Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

99. Грешник или праведник - не е кажано

Слушнав на 21 Ијар, во Ерусалим

Рабинот Хананија Бар Папа рекол: „Името на ангелот, одговорен за бременоста е Ноќ. Тој зема капка семе, му ја покажува на Создателот и прашува: „Владетелу со светот, што ќе излезе од оваа капка: херој или слабак, мудрец или глупав, богат или сиромав? Но, дали ќе биде грешник или праведник, не зборува“ (Расправа „Нида“, 16, стр.2).

Но, како што е правилото, глупавиот не може стане праведник и затоа мудреците рекле: „Човек нема да погреши додека во него не се насели духот на глупавоста“, а уште повеќе тоа е оној кој целиот свој живот го поминал како глупав. Излегува дека ако човек се родил глупав, тој нема никаков избор, бидејќи е осуден на глупавост. Но, зошто тогаш се истакнува дека не е кажано дали ќе биде праведник или грешник, како за тоа да има избор? Сепак, штом не се кажува дали ќе биде праведник или грешник, а му е судено да биде глупав, тоа значи дека е осуден да биде грешник.

И рекол рабинот Јоханан: „Виде Создателот дека се малубројни праведниците, па ги распредели во сите поколенија“, „затоа што Создателот управува со столбовите на земјата и на нив ја основал вселената“. И објаснува Раши: „И ја основал на нив вселената“, што значи дека ги распределил во сите поколенија, за да бидат основа на постоењето на светот.

„Малубројни се тие“, тоа значи дека се сè помалку и ги снемува. И што направил Тој, за да го зголеми бројот на праведниците? Ги распределил во сите поколенија. Се поставува прашањето што е користа од распределувањето на праведниците во сите поколенија и дали од тоа ќе се зголеми нивниот број? Што е разликата дали сите праведници ќе бидат во едно или во повеќе поколенија, па затоа прашува Раши дали ќе се зголеми нивниот број ако се појавуваат во секое поколение?

За да се сфати ова, потребно е да се дополни и објасни искажаното од мудреците за она што прави Создателот со капката семе за да биде човекот мудар или глупав, кој ќе се роди слаб без да има сили да ја надмине својата зла природа или кој ќе се роди со слаба желба и кој ќе биде неспособен, затоа што уште на подготвителната етапа, кога започнува со духовната работа, на човекот му е неопходна способноста да ја прифаќа Тора и мудроста на кабала, како што е запишано: „Тој им дава мудрост на разумните“. Меѓутоа, се појавува прашањето: кога веќе се умни, зошто им е потребна мудрост? Нели е подобро да му се даде мудроста на оној кој е глупав?

Работата е во тоа што мудар се нарекува оној кој се стреми кон мудроста, иако сè уште не се здобил со неа. Но, бидејќи во него постои таква желба, а желбата се нарекува „кли“, излегува дека човекот кој има желба и стремеж кон мудрост е сад (кли), во кој може да свети мудроста. А оној, кој е глупав, односно не се стреми кон мудроста и сите негови желби се насочени само кон корист, не е способен за никакво давање.

Но, како може тогаш човекот кој се родил со такви својства да достигне ниво на праведник? Излегува дека тој нема избор, па тогаш што е користа да се кажува дали ќе биде грешник или праведник, како со тоа да му се остава избор? Бидејќи ако се родил слаб или глупав, веќе е лишен од секаков избор, затоа што не е способен за никакво надминување и стремеж кон мудроста на Создателот.

Меѓутоа, дури и глупавиот да има избор, Создателот го створил поправањето, за што мудреците рекле: „Создателот увидел дека праведниците се малубројни, па ги зел и ги распределил во сите поколенија“. Сега ќе разбереме која е користа од тоа.

Познато е дека не треба да се соединуваме со грешниците, дури ни ако не постапуваш слично на нив, затоа што е речено: „Не седи во друштво на подбуцнувачи“. Излегува дека човекот греши со самото тоа што се наоѓа во заедница на несериозни луѓе, дури и ако ја учи Тора и го исполнува заповедите. Инаку би рекле дека му е забрането да ја исполнува Тора и заповедите. Но, нему му е забранета токму таквата заедница, затоа што човекот ги прифаќа мислите и желбите на луѓето кои му се пријатни.

И обратно. Доколку самиот човек нема сила на желбата и стремежот кон духовното, а се наоѓа меѓу луѓе кои се стремат кон духовното и тие луѓе му се пријатни, тогаш од нив добива сила за надминување и се исполнува со нивните желби, стремежи и идеали, без оглед на тоа што според своите лични својства нема такви желби, стремежи и сила на духот. Но, токму благодарение на расположението и почитта кон тие луѓе, тој добива нови стремежи и сили.

Од ова сфати го искажаното: „Создателот увидел дека праведниците се малубројни...“, односно не секој човек е способен да биде праведник, затоа што во него ги нема потребните својства, бидејќи се родил глупав или слаб. Меѓутоа, тој мора да има избор, иако не може да го реши тоа со сопствените сили. Затоа Создателот „ги распределил праведниците во сите поколенија“, а затоа и човекот има слобода на избор да појде на местото каде што се наоѓаат праведниците и да им се потчини на нивното управување. Тогаш од нив ќе ги добие силите кои му недостасуваат во неговата лична природа.

Во тоа се состои користа од распределувањето на праведниците во сите поколенија – за да може во секое поколение да има кон кого да се обрати и да добие од него сили, потребни за издигнување на нивото на праведниците, а благодарение на тоа и самиот човек потоа станува праведник.

Излегува дека не е кажано дали човекот ќе биде праведник или грешник затоа што тој има избор, бидејќи може да појде и да се им се придружи на праведниците кои ќе му станат учители. Од нив ќе добие сили за да стане и самиот тој праведник подоцна. А доколку сите праведници биле во едно поколение, глупавите и слабите луѓе не би имале можност да се приближат до Создателот, односно не би имале избор. Меѓутоа, благодарение на тоа што праведниците се распределени во сите поколенија, секој човек има можност да појде и да се доближи до праведниците, кои се присутни во секое поколение. Инаку, Тора за него би станала смртоносен отров.

Ова може да се објасни и со материјален пример. Кога двајца стојат еден наспроти друг, десната страна на едниот се наоѓа наспроти левата страна на другиот, а левата страна на едниот – наспроти десната страна на пријателот. Постојат два патишта: еден десен, а тоа е патот на праведниците, кои се грижат само за давање, а левиот е патот на оние кои се грижат само за лична корист и со тоа се оттргнуваат од Создателот, кој се наоѓа во давање. Затоа тие се оттргнуваат од вистинскиот живот. Еве зошто грешниците во својот живот се нарекуваат мртви.

Излегува дека додека човекот не се удостои со соединување со Создателот се двајца. И кога човекот ја учи Тора, која се нарекува десен пат, тој стои наспроти левата страна на Создателот. Значи, тој ја учи Тора за самиот себе, што го оттргнува од Создателот. Затоа за него Тора станува смртоносен отров, оставајќи го одвоен од Создателот, бидејќи тој посакува со помош на Тора да добие исполнување за своето тело, односно со неа да ги зголеми своите егоистички добивки. Токму затоа таа за него се претвора во смртоносен отров.

Кога човекот се соединува со Создателот, останува само Една власт и човекот се обединува со Создателот во една целина. Тогаш неговата десна страна станува десна страна на Создателот, а телото станува облека за душата. Дали оди по вистинскиот пат може да провери по тоа дали се занимава со потребите на своето тело само во степенот колку што тоа го бара неговата душа.

Ако му се чини дека добива повеќе отколку што е неопходно за „облекувањето“ на неговата душа, тогаш тоа е слично на човек кој облекува облека која не му одговара. Тогаш тој ќе се погрижи облеката да не му е премногу долга или широка, односно да му биде точна спрема неговото тело. Исто така и човекот, грижејќи се за своето тело, треба да внимава барањата на неговото тело да не ги надминат потребите на неговата душа, односно да не се „облекува“ телото во душата.

Меѓутоа, не секој кој посакува да се соедини со Создателот ќе може да се приближи до Него, затоа што тоа е против природата на човекот, кој е роден со егоистичка желба и способен да се сака само самиот себе. Заради тоа толку ни се потребни праведниците во поколенијата. Тогаш човекот може да се доближи до вистинскиот рав, чија што цела желба е само за давање. Човекот ќе почувствува дека не е способен за добри дела, односно дека во него не постои намера за давање на Создателот. Но, благодарение на тоа што ќе се доближи до вистинскиот рав и што ќе сака да ја заслужи неговата добра волја, односно ќе го прави она што посакува равот и ќе го мрази она што го мрази равот, тој ќе може да се соедини со својот Учител и од него да добие такви сили, кои не ги поседувал од раѓањето. За таа цел се распределени праведниците во сите поколенија.

Меѓутоа, се појавува прашањето зошто да се распределуваат праведниците во сите поколенија, за да им помагаат да глупавите и слабите луѓе, кога може да не се создаваат глупави луѓе? Кој го принудува Создателот да прогласува од капката семе да излезе глупав или слаб човек? Зарем Тој не може сите да ги создаде да бидат мудри?

Работата е во тоа што и глупавите луѓе се неопходни бидејќи тие се носители на егоистичката желба. Но, ние гледаме дека тие немаат никаква можност да се приближат до Создателот со сопствени сили, како што е запишано: „И ќе излезат и ќе видат тела на луѓе кои се откажале од Мене, бидејќи нив огнот не ги гори и црвот не ги убива и ќе бидат тие гнасотија за секој дел (Исаја 66)“. Тие ќе станат „правот по нозете на праведниците“, благодарение на што праведниците ќе можат да видат каква добрина направил Создателот за нив, создавајќи ги мудри и херои и на тој начин доближувајќи ги кон Себе. Тогаш праведниците ќе имаат можност да изразат благодарност за тоа на Создателот, бидејќи ќе видат во каква нискост може да се биде. Тоа се нарекува прав под нозете на праведниците, кои ќе можат да напредуваат со помош на тоа што го слават Создателот.

Меѓутоа, потребно е да се знае дека ниските нивоа исто така се неопходни и ниската состојба на нивото не треба да се нарекува непотребна и да се каже дека и малите нивоа подобро е веднаш да се раѓаат како големи, затоа што тоа е слично на земското тело, кај кое, се разбира, постојат поважни органи, како што се мозокот и очите, а постојат и не толку важни органи, како желудникот и цревата, прстите на рацете и нозете. Но, не треба да се каже дека некој орган е непотребен затоа што извршува второстепена улога. Напротив, сите органи се важни. Истото е и во духовното, па затоа нам ни се потребни и глупавите и слабите луѓе.

Затоа Создателот вели: „Вратете се кај Мене и тогаш Јас ќе се вратам кај вас“. Создателот вели: „Вратете се!“, а Израел вели обратно: „Врати нè кај Себе и тогаш ние ќе се вратиме“. Тоа значи дека кога човекот паѓа од духовната работа, на почетокот Создателот вели: „Вратете се!“ и благодарение на тоа кај човекот доаѓа подем во работата за Создателот. Тогаш човекот вели: „Врати нè!“.

Додека пак, за време на паѓањето човекот не вели „врати нè“, туку напротив, бега од таа работа. Затоа човекот мора да знае дека ако вели: „Врати нè!“, тоа е благодарение на возбудата одозгора – од тоа што претходно Создателот му рекол: „Врати се!“. Од тоа се издигнал човекот и сега може да вели: „Врати нè!“.

За ова е речено: „Кога се креваше коработ за патот, Мојсеј говорел: крени се, Господи, и ќе се разбегаат непријателите Твои“. „Кога се креваше за патот“ – тоа значи во времето на работата за Создателот, што значи подем и тогаш Мојсеј велел: „Крени се!“. А кога запирал, велел: „Врати се Создателу!“. За време на запирањето на работата за Создателот, Тој требало да рече: „Вратете се!“, што значи: „Вратете се кај Мене!“, односно Создателот дава будење. Затоа ние треба да знаеме кога вели: „Крени се!“, а кога „Врати се!“.

Во оваа смисла е напишаното во поглавјето Екев: „Запомни го целиот пат, по кој те водел Создателот, за да дознаеш што има во твоето срце – дали ќе ги чуваш заповедите Негови или не“. „Да ги чува заповедите Негови“ – што значи да се „врати“ кај Него. А „или не“ значи „крени се!“. Потребно е и едното и другото. Равот знае кога „да се крене“, а кога „да се врати“, затоа што тие „42 премина“ се подеми и падови, кои мора да се поминат во духовната работа.

Следна статија бр. 100 „Писмена или усна Тора“

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели