Орен Леви: Наближуваме до времето, кога голем број луѓе ќе ја изгубат работата. Веќе сега во светот има 200 милиони невработени, а во текот на следната година нивниот број катастрофално ќе се зголеми. Тие луѓе претставуваат проблем лично за нив, за општеството, за владата – од депресиите до крвавите револуции и војни. Затоа нашата организација, која се занимава со интегралното воспитание, подготви курс, наменет за човекот, кој ја изгубил работата. Благодарение на тој курс, човекот ќе може да се подотвори себеси во пресрет на променетиот свет, ќе почне да го чувствува и сфаќа своето место во него: кругот на неговите блиски луѓе, човечкото општество, државата, во која живее, и современиот свет. Ние сметаме, дека такви разговори се неопходни и без нив светот ќе се стркала до катастрофа. Да речеме, успеавме да ги убедиме владите на различни држави и целиот свет во неопходноста од тој чекор, и воведувањето на курсот за сеопшто интегрално воспитание. И државата го организира тој проект, сфаќајќи ја користа од него, како и ÂÂ заради непостоење на друг излез и за изучување на курсот се собира првата група на невработени, 30-40 луѓе, коишто добиле стипендија за обука од својата влада.
М. Лајтман: Еве што би им кажал на нашата прва средба, за да им помогнам да ги осознаат промените што се случуваат, да го сфатат и средат својот живот. Пред сè, би сакал да кажам дека многу се радувам на нашата средба. Можеби вие тоа го гледате како трагичен настан, предизвикан од неповолни причини, и не би дошле да учите, да не бевте принудени. Но ајде да погледнеме на оваа состојба не како на кризна, туку како на радосна. Тука не сме заради тешките проблеми, туку напротив, ние стоиме на прагот на новиот живот – радосен и среќен. А за таа намена, ние само треба да разбереме што се случува со нас: со целиот свет, и со секој од нас посебно, и зошто тоа се случува. Дали тоа што се случува претставува само непријатна случајност, со која ние се судривме во нашиот живот, како резултат на грешките што ги направивме – или тоа е закономерен природен процес, кој ние не можевме да го избегнеме, и мораме да го поминеме согласно законите и општата тенденција на развој, за да достигнеме добар резултат на крајот?
Ние ја нарекуваме нашата општа состојба кризна – тоа е глобална и интегрална криза, во економијата, образованието, културата, науката, финансиите, во сите области на човековата активност во овој свет. Всушност, зборот „криза“ – воопшто не е толку лош. Тој означува нов почеток, слично на раѓањето. Ние знаеме од својот живот, дека при преминот од една состојба во друга, секогаш е тешко да се напушти вообичаената состојба –да ја промениме работата, или некако да го промениме нашиот живот. Ние сме приврзани на нашите навики и ако веќе постои создаден систем, кој функционира, тогаш неговото одржување не бара многу напори – а ние сме мрзеливи по природа. Нашето его тежнее кон сигурен, стабилен и веќе постоечки систем. Затоа преминувањето кон нешто ново е секогаш непријатно. Освен ако сме апсолутно убедени, дека тоа ни нуди добра иднина и е лесно остварливо. Но ако тоа претставува тежок и опасен премин, а иднината е нејасна и непредвидлива, тогаш тоа е трагична состојба. Затоа, ајде пред сè да видиме, дали навистина нашата положба е толку лоша и трагична, и ние стоиме на прагот на големи проблеми, големи поплави, земјотреси, цунами, ерупции на вулканите, со кои нè заплашуваат еколозите, пред големи немири и војни, револуционерни преврати, крв на улиците и тотален хаос.
Или пак, едноставно ќе се воспостави нов систем, и сè што сега се случува со нас – е небаре раѓање на овој нов систем, кој ние сè уште не го гледаме. И сè, што сега се случува со таква тензија и напор, и нема решение – едноставно мора да се роди во нов облик. Затоа, ова е како дете, кое поминува тешки состојби во процесот на раѓањето. Претходно тоа мирно се развивало внатре во мајката – во сигурно, заштитено место. Но пред самото раѓање се случува многу непријатен процес. Мајката чувствува напнатост и јаки контракции. И детето исто така чувствува притисок. Тие почнуваат да притискаат еден на друг до тој степен, како да не можат да се поднесат еден со друг. Детето чувствува, дека мора да излезе од мајката. Ако го трансформираме ова во наши чувства – нему му станува одвратно да останува внатре во неа. Исто и таа не сака и не може да го задржува. Како последица на такво заемно отфрлање се случува процесот на раѓање, и детето се раѓа во светол, прекрасен свет, каде го дочекуваат со огромна љубов. Така тој стекнува нов живот на новото скалило. Наместо да биде парче месо од неколку килограми – животно, кое се развива внатре во друго животинско тело, тој сега станува човек! Нека е засега сосема мало и не разбира што се случува – но почнало нов живот. Тоа е многу слично на она, што ни се случува сега нам. Нашите состојби – се маки на раѓањето во новиот свет.
Глобален пресврт
Во моментов ние само се приближуваме до тоа ново раѓање, и не можеме со сигурност да речеме дека тоа веќе се случува. Иако гледаме дека се приближуваме до него. „Кризата“, која се случува пред породувањето, почнува сè повеќе да нè притиска – сите заедно и секого посебно. Гледаме дека луѓето не можат да постигнат согласност во семејството, се разведуваат, не сакаат да се женат, не можат заедно да се вклопат, а уште помалку знаат како да ги воспитуваат децата, како да ги избегнат проблемите на работа, во економијата. Секаде се чувствува отсутство на разбирање. Тоа се нарекува тотална револуција, општо раѓање на целокупното човештво, а не на поединечна држава или поединечно општество, затоа што се одвива во глобални, интегрални размери, и се однесува на сите. Во еден период револуцијата се случувала заради климата, во друг период – заради развојот на новата технологија, или развојот на некоја држава, која не можела повеќе да го трпи својот владетел. Сега, пак, сите промени се случуваат истовремено – и од страна на околината, екологијата, и од страна на внатрешната природа на човекот, кој не е способен да биде во хармонија со што било. Се распаѓаат дури и такви системи, од кои ние сме целосно зависни: храната, работата, семејството, образованието, безбедноста – сè што му е неопходно на човекот, за да го продолжи животот од генерација во генерација. Во сите области, во целиот свет, ние стигнавме до општа состојба, кога нешто престанува да функционира. Бидејќи ако дејствуваме наслепо, и згрешиме во глобалните размери на целиот свет – тоа е страшно. Во денешно време невозможно е повеќе да се оди по патот на обидите и грешките. Затоа овој курс е наменет да ни ги отвори очите на нашата тековна состојба, и најважно – на иднината. А исто така да нè научи, како да преминеме од тековната состојба кон иднината.
Обврска на човекот е да го организира општеството
Секој некогаш во минатиот живот почувствувал дека му е доста од сè, му се смачило, дошло време да се прави некаква револуција – да се промени опкружувањето, општеството. Ние сфаќаме дека сè треба да се промени, но не знаеме од каде да почнеме. Не ни се познати ниту средствата, ниту целта – целосна немоќ. Ние не можеме да живееме во мали чопори, како животните. Иако сме излегле од животинското скалило, нашата природа нè турка кон нашиот развој, развојот на нашата средина, кон спознавањето на она што претставува живот, и со што можеме да го подобриме. Тоа е внатрешен стремеж на човекот, и нормално - тој е егоистички, бидејќи секој посакува подобар живот за себе: посигурен, помирен. Секој сака да успее повеќе од другите. Зависта, страста и самољубието управуваат со луѓето, и ние гледаме дека овие особини се развиле и расцутеле уште во најстарите култури. Токму тие нè туркаат кон развој. Човекот го развива општеството, а за сметка на општеството се менува неговиот личен живот. Едното зависи од другото. Истражувањата покажуваат дека целиот свет е меѓусебно зависен. И колку повеќе светот се задлабочува во таква специјализација, кога секој има работа, што е поврзана и се наоѓа во хармонија со сите други луѓе, толку повеќе ние можеме да си обезбедиме дополнителни производи, што им биле недостапни на луѓето од минатото.
Во претходните векови човекот обезбедувал за себе малку леб, оцет, вино, месо – и толку. Потоа имал повеќе храна, повеќе облека, повеќе различни производства. Потоа се појавиле автомобилите. Соодветно на тоа се развиле специјалисти во економијата, во земјоделството , во машинската индустрија итн. Се развила културата, литературата, музиката, песните. Околу човекот се создале цели индустрии, кои воопшто не биле потребни за неговата животна егзистенција – но и без нив тој исто така не може. Музичарот излегува на сцената и приредува концерт за илјада луѓе, кои му плаќаат за еден настап повеќе, отколку што работникот со тежок труд заработува за еден месец, а можеби и година. Односно, ние високо ги цениме работите, кои за нас не се неопходни: спортот, туризмот, уметноста. Ако погледнеме колку произведуваме егзистенцијално потребни работи од целокупното производство, ќе забележиме, дека 90% од работите ќе се покажат како непотребни. Но сепак, тие како да ни се неопходни. Ние чувствуваме, дека тие се однесуваат на човечкото скалило, и затоа се потребни. Ако нема друг излез, јас сигурно ќе преживеам и во пештера – но развојот ме обврзува да ги произведувам сите тие производи.
Ние достигнавме состојба, кога човекот, ако се оддели од општеството, ќе мора да живее многу оскуден живот. Најмногу - тој ќе може да си обезбеди она, што му е најпотребно за живеење, за да не умре од глад. А ако сака да ги добие сите други придобивки на цивилизацијата, тогаш мора да се вклучи во општеството, да произведува производи, потребни на општеството, и тогаш од општеството ќе добие, ако може, тоа што го посакува. Односно, пред сè ние зависиме од општеството. Тоа е неизбежност. А ако е така, тогаш што во ова општество сме направиле погрешно, ако не можеме сега нормално да живееме во него, и чувствуваме криза во нашето општество, во нашиот живот. И оваа криза не се чувствува како добра – тоа сè уште не е раѓање, туку породилни маки, што му претходат, и затоа сакаме да разјасниме што сепак не е во ред.
Крај на развојот на човештвото или нов почеток?
Ако го истражуваме нашиот развој, ќе видиме, дека целиот тој развој произлегол од развојот на нашата желба. Човекот секој пат посакувал сè повеќе и повеќе. Некогаш имавме мали желби, како обичните селски луѓе: имам неколку крави, парче земја, од која ја собирам жетвата, жена, деца – и ништо повеќе не е потребно. Желбата била мала. Потоа желбата почнала да расте. Таа нè поттурнала да почнеме да ги продаваме нашите производи – на пазарот, во градот. А наместо тие производи, да купуваме убава облека, некои посебни работи, кои порано не сме ги имале. Човекот доаѓа во градот, гледа таму невидена машина за орање на земјата и почнува уште поревносно да работи, за да ја купи. Или тој позајмува од некого пари, за првин да купи таква машина, а потоа да го врати долгот, продавајќи ја жетвата, која благодарение на машината, ќе може да ја произведува во уште поголеми количини. Така ние почнуваме да се развиваме и да воспоставуваме сè потесни врски меѓу нас. Нашето его расте, и нè турка кон развој.
Оран Леви: Ова е обична историја на човештвото, целосно базирана на развојот на човечките желби: ние сакаме сè повеќе и повеќе – но зошто?
М. Лајтман: Нашата желба расте. Не знам зошто, но наеднаш посакувам уште нешто, а потоа уште. Ги гледам другите и забележувам, дека секој кон нешто се стреми и земам пример од нив – бидејќи во мене постои завист, страст, самољубие, желба за власт. Јас сум заинтересиран да купам од нив работи, корисни за мене, но да не бидам подолу од нив – бидејќи имам егоизам, и јас не сакам да се чувствувам како губитник. Јас сакам да добивам! Ако го гледаме така човечкиот развој, тогаш ќе видиме, дека токму тоа нè влечело напред. Ние секогаш гледавме наоколу и учевме од другите. Меѓу нас имаше луѓе со развиена имагинација, способни за изуми и иновации во техниката, економијата, медицината, во сè, што може да биде корисно за луѓето, и може да ги наполни нашите желби. Така ние се развивавме. Доаѓало време кога сме воделе војни, освојувале нови територии, потчинувале народи. Потоа дошло време да се откријат нови континенти, да се развијат нови технологии и трговијата. Потоа излеговме во космосот, се развивавме сè повеќе и повеќе, сè додека не се најдовме во ќорсокак. Тоа почнало да се чувствува уште пред 50-60 години. Во 60-те години од 20 век, умните луѓе, кои се занимавале со истражувањето на околната средина и општеството, со процесот на развојот на човештвото, почнале да нè предупредуваат, дека сме застанати и чекориме во место. Нешто ни се случило, затоа сме престанале да гледаме во која насока понатаму да се развиваме. Тогаш малку ни помогна да заборавиме на проблемот за програмата за развој на космосот. Но и таа многу брзо заврши. Уште еднаш да ја прелетаме Земјата, уште еднаш да се спуштиме на Месечината?..
Орен Леви: Сето ова веќе се случило, но што понатаму?
М. Лајтман: Ние видовме, дека тоа не ни помага многу – сето тоа е неживо, дури не е растително или животинско. Згора на тоа, ние не откривме вонземски цивилизации, со сите наши фантазии и надежи да најдеме живот уште некаде. И тука стигнуваме до празнина. Ние така се развивме, што навидум нема каде понатаму – не се гледа никаква перспектива. Нашата внатрешна и надворешна природа, односно светот, што го чувствуваме околу нас, не ни се открива повеќе. Што е – тоа е, но не и понатаму. И тогаш луѓето, што го откриле ова: социолозите, филозофите (такви како Фукујама и други) – почнале да нè предупредуваат, и напишале за тоа голем број на книги, нарекувајќи го тоа крај на развојот на човештвото. А од друга страна, се појавиле други научници, кои тврделе, дека нашиот свет се развива циклично.
Распадната врска меѓу генерациите
Некогаш ни се чинеше, дека развојот на човекот во неговиот егоизам може да се движи бескрајно, и ние ќе измислуваме сè понови прекрасни машини, секој ќе добие свој авион и невидени средства за комуникација. Но на крајот, човекот, кој ги користел сите овие работи, наеднаш открива дека му е доста, зошто сето тоа му е потребно? Тој чувствува, во сето тоа, празнина и отсутство на исполнување. Зошто тоа не му причинува задоволство? Суштината е во тоа, што целиот развој се одвива благодарение на зголемувањето на желбите, кои постојано растат. И наеднаш тие престанале да растат! Напротив, ние чувствуваме, во голем број на желби, некое назадување. Некогаш човекот сакал да има што поголемо семејство: многу деца, дури и многу жени. Потоа тоа престанало да му треба – доволна е една жена и две деца, или дури едно. Денес, пак, тој не го сака ниту тоа. Животот станува толку тежок и сложен, што токму во развиените земји луѓето не сакаат да го напуштат домот на родителите до 30-40 години. Човекот работи и ги троши сите пари само за себе – зошто му се потребни жена и деца? Ние изградивме општество со таква развиена инфраструктура, што во супермаркетот може да се купи готово јадење, да се стопли во микробранова печка – и вечерата е готова. Нема потреба со некого да се дели станот – може да се има сопствен, и човекот се чувствува слободен. А кога ќе остарам – ми следува пензија, здравствена заштита, нега во болница и место на гробиштата – што друго ме чека? Дали вреди заради тоа да се трудиме целиот свој живот?
Освен да се соединиме со жената под заемно поволни услови и да живееме како двајца пријатели, партнери. Нашиот живот повеќе личи на коегзистенција, а не на вистинско семејство, какво што тоа некогаш било. Јас работам, работи и таа. Таа нешто прави во домот, правам и јас. Таа плаќа, плаќам и јас. Ние во сè еднакво учествуваме. Тоа не е она семејство во кое некогаш мажот бил домаќин, глава на семејството – заработувал и ја обезбедувал жената, која седела дома и ги воспитувала децата. Сега тие двајцата излегуваат наутро од дома, ги оставаат децата во јаслите или детската градинка, навечер се враќаат дома, ги земаат децата. И што им останува дома? Тие речиси не се гледаат еден со друг. Тој гледа телевизија или седи пред компјутерот, таа набрзина нешто ќе зачисти, ќе ги измие садовите, ќе ги стави валканите работи во машина за перење – и толку, денот заврши.
Заради своего его, човекот престанува да ги чувствува своите деца многу блиски, како дел од својата душа. Децата имаат свој живот, тие учат во места, кои се многу оддалечени од нас. Разликата меѓу генерациите станува толку голема, што децата се сосема одделени од родителите. Тие имаат поинакво образование, други интереси, толку далечни за мене, што јас одвај разбирам за што тие зборуваат, со што се занимаваат, и како живеат. Се прекина врската меѓу генерациите. Се испоставува, дека не разбирам, зошто воопшто ми се потребни такви деца? Какво задоволство добивам од нив? Тие пак, сакаат да им дадам пари, а потоа да молчам. Ние сепак добиваме задоволство од нив, додека се мали. А од 12-годишна возраст и понатаму, веќе ја губиме врската со нив. Во минатото човекот ги растел децата, потоа ги дочекувал внуците и се занимавал со внуците, добивајќи го задоволството од нив. Но денес и тоа го нема, затоа што децата не сакаат да се женат и да ми родат внуци. Човекот не ги прави сите овие калкулации свесно, но тоа само од себе произлегува од нашиот развиен егоизам - дека не вреди да се создава семејство.
Процес на развод со целиот свет
Многу интересна и сосема нова појава, која претходно не постоела, се состои во фактот што нашето општество станува интегрално. Не се само банките, индустријата и фабриките поврзани меѓу себе низ целиот свет и меѓусебно си ги разменуваат суровините и стоката што ја произведуваат, прехранбените производи. Исто така и културата и образованието стануваат универзални, заемно поврзани и многу зависни меѓу себе. Ако тоа е зависност во добро, сплотено семејство – тогаш таа е за добро, и носи сигурност, задоволство. Но ако таа зависност не е добра, тогаш семејството се распаѓа. Во спротивно тоа ќе ги доведе до насилство. Секој ден ние сè повеќе стануваме зависни. Ако некогаш се каравме, тогаш во најлош случај можевме меѓусебно да се убиеме. Но денес не е така – ако почнеме да се тепаме, ќе го уништиме целиот свет, ќе убиеме сè што е живо со современото оружје.
Излегува дека во сè: и во лошото, и во доброто – целосно зависиме, сите и од сите. Ние гледаме, дека природата нè води до заемност, до меѓусебна зависност, која ние не можеме да ја избегнеме – за разлика од семејството, кое може да се разведе. И што да се прави во тој случај? Ние мораме да најдеме решение. А решението е едно: да се воспостави мир во „семејството“, во нашиот дом – меѓу сите народи, сите земји, и да не вршиме притисок еден врз друг, туку да обврземе секого да бара како да го исполни својот дел. Од реализацијата на ова единствено општо решение, од кое зависи нашиот опстанок, ние ќе видиме како мора да организираме сè друго во нашиот свет: животот на општеството, како во едно семејство, односите меѓу нас.