.
ДЕЛ 5
1. 12 елементи: Нивниот темел се говорот, сомнежот, движењето, видот, слухот, делувањето, похотата, мирисот, спиењето, гневот, прождрливоста и лекоумноста.
2. 12 елементи: Нивната мерка се дванаесетте дијагонални ребра: Горното источно ребро, североисточното ребро, долното источно ребро, горното јужно ребро, југоисточното ребро, долното јужно ребро, горното западно ребро, југозападното ребро, долното западно ребро, горното северно ребро, северозападното ребро, долното северно ребро. Тие се шират во бесконечност. Тие се границите на универзумот.
3. 12 елементи: Тој го врежа, изделка, извага, пререди и со нив ги создаде 12-те соѕвездија во универзумот (Овен, Бик, Близнаци, Рак, Лав, Девица, Вага, Шкорпија, Стрелец, Јарец, Водолија и Риби), 12-те месеци во годината (Нисан, Ијар, Сиван, Тамуз, Ав, Елул, Тишреи, Хешван, Кислев, Тевет, Шеват, Адар), и 12-те делови на душата, машка и женска (две раце, две стапала, две белодробни крила, жолчката, тенкото црево, црниот дроб, дебелото црево, желудникот и слезината).
ДЕЛ 10
1. Три мајки (сили) има: три претци потекнуваат од нив: Воздухот, водата и огнот. Нивното потомство се седумте планети и нивните домаќини, а 12-те се дијагоналните ребра.
2. Три мајки (сили) има: Воздухот, водата и огнот. Огнот е горе, водата долу а воздухот е пресудата која решава меѓу нив. Показател на ова е дека огнот ја поддржува водата.
3. Светот е како крал на својот престол. Кругот во годината е како крал во провинција. Срцето во душата е како крал во битка.
4. Едно наспроти друго се создадени од Создателот: Добро наспроти злото, злото наспроти доброто, добро од добро, зло од зло. Доброто го признава злото, а злото доброто. Доброто се чува за добрите, а злото за лошите.
5. Три: Секој од нив стои сам. Еден брани, еден обвинува и еден решава меѓу нив. Седум: три наспроти три, со пресуда која решава меѓу нив. Дванаесет стојат во војна: Три што љубат, три што мразат, три што даваат живот и три што убиваат. Трите што љубат се срцето и ушите; трите што мразат се црниот дроб, жолчката и јазикот; трите што даваат живот се ноздрите и слезината; а трите што убиваат се ушите и устата. А Создателот, верниот Крал, владее со сите нив, вечно, од своето место. Еден над трите, трите над седумте, и седум над дванаесетте, и сите се врзани еден за друг.
6. Тој отпечати три книги со 22 букви. Со нив го создаде целиот Универзум. Го уоблиќи сето тоа што било создадено и што ќе биде создадено со нив во иднина.
7. Кога дојде Аврам, погледна, виде, разбра, врежа, пререди и изрезбари, и беше успешен. И вечниот Создател му се откри Себеси на Аврам, го прегрна на Своите гради, го бакна на главата, и го нарече Абрахам. Тој направи договор со Абрахам меѓу десетте прсти на неговите стапала – договорот на обрежувањето, а меѓу десетте прсти на рацете – договорот на јазикот. Тој ги врза 22-те букви за јазикот на Абрахам и му ја откри Својата тајна. Тој ги нацрта на вода, ги изгоре во оган, и ги вознемири со ветер. Ги воспали со седумте планети, и ги нареди меѓу 12-те соѕвездија.