Слушнав во 1948 год.
Да ја расчистиме смислата на случувањата, за кои раскажува Мегилат Естер:
1. Напишано е: „После овие случувања царот Ахашверош го возвишил Хаман". Што значи „после овие случувања"? Откога Мордехај го спасил Царот, би било вообичаено Царот да го возвиши Мордехај? Зошто тогаш е речено, дека тој го возвишил Хаман?
2. Кога Естер му вели на Царот: „Затоа што сме продадени ние, јас и народот мој", тогаш прашува Царот: „Кој е тоа и каде е тој, кој се осмелил на такво нешто?" Небаре Царот ништо не знаел, меѓутоа напишано е дека тој му рекол на Хаман: „Ова сребро ти е дадено тебе, и народот исто, за ти да управуваш со нив според желбата на секој“". Така излегува дека Царот знаел за продажбата.
3. И „... да постапуваш според желбата“ Дали тоа значи „да постапуваш според желбата на секој"? Нашите мудреци објаснуваат дека тоа значи „според желбата на Мордехај и Хаман". Но познато е дека таму, каде што е напишано „Цар" се подразбира Создателот, Владетелот на светот. И како е можно Создателот да ја извршува волјата на грешникот?
4. Напишано е: „И дознал Мордехај за сето она што се случувало", небаре само Мордехај знаел. Меѓутоа пред тоа се вели: „А градот Шушан бил во забуна", и излегува, дека целиот град Шушан знаел за тоа.
5. Напишано е: „Затоа што наредбата, напишана од името на Царот и запечатена со прстенот царски, не може да се поништи". Но како пак потоа била издадена друга наредба која ја поништила првата?
6. Зошто е речено од мудреците, дека човекот е обврзан да се опијани на Пурим до тој степен, да не може да го разликува проклетиот Хаман од благословениот Мордехај?
7. Речено е, дека „пиењето се одвивало пристојно, како што следува според законот". И што значи „според законот"? Објаснува раби Ханан: тоа значи „според законот на Тора". А законот на Тора укажува дека храната треба да преовладува над пиењето.
За да се сфати сето тоа, потребно е претходно да се разјасни, кои се Хаман и Мордехај. Како што објасниле мудреците, дека „постапувале според желбата на секој" – значи „според желбата на Хаман и Мордехај".
Желбата на Мордехај се нарекува закон на Тората, со кој храната преовладува над пиењето. Но, според желбата на Хаман е обратно – пиењето преовладува над храната. Се поставува прашање, како е можно трпезата да се прави според желбата на грешникот? И се дава одговор на тоа прашање: „Пиењето се одвивало пристојно, без принудување". Односно пиењето не било обврзувачко, туку „без принудување". Така го објаснуваат мудреците кажаното: „И го покрил Мојсеј лицето свое, затоа што се плашел да го погледне Создателот" (Шмот).
„Го покрил лицето свое" значи, дека се удостоил да го види Создателот. Бидејќи токму тогаш, кога човекот нема потреба за насладување (т.е. може да направи „масах“, екран) – тогаш му се дозволува да го добие. Затоа е речено: „Пратив Јас помош на херојот!" (Псалм 89). А херојот е оној кој може да оди по патиштата на Создателот и на таквиот Создателот му помага.
Затоа е напишано, дека „пиењето се одвивало пристојно, како што е предвидено според законот", т.е. не постоела принуда. Тоа значи, дека немале потреба за пиење. Но потоа, кога веќе започнале да пијат, се навлекле на пиењето и станале зависни од него, имале потреба од него, и поинаку не би можеле да напредуваат. Тоа се нарекува принудување и поништување на приодот на Мордехај. Затоа рекле мудреците, дека ова поколение е осудено на пропаст, затоа што се насладувале со трпезата на тој грешник. А кога би го примале пиењето „без принуда", тогаш не би ја поништиле желбата на Мордехај, која го изразува приодот на Израел. Тие подоцна пиеле под принуда и затоа самите го осудиле на пропаст законот на Тора, кој го означува Израел.
Во тоа се состои смислата на правилото: „храната треба да преовладува над пиењето". Бидејќи „пиењето" значи откривање на Светлината Хохма, која се нарекува „знаење". А "храната" – тоа е Светлината Хасадим, т.е. "вербата". Во тоа е суштината на двајцата царски стражари, Битан и Тереш, „кои намислија да кренат рака на Владетелот на светот. За тоа дознал Мордехај. Истражено било тоа дело и откриено дека тоа е така". Не наеднаш, не било лесно истражувањето, туку Мордехај подоцна дознал, после голема работа му се открила нечесната завера. Кога му се открило тоа со целосна јасност, „ги обесиле тие двајца на дрвото".
Кога се открило чувствувањето на целиот тој порок, тогаш ги обесиле, т.е. ги отстраниле сличните постапки и желби од овој свет. "После овие случувања" – значи: после сите трудења и напори кои ги вложил Мордехај во тоа истражување. Царот сакал да го награди Мордехај за неговата работа – за тоа, дека работел Лишма, само поради Создателот, а не за сопствена корист. Но, како по правило, човекот не може да го добие она, за што нема потреба, бидејќи нема Светлина без кли, а кли – тоа е желбата. Ако на Мордехај ништо не му е потребно за него самиот, тогаш како е можно нешто да му се даде? Но, сепак Мордехај е праведник и работи само поради давање. Тој не чувствува никаква потреба да се искачува по скалилата нагоре, туку се задоволува со малку. Царот, пак, сакал да му ја даде светлината Хохма, која произлегува од левата линија. Но, работата на Мордехај била само во десната линија.
Што направил тогаш Царот? „Го возвишил Хаман", т.е. ја возвишил левата линија, како што е речено: „И го поставил него над сите министри и му дал власт". „И сите служители царски се симнале на колена и паѓале со лицата на земја пред Хаман, зошто така наредил Царот", доделувајќи му ја власта, и сите се согласиле со тоа.
„Симнале на колена" значи признавање на власта над себе. Затоа што патот на Хаман во работата им се допаѓал повеќе од патот на Мордехај. Сите јудејци во Шушан ја прифатиле власта на Хаман, затоа што тешко можеле да ги разберат сфаќањата на Мордехај.
Бидејќи на сите им е јасно дека работејќи во левата линија, која означува „знаење", полесно е да се оди по патот на Создателот. И го прашувале Мордехај: „Зошто ти ја пречекоруваш наредбата на Царот?" Но, кога виделе како тој цврсто се придржува на патот на вербата, тогаш се збуниле и не знаеле со кого е вистината. Тогаш тие отишле кај Хаман, за од него да дознаат со кого е вистината, како што е напишано: „Му раскажале за тоа на Хаман, за да видат дали Мордахај ќе истрае на својот збор, бидејќи тој им рекол дека е јудеец". За јудеецот храната треба да преовладува над пиењето, т.е. главна да биде – вербата.
Во тоа се состои целата основа на јудеецот (од зборот јихуд – соединување со Создателот). Многу се налутил Хаман, дознавајќи дека Мордехај не се согласува со неговото мислење. А сите го виделе патот на Мордехај, кој тврдел дека тоа е единствениот пат, по кој треба да се движи јудеецот. Оној пак, кој оди по друг пат се занимава со идолопоклонство.
Затоа Хаман рекол: „Но, сите царски почести ништо не ми значат, додека го гледам јас Мордехај јудеецот како седи во портите царски"- бидејќи Мордехај тврдел дека само неговиот пат води кон портите на Царот, а не патот на Хаман.
Од кажаното разбери, зошто е напишано „дознал Мордехај за сето, што се случувало", небаре токму Мордехај знаел. Но нели се зборува, дека „градот Шушан бил во забуна". Излегува, дека сите знаеле. Работата е во тоа што градот Шушан бил во забуна, затоа што не знаел со кого е вистината. Меѓутоа Мордехај знаел дека ако дојде власта на Хаман, тогаш ќе му донесе пропаст на народот на Израел, т.е. ќе го сотре општеството на Израел од лицето на земјата. Тоа значи да се уништи патот на народот на Израел, по кој одат со затворени очи заедно со Создателот и секогаш си велат себеси: „Имаат очи тие – ама нема да видат".
Хаман се придржува само на левата линија, која се нарекува „знаење", т.е. е спротивна на вербата. Затоа фрлал ждрепка Хаман на Јом Кипур: „една ждрепка за принесување на жртва за Создателот, а другата – за нечистата сила". Ждрепката за Создателот ја означува десната линија, Светлината Хасадим, која означува вкусување на храната, т.е. вербата. А другата ждрепка за нечистата сила, т.е. левата линија, каде што во ништо не се постигнува успех и од каде произлегува целата нечиста сила. Затоа произлезеното од левата линија создава препрека на Светлината, бидејки левата линија ја намразува Светлината. За тоа е речено: "Ја фрлил ждрепката, одредувајќи ја судбината". Т.е. ја дешифрирал извлечената ждрепка и ја прогласил "пур" (судбина), кој означува "пе-ор" (уста на Светлината). За сметка на извлечената ждрепка за нечистата сила, се прекинува целата Светлина и се отфрла надолу.
Хаман, пак, мислел дека „праведникот ќе подготви, а грешникот ќе се украси". Т.е. тој претпоставувал, дека ќе си ја присвои целата награда која следува за работата и напорите на Мордехај и неговите сојузници. Дека ќе завладее со целата Светлина која ќе се открие благодарение на поправањата, направени од Мордехај. И сето тоа бидејќи видел дека Царот му ја дава целата власт нему, за да ја привлече Светлината Хохма надолу.
Кога дошол кај Царот да моли за уништувањето на јудејците, т.е. за поништување на власта на Израел, која означува верба и Хасадим (милосрдие), за да се открие знаењето во светот, тогаш му одговорил Царот: „Среброто ти е дадено на тебе, а исто и народот, за да постапиш со него според желбата на секој". Т.е. така е подобро за Хаман, неговата власт, која ја означува левата линија и знаењето. Целата разлика помеѓу првото и второто царско послание се состојала во зборот „јудејци". Во писмената наредба (писмена наредба – тоа е запис на наредбата, дадена од Царот, а потоа на таа наредба се даваат појаснувања, кои ја објаснуваат) било напишано: „да се предаде оваа наредба во секоја област како закон, објавен на сите народи за тие да бидат подготвени за тој ден". Но, не е напишано, кого тие мора да се подготвуваат да го уништат.
Хаман самиот дал појаснување на писмената наредба: „Пропишано е сè, како што наредил Хаман". А во вторите наредби веќе е напишан зборот „јудејци", како што е речено: „Списокот од оваа наредба треба да се предаде во секоја област како закон, објавен на сите народи, за да бидат подготвени јудејците на тој ден да им се одмаздат на непријателите свои". Затоа, кога дошол Хаман кај Царот, тој му рекол: "Среброто, подготвено однапред, дадено ти е тебе", т.е. не се потребни никакви дополнителни дејства, туку му се дава народот, за тој да постапи со него така како што е по негова желба. Т.е. народот веќе сака да стори така, како што е неговата желба, посакувајќи да ја прифати неговата власт.
Меѓутоа Царот не му рекол да ја поништува власта на Мордехај и јудејците, туку однапред подготвил откривање на Светлината Хохма, која толку ја посакува Хаман. Во копијата на наредбата било напишано: „да се предаде во секоја област како закон, објавен на сите народи". Тоа значи, дека законот ја обврзува Светлината Хохма да се открие за сите народи. Но не било напишано дека се поништува власта на Мордехај и јудејците, која означува верба. Се претпоставувало, дека ќе се случи откривање на Светлината Хохма, меѓутоа тие, сепак, ќе ја изберат Хасадим. Но Хаман рекол, дека бидејќи дојде време за откривање на Светлината Хохма, тогаш сигурно е тоа дадено за да со неа се послужат – бидејќи кој би правел бесполезни работи! Ако таа не се искористи, тогаш тоа откривање излегува бесмислено.
Сигурно дека Создателот сакал да ја искористат Светлината Хохма кога го правел тоа откривање. Мордехај се противел на тоа, дека откривањето е само поради тоа да се покаже, дека тие самите одлучиле да одат по десниот пат, одбирајќи ја Хасадим Мехусим (оние кои немаат потреба за Светлината Хохма), а не поради тоа, дека немаат друг избор. Кога одат по тој пат, се чини дека се придржуваат до него под принуда, поради отсутноста на други можности, бидејќи во тоа време нема откривање на Светлината Хохма. Но сега, кога постои откривање на Светлината Хохма, кај нив се појавува можност на избор по сопствена желба. Тие го претпочитаат патот на милосрдието (Хасадим), а не левата линија, каде постои откривање на Светлината Хохма. Откривањето било потребно само поради тоа, тие да можат да ја осознаат важноста на Хасадим и да решат, дека Хасадим за нив е поважна, отколку Хохма. За тоа мудреците рекле: „Досега – под принуда, а од овој момент па натаму – според сопствената желба", и во тоа се состои смислата: „Го одредиле јудејците и прифатиле да го празнуваат тој ден".
Целото откривање на Светлината Хохма сега доаѓа со единствена цел, за да можат да го прифатат патот на јудејците по сопствена желба. Во тоа е суштината на спорот помеѓу Морхадеј и Хаман. Морхадеј се противел, велејќи дека Создателот сега ја открива пред нив власта на Светлината Хохма не за тие да ја прифатат, туку за да ја возвишат Хасадим. Бидејќи сега тие ќе можат да покажат дека ја примаат Хасадим по своја лична желба. Тие имаат можност да ја примат Хохма, затоа што сега владее левата линија од која зрачи Светлината Хохма, но без оглед на тоа, тие ја одбираат Хасадим. Одбирајќи ја Хасадим, тие покажуваат дека десната линија надвладува над левата, т.е. главното е законот на јудејците. А Хаман го тврдел спротивното, дека ако Создателот сега ја открива левата линија, во која има Хохма, тогаш тоа го прави за Светлината Хохма да се искористи. Инаку излегува дека Создателот извршува бесмислени дејства, т.е. прави нешто, што никому не му донесува насладување. Затоа нема зошто да се гледа на тоа што го зборува Мордехај, туку сите треба да го слушаат Хаман и да го искористат откривањето на Светлината Хохма, кое сега се случило.
Излегува, дека втората наредба не ја поништувала првата, туку ја објаснувала и дешифрира. „Да се открие тоа на сите народи" значи откривање на Светлината Хохма за јудејците. Таа свети сега за јудејците да можат да ја изберат Хасадим по сопствена волја, а не затоа што тие немаат никаква друга можност да одат по друг пат. Затоа е напишано во втората наредба: „За јудејците да бидат подготвени на тој ден да им се одмаздат на непријателите свои". Непријателите токму тоа го посакуваат, да ја добијат Светлината Хохма, а јудејците ја отфрлаат таа Светлина.
Оттука станува јасно зошто Царот прашува: „Кој е тоа и каде е тој, кој се осмелил на такво нешто?". И како тој можел да прашува, кога самиот му рекол на Хаман: "Среброто ова ти е дадено тебе, и народот исто, за да постапиш ти со него, по желба на секој". (Но откривањето на Хохма се случува само поради тоа да се постапи со тој народ "по желба на секој", т.е. да се создаде можност на избор, што всушност означува „да се постапи со него, по желба на секој". Ако пак нема откривање на Светлината Хохма, нема место за избор, и кога тие ја земаат Хасадим, тогаш се чини дека тоа го прават поради безизлезност, поради немање ништо друго.
Сето ова доаѓа благодарение на силата на Царската наредба, која ѝ наредува на Светлината Хохма да се открие. Но смислата била во тоа, левата линија да ѝ служи на десната, бидејќи тогаш сите ќе видат дека десната е поважна од левата, и поради тоа тие ја одбираат Хасадим.
Во тоа е суштината на називот во „Мегилат Естер", кој се чини заемно негирачка противречност, бидејќи Мегила означува „откривање" (мегале) , а Естер означува, дека постои скривање (Естер). Целото откривање се случува за да се даде можност да се избере скривањето. Сега разбери, зошто мудреците рекле: „Човекот е обврзан да се опијани на Пурим до тој степен, за да не може да го разликува проклетиот Хаман од благословениот Мордехај". Работата е во тоа, што случувањата со Мордехај и Естер се одвивале пред изградбата на Вториот Храм. Градењето на Храмот означува привлекување на Светлината Хохма, а Малхут се нарекува Храм.
Затоа Мордехај ја праќа Естер да оди кај Царот и да моли за својот народ. А таа одговара: "Сите служители на Царот знаат дека за секој кој ќе се појави кај Царот неповикан, има еден закон – смртна казна. Јас пак не сум била повикана кај Царот еве веќе триесет дена". И тука е смислата во забраната да се привлекува Светлината ГАР де-Хохма надолу. А оној, кој сепак ќе ја привлече Светлината ГАР (три сфирот, од која секоја се состои од десет, што како резултат дава триесет), се осудува на смрт, затоа што левата линија доведува до оттргнување од вистинскиот живот. „Само оној на кого Царот ќе покаже со својот златен скиптар, може да остане жив", бидејќи златото ја означува особината Хохма и ГАР. Тоа значи, дека само благодарение на пробудувањето од Вишото може да се остане жив. Т.е. во спојувањето со Создателот, кое значи живот, а не со силата на пробудувањето на самиот човек одоздола.
Иако Естер е царица, т.е. Малхут, на која ѝ е неопходна Хохма, сепак тоа е возможно само при пробудувањето од Вишиот. Ако пак, таа самата ја привлече Светлината Хохма, тогаш ќе го изгуби својот стаус. На тоа ѝ одговорил Мордехај: „Ако спасението и избавувањето им дојдат на јудејците од друго место", т.е. тие целосно ќе ја поништат левата линија и ќе останат само со десната, со Светлината Хасадим, тогаш „ти и домот на твојот татко ќе изгинете". На тоа укажува Зохар: „Од таткото основата е во ќерката", и затоа таа има потреба од Светлината Хохма. Значи, неопходно е „храната да преовладува над пиењето".
Но ако јудејците останат без избор и бидат принудени да ја поништат левата линија, тогаш се анулира целата нејзина суштина. Затоа Естер рекла: "Ако веќе треба да гинам, ќе изгинам". Т.е., ако одам кај Царот, тогаш ќе пропаднам, бидејќи може да се оддалечам од Создателот, затоа што таквото будење одоздола го откинува човекот од изворот на животот. А ако не одам, тогаш „спасението и избавувањето ќе им дојдат на јудејците од друго место". Т.е. на друг начин, кога тие ќе ја поништат левата линија целосно, како што кажал Мордехај. Затоа го прифатила таа патот на Мордехај и го поканила Хаман на гозбата. Т.е. ја привлекла левата линија, како што ѝ наредил Мордехај. А потоа ја вклучила левата линија во десната, и на таков начин е можно да се открие Светлината долу и истовремено да се остане во спојување со Создателот.
Во тоа е тајната во "Мегилат Естер", т.е., иако веќе постои откривање на Светлината Хохма, таа сепак го одбира постоечкото скривање (бидејки Естер значи скривање, естер). Смислата на „опијанувањето до тој степен, да не може да се разликува", се објаснува во Талмуд Есер Сфирот, дел 15-ти. Иако Хохма свети, сепак невозможно е таа да се прими без Светлината Хасадим, затоа што тоа доведува до оддалечување од Создателот.
Но се случило чудо, кога благодарение на своите пости и молитви, тие ја привлекле Светлината Хасадим и на таков начин можеле да ја примат Светлината Хохма. Меѓутоа, таквата состојба е невозможна до Гмар Тикун, бидејќи таа особина се однесува на конечното поправање (Гмар Тикун), и само тогаш ќе биде поправено. Како што е напишано во Зохар: „Во иднина ангелот на смртта ќе се претвори во светиот ангел, кога ќе исчезне разликата помеѓу Хаман и Мордехај, па дури и Хаман ќе се поправи". Во тоа е смислата на кажаното: „Човекот е обврздан да се опијани на Пурим до тој степен да не може да го разликува проклетиот Хаман од благословениот Мордехај".
Треба да се додаде зошто е кажано дека ги обесиле (Битан и Тереш) на дрвото. За да разберат тие, дека тоа е истиот тој грев на Дрвото на Спознавањето, каде исто така е повредена ГАР. Речено е дека седел Мордехај во Царските порти, за да покажат дека седел тој, а не стоел, затоа што положбата седејќи означува ВАК, а стоењето простум означува ГАР.
Следна статија бр.38 „Неговото богатство е трепетот пред Создателот“