Слушнав на 5-ти Сиван (8 јуни 1943 г.)
Зошто е запишано: „Со цврста рака и со истурање на гнев ќе управувам Јас со вас“ (Ихезкел 20)? Зарем не говоревме дека во духовното не постои насилство? Како што е речено: „Не Ме повика Мене ти, Јаков, бидејќи ти беше тешко од Мене, Израел...“ Значи, ако човекот ги поправил своите желби, работата за Создателот од неверојатно тешка се претвора во наслада и воодушевување. А ако не се поправил, тогаш „Не Ме повика Мене ти, Јаков...“, односно тоа не е работење за Создателот (Објаснување на Магид, проповедникот, од Дубна). Но, доколку е така, што значи „ќе управувам со цврста рака Јас со вас“?
Оној кој вистински посакува да работи за Создателот, за да се соедини со Него преку сличноста на својствата, да влезе во дворецот на Создателот, тој нема веднаш да добие можност за тоа. Тој се проверува дали, можеби, има кај него и други желби освен желбата да се соедини со Создателот и ако навистина нема друга желба, тогаш му се дозволува да влезе.
Како се проверува човек дали има само една желба? Му се прават разни пречки, така што му се даваат поинакви мисли, му се праќаат други луѓе за да му попречат и тој да го остави својот пат за да тргне во животот како сите останати.
Доколку човекот ги надмине сите пречки кои се појавуваат пред него и се пробие низ нив, така што станува невозможно да се сопре и да се оттргне од патот со обични пречки, тогаш Создателот му испраќа армади од нечисти сили кои го оттргнуваат човекот токму и само од соединувањето со Создателот и од ништо друго. За тоа се вели дека Создателот со цврста рака го оттргнува. Доколку Создателот не покаже „цврста рака“, тешко ќе биде да се оттргне, затоа што кај него има огромна желба за соединување со Создателот и само за тоа, а не за поинакви насладувања.
Но, оној кој нема доволно голема желба, Создателот може да го оттурне со слаба пречка – Тој му испраќа на човекот голем стремеж кон нешто во нашиот свет, па човекот ја остава целата духовна работа и нема потреба тој да биде оттурнат со цврста рака.
Сепак, доколку човекот ги надминува пречките, тогаш тешко дека ќе биде оттргнат од патот и тој може да биде оттурнат само со цврста рака. И ако човекот ги надминува пречките и цврстата рака на Создателот и во никој случај не сака да се тргне од патот кон Создателот, туку посакува соединување со Него, а чувствува дека е оттурнуван, тогаш човекот вели дека Создателот „го истура Својот гнев врз него“, инаку би му дозволил да влезе. На човекот му се чини дека Создателот е гневен на него и затоа не му дозволува да влезе во Неговите дворци и да се соедини со Создателот.
Затоа, пред да посака да се помрдне од место и да се пробие до Создателот, не постои состојба кога тој би рекол дека Создателот е гневен на него. Дури после сите оттурнувања, ако тој сепак не отстапува и упорно се обидува да се доближи до Создателот, кога му се појавува „цврстата рака и гневот“, тогаш се остварува реченото: „Јас ќе управувам со вас“, бидејќи само по цена на големи напори му се открива власта на Создателот и тој се удостојува да влезе во Неговите дворци.
Следна статија бр.71 „Плачи во темнина душо моја“