Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

59. Стапот и змијата

Слушнав на 13-ти Адар, 23-ти февруари 1948 год.

... И одговори Мојсеј: „Зарем нема да ми поверуваат...“. И Создателот го праша: „Што е тоа во раката твоја?“ А тој одговори: „Стап“. И му рече Создателот: „Фрли го на земјата“. И го фрли, а тој се претвори во змија. И Мојсеј избега од неа (Шмот 4).

Постојат само две состојби: или Светост (чистина, давање, „заради Создателот“) или нечиста сила, Ситра Ахра (егоизам, „заради себе“). Нема состојба помеѓу нив и истиот тој стап се претвора во змија ако биде фрлен на земјата.

За да го разбереме ова, потребно е претходно да го сфатиме кажаното од мудреците дека Шхина (Откровението на Создателот) се спушта на „дрва и камења“, односно се открива токму на едноставни и скромни желби кои во очите на човекот не се сметаат за толку важни.

Затоа Создателот го прашал Мојсеј: „Што е тоа во раката твоја?“, каде што „рака“ значи достигнување, бидејќи да се има во раце значи да се достигне и да се добие. И одговори: „Стап“ (на хебрејски: мате). Тоа значи дека сите негови достигнувања се изградени на ниски работи (хебр. мата) според своето значење и важност, односно со „верба над знаењата“, затоа што вербата во очите на здравиот човек е нешто неважно и ниско. Тој почитува сè што е базирано на знаења и факти, односно во очите на човекот е важна „вербата внатре во знаењата“.

Ако пак разумот на човекот не е во состојба да постигне нешто или постигнатото е противречно на сфаќањето, тој треба да рече дека вербата за него е поважна и над неговите знаења, сфаќања, сознанија.

Значи, со тоа тој го намалува значењето на својот разум и вели дека ако неговите сфаќања се противречни на патот на Создателот, тогаш неговата верба за него е поважна од знаењата затоа што сè што е противречно на патот на Создателот не вреди ништо и нема никаква важност во неговите очи, како што е речено: „Очи имаат – да не гледаат, уши имаат – да не слушаат“. Тоа се нарекува одење со „верба над знаењата“. Но, тоа во очите на човекот изгледа како ниска, неважна, неразвиена и несозреана состојба.

Меѓутоа, кај Создателот вербата не се оценува како неважна состојба. Вербата да изгледа неважна се случува само кај човек кој нема поинаква можност и кој е обврзан да оди по патот на вербата. Но, Создателот би можел да завладее со своето Божествено присуство (со својата Шхина) не само на дрвјата и камењата. Тој за основа го избрал патот „со верба наспроти знаењата“, бидејќи тоа е најдобро за духовниот пат. Затоа за Создателот вербата не е неважна, туку напротив, токму на тој пат има многубројни предности, а човекот тоа го смета за ниско.

Ако човекот го фрли стапот на земјата и посака да работи со некој повисок и поважен од него, односно внатре во знаењата и со тоа го потценува патот над знаењата затоа што таа работа му изгледа неважна, веднаш од Тора и од неговата работа се добива змија, олицетворение на првородната Змија.

Затоа е речено: „На секој горделивец Создателот му вели: ние не можеме да бидеме заедно“. Причината е токму во тоа што Шхина почива „на дрвјата и камењата“ (се наоѓа во она што не му е важно на човекот – вербата, давањето, едноставноста). Затоа, доколку човекот го фрли стапот на земјата и се возвишува себеси за работа со повисоко својство, тоа веќе е гордост, односно Змија. Не постои ништо друго, освен Стапот – светоста или Змијата – нечистотијата, затоа што целата Тора и работата, ако се ниски во очите на човекот, стануваат Змија.

Но, познато е дека во нечистата сила нема Светлина, па затоа и во материјалното егоизмот нема ништо освен желба која не прима никакво исполнување. Егоистичките желби секогаш остануваат неисполнети. Затоа оној кој добива 100 посакува 200 итн., и „умира човекот не достигнувајќи ни половина од посакуваното“, што произлегува од Вишите корени.

Коренот на нечистата сила, клипа, е желбата за примање наслада. Во текот на 6000 години (периодот на поправање) овие желби е невозможно да се поправат така што во нив би можело да се прими Светлина и затоа врз нив има забрана од Првото скратување (ЦА).

Бидејќи во тие желби нема исполнување, тие го водат до искушение, го наговараат човекот да ја привлече Светлината на нивното ниво. Тогаш целата животна сила и целата Светлина која човекот ја добива од чистата страна за својата работа со давањето, добиваат нечисти (егоистички) желби. Како последица од тоа, тие ја добиваат власта над човекот така што му даваат шминка во таа состојба, не дозволувајќи му да излезе од неа.

Заради таа власт на клипата врз себе, човекот не е во состојба да напредува затоа што кај него ја нема потребата да се издига повисоко од својата моментална состојба. А бидејќи нема желба, не може да се движи и да направи ниту најмало дејствие.

Во таков случај, тој не може да разбере дали оди кон Светоста или во обратна насока, затоа што нечистата сила му дава сè повеќе и повеќе сили во работата на разумот бидејќи тој тогаш се наоѓа „внатре во знаењата“, па така работи со разумот и не ја смета својата работа за ниска и неважна. Така човекот може да остане роб на нечистата сила засекогаш.

Но, за да го ослободи човекот од власта на нечистата сила, Создателот направил посебно поправање, така што ако човекот ја остави состојбата „Стап“, веднаш паѓа во состојбата „Змија“, а во таа состојба не добива ништо. Тој нема сили да ја надмине таа состојба и му останува само повторно да го прифати патот на вербата (ниските, неважни состојби, Стапот). Значи самите несреќи пак го доведуваат човекот да ја прими работата за сите нови нивоа „со верба над знаењата“.

Затоа Мојсеј рекол: „Но, тие нема да ми поверуваат“, односно нема да посакаат да го прифатат патот на вербата над знаењата. Но Создателот му одговорил: „Што имаш во раката твоја?“ – „Стап“ – „Фрли го на земјата“ и стапот веднаш се претворил во Змија. Значи, меѓу Стапот и Змијата не постои средна состојба токму за да знае човекот точно во која состојба се наоѓа, дали во света или во нечиста.

Излегува дека нема друг пат, освен да го прифати патот со верба над знаењата, наречен Стап. Тој стап треба да биде во раката и не треба да се фрла на земјата. Затоа е речено: „И расцути стапот на Арон“, затоа што целиот процвет, развој, со кој што се удостоил за работа за Создателот, се заснова на стапот на Арон.

Исто така тој може да ни послужи и како знак дали човекот оди по правилниот пат или не, како и за можноста да се дознае каква е основата на неговата духовна работа – над или под знаењата. Ако основата е Стапот, значи дека се наоѓа на патот на поправањето и Светоста, но ако основата е внатре во знаењата, тој нема да може да ја достигне Светоста.

Но, во самата работа, односно во неговата Тора и молитва, нема никаков знак дали тој работи за Создателот или за себе и уште повеќе, ако неговата основа е внатре во знаењата, односно работата е заснована на знаења и примање, тогаш телото (желбата) дава сила за работа и тој може да учи и да се моли со огромна ревност и упорност, затоа што дејствува согласно разумот.

Доколку човекот оди по патот на поправањето (Светоста) кој се заснова на верба и давање, тој има потреба од голема, посебна подготовка за да му засвети Светоста. Без подготовка, неговото тело нема да му даде сили да работи. Тој мора постојано да вложува напори бидејќи неговата природа е примање наслади и примање внатре во знаењата.

Затоа ако неговата работа е на материјална основа (за себе), тој никогаш не доживува никакви тешкотии во неа. Но, ако основата на неговата работа е за давање и над разумот (знаењата), тој постојано мора да вложува напори за да не падне во работа за себе, заснована на примање, а не на давање.

Ниту за миг не смее да ја испушти од вид таа опасност, инаку во истиот момент ќе падне во коренот на желбата за материјална (за себе) корист, наречен „прав и пепел“, како што е речено: „Бидејќи ти си прав и во прав ќе се вратиш“ (Берешит 3:19). Тоа се случило после гревот со Дрвото на Спознанието.

На човекот му е дадена можност за анализа и проверка дали оди по правилниот пат, во Светоста или обратно: „Другата сила, другиот бог е бесплоден и не носи плодови“. Тој знак ни го дава книгата Зохар. Токму врз основа на вербата, наречена Стап, човекот се удостојува со зголемување на плодовите од својот труд во Тора. Затоа е речено: „Расцвета стапот на Арон“ – што јасно покажува дека цутењето и раѓањето на плодовите се случува со патот на Стапот.

Секој ден, како кога човекот станува од својот кревет, се мие и го чисти своето тело од нечистотиите, токму така треба да се чисти и од духовните нечистотии, од клипот, односно да се проверува себеси дали е совршен неговиот пат на Стапот. Таква проверка мора постојано да прави во себе.

Ако за момент се оттргне од таа анализа, веднаш паѓа под власта на нечистите сили (Ситра Ахра), наречени „желби за наслада за себе“ и веднаш станува нивен роб, затоа што во согласност со правилото: „Светлината создава кли“, - колку што работи човекот за примање за себе, толку му станува неопходно да се стреми само кон егоистичко примање и така тој се оддалечува од давањето.

Одовде може да се разбере она што го рекле мудреците: „Биди многу, многу смирен!“. Зошто е нагласено „многу, многу“? Работата е во тоа што човекот станува зависен од добивањето почести, одобрување и почит од оние околу него. Дури и ако на почетокот тоа не го прима заради наслада, туку на пример, „за почит кон Тора“, и е уверен дека кај него не постои никаков стремеж кон почит, па затоа може да прима почести, бидејќи не го прима тоа за себе, без разлика на тоа што не треба да се примаат почести од причина што „Светлината создава кли“.

Затоа, откако ги примил почестите, тој веќе почнува да ги посакува, што значи дека веќе е под власта на почитта. Ослободувањето од почитта е многу тешко и како последица од тоа, човекот се оддалечува од Создателот и му е тешко да се поклони пред Создателот.

За да достигне соединување со Создателот, човекот мора целосно да се поништи себеси (сите свои лични желби) пред Создателот. Затоа е речено „многу, многу“, каде што првото „многу“ означува дека не треба да се примаат почести заради сопствено задоволство, а второто „многу“ е додадено затоа што дури и да не се за себе, сепак е забрането да се примаат почести.

Следна статија бр. 60 „Заповед предизвикана од грев“

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели