Слушнав на 9-ти Нисан (18-ти април 1948 год.)
Речено е: „Многу е бурно, тешко околу Создателот“ (Псалм 50). Мудреците објаснуваат дека овде алегорично е кажано: „околу Создателот има многу влакна“ (поинакво читање на истите зборови), затоа што Создателот е ситничар со дебелина на влакно кон праведниците. Самите тие прашуваат: „Зошто е така? Со што заслужиле праведниците таква казна? Сепак се праведници!“.
Работата е во тоа што сите ограничувања во универзумот, во световите се само во однос на битијата, односно како последица од тоа што оној кој достигнува, врз себе прави ограничување и скратување, останувајќи потоа долу, а Создателот се согласува со сè што прави оној кој достигнува, и во тој степен Светлината се спушта долу. Затоа понискиот со своите зборови, мисли и дејствија предизвикува зрачење и излевање на Светлината од Вишото.
Од ова следи дека ако човекот смета дека исклучувањето на момент од мислите за соединување со Создателот е еднакво на најголемиот грев, тогаш Создателот исто така се согласува со тоа и навистина се смета како тој да го извршил најголемиот грев. На крај излегува дека праведникот утврдува колку ситничаво ќе се однесува Создателот кон него, дури со „дебелина на влакно“, а како што утврдува понискиот, така ќе се прифати и од страна на Создателот.
Ако човекот не ја чувствува најмалата забрана како најстрога, тогаш и од Вишото нема да им се дава значење на малите гревови кои се случуваат со нив, не сметајќи ги како големи. Значи, на таков човек Создателот ќе се обраќа како кон мало дете, сметајќи дека и заповедите кај него се мали, како и гревовите, затоа што и едните и другите се мерат на иста вага. Таквиот човек се смета за мал човек.
Оној пак, кој што е ситничав дури и кон своите најмали дејствија и посакува Создателот иста така ситничаво да се однесува кон него, „со дебелина на влакно“, тој се смета за голем човек, кај кого, како што се заповедите поголеми, така се поголеми и гревовите. Исто така и во степенот на насладата која ја чувствува при исполнувањето на заповедите, тој ќе чувствува страдања правејќи гревови.
Постои приказна за човек кој живеел во некоја држава – царство. Тој направил грев пред Царот, за што бил осуден на дваесет години принудна работа и бил испратен на некое место далечно од својата држава. И таму поднеле приговор, па го однеле и од таму на крајот од светот.
Таму нашол луѓе како него. Но, го нападнала болест од заборавање и тој сосема заборавил дека има жена и деца, блиски другари и познаници. Нему му се чинело дека не постои ништо друго на светот освен тоа далечно место, луѓето кои живеат таму и дека тоа е неговата татковина.
Излегува дека целата негова претстава за светот е изградена врз неговите чувства и тој не може да си ја претстави вистинската состојба, туку живее според знаењето што му е дадено во моментот и според чувствата.
Во таа далечна земја го научиле на законите кои не смее повторно да ги прекршува и да се заштити од сите престапи. Тој знаел како да го поправи направениот престап за да го ослободат оттаму. Учејќи го Законикот на Царот, открил дека законот е таков што, ако човек изврши одреден престап, го праќаат на далечно место, отсечено од целиот свет. Се згрозил од таквата тешка казна, вчудоневидувајќи се од суровоста на судот.
Меѓутоа, не му текнувало дека самиот тој го прекршил законот на Царот и дека е осуден од строгиот суд, а казната веќе ја извршувал. Бидејќи страдал од болест на заборавање, тој ниеднаш не ја почувствувал својата вистинска состојба.
Во тоа се состои смислата на реченото, дека „многу е тешко околу Создателот“ („околу Создателот има многу влакна“), односно човекот треба да си даде духовен отчет за секој свој чекор, затоа што самиот тој ги прекршил законите на Царот и затоа го прогониле од Вишиот Свет.
Од тоа што сега прави добри дела (заради Создателот), почнува да му се враќа сеќавањето и тој почнува да чувствува колку реално е оддалечен од својот вистински свет. Затоа и почнува да се поправа, сè додека не го вратат од прогон на неговото место. Таквите чувства на човекот му се појавуваат токму како последица од неговата работа, кога чувствува колку се оддалечил од својот Извор и корен, сè додека не се удостои со целосно враќање кон својот корен, односно од совршеното и вечно соединување со Создателот.
Следна статија бр. 62 „Паѓање и поттикнување.....“