Слушнав на 12 Шеват (6 февруари 1944 г.)
Потребно е да се знае дека причината за тешкотијата која ја доживува човек кој посакува да се поништи себеси заради Создателот и воопшто да не се грижи за себе, е тоа што човекот чувствува како целиот свет да останува каде што е, а тој како да исчезнува од тој свет, да го остава своето семејство и пријателите во име на поништувањето на себеси заради Создателот. Причината за тешкотијата е едноставна и се нарекува „отсуство на верба“. Тој не гледа пред кого и заради кого треба да се поништи себеси, не го чувствува постоењето на Создателот. Тоа ја предизвикува тешкотијата.
Меѓутоа, откако ќе Го почувствува Создателот, истиот момент неговата душа ќе посака да се соедини со коренот, да се вклучи во него и да се поништи себеси како свеќа пред факел, без и најмало двоумење бидејќи тоа ќе се случи во него на природен начин.
Затоа најважното нешто што треба да го достигне човекот е чувството за Создателот, за да почувстува дека светот е исполнет со Неговата големина. Во достигнувањето на ова чувство треба да се појави целиот напор на човекот од неговата духовна работа, односно во осознавањето на тоа дека единственото нешто што отсуствува кај човекот е вербата во Создателот. Нека не мисли на ништо друго, освен на главната награда која што би сакал да ја добие за својата работа – да се удостои со верба во Создателот.
Исто така, треба да се знае дека не постои разлика меѓу големото и малото светење кое што го достигнува човекот затоа што во Светлината никогаш не се случуваат никакви промени. Сите промени во чувството произлегуваат од промените на келим кои примаат Виша Светлина. Како што е запишано: „Јас своето АВАЈА не го менувам“.
Затоа, колку што човекот е способен да ги зголеми своите келим (желбите), тој толку ќе ја зголеми и количината на Светлината која влегува во нив.
Прашање: Како може да се зголемат келим?
- Така што човекот ќе го воспева и возвеличува Создателот во своите очи, ќе чувствува благодарност за тоа што Создателот го доближил до Себе и му дал можност сосема малку да Го почувствува Него и да помисли колку е важна неговата поврзаност со Создателот. Колку поголемо значење ќе му даде човекот на ова, толку поголеми стануваат неговите келим, а со тоа ќе почувствува и поголемо светење во нив.
Меѓутоа, човекот секогаш чувствува само внатре во своите желби и затоа тој никогаш не може точно да го оцени вистинското ниво на неговата поврзаност со Создателот. Но, онолку колку што ја цени таа поврзаност, толку ја достигнува нејзината возвишеност и значење. Така може да се удостои Светлината засекогаш да остане во неговите келим.
Следна статија бр 5 „Лишма е будење од Вишото ...“