Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

24. Спас од раците на злобните

Слушнав на Ав 5, 25-ти јули, 1944 год, при завршувањето на Книгата Зохар

Напишано е: „О вие што го сакате Господа, мразете го злото; Тој ги чува душите на своите светци; Тој ги спаси од раката на злобните." Која е врската помеѓу „мразете го злото" и „Тој ги спаси од раката на злобните?"

За да го сфатиме тоа, мораме прво да ги разгледаме зборовите на нашите мудреци, „Светот не е создаден за никој друг, освен за сосема праведните, или за сосема злобните." Се поставува прашањето: вреди ли светот да се создава за сосема злобните, а не за тие што не се сосема праведни?

Од гледна точка на Создателот, ништо во овој свет нема две значења. Тоа е само од гледиштето на примателите, според тоа што тие чувствуваат. Тоа значи дека или примателите чувствуваат добар вкус во светов, или страшно горчлив вкус. Тоа е затоа што секое дејство што ќе го извршат, однапред го пресметуваат, бидејќи ниедно дејство не е извршено без цел. Или сакаат да ја подобрат својата сегашна состојба или да му наштетат некому. Но бесмислените дејствија не се вклопуваат во човекот кој има своја цел во животот.

Оттука, тие што ги прифаќаат начините на однесување на Создателот во светот, го одредуваат како добар или лош зависно од тоа како се чувствуваат: добро или лошо. Поради тоа „вие што го сакате Господа," се оние кои осознале дека целта на созданието била да им направи добро на Неговите суштества и тие тоа да го почувствуваат. Тие сфаќаат дека таа цел се достигнува со Двекут (сплотување) и припојување до Создателот.

Така, оние кои чувствуваат оддалеченост од Создателот, тоа го нарекуваат „лошо." Во таа состојба, човекот самиот себе се смета за зол, бидејќи некоја средна состојба е нереална. Со други зборови, или го чувствува постоењето на Создателот и Неговото Провидение, или замислува дека „Земјата е дадена во рацете на злобните."

Бидејќи човек се чувствува како вистинољубив, што значи не може да се лаже самиот дека чувствува нешто што не чувствува, тој веднаш почнува да плаче и да бара од Создателот да му се смилува и да го спаси од мрежата на Ситра Ахра и сите туѓи мисли. Бидејќи искрено плаче, Создателот ја слуша неговата молитва. (И можеби тоа е значењето на „Господ е блиску до сите тие што навистина го повикуваат.") Тогаш „Ги избавил од рацете на злобните."

Сè додека не го почувствува своето вистинско јаство, што значи мерката на своето зло во доволна мера за да го разбуди и да заплаче пред Создателот од маката што ја чувствува со своето препознавање на злото, тој сè уште не заслужува спасение. Тоа е затоа што уште не нашол Кли (сад) за слушањето на молитвата, која се нарекува „од дното на срцето."

Тој уште мисли дека има нешто добро во него, што значи не се спуштил до дното на срцето. При тоа не обрнува внимание дали со љубов и стравопочит се однесува кон Тора и Мицвот, и затоа не ја гледа вистината.

Следна статија бр.25 „Работи кои доаѓаат од срцето“

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели