Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Предговор кон книгата „Устата на мудрецот”


Кабалистите во своите книги говорат за тоа, дека кабалата мора да ја изучува секој човек. Дури иако човекот детално ја изучил Тора, и поседува особини со кои ги надминува сите праведници на светов, но не ја изучувал кабалата, тој ќе биде принуден повторно да направи циклус, и да дојде во овој свет уште еднаш, да ги научи тајните на Тора и кабалата.

Во книгата Зохар, во „Песна над песните” се зборува за тоа, дека после смртта на човекот, душата застанува пред Создателот, и Создателот ѝ вели: „Ти си најубавата од жените, и повеќе од сите души ти си достојна да престојуваш во небесата. Но без оглед на тоа, бидејќи немаш знаења од кабалата, ќе се вратиш во светот од каде доагаш. Таму ќе појдеш кај мудреците и ќе ги изучуваш тајните на кабалата”. Треба да се разбере: зошто совршенството на човекот зависи од изучувањето на кабалата. Во што се разликува изучувањето на кабалата од изучувањето на отворената Тора? Никаде не е напишано, дека човекот во Тора мора да разбере сè без исклучок. Напротив, напишано е, дека не е важно изучувањето, туку важно е дејството. И уште е речено дека некој прави повеќе, друг – помалку, но главното е - срцето да биде насочено кон Создателот. Слично на напишаново, наоѓаме на многу места. За да се постигне длабочината на кажаното, мораме претходно добро да го разбереме и да го почувствуваме вкусот на кажаното во Зохар: „Создателот, Светлината Негова и Исраел се единствени”, што на прв поглед е многу противречно.

Пред тоа да го разјасниме, ќе наведам изрека на мудреците, што ги разјаснува сите имиња и називи, што се сретнуваат во книгите: „Она, што не е достигнато, не го нарекуваме по име”. Тоа значи дека суштината на Создателот не можеме да ја достигнеме, и речено е, дека се забранети дури и размислувања за суштината на Создателот, а уште помалку разговор за тоа. А сите имиња што му ги даваме на Создателот, не се однесуваат на Неговата суштина, туку на Светлината, која излегува од Него кон нижите. Дури и името Бесконечност, што се наведува во книгите за кабалата, исто така означува Светлина, произлезена од Неговата суштина. Односно, бидејќи дефиниравме, дека за нижите поимот Светлина, произлезена од суштината на Создателот, е бесконечна, затоа ја нарековме со тоа име. Но не станува збор за суштината на Создателот, бидејќи таа е апсолутно невозможно да се достигне. Како тогаш да ѝ се даде некое име или дефиниција? И затоа, „тоа што не е достигнато, не го нарекуваме со име”.

Секој којшто започнува да ја изучува кабалата, пред да ја отвори книгата, мора цврсто да го запамети овој непроменлив закон, кој гласи дека за суштината на Создателот се забранети дури и размислувањата, бидејќи суштината е апсолутно невозможно да се достигне. Како тогаш да ја наречеме со некој збор, бидејќи тоа би укажало на одреден степен на достигнување? Додека пак, во однос на светлините на Создателот, коишто произлегуваат од Него, што претставуваат Негови имиња, и називите наведени во книгите, е спротивно... Голема заповед е тие да се бараат и да се испитаат. Тоа е неизбежна должност на секој човек од народот на Израел – да ги изучи и да ги разбере сите тајни на Светлината, и сите патишта на влијанието на Создателот врз нижите, што ја сочинува суштината на кабалата, и претставува идна награда за душите.

Речено е во Зохар, дека сите Виши Светови, и сите сефирот во сите пет светови – Адам Кадмон и АБЈА се подготвени претходно, само за да го доведат до совршенство народот на Израел, бидејќи душата на човекот од народот на Израел претставува дел од Создателот. А „завршување на дејството е во замислата на создавањето”, и желбата на Создателот била да ги наслади суштествата, како награда за нивните напори и работа. Од таа причина се покажала пред Него целата реалност, развивајќи се со слегување според законот на причината и последицата, степенесто преку световите Адам Кадмон и АБЈА, сè додека не завршила со создавање на две суштини, преслечени една во друга – душата, сместена во материјалното тело. Како што суштината на реалноста се проширила до својот најнизок крај, претставен од материјалното тело со душата преслечена во него, така и слегувањето според законот на причината и последицата, станало суштина на постоењето на реалноста, т.е. според патиштата на влијанието на Создателот, што слегува по скалилата. Така што, намената на Вишата Светлина, која е највисока од сите виши, е да се распространи, и да ја достигне душата, преслечена во материјалното тело во овој свет, како што е речено: „И ќе се наполни земјата со знаење за Создателот, и нема повеќе човекот да го учи ближниот свој на знаењата за Него, бидејќи сите ќе Ме дознаат, и старо и младо”.

Во книгата Зохар е речено дека целата Тора е со имиња на Создателот. Сите историски раскази, сите закони и заклучоци се имиња на Создателот. И бидејќи „Она што не е достигнато не го нарекуваме по име”, сфати, дека тајната на имињата на Создателот се состои во достигнувањата, коишто се шират од Него до Неговите работници, пророците и праведниците, и секој е соодветен на нив. Целиот тој раскош ни се дава со прифаќањето на Тора и извршувањето на заповедите, во почеток преку отворениот дел на Тора, која има прекрасна способност да чисти нашите тела и да ги зголемува нашите души до таква големина, што ние стануваме достојни да ја разбереме целата Тора и заповедите, како имиња на Создателот, што претставува идна награда на душите. Меѓутоа и во овој свет, како што е речено: „светот свој ќе го видиш во својот живот”, ни се разјаснува она, што на неколку места во Зохар се нарекува 613-ет заповеди ејтин де-орајта (совети како да се поправи садот), и на многу места во Зохар е наречено 613-ет заповеди на пкудин (Светлини, кои треба да влезат во поправениот сад).

Во почетокот човекот треба да ја чува Тора и заповедите, за да го исчисти своето тело и да ја зголеми душата. Тогаш 613 заповеди се наоѓаат кај него во ејтин, односно претставуваат за него совети, како сепак да се удостои и да застане пред Создателот, наполнет со Неговата Светлина, бидејќи чувањето на Тора и извршувањето на заповедите постепено така го пречистуваат, што човекот се удостојува на откривањето на Создателот. Како што е речено: „Што му е грижа на Создателот – дали го убиваат жртвеното животно од тилот или му го пресекуваат гркланот? Затоа што Тората и заповедите не се дадени за ништо друго, освен со нив да се соедини народот на Израел”. Меѓутоа, откога во доволен степен ги исчисти своите потреби, и се удостои на Светлината на Создателот, ќе се откријат неговите очи и душата негова, и ќе постигне тој 613 светлини, содржани во 613 заповеди, што претставува тајна на имињата на Создателот, односно доаѓаат до нивното постигнување.

Со помош на извршувањето на секоја заповед, добива дел од Светлината, содржана во неа, бидејќи заповедта претставува тајна на кли. Во него се преслекува Светлината, односно името на Создателот што се однесува на таа заповед, како што е речено: „Заповедта е свеќа, а Тората – Светлина”. И тоа се нарекува – 613 заповеди на добивање на светлините. Тоа личи на човек, кој наредил во садот скапоцени камења и му рекол на саканиот човек: „Земи го садот, но чувај го од рацете на крадците”. Излегува, дека тие зборуваат за садот, но мислат на скапоцените камења што се наоѓаат во него. Од кабалистичките книги е познато дека тајната на името на Создателот се содржи во името АВАЈА, кое во себе ги вклучува сите имиња на Создателот на сите скалила.

И затоа „Создателот, Неговата Светлина и Исраел се единствени”, без оглед на тоа што масите не гледаат ништо други во Тора, освен историски раскази, закони и заклучоци. Меѓутоа, јас веќе ја објаснив смислата на изразот „златни јаболки во сребрена рамка”, што се нарекува 613-ет заповеди за добивање на светлините. И како што е речено од мудреците: „Целата Тора се имиња на Создателот”, и затоа „Тората и Создателот се единствени”, но тајно е „заедничкото и поединечното”, каде што Создателот е збир на сите имиња и заедничка Светлина, додека Тора се дели на 613 светлини. Излегува, дека сите тие заедно се единствени и го претставуваат Создателот. Сега ни остана да разјасниме што претставува Исраел. Во почеток треба да разбереме, што означуваат многубројните поделени форми во духовното, односно, како и зошто се тие поделени, и одделени една од друга. Во материјалното, едно од друго може да се оддели со помош на нож, или местото и времето ги одделуваат и разделуваат. Но невозможно е тоа да си го замислиме во духовното, кое е надвор од времето и просторот.

Меѓутоа, потребно е да знаеш, дека во духовното целата разлика меѓу Вишите Светлини не е ништо друго, освен разлика во особините. Што се однесува на разумните души, што се во луѓето, се разбира, секоја душа е одделена и оддалечена една од друга. Меѓутоа, основа за одделувањето е разликата во особините, односно едниот има добра душа, другиот лоша, третиот умна или глупава и т.н. како што е речено: „Како што се разликуваат лицата едно од друго, така се разликуваат и нивните мислења”. Во исто време е јасно, дека ако сите луѓе би поседувале исто образование и исти склоности, тогаш и душите на луѓето би биле една душа. Според важноста таа би била како светлина на сонцето, која ги осветлува сите луѓе така, што апсолутно не може да се разликува, дека постојат посебни форми. Така и една душа била преслечена во многу тела, бидејќи просторот воопшто не ги одделува духовните суштини, освен ако имаат разлика во нивните особини.

А сега да почнеме со објаснувањето. Веќе е познато, дека тајната на душите на синовите на Израел е тајна на Божествената честица одозгора, при што душата слегувала според законот на причината и последицата, спуштајќи се од скалило на скалило, сè додека не станала погодна, за да дојде во овој свет, и да се преслече во нечистото, материјалното тело. Со помош на придржувањето на Тора и извршувањето на заповедите, се искачува од скалило на скалило, сè додека не се исполни нејзината големина, и додека не стане достојна да ја добие својата награда од Совршениот, која е подготвена за неа претходно, т.е. достигнувањето на светата Тора како имиња на Создателот, претставува тајна на 613-те заповеди и добивањето на светлините. Сега сфаќаш, дека „Светлината на Создателот и Исраел се единствени”. И целата разлика меѓу Тора и душата е во тоа, што како последица на моќта на разликите на особините, содржани во душата, Светлината во неа многу се намалила. А Тора е обична Светлина, која се шири од суштината на Создателот, Чие величие е безгранично. Меѓутоа, во периодот на усовршувањето, душата ја добива Тора во тајната на имињата на Создателот, односно ја достигнува целата Светлина, содржана во Тора и заповедите. Заклучуваме, дека Светлината на душата е еднаква на Светлината на Тора, ако таа веќе ја достигнала целата Светлина на Тора. А дотогаш, додека постои непотполно достигнување дури и на мал дел од Светлината од заедничката Светлина на Тора, душата не се смета за совршена, бидејќи за душите е подготвена целата заедничка Светлина, а како што објаснив горе, „она што не е достигнато, не го нарекуваме по име”.

Бидејќи е подготвена Светлина, која душите треба да ја достигнат, а душата не ја достигнала целосно, тогаш таа е несовршена. Како што е речено: „Оној којшто ја извршува целата Тора, освен една заповед, е голем грешник”. Меѓутоа, да судиме за извршувањето на Тора и заповедите треба според извршувањето на 613 заповеди за добивање на светлините, и да сметаме, дека душата е несовршена, ако во неа недостига нешто, помалку или повеќе. Така, за време на завршувањето, таа го достигнува соединувањето со сите души и ја достигнува целата светлина на Тора. Тогаш не постојат никакви разлики во особините помеѓу светлината на душата и светлината на Тора. На овој начин се разјаснува реченото „Светлината на Создателот и Исраел се единствено”, затоа што, бидејќи нема никаква разлика помеѓу нив, и никакви разлики во особините, тогаш тие претставуваат една целина. И бидејќи веќе докажавме, дека Создателот и Неговата светлина се една целина, а сега докажавме дека „Светлината на Создателот се единствени”, тогаш станува јасно, дека „Создателот, Неговата Светлина и Исраел се единствени”.

И ни се разјаснило, од сето она што е кажано погоре, дека постојат два дела во Тора и заповедите: Отворен дел на Тора и заповедите, кој претставува извршување на заповедите и изучување на Тора за поправка на келим - 613 заповеди, ејтин, која има прекрасна способност, која овозможува да се исчисти и соедини телото и да се возвиши душата, за таа да стане способна и достојна да ја добие Светлината на Создателот исто така, како што била способна за тоа во својот корен, пред нејзиното смалување и преслекување во ништожното тело во ништожниот свет. Извршувањето на заповедите и изучувањето на Тора за добивање на светлините се 613 заповеди, пкудин, односно достигнување на имињата на Создателот и целокупното наградување на душите.

Соодносот помеѓу вториот и првиот дел се исти како на небесата и земјата, бидејќи првиот дел е само подготвителна фаза, додека вториот дел е суштина на совршенството и Цел на суштеството. Така се разјаснува нашата потешкотија, наведена погоре, за реченото од мудреците, дека дури и човекот, што детално ја научил Тора и поседува особини со кои ги надминуваа сите праведници на светов, но не ја изучувал кабалата, ќе биде принуден повторно да направи циклус, и да дојде во овој свет. И ние прашувавме: „Во што се разликува изучувањето на кабалата од изучувањето на другите делови на Тора?” Затоа што никаде не е напишано, дека човекот во Тора мора да сфати сè, без исклучок. Напротив, го најдовме на многу места спротивното – „еден прави повеќе, друг – помалку, но главно е срцето да биде насочено кон Создателот”, и уште „не е главно изучувањето, туку дејството”.

Сега ќе го објасниме ова на едноставен начин. Секој дел од отворената Тора не претставува ништо друго, освен подготовка да нè направи способни и достојни да го достигнеме скриениот дел, а скриениот дел е суштина на достигнувањето на совршенството и Целта на суштеството, заради што бил создаден човекот. На таков начин, јасно и очигледно е дека ако недостига некој дел од скриеното, тогаш, без оглед на тоа што човекот се придржувал кон Тора, и ги извршувал нејзините заповеди во отворениот дел, ќе мора да направи циклус, и повторно да дојде во овој свет, за да го добие она што мора да го добие, односно скриениот дел – 613 заповеди за добивање на светлините, бидејќи токму во тоа се состои усовршувањето на душата онака, како што е замислено од Создателот. И ти ја гледаш апсолутната обврска, доделена на целиот народ на Израел, секому, кој и да е, да се занимава со внатрешниот дел на Тора и нејзините тајни, без што нема да го достигне совршенството, намерата при создавањето. Заради таа причина ние правиме животни циклуси, поколение по поколение, сè до нашето поколение, во кое се собрани душите, кои уште не го достигнале совршенството на намерата, бидејќи не се удостоиле да ги достигнат тајните на Тора во претходните поколенија.

За тоа е речено во Зохар: „Во иднина ќе се откријат тајните на Тора, како последица на доаѓањето на Месијата”. Секому, кој разбира, му е јасно дека тоа ќе се случи како последица на достигнувањето на совршенството на намерата во суштеството, со што и ќе се удостоиме на доаѓањето на Месијата. Ако е така, тогаш неизбежно е откривањето помеѓу нив на тајните на Тора, бидејќи ако не се поправат, тогаш ќе мораат да поминат уште еден циклус на душите. Ова ќе ти послужи како објаснување – зошто треба да се мачиш со разјаснување на тоа, кој сум јас и кои се моите претци, што се удостоив да го спроведам во форма на опширно истражување на тајните, скриени во Зохар и делата на АРИ, и зошто до ден денес не се нашол некој да ја разјасни оваа мудрост толку јасно, како што го направив тоа јас?

Од кажаното сфати дека заради фактот, што нашето поколение е навистина поколение на доаѓањето на Месијата, кога сите ние стоиме на прагот на целосната поправка, која доцни заради тоа што го напуштивме изучувањето на кабалата. Целото ова поколение се најде во таква положба заради потешкотијата со јазикот и расфрленоста на материјалот. Згора на сè е ниската писменост и зголемена грижа, вообичаена за нашето поколение. Затоа, кога посакал Создателот да го забрза ослободувањето на нашите души, Тој пратил преку мене подарок – откривање на неопходната мера во ова толкување и ми успеа да ја остварам желбата на Создателот.

Имав и уште една причина, кога сакав да го разјаснам даденово откривање онака, како што е речено во Зохар: „Предностите на Светлината се спознаваат од мракот”. Бидејќи после мојата посета на Варшава и мракот, што ме опкружуваше, насладување беше да се населам во Ерусалим. Кога се сретнував тука со луѓето, јас ја гледав сиромаштијата на својот народ, оскудноста на знаењето и триумфот на глупаците, и ме покри бран на пониженоста на душата на тие што го понижуваат Создателот и Неговата Тора, Неговиот народ, тврдејќи, дека во целата наука кабала воопшто нема ниту разум, ниту знаење, ниту логика, туку дека тоа се само зборови и имиња, нема во нив никаква скриена смисла, туку тие треба да сфаќаат како што се напишани. Како да е голема заслуга – да се разговара за тоа што е напишано со целосна верба, и со чија помош ќе се заврши во нас намерата на создавањето. А кога ќе се зголеми бројот на оние коишто се занимаваат со дословно изучување на напишаното во целосната верба, веднаш ќе дојде Месијата, и со тоа ќе заврши поправката, и ништо повеќе од тоа.

Се сретнав со најпознатите од нив. Тоа беа луѓе кои многу години поминале, изучувајќи ги делата на АРИ и Зохарот, и постигнале успех до тој степен, што се чудиш, колку лесно им излетува од устата „сè што е речено во книгите на АРИ“. Ги прашав, дали учеле кај Рав, кој имал достигнување на внатрешната суштина. И ми одговорија: „Во никој случај! Нема тука никаков внатрешен дел, освен она што е напишано и пренесено од нас, и ништо повеќе од тоа”. Ги прашав: „Дали го постигнале внатрешниот дел - Рав Хаим Витал?” Ми одговорија: „Се разбира, дека не, тој не достигнал ништо повеќе отколку што сме достигнале ние”. Ги прашав и за АРИ. Тие ми одговорија: „Се разбира, дека тој не знаел за внатрешниот дел повеќе од нас, а сè што знаел, го пренел на својот ученик рав Хаим Витал, и така тоа стигнало до нас”.

И јас многу им се смеев, бидејќи, ако е тоа така тогаш како сè се соединило во срцето на АРИ, без знаење и сфаќање? И ми одговорија, дека сето тоа тој го добил од Елијаху, кој го знаел внатрешниот дел, бидејќи бил ангел. Тогаш го истурив врз нив својот презир, бидејќи немав трпение да останувам со нив и понатаму. Таква глупост се вкоренила речиси во сите, што ја изучувале кабалата во тоа време, и тешко на ушите на оние, коишто така слушаат. Истурена е горчина во Зохарот, во врска со лагата на грешниците во нивните души, кои тврдат дека не постојат тајни на внатрешниот дел на Тора, бидејќи е речено: „Зарем Тора ни е дадена за да ни раскаже за историјата и секојдневните нешта? Затоа што слично има и кај другите народи”. Речено е дека тие ги отсекуваат зачетоците и ја земаат само малхут. Што би рекле мудреците на Зохар, кога би ја виделе културата на овие грешници, кои тврдат дека нема никаква мудрост и смисла во зборовите на Зохар и во науката кабала, бидејќи самите тајни на Тора говорат дека знаењето и сфаќањето не се манифестираат во овој свет, и дека сето тоа се само убави зборови. Затоа што се подготвиле тие да ја освојат Шхина во внатрешните одаи на дворецот на царот, и тешко нив, бидејќи лоша награда ги чека нивните души.

Мудреците велеле, дека Тора му се жали на Создателот, затоа што луѓето што Тој ги создал, направиле од неа песни во кафеаните, а овие дури ни песна не прават од Тора, и само водат разговори што заплашуваат секого, којшто ги слуша, и предизвикуваат гнев. И уште бараат награда, тврдејќи дека тоа го прават во целосна верба. Како што е речено од мудреците: „До каде стигнал овој народ, кој вели дека Ме сака, но во своите срца е далечен од Мене”, а тоа била причината за уништувањето на Првиот Храм. Оваа причина станала решавачка од сите други причини, од кои јас се нафатив за ова разјаснување. Треба да се сфати, дека целта е едноставна, а сите разјаснувања, мудрости и многубројните детали, постојат само за време на подготовката, додека не ја достигнат целта. Како на пример, ако човекот сака да поседи во својот дом, тогаш задолжително мора да ги земе предвид деталите и спецификацијата при планирањето на бројот и квалитетот на собите, и при набавката на материјалите, и при извршувањето на работите. А неговата крајна цел е многу едноставна- да се всели во домот. Во тоа е смислата на напишаното: „Круна (Тиферет) на човекот е да се всели во домот”. Тоа преставува едноставна мисла, што нема ниту општи, ниту поединечни насоки. Тоа е само едноставна желба. И да знаеш, дека сите појаснувања во знаењата произлегуваат од многубројните грешки, направени за време на постигнувањето на вистината.

Меѓутоа самата вистина е едноставна, и нема никакви појаснувања. Во тоа се состои тајната, што нè одделува од Создателот со железна ограда, бидејќи постојат нешта, скриени заради својата длабочина и величие, и постојат нешта, скриени заради својата голема деликатност и проѕирност, како на пример мушичките летаат во воздухот, невидливи за окото заради нивната проѕирност. Бидејќи Светлината на Создателот е толку едноставна, што разумот на човекот кој не чувствува ништо друго, освен суштината, не ја восприма Светлината едноставно како мал дел од оваа суштина, тогаш на суштеството му е потребно вистинско кли. Степенот на величието и опширноста исто така не се восприма од сите, но ова ти е јасно барем во некоја мера. Но во деликатните работи ти се чини дека тие се нереални, бидејќи не можеш да ги достигнеш дури ни во мала мера.

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели