Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Науката кабала и нејзината суштина

Јехуда Ашлаг

Науката кабала

Науката кабала е разоткривање на Вишата управувачка сила на сите начини, во сите нејзини особини и пројавувања кои се откриваат во световите и треба да бидат откриени од човекот во иднината на сите можни начини за истражување на таа сила во световите до крајот на сите генерации.

Цел на создавањето

Бидејќи во сето што е создадено од Вишата управувачка сила нема ништо бесцелно несомнено e дека таа има цел на создавањето кое го гледаме пред нас. Од целата разновидност на реалноста создадена од Вишата сила најголема важност има промисленото чувство кое му е дадено само на човекот и благодарение на кое тој ги чувствува страдањата на ближниот. Затоа, ако Вишата управувачка сила има цел на создавањето, тогаш нејзин објект е човекот и сè е створено само за човекот да го достигне она за што е наменет – состојбата во која тој би ја почувствувал Вишата сила која управува со него. После зближувањето, зависно од мерата на сличноста на особините на давање и љубов, во човекот се појавува огромно насладување сè до прекрасното чувство на целосен заемен контакт со Вишата управувачка сила.

Одозгора надолу

Познато е дека крајот на дејството и неговиот резултат секогаш се веќе присутни во првобитната замисла. Така оној кој сака да изгради куќа, ја црта во мислите и таа слика за него претставува цел. Тргнувајќи од тоа, човекот создава план на градбата за успешно достигнување на зацртаната цел. Истото е и во универзумот: после дефинирањето на целта се испоставува дека редоследот на создавањето во сите негови пројавувања е однапред одреден и само во согласност со целта, благодарение на која човештвото ќе се развива и ќе се искачува во особината на давање сè додека не стане способно да ја почувствува Вишата управувачка сила исто како и својот ближен. Особината на давање човекот ја стекнува постепено, небаре тој се искачува по скалилата од скалата совладувајќи ги едно по друго сè додека не ја достигне својата цел. И знај дека квантитетот и квалитетот на тие нивоа се определени од две реалности: Реалноста на материјата – редослед на разоткривањето на Вишата Светлина одозгора надолу од Првичниот Извор кој ги определува мерката и квалитетот на Светлината која излегува од суштината на Создателот. Вишата Светлина ги реализира скривањата едно по друго сè додека од неа не се создаде материјалната реалност и материјалните суштества. Реалноста на Вишиот разум – после слегувањето на Светлината одозгора надолу се создава редослед на искачувањето на суштеството одоздола нагоре кој претставува скалила од скалата според која се развива човештвото качувајќи и искачувајќи се, сè додека не ја достигне целта на создавањето. И двете овие реалности се истражуваат во сите нивни поединечни пројавувања и детали во науката кабала.

Неопходна потреба за изучување на науката кабала

Противниците на кабалата можат да истапуваат против нејзиното изучување тврдејќи дека оваа наука е наменета само за оние кои веќе постигнале некое ниво на разоткривање на Вишата управувачка сила. Се поставува прашање, дали широките маси треба да ја изучуваат науката кабала и зошто тоа им е потребно? Има дејства кои секој човек мора да ги изврши како подготовка за достигнување на целта на своето постоење – постигнувањето на Вишата сила. Бидејќи разоткривањето на Вишата сила се случува зависно од мерата на сличност со неа, тогаш изучувањето на науката кабала треба да биде придружено од намерата на човекот да стане сличен на Вишата сила. Токму во мерата на таа намера човекот побргу и поефикасно го достигнува разоткривањето на Вишата сила.

Првично човекот не поседува намера да ги промени своите егоистички особини во алтруистички особини. Затоа потребно му е опкружување, општество кое во него би предизвикало барем минимален стремеж кон сличност со Вишата сила (гледајте за тоа подетално во статијата „Слобода на волјата“). На таков начин совладувањето на науката кабала се случува во две етапи: 1.) Разоткривање на Вишата сила. 2.) Изучување и користење на Вишата сила.

Двете етапи човекот ги поминува со помош на изучувањето на науката кабала. Оттука е јасна разликата меѓу науката кабала и природните науки: ако природните науки ние ги постигнуваме со помош на сетилните органи кои веќе ги имаме, науката кабала почнуваме да ја изучуваме без сосема да го чувствуваме предметот на изучувањето и во текот на изучувањето стекнуваме нов сетилен орган. Тогаш почнува втората етапа на изучување на Вишиот свет, Вишата управувачка сила – науката кабала. Првата етапа била само подготвителна, слично како што совладувањето на која било професија во нашиот свет бара обука а потоа е можна нејзината примена во пракса.

Обврска за распространување на науката кабала

Бидејќи целата наука кабала раскажува за разоткривањето на Вишиот свет кој управува со нас, станува очигледно дека нема друга наука која е еднаква на неа по важност во однос на нашето постоење. Целото човештво постепено се развива и осознава дека не е во состојба да преживее без да ја постигне Вишата сила која управува со него. Намерата на научниците-кабалисти била да создадат систем на постигнување кој би бил погоден за нашето време, кога човештвото доаѓа до осознавање на неопходноста за откривање на системот на Вишото управување. Затоа во текот на вековите и до денешното време научниците-кабалисти ја развивале оваа наука во тајност. Меѓутоа тоа скривање требало да трае само одредено време. Во Книгата Зохар е речено: „Ќе се открие мудроста на кабала на крајот од времето“. Односно секому ќе му се откријат сите виши поими и нивоа, суштината на суштествата и нивното однесување во овој свет кој претставува гранки на Вишата сила, светови кои се симнуваат и се отсликуваат одозгора надолу еден од друг слично на печатот и отисокот, и сè што ги исполнува тие светови. И така сè до нашиот најнизок материјален свет кој го вклучува во себе Највишиот свет како отпечаток на печатот. Нашиот свет претставува последна гранка од сите светови. Разоткривањето на Вишата управувачка сила не е еднократно дејство туку постепено постигнување кое бара одредено време. Последователните постигнувања на Вишото се нарекуваат нивоа бидејќи се наоѓаат во постигнувањето едно над друго, како скалила на скалата.

Називи во духовното

Духовното нема облик и затоа во нашиот свет нема средства со кои тоа би можело да се прикаже. Дури и да е воопштено речено за него дека тоа е Виша сила или Виша Светлина која се спушта и се привлекува кон тој што учи, сè додека не се „преслече“ во него и не биде постигната од негова страна во мера доволна за откривање на Изворот на таа сила, тоа е само јазик на алегории. Бидејќи називите што се користат не даваат реална претстава за објектите. Обично влијанието на Вишата сила врз човекот се нарекува „Светлина“ според примерот поткажан од човечкиот разум, кога влијанието на Вишата сила врз човекот се чувствува како изобилство на Светлина и насладување во целото тело на човекот. Откога ќе се разјаснат сомнежите на човекот тој открива изобилство на Светлина и насладување во целото тело и го нарекува тоа чувство „Светлина на разумот“. Затоа за човекот кој ја постигнува Вишата сила можеме да речеме дека се „преслекува“ со Виша Светлина.

Се поставува прашање: не е ли подобро да се даваат називи разбирливи за разумот, како на пример „изучување“, „постигнување“ или називи кои ги нагласуваат појавите кои разумот се обидува да ги сфати? Работата е во тоа што за појавите кои се случуваат во Вишиот свет не постојат ликови во човечкиот разум, а човекот кој се наоѓа на нивоата на постигнување ги опфаќа и ги вклучува во себе сите делови од светот кој тој го постигнува. Затоа што секое ниво му дава на човекот кој го постигнува чувствување на сите детали на универзумот, само во својата мера. Постигнувањето се случува на ист начин како и во телото: постигнувајќи некоја појава човекот ја восприма целосно, од почеток до крај. Во почетокот на постигнувањето човекот гледа сè но не го разбира тоа што го гледа. Но постепено тој ги поминува етапите на постигнувањето, почнува да го чувствува и да го користи своето постигнување во согласност со вишата цел. Се покажува колку многу се разликува чувствувањето на духовното од појавите кои се карактеристични за разумот. Затоа нам ни недостигаат вообичаени за нашиот разум дефиниции на појавите. Тогаш ние сме принудени да користиме називи на материјалните појави бидејќи тие се сосема аналогни на појавите во Вишиот свет по формата, иако сосема различни според материјалот.

Јазикот на кабалистите

За опишување на Вишиот свет кабалистите создале сопствен јазик. Тој е многу точен во однос на гранката и коренот, причината и последицата. Посебна позитивна особина на кабалистичкиот јазик е тоа што со негова помош може без ограничување да се опишуваат најситни детали од Вишиот свет. Кабалистичкиот јазик исто така овозможува да се насочиме директно кон појавата што нè интересира без да ја поврземе со претходната или со онаа што следи по неа.

Корен и гранка. На секоја појава од сета нивна разноликост во неживото, растителното, животинското и човечкото ниво од овој свет му одговара сличен по форма одреден детал од Вишиот свет. Целата разлика меѓу материјалните и духовните објекти е само во нивниот материјал. Животното или каменот од овој свет се материјални објекти, додека соодветните на нив животното и каменот во Вишиот свет се духовни објекти надвор од времето и просторот. Меѓутоа формата им е иста.

Неопходно е да се земе предвид влијанието на формата врз материјалот, што го предопределува исто така и квалитетот на формата. Сета разноликост на неживото, растителното, животинското и човечкото ниво кои се наоѓаат во Вишиот свет се присутни и во светот кој се наоѓа над него, и така сè до светот на Бесконечноста во кој сите детали се наоѓаат во својата завршена состојба. Светот на Бесконечноста се наоѓа во центарот на целиот универзум што укажува на завршница и цел на целото дејство. Оддалечувањето пак од целта се нарекува слегување на световите од светот на Бесконечноста до нашиот материјален свет кој е најоддалечен од целта на својот развој. Целта на материјалниот свет е во неговиот постепен развој и достигнување на Вишиот свет. На таков начин светот на Бесконечноста е највисок од световите. Него ние го постигнуваме на самиот крај.

Суштина на науката кабала

Основа на науката кабала е генерално познавање на сите нивоа (неживото, растителното, животинското и човечкото) и сите нивни делумни пројавувања кои се вклучени во замислата на Вишата управувачка сила или целта на создавањето. Затоа сите науки од нашиот свет се вклучени во науката кабала. Кабалата воспоставува заеднички систем за сите науки и секоја наука мора да биде соодветна тој систем. Физиката, астрономијата, музиката и сите други науки се сосема соодветни на системот на световите и сефирот. Значи дека науката кабала ги уредува сите науки соодветно на нивната поврзаност и односот со неа. Сите науки произлегуваат од кабалата и ја имаат како основа, секоја во својата област. Заради поврзноста со кабалата сите науки стануваат заемно зависни. Односно сите науки зависат од науката кабала, додека пак кабалата зависи од сите науки. Затоа развојот на која било наука е возможен само во мера на нејзината соодветност на науката кабала која исконски ги вклучува во себе сите други науки.

Постигнување на единството на универзумот

Најважно во науката кабала е истражувањето на заемното проникнување на сите делови на универзумот: како сите делови од огромната реалност на сите пет светови кои се управувани од единствениот закон на природата се вклучуваат еден во друг, се обединуваат и се соединуваат сè додека не состават единствена целина во која сè е заемно вклучено и соединето заедно. Понатаму истражувачот на Вишиот свет открива дека сите светови вклучително и науката кабала се обединети во десет реалности кои се наречени „десет сефирот“ и образуваат систем од пет светови во однос на централната точка која го означува светот на Бесконечноста.

Човекот го започнува изучувањето на науката кабала од точката на светот на Бесконечноста а потоа преминува кон изучувањето на десетте сефирот на првиот свет после светот на Бесконечноста – светот Адам Кадмон. Понатаму човекот учи на кој начин безбројните детали кои постојат во светот Адам Кадмон продолжуваат и се распространуваат потчинувајќи се на причинско-последичниот редослед според истите закони кои се познати во астрономијата, физиката и другите науки од нашиот свет. Тие воспоставени закони се апсолутно заемно предопределени. Законот за постепен развој на еден духовен објект од друг не смее да се наруши. Четири светови се отпечатуваат еден од друг како отисок од печатот и се распространуваат од централната точка која се наоѓа во светот Адам Кадмон сè додека не достигнат до сите појави кои постојат во нашиот свет. Потоа човекот пристапува кон истражување на сите детали на универзумот кои се вклучени еден во друг сè додека не го достигне светот Адам Кадмон, потоа десетте сефирот, потоа четирите основни нивоа, а потоа и почетната точка на светот на Бесконечноста.

Без оглед на тоа што материјалот кој ние го истражуваме сè уште не се чувствува, тој може да се изучува на логичен начин како во секоја наука. На пример од анатомијата која се занимава со изучување на посебни органи и нивната интеракција и организмот на човекот во целина, ние знаеме дека одделните органи сами од себе во ништо не личат на организмот на човекот. Но откога науката ќе се изучи совршено, со тек на времето може да се добие општа претстава за функционирањето на целиот организам во целост. На ист начин се случува постепеното изучување на Вишиот свет. Во почетокот на изучувањето човекот не ја гледа општата слика. Тој мора претходно да ги изучи сите детали, механизмите на нивната интеракција и причинско-последичната поврзаност сè дури не ја постигне целата наука. А кога ќе дознае сè до детали, тогаш ќе дојде до сфаќање на општата слика. Луѓето не го изучуваат Вишиот свет не заради тоа што тој е непостиглив. Бидејќи и астрономот нема доволно информација за ѕвездите и планетите но тој ги изучува процесите кои се случуваат со нив. Самите кабалисти ја криеле науката кабала во текот на милениуми сè до нашето време кога се појавила итна потреба за изучување на кабала заради развојот на егоизмот во човештвото и осознавањето на безизлезноста и неправилноста на егоистичкиот развој.

Реални називи

Погрешно е да се мисли дека јазикот на кабалата користи апстрактни називи. Тој означува само реални појави. Во светот постојат такви реалности кои ние не можеме да ги постигнеме, на пример магнетизмот, електричната енергија. Нивните називи не се апстрактни бидејќи нам ни се добро познати нивните дејства и воопшто не е важно дека не ни е позната нивната суштина. Ние даваме конкретен назив на појавата соодветно на дејството кое таа го извршува. Дури и дете може да ја нарече по име откога барем во нешто го почувствува нејзиното дејство. Затоа ние можеме да даваме имиња на сè што постигнуваме. А тоа што не го постигнуваме ние не можеме да го нарекуваме по име. Освен тоа, дури и после детално истражување на реални објекти како на пример камен или дрво, ние сеедно не ја постигнуваме нивната суштина, туку само нејзиното пројавување во интеракција со нашите сетилни органи. Науката кабала говори за постоење на три сили: Тело, Животинска душа, Виша душа. Истражувачот разликува три вида на дејство на суштината во духовните светови и им дава соодветни називи. Затоа во кабалата не се користат апстрактни туку само конктретни називи.

Правилно толкување на науката кабала

За толкување на науката кабала може да се употребат надворешните науки бидејќи тие се вклучени во науката кабала. Меѓутоа најдобро разјаснување на науката кабала се случува преку опишување на Вишиот свет во согласност со коренот и гранката, причината и последицата.

Постигнувања на науката кабала

Постигнувањето на науката кабала вклучува: 1.) Сфаќање на текстот. Иако нашиот свет се наоѓа пред истражувачот сепак тој мора да вложи многу труд за да го сфати овој свет без оглед на тоа што го гледа со свои очи. 2.) Чувствување на текстот. Освен информацијата кабалистичкиот текст поседува посебна особина која му овозможува секому без оглед на тоа што тој сè уште не го сфаќа напишаното, постепено да навлегува во чувствување на Вишиот свет.

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели