Слушнав вечерта на празникот Сукот, во сука (колиба), 1943 г.
„Гумно“ ги означува Диним де-Дура (судови и ограничувања од машката страна), за што е речено: „Се сокри и не се осквернави“ (Бемидбар 5). Тоа е чувство на човекот од својството „горен“ (гумно), кога тој се чувствува како „гер“ (прозелит, дојденец) во духовната работа.
„Винарија“ ги означува Диним де-Нуква (судови и ограничувања од женската страна), за кои што е речено: „Се сокри и не се осквернави“. Винаријата (јекев) е чувство на недостаток (некев).
Постојат два вида на Сука:
1. Облаци на слава.
2. Отпадоци од гумно и винарија.
Облакот е форма на сокривање кога човекот чувствува дека духовното е сокриено од него. Ако човекот со силна волја го надмине тој облак, односно сокриеното кое што го чувствува, тогаш тој се удостојува со облаци на слава. Тоа се нарекува МАН де-Има, кој дејствува во текот на 6000 години и претставува тајна, затоа што сè уште не се спушта во природата, наречена „пшат“ (едноставна смисла).
Отпадоците од гумното и винаријата се нарекуваат „едноставна смисла“, а природата, која претставува МАН де-Малхут, која е поправена со верба, се нарекува „итарута де-летата“ (возбуда, барање од долу).
Меѓутоа, МАН де-Има е „итарута де-лејла“ (возбуда одозгора), која не доаѓа од природата. Значи, од страна на природата, доколку човекот не е достоен да прими Светлина, нема да прими никаква Светлина, додека пак, благодарение на возбудата одозгора, која е над природата, Светлината доаѓа до пониските, како што е речено: „Јас, Создателот, се наоѓам во нив, во целата нивна нечистотија“ или, како што е запишано во книгата Зохар: „Иако грешат, не грешат целосно“.
Но, под влијание на будењата од долу, итарута де-летата, Светлината може да се спушта кон пониските, само ако тие се способни да ја примат согласно својата пририда, односно личните карактеристики. Тоа се нарекува МАН де-Нуква, кога човекот може да се поправи себеси со помош на вербата. Тоа се нарекува поправање кое доаѓа од страна на самиот човек и спаѓа во нивото на Седмото илјадалетие, кое се нарекува „и еден разрушен“, затоа што „во самата Малхут нема ништо од себе“.
Кога ја поправаме таа состојба, се удостојуваме со десеттото илјадалетие, нивото ГАР. Таквата душа се наоѓа во едно од десет поколенија. Меѓутоа, има „Седмо илјадалетие“, кое опфаќа период од 6000 години и се нарекува „лично“, а како што е познато, личното и заедничкото во духовното секогаш се еднакви. Но, тоа се однесува за МАН де-Има, наречено „облаци на славата“.
Целта на работата е наоѓањето на нивото на „едноставната смисла“ и на природата затоа што при таквата работа човекот нема можност да падне подолу, доколку веќе стои на земјата. Ова е бидејќи тој нема потреба од голема состојба бидејќи цело време започнува одново.
Тој работи секогаш така, како што почнал да работи, прифаќајќи ја врз себе власта на Небесата со верба над знаењата. Основата, врз која се гради редоследот на работата, треба да биде наједноставна, за да биде апсолутно над знаењата. Само најнаивниот човек може толку да се поништи себеси за да се движи без никаква основа, потпирајќи се само на својата верба, без да има потреба од друга поддршка.
Покрај тоа, треба да ја прифаќа таа работа со голема радост, како да има знаење и јасна визија врз која ги темели фактите од својата верба, за да се потпира на вербата над знаењата во степенот во кој тој има знаења. Ако човекот се држи до таквиот пат, никогаш нема да падне и секогаш ќе може да биде во радост од тоа што Му служи на големиот Цар.
За ова е речено: „Едно жртвено јагне принеси наутро, а второто јагне приквечер, слично на утринскиот дар и неговата големина“ (Бемидбар 28). Смислата е во тоа што со истата радост, која ја имал за време на принесувањето на жртвата кога го чувствувал „утрото“ (Светлината се нарекува „утро“) и така му светела Светлината од Тора, што сè било сосема јасно, со истата радост тој треба да ја принесе својата жртва, односно да ја извршува својата работа дури и тогаш, кога настапува „вечерта“.
Дури и кога нема никаква разбирливост во Тора и во работата, без разлика на тоа, тој работи сè со радост затоа што работи над знаењата. Токму заради тоа не може да оцени во која состојба Му причинува поголемо задоволство на Создателот.
Затоа рабинот Шимон Бен Менасија тоа го нарекувал: „нешто слично на материјалот“. Материјал се нарекува она што нема знаење и разум. Увото кое го слушнало гласот на Создателот на планината Синај, нема да украде, односно нема да добие ништо за себе, а ќе ја прифати врз себе власта на Небесата, без да бара голема состојба и ќе остане целосно над разумот. А тој отишол и украл некое светење за себе, односно рекол: „Сега можам да бидам работник на Создателот, затоа што јас веќе имам знаење и разум за таа работа и сфаќам дека вреди да се работи за Создателот. Повеќе немам потреба од верба над знаењата“.
За ова тој бил предаден во судскиот дом. „Судски дом“ се нарекува човековиот разум и знаење кои ги судат дејствијата на човекот – дали треба да се извршат или не. А „бил предаден“ значи дека тој ја чувствува туѓа работата за Создателот.
Тогаш доаѓа разумот и го поставува познатото прашање: „Што ти дава тебе таа работа?“. Тој доаѓа само заради крадење, затоа што веќе добил некаква поддршка за својата верба, па затоа доаѓа и сака да ја поништи таа поддршка со помош на такви прашања. Меѓутоа, сето тоа е само „за шесте“, односно го предале на шест години, што значи Диним де-Дхура (машки суд).
Но робот ако рече: „Јас го сакам својот господар и не сакам на слобода!“, односно ако не сака да се ослободи од Неговите заповеди, тогаш врз него се извршува следното поправање. Го носи стопанот, односно Господарот на целата земја „кон вратата или кон мезу-зе“, ограничувајќи го во примањето на власта на Небесата и го „прободува“, му прави отвор во увото. Тој отвор се прави за да може уште еднаш да го слушне она што го чул на планината Синај: „Не кради!“ и „остани Негов роб за навек“, затоа што отсега тој станува вистински работник на Создателот.
Сукот означува привремено живеалиште. Доколку човекот заслужил постојано живеалиште и нема повеќе што да работи, нему му останува само да влезе во привремено живеалиште, исто како во времето кога бил на патот кон дворецот на Создателот и сè уште немал постојан дом. Тогаш цело време чувствувал потреба да го достигне Царскиот дворец и среќавал „ушпизин“ (гости). Значи тогаш тој ја исполнувал работата како привремен гост.
Сега може да се присети на радоста која ја доживувал тогаш во работата, кога неуморно Му се заблагодарувал и Го славел Создателот за тоа што цело време го доближувал човекот кон Себе. Таа радост може да ја продолжи сега во Сукот. Токму на тоа потсетува привременото живеалиште и затоа е речено: „Излези од постојаниот дом и насели се во привремено живеалиште“.
„Најважни не се размислувањата туку работата“. Работата е слична на материјалот. Како што објаснил рабинот Шимон Бен Менасија: „нешто слично на материјалот“ значи дека најважното е дејствието, а разумот е само негов одраз во огледало.
Но, треба да се има предвид дека дејствието спаѓа во животинското ниво, а разумот во човечкото. Суштината е во тоа што ако е достигнато совршенство на нивото на дејствието, тогаш тоа дејствие станува толку големо, што му носи на човекот разум од Тора. А разумот од Тора означува човечко ниво.
Следна статија бр.97 „Отпадоците од гумната....“ -дел2