Гледајќи ги нашите деца, ние забележуваме дека тие многу побрзо од нас се снаоѓаат во сите иновации , како да се родиле веќе подготвени, со разбирање и особини, потребни за воспримање на современиот свет. Малото дете моментално го совладува мобилниот телефон, компјутерот, сите современи уреди. А ако јас имам потреба да совладам некој нов уред, ги молам моите деца за помош. Тие подобро знаат како кон тоа да пристапат, небаре се родиле веќе прилагодени на таа нова природа на нештата. Се создава впечаток, дека сите тие се „индиго-деца“ и долетале од друга планета. Гледајќи како лесно децата се снаоѓаат во новиот свет, станува јасно, дека по сè изгледа, постојат информациски гени, кои се равиваат од генерација во генерација, и се пренесуваат од една генерација на друга. Тоа се нарекува животен циклус, но всушност не претставува никаква мистика.
Едноставно сите ние сме поврзани еден со друг, наоѓајќи се во заедничко поле. Слично на постоењето на полето на гравитација – исто така постои поле на мислата, желбата, кое нè поврзува над времето и просторот. Преку тоа поле ние ја пренесуваме еден на друг и од генерација на генерација информацијата, акумулирана од нас. Затоа не е чудно, дека нашите тела, кои се наоѓаат во тоа поле, ја апсорбираат новата информација, и на тој начин следната генерација се раѓа веќе подготвена правилно да се вклопи во новиот живот, новата ера. Ние треба да организираме сеопшто, глобално и интегрално образование за сите. Бидејќи, ако сме сите поврзани, тогаш и нашето образование, опкружувањето, кое претставува фактор на нашиот развој и влијае на сите, мора да се гради врз истите принципи, овозможувајќи ни меѓусебно да се разбираме! Иако секој ќе ја зачува својата индивидуалност и слобода на личноста, ако веќе сме до тој степен зависни, тогаш мора да се почувствуваме еден со друг, да се разбереме и да се зближиме. Целиот проблем се состои во фактот, што ние не се разбираме еден со друг, како во проблематично семејство, каде што двајцата се жалат, дека спротивната страна не го разбира. Но сето тоа е заради несоодветноста меѓу луѓето, кои не биле воспитани со исти вредности, со сличен вкус и погледи на животот.
Пред сè треба да научиме да го разбираме ближниот, па дури и човекот, кој е странец за нас. Згора на тоа, тој непознат човек не треба да го воспримаме како аутсајдер. Ако денес во целиот свет до таа мера се зближиле културата, образованието, економијата и станале зависни, тогаш по сé изгледа треба да се развие глобално, интернационално образование.
Живот „надвор од телото“
Оран Леви: На што мислите, кога зборувате за животот „надвор од телото“?
М. Лајтман: Ние и денес живееме, што се вели, „надвор од телото“. Јас живеам со чувствата, желбите, мислите, кои ги добив од опкружувањето. Иако тие се наоѓаат во мене, сепак не се мои лични, туку апсорбирани однадвор. Излегува, дека јас како да живеам „надвор од своето тело“, бидејќи не се раководам според него, туку според мислењето на опкружувачкото општество, кое ми сугерира како треба да мислам, како да живеам, како да чувствувам, со што да се занимавам. Јас дури немам претстава, во која мера би се разликувало моето воспримање на светот, кога би живеел како осаменик во шумата. Опкружувањето го одредува мојот поглед на светот и ме принудува да го гледам токму на таков, а не на поинаков начин, и тоа може да создаде многу големи проблеми. Бидејќи, ако човекот израснал во опкружување, каде е прифатено меѓусебно уништување, убивање и немилосрдно искористување, тогаш тој го смета тоа за нормално! Додека пак другиот, го смета тоа за ужасно и сосема поинаку гледа на животот: на животните, другите луѓе, самиот себе, на своето семејство и целиот свет.
Ние живееме внатре во матрица на воспримање на светот, која во нас ја изградило општеството, што нé опкружува во сите години на нашиот развој, принудувајќи нé токму со такви очи да го гледаме светот. Посетувајќи други држави, јас понекогаш се зачудувам, во кој степен може да се разликува размислувањето на луѓето. Иако во наше време тоа се случува сé поретко, бидејќи ние стануваме сé повеќе хомогени на целокупната површина на земјата, особено жителите на големите градови. Но понекогаш гледаш, дека луѓето мислат поинаку и се придржуваат на поинакви вредности. Заради тоа, пак, тие поседуваат веќе сосема поинаков поглед на животот, не го гледаат она што го гледам јас, и судат поинаку. Може да се задлабочиме во историјата или да ги споредиме законите на државите, различните култури, за да се увериме колку многу разлики има во нас. Се разликува нашето воспримање на нашата историја, човечкиот живот, доброто и лошото, односно судот и односот кон наградата и казната, целта на постоењето, образецот на животот, кој секој мечтае да си го изгради. Некој смета, дека добар живот значи безделничење, опкружен од многу слуги. За другите напротив, животот се состои во самопожртвување, заради науката и големите откритија. Постојат различни пристапи, вклучително и апсолутно спротивните. И ние гледаме, дека суштината на нашиот проблем е во тоа, што ние меѓусебно не се разбираме!
Главната поплака на жените за своите сопрузи обично гласи: „ Ти не ме разбираш!“ И тоа навистина е така. Бидејќи не сме добиле потребно воспитание во врска со односите меѓу мажот и жената. Нас воопшто не нé учеле како треба да се живее во семејство. Во школото не ме учеле да ја разбирам женската природа, и јас не знаев што претставува жената – некое чудно суштество, кое ќе живее покрај мене. Се испоставува, дека таа има свои барања, свој карактер. Немав идеја по што се разликува женската гледна точка од машката. Тоа е сосема спротивен свет, сам за себе, и зарем сум ја разбирал? Дали воопшто сум сакал да ја разберам? Го земав нејзиното мислење предвид? Од причина, што момчето не добива никакви внатрешни модели на женското воспримање, начинот на мислење, погледот на животот, тој не е способен да ја почитува жената. При соединувањето ние меѓусебно се судираме, како кремен и правиме искри. На таков начин, после многубројни удари ние постепено се прилагодуваме, и учиме да живееме еден покрај друг. Но ние не сме способни вистински меѓусебно да се разбереме, да продреме во чувствата и мислите на другиот. Тоа е огромен недостаток на нашето образование. Доказ за тоа се огромниот број на разводи, луѓе коишто не сакаат да формираат семејство. „Живот надвор од телото“ значи, дека ние од страна го добиваме нашиот поглед на светот, вредностите, и го гледаме светот со туѓи очи. Затоа можеме меѓусебно да се разбереме – токму на тоа треба да се научиме. Иако тоа не е едноставно, како што не е едноставно мажот да го гледа светот со очите на жената. Но секој од нас живее во семејство и мора некако да се сложува со него. Во спротивно, ние едноставно ќе изумреме, како диносаурусите, исчезнувајќи од овој свет. Затоа мораме да живееме заедно, да раѓаме и воспитуваме деца. За тоа потребно е да се разбере психологијата на спротивната страна, не само да се вклопиме заедно, туку да се насладуваме од нашиот живот. Ние сме така направени, што вклучувајќи се еден во друг, ја стекнуваме другата половина од светот. Тоа се нарекува живот „надвор од телото“, бидејќи јас добивам дополнување, кое не е поврзано со телото што го имав. До денешен ден сум се развивал само според егоистичките барања на моето тело, стремејќи се што повеќе да добијам, за да се наполнам, и помалку да ги земам предвид мислењата, погледите и интересите на другите. Но денес гледам, дека оваа криза ме принудува да се согласувам со ближниот, да погледнам од негова перспектива, со негови очи, да го сфатам неговиот внатрешен свет.
Излегува, дека јас како да излегувам од себеси и се вклучувам во другите. На таков начин јас ги добивам можностите на целиот свет, сите човечки мисли и желби. Јас станувам еквивалентен на целокупното човештво, кога небаре излегувам од своето сопствено тело и добивам можност да го почувствувам целиот универзум. Тука пред нас се отвора излез во новата ера – можност за апсолутно ново чувство. Наместо да ја воспримаме и чувствуваме реалноста од нашето лично, тесно воспримање, ние можеме да го достигнеме општото чувствување и сфаќање на реалноста, исткаено од искуството на целокупното човештво. Ако се зближувам со другите и добивам специјално воспитание во такво широко, богато општество, тогаш добивам сестран поглед на животот, во бескраен спектар на чувства и мислења. Тоа не е само мојот личен поглед, туку и твојот во мене, и неговиот, и на другите – така јас ги собирам во себе сите впечатоци и гледам многу пообемна и побогата слика на светот, во споредба со сегашната. Токму тоа се нарекува живот надвор од телото – односно надвор од мојот денешен егоизам.
Вклучување во светската свест
Оран Леви: Што значи способноста да се чувствува светот преку сите други луѓе?
М. Лајтман: Тоа дава особена способност секому да го прошири своето воспримање на светот: и сензитивното и разумното. Ако јас се вклучувам во сите други, и ги споделувам нивните чувства и мисли како свои, тогаш моите способности многу пати се зголемуваат во споредба со обичниот човек. Можете да замислите колку мојот пристап станува поширок, сеопфатен, „семоќен“. Затоа што длабочината на воспримањето зависи од бројот на деталите, што ги забележувам, од мојата „одлучувачка способност“. Таа пак, се определува со тоа, колку содржам во мене спротивни особини, од големината на контрастот, што ми овозможува да разликувам голем број на посебни детали, за потоа да составам од нив целосни блокови, како од „лего“. Затоа јас гледам, со каква комплексност сé е уредено, и имам можност да споредувам едно со друго, забележувајќи ги разликите меѓу разни структури. А кога ги впивам впечатоците на другите луѓе, нивните чувства и размислувања, и сето тоа се апсорбира во мене, јас едноставно станувам екстра мудар. Јас сум до тој степен исполнет со секакви спротивни и контрастни особини, што го воспримам светот многу богато и мултилатерално. Ако споредиме со моето поранешно, „плитко“ воспримање, тогаш јас небаре излегувам во нова димензија. Тоа е психолошки сосема ново воспримање, нов свет. Со тоа јас се ослободувам од ограничувањата на своето тело – времето, движењето, просторот, вклучувајќи се во целото човештво и стекнувајќи заедничко општо чувство и општа светска свест. Јас откривам креативна свест, која дејствува во рамките на човештвото.
Соединувајќи се со другите, јас не го воспримам едноставно збирот на сите мисли и чувства – туку заедничкото чувство и свест, кои излегуваат од природата. Јас добивам способност да го откријам својот корен на создавањето, скриен во длабочината на природата – срцето и разумот на самата Природа, од кои се создал и се развил целиот овој свет. На таков начин, јас гледам, дека се враќам на исто место, во коренот на чувството и разумот, од кои некогаш произлезе и се разви цела таа низа: неживиот, растителниот, животинскиот свет и јас, човекот, кој сега се враќа во својот корен, и со тоа го затвора целиот круг, целата таа низа во нејзината појдовна точка. Не бадијала природата нé турка кон заемна поврзаност на таков начин, едноставно да го изгубиме нашиот „личен живот“. И навистина, ние не го губиме, туку само се искачуваме над него. Бидејќи мојот личен живот е материјален, животински. Тој целиот е посветен на грижата за моето тело, за да му овозможи да проегзистира на најдобар комфорен начин во текот на времето што му е доделено. Но нашиот денешен развој се состои во искачувањето од грижата за своето тело, до заедничката грижа за сите. А таква грижа ќе донесе сосема други желби – кои не се наоѓаат внатре во телото и затоа се нарекуваат „вонтелесни“. Преку нив јас ја откривам програмата на создавањето, неговата цел, намерата на природата, во која ништо не се развива случајно, туку само согласно програмата. Веднаш по моето искачување на ниво на интегралниот поглед, и моето поврзување со другите, јас веќе можам да го фатам интегралниот фокус. Јас ги заменувам своите наочари за тркалезни, интегрални, и ја гледам природата во целост. Јас веќе не издвојувам од неа некој тесен аспект, од гледна точка на корист или штета за моето тело, кое сака да поспие, да јаде, да добие од животот малку задоволства – и тоа е доволно за мене. Јас веќе не живеам со тоа, туку постојам на такво ниво, кога ја гледам природата со поглед, независен од моето тело, над него, како да не се наоѓам во него. Јас судам, проверувам и разјаснувам, тргнувајќи од општата свест и чувствата на целото човештво, и тоа е сосема ново ниво во споредба со она, што сум јас денес.
Сега, во овој свет, јас, човекот – сум едноставно развиено животно, малку понапредно од другите. И уште не се знае во кој правец сме ги претекнале животните – во корисната или штетната. Но со своето вклучување во сите жители на овој свет, јас ја достигнувам новата, виша димензија. Јас квалитативно го менувам своето воспримање на светот, во кој се наоѓам. Тој за мене се претвора во вистински свет. Бидејќи јас веќе не ѕиркам надвор преку тесниот отвор на својот егоизам, гледајќи што попрофитабилно да грабнам од таму и да го повлечам кај мене преку пукнатината во ѕидот, за малку да каснам, да се напијам, да одморам, да добијам задоволство. Јас излегувам преку таа пукнатина во ѕидот директно надвор, и живеам во новиот свет. А таму постои сосема друг поглед – повеќе не е преку егоистичкиот филтер, кој ми овозможува да го гледам само она, што е корисно или штетно за мене самиот, тој станува објективен, независен од мене. Токму тоа се нарекува нова димензија на човечкото ниво. И тогаш јас го откривам разумот и чувството, кои таму постојат, во тој светол свет – надвор од моето тело, надвор од границите на занданите, од кои успеав да избегам. Јас го откривам целокупниот процес и крајната цел на создавањето. И современите истражувања потврдуваат, дека светот воопшто не е таков, каков што мислевме, и сега не сме моќни да дојдеме до вистината. Ние откриваме само навестувања за она што можеби постои надвор од границите на нашиот свет – слично на темната космичка материја или сивата материја. Јасно ни е, дека таа постои, но ние не можеме да ја забележиме, иако таа материја сочинува 90% од целиот Универзум. Ние не сме способни да ги откриеме чувството и разумот, што се шират низ целиот Универзум.
Научниците почнуваат отворено за тоа да зборуваат, особено оние, кои се занимаваат со истражување на космосот. Тие признаваат, дека Универзумот навестува постоење на огромно чувство и свест во него, но ние не можеме да ги почувствуваме. Тоа се небаре нечујни за нас звуци, од кои до нас стигнува само слабо шиштење. Бидејќи тоа е друга димензија, која се наоѓа повисоко од нас, и за да ги откриеме, потребни ни се нови органи на перцепција – глобални. Природата нé турка кон тоа.
Живот, кој се пренесува со штафетата на генерациите
Оран Леви: Што се подразбира под „претходни животни циклуси“? Зарем човекот може да живее неколкупати?
М. Лајтман: Сите ние се наоѓаме во едно заедничко поле, што меѓусебно нé поврзува. Под животни циклуси се подразбира пренесување на генетски податоци од генерација во генерација, во кои ние засега ја откриваме само материјалната страна. Но таму се содржи исто така и емоционалната и интелектуалната информација, начин на перцепција на светот, карактеристичен за претходната генерација, што ѝ се пренесува преку наследство на следната. Благорение на тоа, дури и бебињата, што се раѓаат во новата генерација, претставуваат небаре резултат и продолжение на претходната, и го поседуваат целокупното искуство, стекнато пред нив. Така преку низата на генерациите се пренесуваат плодовите на равојот на човештвото. На начин, како што им го пренесуваме на следните генерации видливото наследство: технологијата, научните знаења, сите наши достигнувања, исто така им го пренесуваме од генерација во генерација својот емоционален и интелектуален развој. Тоа наследство невозможно е да се претстави во видлива форма, ставајќи го на маса, но ние во тоа се уверуваме според децата, кои се раѓаат со воспримање, веќе соодветно на нашата генерација.
Ако споредиме бебе, родено пред десет генерации, ќе забележиме дека тоа многу се разликува од современите бебиња. Тоа поседувало сосема поинаков потенцијал и можности за развој. Доволно е да погледнеме колку многу се разликуваат нашите деца од нашите внуци. Веднаш по нивното раѓање се забележува колку се тие поинакви. Сосема е очигледно, дека развојот на некој начин се пренесува: дали со наследните гени, дали со помош на некое поле на сила. Токму на тоа мислев, кога говорев за животните циклуси. Тоа може да се нарече циклуси, бидејќи човекот ги пренесува со себе во овој живот податоците од своите претходни животи – животите на претходните генерации. Некогаш, пред сто години, живееле луѓе, кои поседувале некое емоционално искуство и интелект, на ниво на нивната генерација. Потоа таа генерација го завршила својот развој и умрела, а на нивно место дошле нивните деца. Тие деца се наоѓаат веќе на друго ниво на развојот – тоа е очигледно. Но зошто? Всушност, едната генерација му ја пренесува на другата генерација не само материјалната информација, преку гените на таткото и мајката, туку и внатрешната, човечка порака. Токму тоа го нарекувам животен циклус на човекот и генерацијата. Во тоа нема ништо мистично.