Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Градење на идното општество

Има една алегориска приказна за пријатели што биле изгубени во пустина, гладни и жедни. Еден од нив нашол населба обилно исполнета со сите уживања. Се сетил на кутрите си браќа, но веќе бил предалеку оддалечен од нив и не знаел каде се. Што направил? Почнал гласно да вика и да дува во рогот; можеби кутрите пријатели ќе му го чујат гласот, па ќе дојдат до таа населба полна со секакви изобилства.Таква е работата пред нас: изгубени сме во страшна пустина заедно со сето човештво, и сега најдовме големо, изобилно богатство, имено, книгите на Кабалата. Тие ја исполнуваат нашата душа полна со копнеж и не полнат со раскош и хармонија; задоволни сме, а има уште.

Сепак, сеќавањето на нашите пријатели оставени без надеж во страшната пустина останува длабоко во нашето срце. Далечината е голема, зборови не можат да ја премостат. Од таа причина, го поставивме овој рог гласно да ечи за нашите браќа да можат и да дојдат и да бидат среќни како нас.

Знајте, o браќа наши, крв наша, дека суштината на мудроста на Кабалата се состои во знаењето како светот се спушти од своето возвишено, рајско место, до нашата срамотна состојба. Таа стварност била неопходна, бидејќи „крајот на секое нешто е во првата мисла“, и Неговата мисла делува веднаш, бидејќи Нему не му требаат практични алатки како нам. Така сме еманирале од Бескрајниот во потполно совршенство од почетокот, и сме дошле во овој свет (што значи: во мислата на Создателот за да им правиме добро на Неговите суштества).

Затоа е многу лесно да се изнајдат сите идни исправки кои е судено да дојдат од совршените светови кои беа пред нас, во мудроста кабалата. Преку неа отсега ќе знаеме како да се поправиме во нашето делување. Човекот е погоре од животните поради тоа што духот на животното се спушта, што значи дека тоа гледа само од него потаму, без интелект и мудрост со кои би го согледало минатото за да ја исправи иднината.

Човекот е над животните по тоа што неговиот дух се крева во минатото. Човекот се сеќава како што гледа во огледало и си ги гледа мааните за да ги исправи. Слично, умот го гледа тоа што изминало и го поправа своето идно однесување.

Затоа, животните не еволуираат; тие стагнираат, во истата состојба во која се создадени, бидејќи немаат, како што има човекот, огледало со кое можат да видат како да ги поправат работите и постепено да се развијат. Човекот се развива секој ден додека неговата предност не е обезбедена и почувствувана. Но сето тоа се однесува на природните и површни работи, што значи природата на стварноста која не опкружува, нашата храна и световните работи. За тоа, сосема е доволен природниот ум.Меѓутоа, внатре, во нас самите, иако донекаде еволуираме, се развиваме и поправаме така што сме туркани одзади со страдање и крвопролевање. Тоа е така бидејќи немаме средство кое ќе ни даде огледало за да погледнеме внатре во човека, какво што имале претходни поколенија.

Тоа дури уште повеќе важи за внатрешноста на душите и световите, и како дошле во таква страшна пропадната состојба како денес; толкаво е уништувањето што немаме никаква безбедност во нашиот живот. Во блиска иднина ќе бидеме изложени на секакви видови колежи и смрт, и сите признаваат дека не знаат како тоа да го спречат.

Замислете, на пример, денес да биде пронајдена некоја историска книга која ќе ви ги опише последните поколенија десет илјади години од денес натаму, со опис на однесувањето како на поединците така и на општеството. Нашите водачи максимално би се погрижиле да го наредат животот во склад со тоа, и ние би дошле до состојба кога веќе „нема вика на нашите улици.“ Расипаноста и страшното страдање би престанале, и се мирно би си дошло на свое место. Сега, ценети читатели, оваа книга лежи тука пред вас во витрина. Таа отворено ја изложува сета мудрост на државниците и однесувањето на луѓето приватно и во јавност која ќе постои кога ќе дојде крајот на светот. Поправените светови се поставени во книгата на Кабалата. Тие се појавиле како совршени, како што вели таа, совршенството прво се појавува од Создателот, потоа ние го поправаме и на крај доаѓаме до целосно и трајно совршеноство во Вишиот Свет.

Тоа произлегува од Создателот како „крајот на секоја работа е во првата мисла.“ Бидејќи непотполното постепено, не одеднаш, се протегнува од потполното, и бидејќи нема недостиг во духовното, сите тие остануваат да постојат и се опишани во нивниот совршен лик и облик, како посебно така и општо, во мудроста на Кабалата.

Отворете ги тие книги и ќе го најдете сето добро однесување што ќе се појави на крајот од светот, и внатре ќе најдете добра лекција со која ќе можете и денес да ги средите световните работи. Можеме да ја испитаме историјата и со тоа да ја поправиме иднината.

Јас го имам видено сето тоа, и веќе не можам да се воздржам. Решив да го објавам начинот на кој ќе се поправи нашата веќе одредена иднина кој го изнајдов со набљудување и читање на овие книги. Решив да идам пред луѓето од светов со овој рог, и верувам и проценувам дека е доволно да се соберат сите кои заслужуваат да почнат да ги проучуваат овие книги и да навлезат во нив. Така самите тие и сиот свет ќе имаат големо добро.

2. Крајната потреба да се прифати Божјето дело

Веќе рековме дека природата бара човечкиот род да води општествен живот. Тоа е едноставно. Меѓутоа, треба да ги испитаме заповедите кои природата не тера да ги следиме како резултат на таквата состојба, т.е. водењето општествен живот.

Општо говорејќи, има само две заповеди кои треба да ги спроведуваме во општеството. Тие можат да се дефинираат како „примање и давање“. Тоа значи дека секој член е обврзан од природата да ги прима своите потреби од општеството, и да му прави добро на општеството преку својата работа. Ако некој прекрши некое од овие две начела, ќе биде безмилосно казнет.

Начелото на примање бара само малку внимание, бидејќи казната за него стигнува веднаш. Така, никогаш нема да го занемариме. Меѓутоа, казната за второто начело, за давањето на општеството, не се добива веднаш. Ни доаѓа индиректно.

Следствено, тоа начело не се одржува како што треба, и за тоа човештвото се пржи на страшна тава, и досега немаат престанато гладта, пропаста и нивните гранки. Зачудувачки е тоа што природата, како способен судија, не казнува истовремено грижејќи се за нашиот развој. На крај, гледаме дека како што човештвото се развива, растат и болката и страдањето додека заработуваме за живот и добросостојба.

Така имате пред вас емпириска, научна основа, која покажува дека Тој не води сите да го сочуваме начелото на давање на нашиот ближен во срцето и душата во крајна прецизност. Ниеден наш член нема да работи помалку одошто треба за да ги осигура успехот и среќата на општеството. Се додека не го одржуваме во целост, природата ќе продолжи да не казнува и да ни се одмаздува. Покрај ќотекот што го јадеме во ова време, мораме да го земеме в предвид и видливо исуканиот меч на иднината. Мораме да го извлечеме правилниот заклучок, имено дека природата на крај ќе не порази, и ќе бидеме натерани да ги запазуваме Неговите начела во најцелосна мера што се бара од нас.

Противниците можат пак да тврдат дека досега само покажав дека човек мора да го служи својот ближен, но каде е практичниот доказ дека мора да се држи до тоа начело заради Создателот? Самата историја се помачи заради нас, и не подготви за неприкосновен факт, доволен за целосна проценка и несомнени заклучоци.

Сите можеме да видиме како големо општество како државата Русија, со своите стотици милиони жители и земја поголема од цела Европа, со залихи на природни материјали на кои речиси  им нема рамни во светот, се согласи да води комунален живот, и практично ја забрани приватната сопственост. Секој од нив нема друга грижа освен добросостојбата на општеството, и навидум ја имаат стекнато доблеста на давање на својот ближен во најцелосна смисла, до каде што стига човечкиот ум.

Меѓутоа, одете и видете што станало од нив: таму кај што требаше да напредуваат и да  ги надминат капиталистичките земји, тие пропаднаа дури подолу. Сега се неспособни да ги подобрат животите на работниците макар малку повеќе од капиталистичките земји. И не само тоа, туку не можат ни да им обезбедат леб насушен и облека. Навистина, ова е збунувачка вистина, бидејќи судејќи по богатството и мноштвото народ, би помислиле дека не би требало да дојде то тоа. Меѓутоа, има еден грев кој овој народ го изврши кој Создателот не го простува: сета таа скапоцена и возвишена работа на давање на ближниот свој од нивна страна требало да биде заради Создателот, не заради човештвото. Затоа, бидејќи не го прават тоа во Негово име, ускратено им е правото да егзистираат само од природата.

Замислете ако секој еден во општеството толку би се грижел да го почитува начелото на Создателот во целата мера на зборовите, „Сакај го Господа твојот Бог со сето твое срце, со сета твоја душа, и со сета твоја моќ.“ Замислете и како до таа мера секој би бил спремен да ги задоволи потребите и желбите на своите пријатели онолку колку што имаат луѓето капацитет да ги задоволат сопствените желби, како што се вели, „Сакај го пријателот како себеси.“

Да беше Создателот целта на секој работник во неговата работа за општо добро, и работникот да очекуваше дека ќе се обликува себеси според Создателот, според изворот на сета вистина, добрина, пријатност и нежност преку својата работа за општеството, нема сомневање дека за неколку години ќе ги надминеа по богатство сите земји на светот земени заедно. Ќе беа способни да ги искористат суровините во нивната богата почва и навистина ќе поставеа пример за сите народи; сите ќе сметаа дека Создателот ги благословил.

Меѓутоа, кога целата работа за да му се даде на ближниот е заснована исклучиво на добросостојбата на општеството, тоа е нестабилна основа, бидејќи кој и што би го натерале поединецот да се напрега за колективот? Невозможно е да се надеваме дека било каква мотивирачка моќ некогаш би излегла од сув и безживотен принцип. Тоа важи за развиени поединци, а камо ли за неразвиени луѓе.

Така, се соочуваме  со прашањето: Каде ќе ја најде земјоделецот или работникот мотивирачката моќ која ќе го натера да работи, кога мерката на неговиот леб насушен ниту расте ниту се намалува со трошење на неговата енергија, и никаква плата ниту награда не го чекаат (Мотивирачка моќ: сила, намера. Таа е силата која го движи секое тело и му ја дава енергијата за трудот како што горивото и дава на машината)?

На природните научници им е познато дека никој нема да направи ни најмало движење без мотивирачка сила, што значи без да има некаква корист за него. На пример, кога некој ќе ја премести раката од столот на масата, тоа е само затоа што мисли дека ќе ужива повеќе ако ја стави раката на масата. Да не мислеше така, ќе ја оставеше раката на столот неподвижна до крајот на својот живот; ова уште повеќе важи за поголеми напори.

Ако велите дека ова може да се разреши со тоа што ќе бидат поставени надзорници врз работниците, да ги казнат тие што не работат така што ќе им го земат лебот насушен, тогаш ќе прашам: „Ве молам кажете ми, каде самите надзорници ќе ја најдат мотивирачката сила за работа?“ Да стоиш мирно и да набљудуваш други луѓе е исто така голем напор, можеби дури и повеќе од самата работа! Така, се чини како човек да сака да вклучи машина без да и стави гориво.

Затоа, природно се осудени на пропаст. Законите на природата ќе ги казнат за тоа што не се прилагодиле на нејзините заповеди, што значи вршете ги тие дела на давање на ближниот заради Создателот, одржувајте го тоа и преку тоа достигнете ја целта на созданието, имено, спој со Него. Објаснето е дека тој спој на работникот му доаѓа како се поизобилно задоволство, до саканата мера за воздигнување при препознавање на Неговата вистина. Тоа продолжува да се развива додека тој не го стекне големиот украс на кој се укажува со зборовите, „ниту пак окото има видено друг Бог освен Тебе.“

Замислете кога работникот и земјоделецот би ја имале таа цел пред очи додека работат за среќата на општеството. Сигурно не би им требале надзорници да стојат над нив, бидејќи би имале доволно мотивирачка сила за големи напори, доволно да го издигнат општеството до возвишен занес. Иако е вистина дека да се разбере оваа работа на таков начин бара голема грижа и доследен ред, лесно е да се види дека немаат право да постојат од гледиште на тврдоглавата, бескомпромисна природа. Тоа е она што тука сакав да го покажам. Така, очигледно покажав од позиција на емпирискиот интелект, и преку фактичката историја што ни се одвива пред очи, дека за човештвото нема апсолутно никаков лек освен да ја преземе на себе заповедта на провидението, имено, давање на ближниот за да биде задоволен Создателот.

Горенаведеното мора да се врши во духот на двата стиха: „Сакај го пријателот свој како себеси“, што е атрибут на самата работа. Тоа значи дека мерата на напорот кој треба да се подари на ближниот за добро на општеството не смее да биде помала од количеството напор всадено во секој човек за да се грижи за своите потреби. И не само тоа, туку потребите на другите треба да ги стави пред своите.

Вториот стих е „И сакај го Господа твојот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, и со сета своја моќ.“ Ова е намената што човек мора да ја има пред очи додека се труди за својот пријател. Тоа значи дека работи и се труди само за да му се допадне на Создателот, како што вели стихот, и ја извршува Неговата волја.

„Ако си волен и послушен, ќе јадеш добро од почвата“, бидејќи сиромаси веќе нема да има, а нема да има ни измачувани ни експлоатирани на земјата; радоста на секој еден ќе расте вечно над сите мерки и граници.

Меѓутоа, сè додека одбиваш и не сакаш да влезеш во светата спогодба на работата на Создателот во најголема мера, како што е објаснето, природата и нејзините закони се спремни да започнат одмазда. Таа нема да не пушти, како што веќе јасно покажавме, додека не не порази и додека не прифатиме дека владее со нас и да слушаме се што ќе ни каже. Така ви го претставив ова практично научно истражување поставено врз критичка експериментална интелигенција, во врска со потребата сите луѓе да ја преземат работата на Создателот со сето свое срце и сета своја душа и моќ.

3.Принципи на идното општество

1. Комунизмот е идеал, што значи дека е морален. Целта „да се работи според способноста и да се прима според потребите“ сведочи за тоа.

2. Секој морал мора да има основа заради кој станува неопходен; образованието и јавното мнение се мошне несигурен темел, а доказ за тоа е Хитлер.

3. Бидејќи секој концепт на мнозинството сигурно ќе победи, непотребно е да се каже дека спроведувањето на поправениот комунизам ќе биде од страна на мнозинството во јавноста. Така тие мораат да го воспостават моралното ниво на мнозинството народ врз основа која ќе гарантира дека поправениот комунизам никогаш нема да се расипе. Предодредениот идеал кај луѓето е недоволен, бидејќи премалку луѓе го поседуваат, а нивниот број е безначаен во споредба со мнозинството.

4. Религијата е единствената основа која гарантира дека ќе го крене нивото на колективот на моралното ниво на „работа според способноста и примање според потребата.“

5. Комунизмот мора да се оттргне од концептот „Што е мое е мое а што е твое е твое“, кое значи владеење на содомитите, и да се спои со концептот, „Што е мое е твое и што е твое е твое“, што значи апсолутен алтруизам. Кога мнозинството народ ќе го прифати ваквото владеење всушност, ќе биде време да се „работи според способностите и да се прима според потребите.“ Знакот за тоа ќе биде дека секој ќе работи како работник по договор. Така, се додека повеќето луѓе не се спремни да даруваат на својот ближен, алтруистичкиот комунистички режим не смее да биде воспоставен.

6. Забрането е да се национализира сопственоста пред јавноста да стигне до ова морално ниво. Колективот нема да има гориво за работа пред да се појави доследен морален фактор во народот.

7. Ако на човека му е забрането да ги експлоатира своите пријатели, зошто на народ би му било дозволено да експлоатира други? Која окупација оправдува една нација да ужива во земја повеќе од други нации? Затоа, мора да биде основан меѓународен комунизам.

Како што има поединци кои се привилегирани со работливост, случајност, или наследство од претци во поголема мера од немарните, сосема е така и меѓу нациите. Оттука, зошто војната против поединците да биде поголема од војната против народите?

Со други зборови, каква привилегија и сопственост на суровините од земјата има една нација во однос на друга? Кој го воспостави законот за окупација, особено кога е постигната со силата на бајонети и мечеви? Зошто една нација да екслплоатира друга ако е тоа неправедно за секој поединец?

Со еден збор, како што е праведно да се укине приватната сопственост, така е праведно и за сопственоста на сите нации, бидејќи само тогаш ќе има мир на земјата. Размислете за ова: ако поседувањето и законот за наследство не му даваат права на сопственост на поединецот, зошто тогаш да бидат пренесени на цела нација? Покрај тоа, како што треба да има праведна распределба меѓу членови на една нација, така распределбата треба да биде праведна и подеднаква меѓународно во поглед на суровини, средства за производство и насобраниот имот на сите нации. Не треба да има разлики меѓу црни и бели, цивилизирани и примитивни, исто како меѓу поединци во истата нација. Не смее да има дискриминација меѓу поединци, во рамките на една нација, или во сите нации на светот. Се додека има разлики, војната нема да престане.

8. Сиот свет е едно семејство. Рамката на комунизмот според Тората треба на крај да го опфати сиот свет во еднаков животен стандард за секого. Меѓутоа, фактичкиот процес е постепен. Секоја нација чие мнозинство во пракса ќе ги прифати овие основни елементи, и која е веќе научена да дарува на својот ближен, и со тоа ќе има добра основа за погонско гориво, може да влезе во рамката на меѓународниот комунизам веднаш. Сите нации кои веќе влегле во рамките на меѓународниот комунизам ќе имаат еднаков стандард на живеење. Вишокот на богатата или работлива нација ќе ги поправи животните стандарди на сиромашните нации во поглед на суровини и производствени средства.

9. Економската и религиската форма која го гарантира комунизмот ќе биде една за сите нации. Тоа значи дека религиската форма на сите нации прво мора да ги задолжи своите членови да им даваат на своите ближни во вид на „Сакај го својот пријател како себеси.“ Целта е обдарените и среќните да не уживаат во општеството повеќе од заостанатите членови. Тоа ќе биде колективната религија за сите нации која ќе дојде под рамката на комунизмот, со исклучок на формите на религија кои немаат врска со економскиот живот.

Во врска со други аспекти на однесување, секоја ќе има своја форма, која не треба да се менува. Со други зборови: освен „Сакај го пријателот како себеси“, секоја нација може да следи своја религија и традиција, и една на друга не смеат да си се мешаат.

10. Законите на колективната религија, еднакви за сите, се следниве:

А. Човек треба да работи за доброто на народот колку може повеќе, и повеќе од тоа ако треба, додека не го снема и последниот гладен или жеден човек во светот.

Б. Човек може да биде вреден, но никој нема да ужива во општеството повеќе од заостанатите. За сите души ќе има подеднаков животен стандард.

В. Иако има религија, во согласност со религијата секој треба да добие признанија според заслугите; колку повеќе ќе придонесе во општеството, поголемо одликување ќе добие.

Г. Ако некој не работи вредно за добро на општеството, ќе биде казнет според општествените закони.

Д. Секој еден е оддаден на труд за да се крене уште повеќе животниот стандард на светското општество, за сите луѓе на светот да уживаат во животот и да бидат се посреќни и посреќни.

Ѓ. Истото важи и за духовноста, иако не секој е обврзан да се бави со духовност туку само специјални луѓе, зависно од потребите.

Е. Ќе има еден вид врховен суд. На тие што сакаат да го посветат својот труд на духовниот живот овој суд ќе им даде дозвола.

11. Светот не смее да биде исправан во поглед на религијата пред за сиот свет да биде загарантирана економска корекција.

12. Треба да има детална програма за сите гореспомнати правила и останатите важни правила во врска со тоа. Секој што ќе влезе во рамките на комунизмот мора да даде заклетва да се придржува до сето тоа бидејќи Бог така наредил. Во најмала рака мора да се заколне дека ќе ги подучува децата дека Бог така наредил.

Тие што велат дека идеалот е доволен за нив треба да бидат прифатени и тестирани. Ако е така, можат да бидат прифатени. Меѓутоа, пак мораат да ветат дека нема своите еретички гледишта да им ги предаваат на своите деца, туку дека ќе и ги дадат на државата да ги воспита. Ако некој не го прифаќа ни тоа ни тоа, не треба да биде прифатен, бидејќи ќе ги расипе напорите на неговите пријатели и ќе изгуби повеќе одошто би добил.

13. Прво, мора да постои мал естаблишмент чие мнозинство ќе бидат алтруисти во претходно спомнатата смисла. Тоа значи дека ќе работат исто толку вредно како работници по договор, 10 до 12 часа на ден и повеќе. Секој еден ќе работи според својата сила и ќе прима според своите потреби.

Ова ќе ги има сите облици на влада и држава. На тој начин, дури и ако рамката на таа институција го содржи сиот свет, а насилната влада биде укината, ништо нема да треба да се менува, ни во владата ни во работата.Оваа институција ќе биде како глобално жариште и ќе ја опкружуваат нации и држави се до најоддалечените делови на светот. Сите што влегуваат во таа рамка на комунизмот ќе ја имаат истата агенда и истите водачи како центар. Тие ќе бидат како една нација во добивка, загуба и трошоци.

14. Апсолутно е забрането било кој од таа институција да прибегне кон било какви тактики на насилнички режим. Сите конфликти ќе се решаваат меѓу засегнатите страни. Јавното мислење, кое го осудува егоизмот, ќе го осуди виновникот заради искористување на праведноста на неговиот пријател.

15. Алтруистичкиот комунизам на крај сосема ќе го поништи насилничкиот режим, бидејќи „секој човек го правеше тоа што е праведно во негови очи.“ Не треба да не изненади, бидејќи порано не се веруваше дека децата можат да се воспитаат со објаснување, туку само со стап. Меѓутоа, денес повеќето луѓе го прифаќаат тоа и го смалуваат насилното правило врз децата.

Ова се однесува на деца кои немаа ни трпение ни знаење, но уште повеќе во врска со колектив на образовани, учени луѓе, научени на алтруизам. На нив секако нема да им треба режимот на сила. Нема ништо попонижувачки и подеградирачки за човек од тоа да биде под насилна влада. Дури ни од судници нема да има потреба, освен ако не дојде до некаков необичен настан, кога соседите нема да можат да влијаат врз исклучителни поединци. Во тој случај, специјални педагози ќе бидат потребни за да ја преобратат таа личност преку аргументација и објаснување на доброто на општеството, додека тој човек не се врати во нормала. Ако некој е тврдоглав, и ако се е попусто, тогаш јавноста ќе се сврти настрана од тој човек како да е протеран од општеството, се додека човекот не почне да ги следи правилата на општеството. Инаку, може и другите од општеството да ги зарази.

Испаѓа дека откако ќе биде воспоставена согласност во врска со алтруистичкиот комунизам, при што мнозинството луѓе ги имаат активно прифатено во своите животи тие правила, тие веднаш ќе решат да не се носат на суд еден со друг, ниту пред било каква друга владина агенција или друг вид на сила, туку место тоа се ќе се прави со учтиво убедување. Затоа ниеден човек не може да биде примен во општеството пред да биде тестиран да се види дали е толку груб што не може да биде подучен за алтруизмот.

16. Факт е дека повеќето нации ги мразат Евреите, и малку ги има што не ги мразат. Било да се религиозни, секуларни или комунисти. За тоа нема совет, освен да се доведе вистинската алтруистичка етика во срцето на народите.

17. Ако живеете на остров со дивјаци кои никако не можете да ги научите на закон и ред освен со религија, дали ќе се посомневате во неа и ќе ги пуштите да се уништат меѓусебно? Кој би се двоумел да ги напушти за да се уништат со хидрогенски бомби?

18. За ширењето на верата има три основи:

1) Задоволување на желбите;

2) Доказ;

3) Кружење.

A. Задоволување на желбите: Во секој човек, дури и секуларен, има една непозната искра која бара соединување со Создателот. Кога ќе се разбуди, понекогаш го буди човека да го запознае Создателот, или да го порекнува, што всушност е истото. Со други зборови, негирањето на Бог исто така доаѓа од таа искра, бидејќи без неа, човек нема да има никакви чувства за Бог. Тогаш луѓето би живееле без никакви мисли за Создателот, добри или лоши.

Ако некој ја задоволни таа желба во тој човек, тој ќе се согласи на се. На тоа мораме да ја додадеме, во врска со бесмртноста на душата, наградата во наредниот свет, славата на поединецот и славата на една нација, што значи дека тој ќе биде гордоста на својата нација.

Б. Доказ: Светот не може да постои без неа, особено во време на атомски бомби.

В. Кружење: Ако се прави вредно, може да го замени и доказот.. Затоа, луѓе треба да се ангажираат за горенаведените зборови да ги шират во јавноста. За намените на ширење и циркулирање, мора да се спомнат страдањето, сиромаштијата, корупцијата и војната, како и вдовиците и сирачињата од цел свет, кои бараат спасение.

За нив нема чаре освен во алтруистичкиот комунизам. Во таква држава на луѓето нема да им биде така тешко да го посветат целиот свој живот, да ги спасат од пропаст и страшни болки. Уште понагласено е кај млади луѓе, чии срца не се заглупени од нивните сопствени недостатоци. Тие секако ќе го поддржат тоа со сето срце и душа.

19. Поради копнежот за поседувања, невозможно е да дојде алтруистичкиот комунизам освен ако прво не дојде егоистичниот комунизам, како што веќе покажаа сите општества кои сакаа да воспостават алтруистички комунизам, пред марксизмот. Меѓутоа, сега кога третина од светот веќе има воспоставено основни начела на егоистичкиот комунистички режим, можно е да се почне со воспоставување на траен алтруистички комунизам заснован врз религиска основа.

20. Важно е да се направи таква исправка, ниеден човек да не ги бара своите потреби од општеството. Место тоа, ќе бидат одбрани луѓе кои ќе ги испитаат потребите на секој еден и ќе ги снабдат. Јавното мислење ќе го осуди секој што присвојува нешто за себе, како денешниот крадец и неранимајко.

Така мислите на секој човек ќе бидат посветени на дарување на својот ближен, како што е природата на секое образование кое тоа го негува, дури и пред човек да ги почувствува сопствените потреби. Сето тоа е засновано врз фактот дека гледаме дека сме како секое друго животно што го конзумираме. Исто така, секој чин кој заслужува презир во светот произлегува од таа конзумација. Од друга страна, гледаме дека сите добри и радосни дела во светот доаѓаат од својството на давање на својот ближен.

Оттука, мораме да ги отфрлиме себичните мисли на конзумирање за себе, и да го исполниме нашиот ум со мисли на дарување на нашиот ближен, што е изводливо на гореопишаниот начин. Мораме да запомниме дека ако сакаме да скокнеме на маса, мораме да се спремиме да скокнеме многу повисоко од масата, и тогаш ќе слетаме на масата. Меѓутоа, ако сакаме да скокнеме само колку што е висока масата, ќе паднеме.

21. Треба да се признае, егоистичниот комунизам е само еден чекор на патот, еден вид на „од Ло Лишма до Лишма“ (од не во Нејзино Име до во Нејзино Име). Но јас велам дека е време за втората фаза, имено алтруистичкиот комунизам.

Прво, мора да се воспостави во една земја, како модел. Потоа земјите во првата фаза сигурно ќе го прифатат. Времето е пресудно, бидејќи недостатоците и грубата сила кои се користат во егоистичкиот комунизам, сосема го одвратуваат поголемиот дел од културниот свет од овој метод.

Така, светот мора да биде запознаен со совршениот комунизам, а потоа повеќето цивилизирани земји во светот несомнено ќе го прифатат. Навистина е загрижувачки што империјализмот ќе го протера комунизмот од светот, но ако нашиот совршен метод навистина биде објавен, империјализмот сигурно ќе остане како крал без војска.

22. Очигледно, никаков стабилен и правилен живот не е возможен освен кога мнозинството ќе ги реши контроверзиите меѓу членовите на општеството. Следува дека во општеството не може да има добар режим ако мнозинството не е добро. Добро општество значи дека повеќето луѓе во него се добри, а лошо општество дека мнозинството е лошо. Како што веќе реков, комунизмот не смее да биде воспоставен пред повеќето луѓе да живеат и работат со желба да даваат.

23. Никаква пропаганда не може да обезбеди присилно владеење врз идните генерации, и во тој случај нема да помогнат ни јавното мислење ниту образованието, бидејќи тие природно слабеат, спротивно на религијата, којха природно зајакнува. Гледаме од искуство дека нациите кои ја имаат прифатено религијата, прво присилно и компулзивно, ги следат нејзините начела доброволно во следната генерација. И не само тоа, туку им се предадени и посветени.

24. Кога велам дека комунистичкиот режим не смее да биде воспоставен пред да настане алтруистичко мнозинство, не мислам дека тие доброволно ќе бидат идеалисти. Сакам да кажам дека ќе ги чуваат идеалите од религиски причини, покрај јавното мислење. Ваквата присила ќе трае со генерации, бидејќи религијата е примарниот потстрек.

25. Лажат тие што велат дека идеализмот е природна човечка одлика или резултат на воспитувањето. Напротив, тој е директен производ на религијата. Додека религијата уште се немала толку проширено во светот, поголемиот дел од светот бил варварски без никаква грижа на совеста.

Меѓутоа, откако се намножија Божјите слуги, потомците на агностиците станаа идеалисти. Така, идеалистот ги следи заповедите на своите татковци, но таквата заповед е сираче, заповед без заповед. Ако религијата исчезне од светот, сите влади ќе станат ’Хитлери’, ништо нема да им стои на патот.

Разликата меѓу религиозните и идеалистите е тоа што делата на идеалистот немаат основа. Тој не може убедливо да објасни зошто повеќе сака правда од неправда и кој ја наметнува. Можеби тоа е само заради слабоста на срцето, како што велеше филозофот Ниче. Таквиот човек нема да изусти ни еден збор што има смисла, и затоа е совладан од Хитлер и Сталин. Меѓутоа, религиозниот човек смело ќе одговори дека тоа е Божја заповед и душата ќе ја даде за тоа.

26. Алтруистичкиот комунизам е ретка работа за човечкиот дух. Затоа, поблагородниот народ, имено народот на Израел, мора да ја прифати задачата да му даде пример на светот. Тоа е така затоа што ние сме повеќе квалификувани од сите други народи, не затоа што сме поголеми идеалисти од нив, туку затоа што имаме прострадано повеќе од сите други народи. Од таа причина сме повеќе подготвени од нив да побараме совет за да ја испадиме тиранијата од земјата.

Евреите мораат на другите нации да им дадат нешто ново; тоа е она што тие го очекуваат од враќањето на Израелците во нивната земја. Не се работи за други учења, бидејќи во тоа ние никогаш не бевме иновативни и секогаш бевме нивни ученици, туку мудроста на религијата, правдата и мирот. Во тоа, повеќето нации се наши ученици, и таа мудрост само нам ни се припишува.

27. Нацијата е во опасност бидејќи сите ќе се разбегаат по други места пред економијата да се стабилизира. Не сакаат сите да трпат искушенија додека можат да живеат удобно во други богати земји. Полека ќе избегаат од болката додека не остане број премал за да се нарече држава, и ќе бидат проголтани од Арапите.

Ова уште повеќе важи за Кибуците. Целото нивно постоење е изградено врз идеализам, кој природно ќе опадне во идните генерации, бидејќи идеалите не се наследни, и несомнено тие први ќе пропаднат.

Во методот на алтруистичкиот комунизам, идеалот ќе блеска за секој еден, и ќе дава доволно причина за да се издржи страдањето. Тие ќе можат и да ги контролираат своите души и да го смалат животниот стандард кога ќе има потреба. Ќе можат и тешко да работат за да ја обезбедат стабилноста на државната економија.

И не само тоа, собирот на протераните ќе продолжи од сите земји, бидејќи грижите и борбата за опстанок во тие земји ќе ги мотивираат да се вратат мирно и праведно во својата земја.

28. Ако сиот Израел ја усвои оваа религија, ќе може пак да се изгради Храмот, и да се врати старата слава. Тоа сигурно ќе им покаже на сите нации дека Израел е во право што се враќа на својата земја, дури и на Арапите ќе им покаже. Меѓутоа, секуларното враќање, како што се случува денес, воопшто не ги импресионира другите нации; постои загриженост дека ќе ја продадат својата независност за да ги задоволат своите потреби, што е најзагрижувачко околу враќањето на Ерусалим.

29. На секој практичен метод му треба и идеалистичка храна во која ќе може да се задлабочи, што значии филозофија. Во врска со тоа, веќе постои целосна и готова филозофија, иако е наменета само за лидерите, имено, учењата на Кабалата.

30. Слободата на поединецот мора да се сочува се додека не е штетна за општеството. Меѓутоа, оној што сака да замине во корист на друго општество не смее на никаков начин да биде задржуван, дури и ако тоа е штетно за општеството, иако треба да се направи на таков начин што општеството нема сосема да пропадне.

4. Заклучок

Волјата да се прима всадена во секое суштество е по облик различна од онаа на Создателот. Заради тоа душата била одвоена од неа како орган отсечен од телото. Несугласица по облик во духовното е како сечење со секира во телесното. Затоа е јасно дека она што Создателот го сака од нас е еднаквост на обликот, при што повторно се обликуваме себеси според Него, како што бевме пред да бидеме создадени. Нашите мудреци велат, „Обликувај се според Неговите одлики; како што е Тој милостив, биди и ти милостив.“

Со менување на нашите одлики, кои пред се се состојат од волјата да примаме, и да ги усвоиме одликите на Создателот, што значи само да даруваме, сите наши дела ќе се состојат во тоа да му правиме добро на нашиот ближен и на сите што можеме. Така ја достигнуваме целта „да се изделкаме според Него“, што значи еднаквост на обликот.

Она што се прави од потреба, што значи неопходниот минимум за одржувањее на семејството, не се смета за разлика во обликот, бидејќи „неопходноста ниту се осудува ниту се фали.“ Ова е големото откровение кое во целост ќе се појави дури кога ќе дојде Месијата. Кога ова учење ќе биде прифатено ќе достигнеме целосно покајание. Веќе реков дека има два пата за откривање на совршенството: патот на Тората и патот на болката. Затоа, Создателот ја создаде и му ја даде на човештвото технологијата, додека не ги измислија атомските и хидрогенските бомби.

Ако целосната пропаст која им е судено да си ја донесат се уште не му е очигледна на светот, тогаш можат да почекаат на трета светска војна, или четврта итн. Бомбите ќе ја завршат својата работа и останатите по пропаста нема да имаат друг избор освен да ја земат на себе таа работа, „ни поединецот ни нацијата нема да работат за себе повеќе одошто мораат за да се одржат, а се друго ќе прават за доброто на другите.“ Ако сите нации во светот се согласат со ова, тогаш во светот веќе нема да има војни, бидејќи никој веќе нема да се грижи за сопственото добро, туку само за доброто на другите.

Ова учење за еднаквост на обликот е учењето на Месијата. За тоа е речено, „Но на судниот ден тоа ќе се случи, и многу народи ќе отидат и ќе речат: ’Дојдете, да се качиме на планината Господова, и до куќата на Јакововиот Бог; и Тој ќе не подучи за своите патишта, и ќе чекориме по Неговите патишта’; бидејќи од Зион ќе излезе законот, а зборот Господов од Ерусалим. Тој ќе пресуди меѓу многу народи, и ќе пресуди во врска со моќните народи далечни...“ (Мика 4).

Следува дека Месијата ќе ги научи за делото Божје во еднаков облик, кое е учењето и законот на Месијата. „И Тој ќе пресуди меѓу многу народи“, што значи дека ќе им докаже дека ако не го преземат на себе делото Божје, сите нации ќе бидат уништени од војни.

Но ако ги прифатат Неговите учења, тогаш е речено, „и ќе ги исковаат своите мечеви во орала за плугови, а копјата во алатки за кастрење дрвја; народ нема да крене меч против народ, ниту повеќе ќе учат за војување.“ Така, ако го следиме патот на Тората и ги прифатиме Неговите учења, тоа е подобро.

Ако не, тогаш ќе одиме по патот на болката, што значи ќе дојде до војни со атомски и хидрогенски бомби, и сите нации на светот ќе побараат пат настрана од војната. Тогаш ќе дојдат во Ерусалим, кај Месијата, и Тој ќе ги подучи за овој закон.

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели