Слушнав на 8-ми Сиван (15-ти јуни 1949 г.) во Ерусалим
Секој што се насладува со Сабота, во својот посед добива безграничен имот, како што е речено: „Ќе се насладуваш од Создателот и Јас ќе те однесам на височината на земјата и ќе те хранам со наследството на Јаков, таткото твој“ (Исаја). Но, не како Авраам, за кој што е запишано: „Стани и тргни надолу по целата оваа земја“. И не како Исак, за кој е напишано: „Бидејќи тебе и на твоето потомство ќе ви ги дадам сите овие земји“. Туку како Јаков, за кој е запишано: „ќе се распространиш на запад и исток, на север и на југ“.
Она што е речено е неразбирливо, ако се сфаќа буквално, затоа што зарем нема на секој човек од Израел да му биде даден целиот свет, односно безграничен имот?
Да почнеме со она што го рекле мудреците: „Во иднина Создателот ќе го изнесе сонцето од неговиот дом и ќе се помрачи неговото светење. Тоа ќе им пресуди на грешниците, а праведниците благодарение на него ќе се излечат, според реченото: „И ќе дојде денот, кој ќе жари како печка и ќе станат сите вообразени и оние кои прават грев како слама, па денот кој доаѓа ќе ги изгори, како што рекол Семоќниот Создател, така што нема да им остави ни корен ни гранка“ (Пророк Малахи) – ни корен на овој, ни гранка во идниот свет.
Праведниците ќе се излечат со него, како што е речено: „И ќе ви засвети на вас, кои се плашите од името Мое, сонце на спасот, а исцелувањето е во неговите крилја“, а покрај тоа, уште и ќе се „прочистат“ благодарение на него (Авода Зара 3,2).
Треба да се снајдеме во оваа загатка поставена од мудреците: што претставува сонцето и неговиот дом и од каде се појавува таа спротивставеност? Што е „корен на овој и гранка во идниот свет“? И зошто е речено: „покрај тоа, благодарение на него ќе се прочистат“? Зошто е речено: „покрај тоа“?
Ова се разјаснува од зборовите на мудреците: „Израел се раководи според месечината, а другите народи според сонцето“. Работата е што светлината на сонцето го симболизира најјасното знаење, како што се вели: „јасно како ден“, односно како светлината од сонцето. Народите не ја добиле Тора и заповедите, како што е запишано, дека се вратил Создателот, обиколувајќи ги сите народи затоа што не посакале да се насладат со Светлината на Тора, која ја означува светлината на месечината, која ја одразува Светлината на Создателот – светлината на сонцето, односно севкупната светлина. Наместо тоа, тие имале стремеж и желба да Го истражуваат Создателот и да Го спознаат Него.
Израел пак, се води според месечината, која ја означува Тора и заповедите, во кои се претвора Светлината на Создателот. Затоа Тора е дом на Создателот. Во книгата Зохар е речено: „Тора и Создателот се една целина“, односно Светлината на Создателот се претвора во Тора и заповедите и Тој и неговиот дом прават една целина. Затоа Израел сметајќи според месечината, се исполнува со Тора и заповедите, а благодарение на тоа се удостојуваат и со Создателот. Додека другите народи пак, не ја исполнуваат Тора и заповедите, односно не го чуваат домот на Создателот и затоа кај нив ја нема дури ни светлината на сонцето.
Во ова лежи и смислата на зборовите: „Во иднина Создателот ќе го изнесе сонцето од неговиот дом“. Речено е дека има голема потреба за откривањето на Создателот меѓу луѓето, затоа што и Создателот го очекува тоа и се стреми кон тоа. Во ова се крие суштината на шесте дена на битието, односно на работата во Тора и заповедите, затоа што „Сè што создал Создателот, го создал за оној кој Го почитува“. Дури и работата во делниците е работа за Создателот, како што е запишано: „Не попусто Тој ја создаде земјата, туку за да ја насели“ и затоа таа се нарекува дом.
Сабота е светлината на сонцето, ден на здивнување за вечен живот, како што е речено дека Создателот го создал светот на две нивоа:
1) Кога ќе се открие Неговото Божествено присуство (Шхина) благодарение на Тора и заповедите при работата во текот на шесте дена.
2) Кога ќе се открие Неговото присуство во овој свет без Тора и заповедите.
Ова е тајната „беито-ахишена“ (во свое време и надминувајќи го времето). Ќе се удостојат – „ќе го надминат времето, односно ќе дојдат до тоа откривање по пат на Тора и заповедите. Нема да се удостојат – ќе дојдат „во свое време“, затоа што развојот на битието под притисок на огромните страдања ќе го достигне својот крај и ќе го доведе човештвото до ослободување. Дотогаш Создателот и Неговото Божествено присуство нема да завладее во луѓето. Тоа се нарекува „во свое време“, односно како резултат на природниот тек на развојот.