Јехуда Ашлаг
Секое сфаќање (осознавање со разумот) има две компоненти. Првата е концептот на материјата, односно природата на телата во постоечката реалност. А втората е концептот на формата апстрахирана од телата, односно формата на самиот разум и сфаќањето. Првата компонента претставува истражувачко спознавање на материјата и се нарекува физика. А втората компонента претставува истражувачко спознавање на формата и се нарекува теорија на логиката.
Спознавањето на материјата се дели на четири дела. Во спознавањето на материјата понекогаш може да се ограничиме со истражување на она што се наоѓа над природата и се нарекува наука за она што се наоѓа надвор од рамките на природата. Во согласност со она што е познато на високиот разум во ова издвојуваат четири дела:
- Спознавање на материјата која припаѓа на делот наречен наука за природата и која има емпириски карактер.
- Спознавање на материјата која се нарекува наука за природата и претставува наука за она што се наоѓа надвор од рамките на природата.
- Спознавање на материјата која припаѓа на делот наречен првичен и има карактер емпириски и практичен.
-Спознавање на материјата која припаѓа на делот наречен првичен и претставува наука за она што се наоѓа надвор од рамките на природата.
Спознавање на формата. Спознавањето на формата претставува спознавање на Создателот. А спознавањето на материјата преставува спознавање на нивоата кои се наречени светови и парцуфи. И тоа секогаш има емпириски карактер.
Виш принцип: Еден, Единствен, Целосен
Еден: се разбира дека Создателот е Еден. Тој ја вклучува во себе целата реалност и сите времиња: минатотo, сегашноста и иднината, бидејќи не може да биде Давател на она што го нема во Него самиот. И кога целата реалност и постоењето на реалноста не би биле вклучени во Него, тогаш не би можеле да потекнуваат и произлегуваат од Него. А тоа е очигледно за секој истражувач без оглед на сите дефекти кои ги наоѓаме во постоењето на реалноста. И знај дека ова е истражување кое кабалистите го нарекле Еден. Ова истражување го започнал Авраам. Тој дошол до заклучок (тоа е објаснето во книгата „Сефер Јецира“ и затоа ова му го припишуваат на Авраам), дека не постојат две сили, сила на доброто и сила на злото, туку сè е управувано само од доброто.
Единствен: укажува на тоа дека остануваат во соединување со Создателот дури иако се чувствуваат лошо, и оваа состојба не се менува во ниеден облик на односите на Создателот со Неговите суштества. На пример пациентот доаѓа кај лекарот за да му го извади трнот. И кога лекарот го вади и му причинува на пациентот болка, тоа не значи дека тој се променил и неговото дејство сега е зло. Како што претходно лекарот и пациентот имале добри односи така ги сочувале дури и за време на болната процедура. Оваа состојба се нарекува Единствен.
Целосен: укажува на тоа дека суштината на Неговиот однос кон суштествата како Создател не е повеќе од откривање на таа Негова единственост, бидејќи во неа се отскликани целата добрина, целата мудрост и спојувањето.
Спознавање на материјата - емпириско
Спознавање на материјата е постигнување на заемни односи во целокупната постоечка реалност, нејзините форми на постоење и редоследот на слегувањето од Првичната замисла до овој свет, како одозгора надолу така и одоздола нагоре. И основен принцип на тоа спознавање е постигнување на причината и последицата на случувањата, бидејќи тоа дава целосна слика на целата наука слично како што тоа се случува во природните науки и биологијата.
Спознавање на употребата
Природата на овие нивоа е таква што во моментот на нивно достигнување оној кој постигнува чувствува необична добрина и со ништо неспоредливо задоволство. Тоа се случува затоа што влегол во желбата на Создателот. А Создателот управува со светот со помош на две еднакви сили, привлекувајќи со насладување во моментот на дејството кое се извршува заради тоа насладување. Ако пак Тој не сака нешто да биде извршено, тогаш го оддалечува тоа со страдања кои суштеството ги доживува при извршување на дејството и затоа прекинува да го извршува. Овој закон целосно се почитува во сè што е живо и во родот човечки, согласно со неговата намена. И затоа неговото управување се усложнува заради промените секој час и секоја минута. Понекогаш овој закон се повлекува и наместо него дејствува законот согласно кој навиката станува втора природа.
Природа на нивоата
Природата на нивоата за оној кој постигнува е иста како и природата на сè што е живо. Со други зборови законот на добивање награда и казна строго се почитува и не може да се прекрши. Дури и навиката нема да го промени.
Два дела во истражувањата на материјата
Во истражувањата на материјата разликуваат два дела: прв – реалност; втор – нејзиното постоење, квантитет и квалитет кои овозможуваат постоење на нивоата и начин за нивно постигнување: кој и со каква помош. Соодветно на ова чувствуваат голема горчина во состојбите меѓу нивоата, така што оние кои постигнуваат болно се боцкаат на нив. Тоа е направено за тие да не останат на нив, како што тоа се случува кај обичните животни. Меѓутоа понекогаш се случува оние кои постигнуваат да се вратат назад спомнувајќи ги насладувањата кои таму се наоѓаат.
Клипа: нема враќање во духовното
Но кога се враќаат назад, тоа веќе е друго ниво кое во однос на првото ниво се нарекува егоистичко (клипа).
Два дела во спознавањето на употребата
Во спознавањето на употребата постојат два дела. Прв – духовен, втор – клипа. Понекогаш заради некоја потреба кабалистите се враќаат таму каде што се наоѓаат големи насладувања за да извршат некое одредено дејство. Меѓутоа веднаш излегуваат оттаму и се враќаат на своето место, а враќањето претставува духовно дејство. Меѓутоа најчесто таму се враќаат само исплашените и тие што имаат слаба желба и се обидуваат да го избегнат надминувањето на горчливиот за нив пат меѓу нивоата. И тие таму заглавуваат бидејќи не можат да се искачат на висината на посакуваниот врв.
Начин на влијание преку имиња
Начинот на влијание преку имиња претставува привлекување на големо насладување, кога оваа внатрешна сила може да биде продолжена во неговиот пријател, кој од тоа се инспирира и така може да го излечи или да го потчини на својата желба.
2. Употреба на Кабалата во прагматични цели
Секое претерување е штетно
Она што е посакувано од Создателот го побудува суштеството кон дејства преку Светлината на насладувањето која е содржана во посакуваното. А извршувањето на она што е непосакувано од Создателот се спречува преку Светлината на страдањата која е содржана во непосакуваното. И секое претерување е штетно. „Оној кој го зголемува богатството ги зголемува грижите“. Затоа постои граница во секоја желба на Создателот кој посакува извршување на многубројни дејства при искачувањето на нивоата на развојот. И кога не би имало граница за секое насладување тогаш суштеството би се нашло заглавено во извршување на едно дејство во текот на целиот негов живот и не би се искачило повисоко. Затоа Вишото управување го ограничило тоа преку страдања кои претставуваат резултат на претераното насладување.
Наградување на животинското и човечкото ниво
Постои блиско насладување во кое нема поим надеж бидејќи тоа ќе биде достигнато во најскоро време. И постои иако далечно но „очекувано“ насладување кое се надеваат да го достигнат подоцна. Првото се нарекува сетилно наградување а второто е наградување во разумот. Првото му одговара на секое животно, неговото добивање е гарантирано и осигурано од неуспеси. Второто е пригодно само за човекот кој се занимава со истражувања и подложно е на неуспеси. Бидејќи заради тоа што наградувањето доаѓа подоцна тоа станува достапно за влијанието на пречките кои можат да го попречат неговото добивање.
Силата е наградување со „мотивирачка сила“
Наградувањето во разумот и наградувањето во сетилата кои претставуваат наградување на човечкото ниво и наградување на животното ниво – се две сили на Вишото управување со чија помош сè што е живо ја игра улогата која му е доделена од Вишото управување.
Вистински критериум на научниците
Меѓутоа и самото човештво се дели на повеќе нивоа бидејќи се мери според развиеноста на секој човек во мера, во која тој се одделува од животинскиот свет и се приближува до нивото човек. Неразвиен човек не може да ја чека наградата долго време. Тој одбира работа која се плаќа веднаш дури ако платата биде помала. Поразвиен човек може да се воздржи и да одбере работа со повисока плата но плаќањето е подоцна. Вистинскиот критериум на научниците зависи од степенот на развој на прагматизмот во секој, и оној кој може да го одложи моментот на добивањето на наградата може да добие повисока награда.
Што е развој
Соодветно на ова може да се види како многумина кои го завршиле своето образование и би можеле да добијат насладување и достојна награда за својот труд, го оставаат учењето, излегуваат на пазар и ги продаваат своите знаења на масите добивајќи награда. Но поединците кои можат да се воздржат продолжуваат да се усовршуваат во учењето, секој соодветно на развојот на неговите способности бидејќи сакаат да добијат поголема награда, на пример да станат познати и ценети судии.
Моќта на целта
Критериум за развојот на генерациите претставува моќта на воздржаност која овозможува да се оддалечи моментот на добивање на наградата и да се одбере повисока награда. Во таквите генерации се зголемувал бројот на творци и луѓе со високи постигнувања. Во нашата пак генерација постои најголем број на луѓе кои поседуваат слични особини и чија работоспособност е бесконечна бидејќи нивните чувствувања во најголема мера се развиени кон воздржаност како според долготрајноста така и според моќта на работоспособноста.
Сила која враќа или „мотивирачка сила“
Сè што е живо не прави ниту едно движење кое не би било насочено кон добивање на награда. Оваа движечка сила се нарекува моќ на целта а нивоата се разликуваат само со чувствувањето на наградата, односно со степенот на развојот. Оној кој е поразвиен е почувствителен и затоа моќта на целта карактеристична е за него во најголема мера, така што тој може максимално да ги зголеми своите напори. И второ, како што кажавме погоре, е моќта на очекување – времето на добивањето на наградата. Мотивирачката сила се определува од два параметри. Прво – чувствување на важноста на целта. Тоа чувство ја определува големината на наградата, кога почувствителниот добива повисока награда и поголема мотивирачка сила. А исто и моќта на очекување во текот на подолго време, кога дури и за добивање на повисока награда потребно е развиено тело кое поседува чувство на оддалеченост. И целиот цикличен развој на човештвото не е ништо друго туку тие две споменати чувства: чувството на важност на целта и чувството на оддалеченост. Со нивна помош се покачува нивото на науката со искачување по нивоата до највисоката точка. Споменатите чувства владеат воглавно со оние луѓе за кои насладувањата на секое ниво се многу големи и затоа наградата е секогаш тука.
Сила на насладување и сила на разумот
Покрај тоа, разликуваме внатрешна сила и знаење, што всушност е едно те исто. Меѓутоа во однос на примателот кој се состои од тело и мозок, тие се чувствуваат како две сили: во телото – духот на спокојство, во мозокот – голем разум. И телото мора да го изгуби својот дух кога се искачува за да добие знаење. Во наше време има многумина изучувачи кои прават напори за да му дадат на своето изучување на кабалата облик на експериментално научно истражување и има многу размислувања посветени на оваа тема. Но сите тие сè уште не пронашле погодна научна основа на која би можеле да се потпрат и која би била вредна за да ѝ се посвети внимание. Тоа е заради фактот дека им недостигаат знаења за изворот на овие мистерии кои човечкиот разум не може да ги достигне.
Проблемот е во незнаењето на масите кои се неспособни барем малку да ги сфатат таквите нешта. Тие ги мешаат заедно различните видови на тајното.
Во науката Кабала има три дела кои претставуваат спознавање на материјата, спознавање на формата и спознавање на употребата. Во третиот дел, наречен спознавање на употребата, изучувачите на Кабала кои имаат прагматичен однос кон неа извршуваат дејства кои не се соодветни на природата, кога се враќаат назад на првите нивоа каде што има многу насладувања, со што значително ја зголемуваат енергијата што им е потребна. Слична појава можеме да забележиме кај примитивните луѓе, кога оној кој има посилна желба го потиснува оној чија желба е послаба од неговата и го принудува да дејствува согласно неговата желба. И тој без размислување и без разбирање, спротивно на својата корист се потчинува на сè што сака сопственикот на силната желба. На ист начин и оние кои постигнуваат, кога вложуваат напори за постигнување на нивоата кои даваат огромна енергија и внатрешна сила, можат во одредена мера да повлијаат врз своите пријатели. Затоа што природата на духовното е слична на природата на рибите во морето, кога големиот го проголтува помалиот ако е концентриран на него. Тука исто дејствува само мислата. Поточно речено не мислата туку желбата и внатрешната сила, бидејќи мислата не може да го доведе во движење и оној кој најмногу размислува, па како тогаш таа може да го побуди кон дејство неговиот пријател?
Меѓутоа желбата добива слика на мислата на сопственикот на силната желба и влијае врз оној чија желба е помала во споредба со неа. Психолозите тоа го нарекуваат „моќ на мислата“ што претставува грешка бидејќи тоа не е мисла туку желба. Таа активна сила е толку силна што може да генерира во пријателот толку живописни слики небаре тој сам ги црта во својот мозок. И од гледна точка на контролата таа е неспоредливо поголема отколку контролата на ликовите создавани лично од него. Затоа што тој се однесува критички кон својата имагинација и ако ја отфрла тогаш таа ослабнува и воопшто не може да функционира. Додека при добивање на впечатокот од пријателот човекот се наоѓа во состојба на анархија и неговата машина наречена мозок воопшто не функционира. Во тој случај тој никогаш нема критичен однос и имагинарниот лик, добиен од пријателот дејствува во него надвор од каква било критика, небаре тоа било одамна и целосно усогласено како вид на прастаро знаење. Освен тоа тој може до тој степен да ја апсорбира во себе внатрешната сила на пријателот што во некоја мера ќе го почувствува она што го чувствува пријателот, дури и ликовите забележани во неговата меморија, ќе може да воспостави контакт со нив, да го издвои од нив посакуваното и да му го соопшти на пријателот. И го негира постоењето на Вишите сили бидејќи без оглед на фактот дека добиваат само трулеж, сепак остануваат со него и постојано го користат зголемувајќи ја потребната за нив енергија повеќе отколку со помош на вистинските кабалисти.
Три компоненти на скривањето на науката
Има три компоненти на скривањето на науката Кабала: прва – немање на потреба; втора – невозможност; трета – скривањето е условено од почитта кон Создателот. Ќе ги разгледаме секоја од нив.
Прва компонента – немање на потреба
Се разбира дека овој дел не подразбира никаква дефектност. Станува збор само за чистотата на знаењето бидејќи игнорантниот однос повеќе уништува отколку самите уништувачи. Сите празни луѓе кои постојат во светот се луѓе со игнорантен однос. Со други зборови тие посветуваат внимание на она што е непотребно и го објавуваат она за што нема потреба. Затоа човекот не се прима како ученик пред да се заколне дека ќе се оддалечи од таков вид на уништувачи, сè додека не ја достигне соодветната поправка.
Втора компонента – невозможност
Во овој дел се разбира не е потребно заколнување. Меѓутоа бидејќи откривањето може да се направи на јазикот на грешките и притоа добро да изгледа во очите на масите, тогаш и тука е потребно заколнување – соодветна поправка.
Трета компонента – скривањето е условено од почитта кон Создателот
Овој дел е најскриен и многумина тука паднале. И знај дека сите вештери кои некогаш постоеле во светот и сите гатачи потекнале од таков вид на откривања. Учениците кои не биле соодветни на тие барања тргнале по погрешен пат и почнале да ги обучуваат сите по ред без да проверат дали се тие погодни за ова. Така науката Кабала почнале да ја користат за достигнување на човечки цели – задоволување на страста и достигнување на почести. И ја осквернавеле со тоа што почнале да ја продаваат на пазарот, што се нарекува прагматична Кабала.